АРХИВА Се стега обрачот околу фирмите зад кои стои кумот на Груевски

by Фокус

Текстот е објавен на 29 ноември 2018 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1208

Фокус“ направи цела шема за поврзаноста на кумот од првиот брак на Груевски со дијализниот центар „Дијамед Македонија“, кој во 2013 заедно со „Орка Холдинг“ добија бизнис од половина милијарда евра. Кои се фирмите кои ги поврзуваат Новачевски и сопственичката на болницата за дијализа Иванова, која пред еден месец „Дијамед Македонија“ ја продаде на шведски „Дијаверум“. Јавниот обвинител дошол до сознанија дека шведската компанија го купила дијализниот центар, а 11 милиони евра се префрлени на сметки во Монако

Пишувала Ирена МУЛАЧКА

Основното јавно обвинителство конечно отвори предмет за центрите за дијализа за бубрежно болни пациенти, кои во 2013 година по пат на јавно-приватно партнерство под концесија ги добија фирмите „Орка Холдинг“ на Орце Камчев и „Метрополитен“, чиј сопственик беше Вера Иванова, за чие име првпат се слушна во јавноста. Двете компании ја добија можноста во наредните 20 години да ја вршат оваа здравствена дејност, а како што веќе „Фокус“ пишуваше, оваа бизнис-зделка е тешка безмалку половина милијарда евра.

Во тој период, повеќе од јасно беше зошто фирмата на Камчев го доби стопанисувањето со дијализните центри, но енигма остана втората фирма со која управуваше Иванова. Како што постепено се расплетуваше клопчето, но и со објавувањето на „бомбите“ во 2015 година, сѐ почесто почна да се поврзува со името на првиот венчален кум на Груевски, Ристо Новачевски.

Иако „Фокус“, во неколку наврати пишуваше за дијализниот центар „Дијамед Македонија“ и за компаниите што се наоѓаат на иста адреса со фирмите на Новачевски, сепак, за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, Јавното обвинителство не најде причина зошто би отворило истрага за да ги провери сите обвинувања што ги упатија тогашната опозиција и здруженијата за бубрежно болни пациенти. За разлика од тогаш, година и пол по промената на власта, обвинителството конечно отвори предмет, но истрагата почна да добива сѐ пошироки размери, а главната улога ја игра компанијата „Дијамед Македонија“.

Во истрагата јавниот обвинител дошол до сознанија дека шведската компанија „Дијаверум“ го купила дијализниот центар, а 11 милиони евра се префрлени на сметки во Монако. Во моментов, сметката на „Дијамед“ е блокирана.

Преку меѓународна правна помош доставено е барање до Кнежеството Монако за запирање за извршување на финансиски трансакции на сметките на кои се префрлени пари од продажбата на правното лице во износ од 11 милиони евра. До Кнежеството Монако доставено е барање за вклучување на нивен јавен обвинител во истрагата, на што обвинителството позитивно одговори и го одобри барањето – се наведува во соопштението од ОЈО.

Интересно во целата приказна е што ова прашање се актуализираше во периодот на бегството на Груевски, како и на притворот на екс шефот на тајната полиција Сашо Мијалков. Во решението за притвор, а по допис од Управата за финансиско работење, се наведува дека поранешниот директор на УБК на две одделни сметки на други имиња поседувал вкупно 11 милиони евра, за кои се покажало дека се негови.

Единствено што се поклопува е сумата пари, но засега нема никакви информации дали постои некаква поврзаност.

КОЈА Е ПОВРЗАНОСТА НА КУМОТ НА ГРУЕВСКИ СО ДИЈАМЕД?

Фокус“ направи цела шема за поврзаноста на кумот од првиот брак на Груевски со дијализниот центар „Дијамед Македонија“, односно кои се компаниите, кои, на некој начин, во бизнисот ги поврзуваат Новачевски и сега поранешната сопственичка на болницата за дијализа Иванова.

Но, да почнеме од почеток. Како прва компанија што влезе во шемата е „Метрополитен“, која пред пет години, односно во 2013 година влезе во бизнисот со дијализата. Според документите од Централниот регистар, фирмата е основана на 24 јануари 1992 година, што значи на бизнис-пазарот опстојува повеќе од 25 години. Податоците уште покажуваат дека таа е регистрирана со почетен влог од 924.000 денари, од кои 231.000 денари вложила сопственичката Иванова, додека уште 693.000 денари вложил вториот сопственик, односно компанијата „Смарт Холдинг Лимитед“ лоцирана во „ХДС Бизнис Центар 3204“ Jumeira Lakes Towers во даночниот рај Дубаи, Обединетите Арапски Емирати.

Се обидовме да дознаеме каде точно е лоцирана оваа фирма, но податоците што излегуваат на интернет под тоа име покажуваат дека наводно се работи за деловна зграда во која е сместен хотел со пет ѕвезди во Дубаи или трговски синџир хотели.

Значи, откако фирмата „Метрополитен“ ја доби лиценцата за дијализа, според документите од Централниот регистар, на 29 јануари 2014 година го основа дијализниот центар „Дијамед Македонија“ со неколку подружници низ градовите во источна Македонија. Но, тука не завршуваат фирмите на името на Иванов, за кое понатаму во „бомбите“ на Заев може да се слушне дека се поврзани и со кумот од првиот брак на екс премиерот Новачевски.

Фирмата „Метрополитен“, која е сопственик на дијализниот центар, е лоцирана на улицата Јадранска магистрала бр. 100 во скопската населба Бутел. Според документите од Централниот регистар, на истата адреса се наоѓаат уште две фирми, од кои едната, засега непозната во јавноста, е „Метро Медикал“, чија приоритетна дејност е трговија со медицинска опрема и фармацевтски производи. Се работи за релативно млада фирма, основана на 26 февруари 2015 година, што значи дека на бизнис-пазарот опстојува речиси три години. Новачевски се води како сопственик, но и како управител на оваа компанија. Податоците од Централниот регистар покажуваат дека „Метро Медикал“ е основана со паричен влог од 453.138 евра, од кои само 10 илјади евра вложил првиот венчален кум на Груевски, додека остатокот од парите, 443 илјади евра, ги вложил извесен Филип Иванов, кој се води како втор сопственик.

Неговото име е непознато за јавноста. Иванов живее на улицата Сремски Фронт бр. 28 во скопската населба Ѓорче Петров, истата адреса на која живее сопственичката на четирите фирми, Иванова, па така, освен што со помладиот сопственик на фирмата имаат исто презиме, имаат и иста адреса на живеење. Ова значи дека станува збор или за нејзин син или за близок роднина.

Но, мрежата од компании основани на истата адреса е поширока. Една од нив е и „Метромед ДООЕЛ“, која според документите исто така се наоѓа на улицата Јадранска магистрала бр. 100 во Бутел, но за разлика од другите компании, нејзината приоритетна дејност е маркетинг и консалтинг, односно дејности на советување во врска со работењето и останато управување. Според документите од Централниот регистар, историјата на фирмата е позната, таа е основана пред речиси четири години, на 17 јули 2013 година, со паричен влог од 8.000 евра, а нејзин сопственик и управител е Вера Иванова.

Сепак, првата фирма „Метрополитен“, основана пред повеќе од 25 години е клучна. Преку неа, со текот на годините почнува да се шири мрежата од фирми кои одиграа голема улога во набавките за здравствениот сектор во последните седум-осум години.

Оттука се поставуваат прашањата – која е причината што компанијата „Метрополитен“ по толку години добива сопственик, и тоа фирма од даночниот рај Дубаи, која е нејзината дејност, што е целта на нејзиното сопствеништво и дали тоа е изведено на сличниот начин како што беше основана компанијата „Сирах Инженеринг“, со која директоруваше Новачевски, а чиј сопственик беше фирмата „Сирах Лимитед“ од даночниот рај Белизе, преку која експремиерот Никола Груевски планирал да купи земјиште од 11 илјади квадратни метри на Водно?

ЗОШТО СЕ КРИЕ ФИРМАТА ВО МОНАКО?

Фирмата „Дијамед“, во последните неколку дена, е многу актуелна во јавноста, а особено што нејзината популарност се поклопи со два многу важни настани како бегството на Груевски и апсењето на екс шефот на тајната полиција, Мијалков. Сепак, здравствените власти во ниту еден момент не помислија да ги проверат обвинувањата за нетранспарентен избор на фирмите кои во времето на ДПМНЕ биле фаворизирани за да ја добијат концесијата на 20 години.

Ниту истрагата што речиси пред еден месец ја покрена Јавното обвинителство не беше доволна причина да се направи анализа на кој начин баш тие две компании на Камчев и на Иванова ја добија лиценцата за центрите за дијализа, со оглед на тоа што во тој период од игра беше исфрлен германскиот гигант „Фрезениус“.

Овие две компании ќе го водат бизнисот со дијализата сѐ до 2034 година, но и покрај покренатата истрага, уште почудно е тоа што Иванова одлучи да ја продаде компанијата, која управува со девет центри за дијализа и се грижи за повеќе од 670 пациенти на шведски „Дијаверум“.

Првата информација дека компанијата е продадена излезе на 1 ноември годинава, каде што во описот на шведската фирма се наведува дека има 25-годишно работно искуство со успешно третирање на пациенти кои боледуваат од бубрежна болест, како и работа со превентивна нега, за да се спречи развојот на овие болести. Денес 11.000 вработени се грижат за 33.000 пациенти во 19 земји во Европа, Латинска Европа, Азија и Средниот Исток. „Диаверум“ има централа во Лунд, Шведска и корпоративна канцеларија во Гетеборг. 

Од „Дијаверум“ за продажбата додаваат дека на овој начин и пациентите и вработените ќе имаат придобивка од високите стандарди на компанијата во клиничката експертиза, тренинзите од светски ранг и пристапот „Пациентот прв“.

Воодушевени сме што г-ѓа Вера Иванова, поранешниот сопственик во ПЗУ Диамед Македонија, ќе остане како менаџер за Диаверум во земјава. Диаверум носи многу искуство и меѓународно знаење и убеден сум дека може да направиме вистинска разлика за пациентите во Македонија” – истакна Борис Зјачич, заменик претседател за Централна и Источна Европа на „Дијаверум“.

Фокус“, кој веќе неколку години се занимава со оваа тема, се потруди да стапи во контакт со Иванова, па на нејзиниот службен мејл испративме повеќе прашања со цел да разјасни кое е тоа правно лице во Монако, каде се префрлени парите од продажбата на „Дијамед“, зошто ѝ се блокирани сметките, која е улогата на Новачевски во Центарот за дијализа и дали имаат некои лични релации со оглед на тоа што тој има заедничка фирма со нејзиниот син, а освен тоа на улицата Јадранска магистрала во Визбегово функционираат и негови и нејзини фирми. Но, Иванова до затворањето на овој број од неделникот не одговори на ниту едно од нашите прашања.

Таа пред една година испрати претставка до Советот на етика во медиумите и демант до „Фокус“ во кој се закануваше со тужба, а каде што тврдеше дека не се точни информациите дека Новачевски има некаква поврзаност со „Дијамед Македонија“, односно дека тој не стои во позадина на компанијата за дијализа, за пред неколку дена во изјава за медиумите да потврди дека тој бил директор за развој во фирмата.

Во тој период, Советот за етика ја отфрли преставката од Иванова, тврдејќи дека текстот е направен според сите професионални стандарди.

Освен до Иванова, испративме неколку прашања и до Новачевски, чие име цело време се поврзува со фирмата „Дијамед“, но до затворањето на овој број од неделникот и од таму не добивме одговори.

СОПСТВЕНИК НА ГРАДЕЖНА ФИРМА ТВРДИ ДЕКА БИЛ ИЗМАМЕН ОД ИВАНОВА

Фокус“ дојде до документи во кои може да се забележи дека четири години пред да ја добијат концесијата за дијализа почнала да се гради болницата во Ѓорче Петров. Во документите се наведува дека договорот е склучен на 26 февруари 2009 година меѓу инвеститорот ЦВБЦ „Инвестмент“ ДОО претставуван од управителот Свен Аксел Кренторз и изведувачот Друштво за градежништво и инженеринг „Керамика Фичо“, чиј управител е Видан Спиров, а предмет на овој договор е техничка деловна соработка при изведување градежни, градежно-занаетски работи, водоводна, хидратантска, канализациска (атмосферска и фекална) мрежа.

Договорот е склучен врз основа на потребата за изведување на градежни работи согласно основен објект лоциран на улицата Ѓорче Петров бр. 23 во Скопје, токму на местото каде што сега е сместена болницата за дијализа.

Веќе десетина години се водат судски процеси меѓу сопственичката Иванова и фирмата што била задолжена за изведување на градежните работи. Сопственикот на фирмата Спиров за „Фокус“ тврди дека неколку години води судски спор против Иванова, но со оглед на тоа што ВМРО-ДПМНЕ било на власт, неговите тужби ги отфрлале како неосновани.

Тој ги обвинува дека на 29 септември 2009 година со намера да прибават противправна имотна корист за друштвото „Монета Минус ДООЕЛ“, бил измамен од нивна страна. Како првотужен во приказната се води Друштвото за посредување, промет и услуги „Диамед Ренал Сервис ДООЕЛ“, додека како второтужен е компанијата „Монета Минус ДООЕЛ“.

Според тужителот Спиров, тој и „Диамед Ренал Сервис“ склучиле устен договор за налог, согласно кој Спиров се обврзал во име и за сметка на „Диамед Ренал Сервис“ за 1.353.000 денари од „Монета Минус“ да купи компјутери за објектот во скопската населба Ѓорче Петров. Согласно истиот договор, пак, „Диамед Ренал Сервис“ се обврзал во рок од 30 дена по исполнувањето на обврската, на Спиров да му исплати надомест на истата сума. Спиров ги уплатил парите на сметка на „Монета Минус“, која била должна веднаш да ги испорача компјутерите. Но, во рок од 30 дена компјутерите не биле испорачани, ниту, пак, фирмата „Монета Минус“ му ги вратила парите на Спиров.

Откако тужбеното барање било одбиено како неосновано, со промената на власта, оштетениот Спиров преку својот полномошник адвокатот Трајче Китановски на 30 април 2018 година упатува опомена пред поднесување кривична пријава за измама до Вера Иванова.

Со лажно прикажување на факти сте го довеле во заблуда дека доколку уплати 1.353.000 денари на жиро-сметка на наведеното друштво поради некаква итна потреба, вие како Вера Иванова или друштвото на кое сте биле управител во тоа време ќе му го вратите наведениот износ на жиро-сметка на неговото друштво Керамика Фичо ДООЕЛ. Оштетениот Видан Спиров како управител и сопственик на Друштвото истиот ден на штета на својата компанија жирално наведениот износ го префрлил на жиро-сметка на „Монета Минус ДООЕЛ“, а вие никогаш не сте му го вратиле овој износ – се наведува во поднесената опомена пред поднесување кривична пријава.

Во опомената уште се наведува дека доколку вонсудски не го решат овој спор ќе бидат принудени да поднесат кривична пријава за „Измама“, за кое според Казнениот законик е предвидена казна затвор од 1 до 10 години.

Тој пред неколку години, исто така поднел тужба во која барал од Друштвото за посредување, промет и услуги „Диамед Ренал Сервис“ и второтужениот „Монета Минус ДООЕЛ“ солидарно да му платат износ од 1.353.000 денари со законска затезна камата, но сепак, неговото тужбено барање било отфрлено како неосновано и тој дури бил задолжен да ги надомести судските трошоци на тужените во износ од 116.058 денари.

Во документите од Централниот регистар може да се забележи дека компанијата „Диамед Ренал Сервис“ е лоцирана на улицата „Ѓуро Стругар“ 15А во Скопје, односно на истата адреса каде што е лоцирана ЦВБЦ „Инвестмент“, која го склучила договорот за изградба на објектот во Ѓорче Петров. Документите од Централниот регистар уште покажуваат дека станува збор за фирма со странски капитал со почетен паричен влог од 505.982 евра. Нејзината приоритетна дејност е изградба на други објекти од нискоградба, неспомнати на друго место. Како сопственик се наведува компанијата „Диамед Ренал Сервисис ГмбХ“, која е лоцирана на улицата „Виленштрасе 48832“, Волерау во Швајцарија, додека како управител се појавува „Герд Бројх“ лоцирана на улицата „Троисдорф Зиглар“ во Германија.

Второтужената фирма „Монета Минус“, пак, според документите од Централниот регистар е основана на 14 јули 2009 година со почетен непаричен влог од 308.000 денари. Како сопственик, но и управител на фирмата се води извесна Ана Богдановска, а приоритетна дејност на компанијата е трговија на големо со компјутери, компјутерска периферна опрема и софтвер.

Факт е дека тешко можат да се пофаќаат конците со оглед на тоа што постојано се отворале, па се затворале фирми, па пак се отворале нови. Сепак, многу јасно може да се види дека првиот венчален кум на Груевски и Иванова цело време имаат деловна соработка, иако тој не фигурира на повеќето од документите. Сега Јавното обвинителство е на потег и ред е да ја заврши работата до крај!

 

Новачевски, Кренторз и „Нипро корпорејшн“

Како што погоре напишавме, фирмата ЦВБЦ „Инвестмент“, која го склучила договорот за изградба на објектот во скопската населба Ѓорче Петров, во тој период била управувана од Свен Аксел Кренторз. Тој бил и потписник на договорот. Меѓутоа, интересно во приказната е тоа што истиот Кренторз бил извршен директор и на светскиот производител за дијализери и потрошен материјал за хемодијализа NIPRO Corporation Европа. Дали по некоја случајност, но и првиот венчален кум на Груевски, Новачевски, според биографијата во 2010 година работел во NIPRO Corporation од Осака, Јапонија.

Поврзани новости