(АРХИВА) Репортажа на „Фокус“: Селото Грчец згрчено од криминал

by fokus

Текстот е објавен на 20 август 2014 година во неделникот Фокус со број 985.

Ладнокрвната ликвидација во кафуле во скопската чаршија се смета за продолжение на пресметките во македонското подземје, бидејќи убиениот Јетон Кривањева важи за близок до групата од Грчец, која подолг временски период води војна со кланот Беланоца, чија база е во Сингелиќ и Арачиново. „Фокус“ пред неколку години го посети селото Грчец, кое за едни е криминално дувло, а за други, пак, обично место за живеење. Сликата е една, но зависи чии очи ја гледаат.

Пишувала: Валентина СТОЈАНЧЕВСКА

„Упориште на криминални групи“. Ваков епитет веќе со години има скопското село Грчец, кое се наоѓа покрај Треска, на оддалеченост од само 10 километри од Скопје.

Озборувањата за „озлогласеното“ село повторно се актуализираа пред една недела, кога полицијата се пофали дека го уапсила тамошниот жител Арслан Нуиши, познат под прекарот Бос, кој и самите го нарекоа шеф на наркомафијата. По неговото апсење и собирањето на пленот од 10 килограми марихуана, Грчец повторно стана страв и трепет за скопјани. Наводно, покрај наркодилери, тука имало и лихвари, рекетари и крадци.

НАМЕСТО НАРКОБОСОВИ, ЖИВЕАТ СИРОМАШНИ СЕЛАНИ

За да ги провериме озборувањата, се упативме кон селото, кое е дел од скопската Општина Сарај. Уште на стартот ќе ви го „скршиме филмот“ бидејќи на влезот на селото не нè пречекаа вооружени членови на криминалните банди. Напротив, на улицата си играа деца, кои речиси воопшто не го разбираа македонскиот јазик, но затоа едно повозрасно момче ни потврди дека сме на вистинското место.

На прв поглед, селото воопшто не ја потврдува тезата дека тука живеат наркобосови или озлогласени криминалци. Каде и да погледнете, зад високите ѕидови се затскриваат скромни куќарки. Оваа слика единствено ја нарушуваше глетката на улицата, кога покрај некој трактор или магаре ќе поминеше полуксузен автомобил. Но, освен нив, сето друго сведочи за голема немаштија.

Малкутемина селани што ги затекнавме дома љубезно одговараа на нашите прашања. Сепак, јасно ни посочија дека не сакаат нивните имиња или ликови да се појават во јавност. Тврдеа дека водат мирен, но сиромашен живот.

„Веднаш ќе се најде некој што ќе ме нарече шпион. Затоа, ве молам, без фотографирање“, го почна разговорот нашиот соговорник, повозрасен човек, длабоко навлезен во петтата деценија од животот. Ни објасни дека селото е соочено со голема сиромаштија, поради што поголемиот дел од младите веќе одамна заминале во странство.

„Да можам и јас би избегал. Тука не се живее, туку се преживува. Дури 90 проценти од населението се занимава со земјоделство. Се раѓа сè, од овошки до зеленчук, но сè зависи на крајот како ќе излезе пазарот“, објаснува соговорникот, кој вели дека и самиот е без работа бидејќи фирмата во која работел над дваесет години отишла во стечај.

Додава и дека работа има само за оние кои се приврзаници на владејачката партија, а другите се оставени на милост и немилост.

За неодамнешната посета на полицијата вели дека слушнал, но не знае ништо повеќе. Дофрла дека ги уапсиле тие по кои дошле и си заминале. И другите жители со кои разговаравме немаа никакви забелешки на работата на полицијата. Велат дека коректно си ја вршат работата кога им навраќаат во селото. Но, негираат дека се криминално дувло.

„Планина без волк нема. Па, така, и тука ќе се најде некој волк, најчесто тоа се млади луѓе со кои не можеме да излеземе на крај, но далеку е од приказната дека сме некое озлогласено место во кое живеат криминалци. Селото е мирно и во него може да влезе кој и кога сака, како што и самите се уверивте“, вели нашиот домаќин.

ПРВО ГО ПОМИЛУВАА, ПА ПОВТОРНО ГО АПСЕА

За уапсениот „бос“ Нуиши, никој во селото не сакаше да зборува. Официјално е познато дека е уапсен по распишана потерница бидејќи бил осомничен дека е организатор на група што вршела улична продажба на дрога. Полициското досие на осомничениот е долго, поради тоа што досега многупати се соочувал со правдата.

Во 2006 година, Нуиши беше идентификуван како организатор на грабнувањето на косовскиот државјанин Љуљзим Бегај, кога за негово ослободување од семејство беше побаран откуп во износ од 500.000 евра. Во 2006 година, полицијата го ослободи киднапираниот Косовец Бегај во скопското село Света Петка, а Нуиши тогаш побегна. Трагата, според тогашните информации на МВР, долго време не му се знаела.

Судот на 7 март 2007 година, во отсуство го осуди Нуиши на казна затвор од 10 години. Но, оваа пресуда подоцна беше укината.

Во април 2009 година, Нуиши повторно се соочи со полицијата. Го уапсија „алфите“ во импровизирана чајџилница во скопското село Крушопек. Во џипот на осомничениот, според пласираните информации од МВР, имало оружје, фантомки, радиостаници и тактички елеци. Тогаш влезе во затвор за да одлежи петгодишна затворска казна.

На 27 јули 2011 година, претседателот Ѓорге Иванов, по повод 2 Август, му ја уважил жалбата на Нуиши и му ја намалил казната за 6 месеци, па така, Нуиши во 2012 година излегол од затворот во Идризово. По судскиот и политички заплет, откако веќе еднаш му се смилувале, зачуди фактот што повторно решија да го уапсат.

Според неофицијални информации што тивко ги шепкаат дел од жителите на Грчец, властите му се налутиле на „босот“ бидејќи наводно бил дел од организацијата на петочните протести поради случајот „Монструм“. Односно, наместо да молчи, го кревал гласот.

НАД 3.500 АЛБАНЦИ, А САМО 15 МАКЕДОНЦИ

Кога се обидовме да потпрашаме за уште неколку детали за апсењето на Нуиши, жителите замолчуваа. Веднаш почнуваа да раскажуваат за секојдневниот живот во селото. Коментираат дека политиката им ја оставаат на политичарите, а тие го работат она што најдобро го знаат. Бараат начин да заработат парче леб за семејството.

Во Грчец живее етнички чисто население од над 3.500 Албанци, или околу 500 населени куќи. Според последниот попис од 2002 година, во селото живеел само еден Македонец, а сега жителите објаснуваат дека ги има повеќе, околу 15, кои се појавуваат на гласачкиот список. Сепак, објаснуваат дека не се постојани жители бидејќи престојуваат во вили или во викендички.

Поради застапеноста на една националност, наставата во основното училиште се изведува само на албански јазик, а ја посетуваат над 300 ученици. Од училиштето ни посочија дека од селото има уште околу 150 основци, но тие посетуваат настава во училиште во Општина Сарај.

Во Сарај жителите на ова село одат и на лекување бидејќи немаат амбуланта. Затоа велат дека политичарите треба да запрат со вештачкото создавање меѓуетнички тензии бидејќи имаат за решавање реални проблеми.

„Имам многу другари Македонци. Во селото сме сите Албанци, но затоа ние младите излегуваме и во Ѓорче Петров, па сè до Центар. Нетрпеливоста меѓу нас ја создаваат политичарите и никој друг“, велат нашите млади соговорници.

Тие потсетуваат дека минатата година, кога имаше обиди да се урне споменикот на Цар Душан, дел од проектот „Скопје 2014“, истата ноќ биле уништени 36 пластеници засадени со зеленчук и со овошје во селото. Жителите веднаш се посомневаа во своите македонски соседи од селото Шишево, како одмазда за споменикот. Велат дека виновниците сè уште не се најдени и не ја платиле штетата, но истакнуваат дека знаат кој го испорачал цехот. Прстот го вперуваат во политичарите, кои, како што обвинуваат, за партиски интерес им го разнишуваат меѓуетничкиот соживот.

И ОСОМНИЧЕНИОТ ЗА УБИСТВОТО НА АНГЕЛ Е ОД ГРЧЕЦ

За да стигнете до селото треба да го поминете мостот на соживотот, кој ги поврзува населбите Ѓорче Петров и Сарај. Но, наместо мост на обединување, на Македонците и Албанците, овој мост и по три години од изградбата е симбол на  разделба, а не на зближување. Мост, кој, наместо да ги намали разликите, ги зголеми проблемите. Раздорот се зголеми на 19 мај годинава, кога во близина на мостот се пролеа крв. Убиениот, матурантот Ангел Петковски живееше во Ѓорче Петров, а осомничениот за убиството, 19-годишниот Насер Е., во селото Грчец. Соживотот, кој дотогаш беше на стаклени нозе, повторно се скрши. Жителите на Ѓорче Петров побараа итно затворање на мостот за да се одвојат од нивните соседи во Сарај.

Што точно се случило кобното попладне судот допрва ќе утврдува, бидејќи од септември се очекува да му се суди на осомничениот за убиството. Засега е познато само дека осомничениот се обидел да му го украде велосипедот на убиеното момче. На крајот, од банална кражба се дојде до убиство.

При нашата обиколка на Грчец, случајно се најдовме во дворот на осомничениот за убиството. Таму седеа неговата мајка и помалиот брат. Се вратиле од посета на Насер, кој веќе неколку месеци го одлежува притворот во истражниот затвор „Скопје“. Мајката на Насер, љубезно нè повика да седнеме.

„Не ни е лесно ниту нам, но ниту на семејството што го изгуби детето. Плаче таа, плачам и јас, и двете сме мајки“, го почнува разговорот мајката на Насер.

Таа вели дека засега немале никакви проблеми, но истакнува дека не знае што ќе се случи кога ќе почне судењето. Сега вели дека го гледа синот по еднаш на две недели.

„Го гледам на 20 минути, но речиси за ништо не можеме да разговараме. Таму има многу луѓе, дојдени на посета на своите блиски, и сите довикуваат, а пред сите стои стаклен параван. Засега сме немале проблеми, но не знам што ќе се случи понатаму“, вели загрижено мајката, која повторува дека никој не посакал да се случи таква несреќа и дека до тој ден немала никаков проблем со постариот син.

Помалиот брат на Насер, пак, засега има ограничено движење. Не смее да го напушти селото, а неизвесно е и неговото понатамошното школување во средно училиште. За да оди на училиште ќе треба да го премине мостот и да зачекори на другата страна, што засега им предизвикува неизвесност и страв на родителите.

Дали мостот слободно ќе се минува и дали низ него луѓето ќе врват и на двете страни, останува да покаже времето. Ние го преминавме мостот. Ги посетивме гостопримливите жители на озлогласениот Грчец. Но, сè додека мостот се гледа како објект кој раздвојува, а не спојува, проблемите ќе растат.

А, ќе расте и криминалот, зошто тој оди рака под рака со сиромаштијата. Додека единствениот извор на егзистенција на овие жители се парите заработени од еден продаден килограм домати или пиперки, не може да се очекува поинаква слика.

Поврзани новости