Удобноста и безбедноста во автобусите на ЈСП, со просечна старост од 12 години, се голем проблем за граѓаните кои користат превоз во главниот град, додека за вработените во претпријатието проблем е доцнењето на платата и чекањето субвенции од Град Скопје.
Механички здравите автобуси возат на сонце без клима, расипаните автобуси под сенка чекаат делови оти доцнат тендерите.
Текстот е објавен на 18 јули 2024 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.502.
Пишува: Орце КОСТОВ
Основното јавно обвинителство Скопје ќе го испитува последниот инцидент, кога возач на автобус на ЈСП Скопје загуби контрола врз возилото и удри во бетонска жардиниера на булеварот Гоце Делчев, а притоа со полесни телесни повреди се здобија возачот и двајца патници.
Надлежниот јавен обвинител ќе ги испита и наводите што се изнесени преку јавно искажани изјави од учесници во настанот и од други лица со кои се укажува на незаконитости во работењето на ЈСП Скопје, во поглед на исправноста и одржувањето на автобусот со кој се случи незгодата.
„За таа цел е ангажирано вешто лице од областа на машинството и издадена е наредба за преземање мерки до МВР – Биро за јавна безбедност да обезбеди податоци и документација од ЈСП Скопје во однос на одржувањето, сервисирањето и исправноста на автобусот, како и организацијата на работниот процес.
Во присуство на вештото лице ќе се изврши проверка на исправноста на автобусот. Дадени се насоки да се извршат и разговори со лица што имаaт сознанија за настанот“, извести Обвинителството во Скопје.
Истрагата во однос на одржувањето, сервисирањето и исправноста на автобусот се покренува по реакциите од граѓаните, возачите на ЈСП, меѓу кои и возачот што го возеше автобусот на линијата број „2“, како и од дел од синдикатите дека постојат сомнежи дека автобусите не сервисираат како што треба и тоа, според нив, ја загрозува безбедноста на патниците.
А, удобноста и безбедноста на граѓаните, неодржувањето на автобусите, неисплаќањето на платите, доцнењето на автобусите, проблемите со контролорите, постојано се вадат на површина кога се случува некој инцидент или се дел од дневниот вокабулар на политичката партија, која во моментов е во опозиција.
Но, кога ќе се преземе функцијата од новите менаџери на ЈСП, кога новите советници ќе влезат во Советот на Град Скопје или новиот градоначалник ќе седне на фотелјата, проблемите магично исчезнуваат и се фрлаат под тепих.
ВОЗАЧОТ ДОБИЛ НЕИСПРАВЕН АВТОБУС
Возачот на автобусот на ЈСП, кој удри во жардиниерата, веднаш по настанот рече дека се сомнева во технички неисправно возило што му го довериле да го управува, односно дека, и покрај печатот и потписот од овластеното лице дека автобусот излегува од гаража сервисиран и исправен за линија, автобусот имал одредена неисправност.
– Јас го забележав автобусот дека не е исправен. Јас ќе пријавам дефект и утредента истиот автобус го земаме со потпис и печат дека е сервисиран и исправен за линија. Со години сообраќам на линијата 2-ка, од Сарај до Автокоманда и обратно, ги знам најситните дупки.
Таа линија ја возам и мене не може вакво нешто да ми се случи. Мене ми побеле коса од волан и сега јас целиот се ежам додека зборувам. Жал ми е за патниците, пред сè, кои добија стрес и за мене исто така – рече возачот Ферзи Арифи пред новинарите и додаде дека одеднаш му бил блокиран воланот.
При неговото обраќање, се појави и новиот директор на ЈСП Скопје, Драги Кушовски, велејќи дека неговите сознанија се дека во промет се пуштаат само исправни автобуси.
– Моите сознанија се дека во промет се пуштаат само исправни автобуси. Дали е тоа така или не, мое е да проверам – изјави Кушовски.
Синдикатите, пак, алармираат дека се намалува бројот на сервисери, одржувачи и возниот персонал на ЈСП, а граѓаните се жалат на редуциран возен ред.
Граѓаните затекнати на автобуските постојки тврдат дека на пеколни температури чекаат и по повеќе од половина час за да стигнат до своите дестинации, а се возат најчесто во автобуси без клима-уреди.
ВОЗИЛА ЛЕЖАТ ПОРАДИ ДЕФЕКТ
Миќо Стојановски од Синдикатот на ЈСП при ССМ за „Фокус“ вели дека автобусите што сообраќаат на улиците во Скопје се технички исправни, но дека говорниците на последната прес-конференција ја довеле во заблуда јавноста со тоа што рекле дека автобусите не се технички исправни.
– Се работи за една несреќна изјава на некомпетентни луѓе од некои синдикати. Јас одговорно тврдам дека автобусите во ЈСП Скопје се технички исправни. Онолку колку што имаме сервисирање редовно, а е нередовно поради пропаднатите тендери. Тешко оди набавката на делови, но луѓето во сервисите даваат сè од себе автобусите да бидат исправни. И оној автобус што е потпишан со патен налог од одговорниот за сообраќај е технички исправен – потенцира Стојановски.
Во однос на тоа дека во автобазите дека има многу расипани автобуси, Стојановски вели дека тоа се инвентарни автобуси, како стари „саноси“, стари „манови“, расходовани „лазови“, двокатни туристички автобуси, кои и во извештаите на ревизијата се водат како бројка.
– А дека има дефектни возила и дека лежат за делови и тоа е вистина. Ви кажав дека пропаѓаат тендерски постапки, а тоа не знае да чека. Автобуси лежат за мали делови, на пример, за филтри, за компјутери, за инјектори од дизни, понекогаш и за пневматици, меѓутоа тоа е процес што некогаш завршува и тие делови се носат и се монтираат – вели Стојановски.
Во Јавното сообраќајно претпријатие има тенденција на заминување на персоналот и речиси во секој сектор на претпријатието недостасуваат вработени, посебно во сервисите, кои и онака работата со недоволен број на луѓе.
– Ние во последните 15 години не примивме млад возач. Дојдоа луѓе што крстосувале по европските патишта со камиони, луѓе што возеле по туристички агенции, луѓе што работеле кај приватните превозници, луѓе што на 50 години извадиле Д-категорија.
Истото се случува и со одржувачите, страшно е, нема кадар, а нема ниту од каде да се прими. Стручните училишта не произведуваат таков кадар, кој ни треба. Во меѓувреме, покрај возачите што напуштаат, од ЈСП заминува и стручен кадар: сообраќајни и машински инженери, економисти, правници – открива првиот човек на синдикатот.
КАКВИ АВТОБУСИ ВОЗАТ ПО УЛИЦИТЕ?
Скопјани се возат во автобуси со просечна старост од 12 години, од кои 32 се марка „санос“ купени во 1995 година. Со нив управуваат возачи на просечна возраст од 50 години. Тоа го велат податоците запишани во Годишниот извештај за работа на ЈСП во 2022 година.
По улиците сообраќаат 215 кинески „јутонг“ со просечна старост од 10 до 12 години, во зависност од испораката во земјава, се возат 77 украински „лаз“ со просечна старост од 12 години, 32 „санос“ со просечна старост од 27 години. ЈСП има вкупно 379 автобуси, 365 соло и 14 зглобни возила, со просечна старост од околу 12 години.
Во 2022 година, градските автобуси поминале вкупно речиси 17 милиони километри, превезле 28,5 милиони патници и потрошиле 6,5 милиони литри нафта.
Нови автобуси не се набавени од времето на градоначалникот Петре Шилегов, односно последните 33 автобуси „ман“ се купени пред повеќе од четири години.
Не се знае кога повторно ќе има подновување, иако градоначалничката Данела Арсовска во предизборната кампања тврдеше дека ќе се набават 250 нови еколошки возила. Нејзините обиди, Советот да изгласа набавка на автобуси на кредит пропаднаа, затоа што советниците гласаа против вакво задолжување на Градот.
Што се однесува до бројот на вработени во јавното претпријатие, во 2022 година имало 1.265, односно 54 помалку од претходната година. Во текот на годината, од претпријатието заминале 150 вработени, најмногу од нив 75 поради пензионирање, 36 земале неплатено отсуство, а 25 заминале спогодбено. Просечна старост на вработените е 50 години, а просечен стаж 23 години.
Во годишниот план за вработување за 2024 година планирани се 182 нови вработувања, од кои, меѓу другото, 48 мајстори во ремонт и одржување, како и 90 возачи на автобуси.
„Во последните години, ЈСП се соочува со недостиг од квалитетен кадар, пред сѐ, во секторот за ремонт и одржување, каде што претпријатието има кадар, кој е пред пензија и вложуваат напор да најдат соодветни кадри, кои навремено ќе бидат обучени и ќе можат да ја преземат работата. Исто така, интересот за возачи на автобус во јавен превоз е значително намален и се јавува мала бројка на јавен оглас.
Од овие причини, претпријатието во секој момент мора да има активен Годишен план, во кој ќе има предвидено вработувања за возачи на автобус во јавен превоз, мајстори во ремонтот и кадар што е директно поврзан со услугата што ја дава“, се вели во образложението на Годишниот план на ЈСП за 2024 година.
ЧЕСТО МЕНУВАЊЕ ДИРЕКТОРИ
Во мандатот на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, претпријатието се соочува со често менување директори. Последната смена се случи кон крајот на јуни. Арсовска, за нов директор го постави Кушовски, кој е четврти директор откако таа е градоначалничка.
Нејзините одлуки го навлекоа и гневот на советниците во Советот на Град Скопје, кој е основач на претпријатието ЈСП Скопје. Таа неколку пати побара од советниците да изгласаат субвенции за плати за вработените во ЈСП.
Додека траеја кавгите меѓу Арсовска од една страна и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ од другата страна, вработените неколкупати штрајкуваа за плати, а скопјани исто толку пати останаа без јавен превоз.
Според Годишната сметка на Јавното сообраќајно претпријатие за 2023 година, ЈСП Скопје остварило нето-добивка од 28.425.348 денари или нешто над 460.000 евра. Во 2022 година, претпријатието генерирало загуба од 384 милиони денари или нешто повеќе од 6,2 милиони евра.
Ако се земат предвид нето-добивката за 2023 година и акумулираната загуба од над 10 милиони евра, оваа година претпријатието ја почна со загуба од 9,8 милиони евра.
Вкупните приходи за 2023 година се 2,07 милијарди денари или 33,6 милиони евра, а остварени се расходи во износ од 33,1 милиони евра. Бруто-добивката е нешто над 500.000 евра, а за данок на добивка се платени околу 55.000 евра.
Во 2023 година се зголемени приходите од продажба за четири милиони евра, односно од 17,4 за 2022 година на 21,4 за 2023 година. Но, сепак зголемени се и приходите од субвенции и наплатени отпишани побарувања и отпис на обврски од 10,1 милиони евра на 12,1 милиони евра.
Кај расходите има намалување од 40.000 за 2022 на 30.000 евра за 2023 година за трошоците на Управниот и Надзорниот одбор, како и намалување на трошоците за репрезентација од 5.000 евра на 500 евра.
Зголемување има кај платите и надоместоците, како кај трошоците за службени патувања. Во 2023 година, ЈСП, за бруто-плати издвоило 12 милиони евра, милион евра повеќе од 2022 година.
ЗА 3 МЕСЕЦИ 49 СООБРАЌАЈКИ
За 3 месеца, возилата на ЈСП имале дури 49 сообраќајки. Според извештајот на јавното претпријатие, за периодот од јануари до крајот на март годинава, девет од незгодите се случиле по вина на возачите, а во 19 виновен бил друг учесник во сообраќајот. Во најголем дел од случаите, стои дека не е утврдена вина. Во незгодите вкупно повредени биле 10 лица.
Се случиле и 149 инциденти. Најмногу се оштетувале автобусите, а имало и физички пресметки и напади врз возачи. Според извештајот, од јануари до март, извршени се два генерални ремонти и еден полуремонт.
Вонредните контроли на возилата на ЈСП Скопје, кои ги извршило МВР, покажале дека неколку возила не ги задоволувале критериумите за безбеден превоз на патници, при што со тоа се загрозувала безбедноста на сите учесници во сообраќајот.