(АРХИВА) Самсоненко не докажа „злосторничко здружение“, но ја извади „Сис Инвест“ од стечај за да го догради Офицерски дом – во игра влегла и бугарска фирма на Камчев!

by Фокус

Текстот е објавен на 22 јуни 2023 година во неделникот Фокус со број 1.446.

Рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко ја загуби правната битка за кривична одговорност на некогашните соработници Ратко Капушевски и Миле Младеновски, кои ги обвинуваше дека се дел од злосторничко здружување што сака да му го земе хотелот на скопскиот плоштад. Сепак, Самсоненко успеа да ја спаси фирмата од стечај и подоцна да издејствува пролонгирање на рокот за изведба на објектите. Непосредно пред да падне во стечај, неговата „СИС Инвест Груп“ премина во доминантна сопственост на „Камил“, компанија со седиште во Бугарија, во сопственост на друштво од швајцарски Лугано, чиј краен сопственик е Орце Камчев. „Фокус“ обезбеди обемна документација, која открива како компанијата ја менувала сопственоста, како ја зголемувала главнината, како падна во стечај и како повторно дојде во позиција за да ги комплетира атрактивните градби

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Во далечната 1925 година, кога денешна Македонија била дел од Србија во рамки на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците, отпочнала изградба на објект на скопскиот плоштад познат како Офицерски дом, на местото каде што претходно се наоѓала Бурмали-џамија. Овој објект бил завршен 4 години подоцна.

Пред Втората светска војна, Офицерскиот дом важел за луксузен објект што го посетувале претставниците на елитата. Таму се правеле прослави, се одржувале балови, имало пивница и читалница со странски списанија. Ентериерот, пак, бил облагороден со скап мебел и со кристални лустери.

По војната се формирала македонска држава како рамноправен ентитет во тогашна федеративна Југославија, а објектот на скопскиот плоштад продолжил да функционира. Арно ама, земјотресот во 1963 година многу ја оштетил зградата, па затоа била урната следната година.

По распадот на СФРЈ, Македонија стана независна и суверена држава. Почнаа да се менуваат влади, па во 2006 година, на власт дојде ВМРО-ДПМНЕ предводено од Никола Груевски. Еден од неговите најголеми, најскапи и најконтроверзни проекти беше „Скопје 2014“, преку кој се измени ликот на главниот град и се моделираше колективниот идентитет.

Меѓу другото, овој мегаломански проект предвидуваше возобновување на некогашниот Офицерски дом, кој беше дел и од промотивното видео за „Скопје 2014“, во пакет со хотел во непосредното соседство во ретро-стил. За таа цел, Министерството за транспорт и врски на аукција во 2011 година го продаде земјиштето од 6.300 квадратни метри по 100 евра од квадрат или вкупно за 620.000 евра.

Како купувач се јави Димитрис Контоминас, грчки бизнисмен добро познат на македонската јавност по неговите бизнис-зделки во земјава. Три години подоцна, тој беше уапсен во големата полициска акција за случајот на незаконско земање заеми од „Постбанк“, која ја стресе Грција. Веднаш потоа, тој се откажа и од изградбата на хотелот и Офицерскиот дом во Скопје.

Всушност, проектот го презеде рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, кој се пресели во земјава од Ростов на Дон и се етаблираше како важен бизнис-играч. Тогаш, тој велеше дека ја купил фирмата со долгови, блокирана сметка и судски постапки со доверители и оптимистички најавуваше дека ќе инвестира околу 40 милиони евра, со ветување дека објектот ќе биде готов за година до две.

Но, тоа не се случи. Компанијата-инвеститор бргу падна во стечај, а Самсоненко јавно обвинуваше дека злосторничко здружение сака да му ги земе недоградените објекти. На крајот, не испадна баш така, бидејќи тој успеа да ја спаси фирмата и потоа да обезбеди пролонгирање на рокот за реализација.

По неколкугодишен застој, сега на терен може да се види интензивно градење на објектите, каде што скриен имот поседуваше и ексшефот на тајната полиција, Сашо Мијалков. „Фокус“ истражува како Самсоненко ја поврати компанијата-инвеститор – „СИС Инвест Груп“, во која влегла и бугарска фирма непосредно пред да падне во стечај, а излегла по прекинувањето на стечајот. Според податоците што ги обезбедивме, таа е поврзана со бизнисменот Орце Камчев.

ОТФРЛЕНИ КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ

Во интервју за „Фокус“ кон крајот на 2019 година, Самсоненко бомбастично обвини дека злосторничко здружение, составено од мрежа на корумпирани нотари, адвокати, извршители, судии и стечаен управник се обидува, како што рече, да му го одземе деловно-хотелскиот објект на скопскиот плоштад.

Се сомневаме дека се работи за организирана шема, во спрега со фирми, посредници и судот, како и обвинителство, позната во светот како организирано преземање објект со намалување на цената, негово фиктивно обезвреднување и нанесување штета на друг. Се ова ниту може да биде случајно, ниту, пак, може да се организира без спрега со надлежните органи – говореше Самсоненко.

Поточно, тој прстот го впери кон дотогашниот близок соработник и управител на неговата „СИС Инвест Груп“ Ратко Капушевски и кон сопственикот на компанијата-подизведувач „Кратер“  – Миле Младеновски. Според него, тие склучиле фалсификуван договор за деловно-техничка соработка со вметнување извршна клаузула, која потоа послужила како основа за предизвикување стечај.

Иницијативата сигурно потекнува од Капушевски, додека потоа процесот го води стечајниот управник. Целта е да го обезвреднат објектот и да го земат за евтини пари. Цело време истражувам и не знам веќе што да мислам. Единствено сериозно сомневање имам во еден српски тајкун, кој се појавува од заднина. Еден македонски олигарх во негово име ми пристапи и ми даде предлог да ми ги вратат парите што сум ги потрошил и да го преземат објектот – обвини рускиот бизнисмен.

Сепак, времето не ги потврди зборовите или стравувањата на Самсоненко, сеедно. Никој не му го зеде бизнисот и имотот, со оглед дека фирмата излезе од стечај и веќе активно и засилено работи на доградба на објектите. Уште помалку, пак, добија потврда неговите обвинувања дека тој е мета на напад од злосторничко здружение.

Како Самсоненко ја изгуби правната битка против некогашните соработници? Документацијата до која дојдовме покажува дека тој до скопското јавно обвинителство прво поднел кривична пријава против споменатите Капушевски и Младеновски, како и против и други службеници лица.

Сепак, обвинителството во 2020 година ја отфрла кривичната пријава за измама, фалсификување исправа, давање лажен исказ, злоупотреба на службена положба и други кривични дела. Според обвинителството, немало ништо спорно во потпишувањето на договорот за деловно-техничка соработка, ниту во неговата солемизација кај нотарот Ристо Папазов.

Но, Самсоненко и неговиот правен тим не се откажале, па поднесуваат кривична пријава и до Обвинителството за гонење организирал криминал и корупција. Од таму, пак, ја проследиле пријавата до скопското обвинителство, кое повторно носи решение за отфрлање, бидејќи, како што објаснуваат, постојат околности што го исклучуваат гонењето, додека за исти наводи веќе претходно се произнеле.

Арно ама, Самсоненко се жали до Вишото јавно обвинителство, кое му ја уважува жалбата. Како што стои во решението со кое располагаме, обвинителот не навел доволно причини за фактите и патем некои од причините биле контрадикторни. Со други зборови, повисокото обвинителство оценило дека заклучокот на основниот јавен обвинител бил погрешен.

Меѓутоа, основното обвинителство на почетокот на ланската година повторно носи решение за отфрлање на кривичната пријава, со образложение дека не постои основано сомневање дека пријавените ги сториле кривичните дела за кои се гони по службена должност.

ВЛЕЗОТ НА БУГАРСКА ФИРМА

На тој начин, завршува правната битка на Самсоненко за докажување на тврдењата дека бил незаконски изигран од соработници, здружени со нотари, извршители, стечајни управители. Просто кажано, обвинителството ги отфрли ваквите наводи како неосновани, па случајот никогаш не резултираше со обвинение пред кривичниот суд.

Меѓутоа, рускиот бизнисмен доби друга битка, успевајќи да ја извлече „СИС Инвест Груп“ од стечај по едногодишни маневри, со што доби можност да ги догради атрактивните објекти во најстрогиот центар на главниот град, наместо тие да бидат отуѓени за да се сервисираат побарувањата на доверителите. Како се случи тоа?

Историјатот на промени покажува во 2015 година, кога Самсоненко ја презема „СИС Инвест Груп“ од Контоминас, основната главнина на друштвото изнесува 944.863 евра. Но, таа расте од година во година, па веќе во 2016 скока на 2.135.954 евра, што се прави преку „трансформација на заем во траен влог и со преземање нови влогови“. Кон крајот на годината, пак, достигнува  3.983.797 евра.

Во следната 2017 година, главината се искачува до 9.258.477 евра, а на самиот крај годината доаѓа и до промена на сопственичката структура, која е повеќе формална отколку суштинска. Доминантен сопственик останува Самсоненко со удел од 9.258.477 евра, додека влегува компанијата „СИС Авиатион“ со удел од 888.429 евра, која, исто така, е во сопственост на Самсоненко. Во 2018 година, пак, главнината изнесува 10.340.741 евро.

Она што е интересно, кон крајот на оваа година (22.10.2018), во „СИС Инвест Груп“ влегува бугарската „Камил-РМ ЕООД“, чиј удел изнесува 5.614.585 евра, додека уделот на Самсоненко како физичко лице изнесува 4.726.156 евра. Истовремено, „СИС Авиатион“ излегува од сопственичката структура, што значи дека бугарската фирма станува мнозински, а Самсоненко останува малцински содружник.

На самиот крај на 2018, пак, Капушевски е тргнат од менаџерската позиција. Веќе на 18.02.2019 година, отворена е претстечајна постапка за „СИС Инвест Груп“, додека на 16.09.2019 година е отворена стечајна постапка. Оваа постапка трае повеќе од една година, или сè до 19.12.2020 година, кога прекинала по согласност на доверителите. Судското решение за затворање на стечајот, пак, станало правосилно на 18.02.2021 година.

Набргу потоа, поточно на 23.03.2021 година е евидентирана пријава за промена на основачи, со што бугарската „Камил“ е избришана, па сопственик останува Самсоненко со влог од 9.540.749 евра. Во друштвото повторно се враќа и „СИС Авиатион“ со влог од 888.429 евра.

„Фокус“ ги поседува договорите што бугарската „Камил“ ги склучила за пренос на уделот од 5.614.585 евра (53 отсто) во „СИС Инвест Груп“ со Самсоненко и неговата „СИС Авиатион“. Во нив се наведува дека бугарската компанија му отстапила на Самсоненко удел од 4.726.156 евра, а на „СИС Авиатион“ удел од 888.429 евра (8,5 отсто) – и во двата случаи по основ на нереализирани обврски од договорите со кои ги добила за пренос на уделите од 2018 година.

Врз основа на ваквата хронологија, може да се заклучи дека бугарската фирма станува доминантен содружник непосредно пред отворање на стечајот на „СИС Инвест Груп“, а излегува веднаш по запирањето на постапката. Оттука, се поставува прашањето за каква компанија станува збор?

Според податоците од бугарскиот трговски регистар, „Камил“ е друштво основано во 2008 година за издавање недвижности под наем, трговија со облека и други дејности и има капитал од 1,6 милиони бугарски лева. Моментално, како сопственик се јавува „Винер Финанс Груп“ со седиште во Лугано, а управител е Вања Констатинова-Георгиева.

ОД ШВАЈЦАРИЈА ДО МАКЕДОНИЈА

Проверките што ги извршивме покажуваат дека „Камил“ претходно била во сопственост на уште три компании со седиште во швајцарски Лугано, познат како специфична јурисдикција или офшор-зона – „Џим Груп“, „Дабл Фајв“ и „Еуро Балкан Груп“. Но, во почетниот период од 2008 до 2010 година, компанијата била во формална сопственост на „Орка“ на семејството Камчеви.

Исто како и во Македонија, така и законската регулатива во Бугарија налага да се запише краен сопственик на компаниите во сопственост на други компании во странство. Па, во основачкиот акт или Устав на „Камил“ фигурира името на управителката Констатинова-Георгиева, како и на управителот на швајцарската фирма сопственик – Клаудио Умберто. Но, како краен и единствен сопственик на капиталот е наведен Јордан Камчев.

Затоа, се обративме до „Орка“ во врска со компанијата „Камил“, во контекст на нејзината улога во „СИС Инвест Груп“, а попатно се интересиравме и за швајцарските компании што биле нејзини сопственици. Но, до затворањето на весникот, не добивме никакви одговори.

Поради тоа, не успеавме официјално да ги потврдиме неофицијалните информации од повеќе доброупатени извори дека целта била со помош на оваа компанија да се поврати кредитоспособноста на „СИС Инвест Груп“, да се обезбедат свежи средства и да се обнови нејзината финансиска кондиција. Сето тоа, со цел да се комплетира проектот за изградба на објектите на плоштад, каде што очигледно биле вплеткани повеќе интереси.

Инаку, да се вратиме на стечајот на „СИС Инвест Груп“, што го иницира компанијата „Кратер“, која докажала дека должникот е неликвиден. Во текот на 2019 година, основниот граѓански суд носи решение со кое се усвојува предлогот за отворање стечајна постапка, бидејќи должникот повеќе од 45 дена бил со блокирана сметка. Што откриваат судските одлуки во текот на постапката, во која се смениле дури 3 стечајни управници?

Во решението за отворање стечајна постапка се наведува еден интересен факт. Тогашниот привремен стечаен управител Богољуб Макревски изложил извештај за економско-финансиската состојба на „СИС Инвест Груп“, при што констатирал дека во него пристапило правно лице од Бугарија („Камил“). Но, не биле најдени докази дека основачкиот влог од 5,6 милиони евра бил уплатен.

Потоа, Макревски утврдил дека од 2014 до 2017 година, должникот остварил минимум приходи и големи загуби, па престанал да гради, а жиро-сметката била блокирана. Преку анализа на документите, тој утврдил дека „СИС Инвест Груп“ му должи на доверителот вкупно 3,8 милиони евра, од кои е одбиен платениот износ од 1,2 милиони евра.

Од друга страна, и Самсоненко се обидел да ја оспори стечајната постапка. Но, во втората половина на 2020 година (09.07.2020), судот ја отфрла како неоснована неговата иницијатива за запирање на стечајот. Во меѓувреме, дошло до промена на стечајниот управител, па на местото на Макревски дошол Живко Калков, кој исто така поднел предлог за запирање на постапката.

Иако Самсоненко приложил вештачење од „Мирчевски ТП“ дека всушност не должи ништо кон „Кратер“ за вградени машински инсталации, што, според нив, значело дека автоматски немало ниту основ за отворање на стечајот, сепак, судот оценил дека „СИС Инвест Груп“ во меѓувреме не станал ликвиден. Впрочем, и стечајниот управител Калков потоа пред стечајниот судија посочил дека нема докази дека должникот е солвентен.

ПОВРЗАНИ ДОВЕРИТЕЛИ И СКРИЕН ИМОТ

Веднаш потоа, и Калков станува поранешен стечаен управител на „СИС Инвест Груп“. На негово место доаѓа Ацо Петров, кој практично ја води компанијата сè до привршување и затворање на стечајот кон крајот на 2020 и почетокот на 2021 година. Наспроти многу други стечајни постапки што завршуваат со ликвидација, ова е редок пример еден случај да заврши со реорганизација.

Конкретно, стечајната постапка се запира по согласност на сите стечајни доверители, што следува откако Самсоненко поднел барање за запирање на стечајната постапка, бидејќи обезбедил заверени писмени изјави на нотар и докази за откупени побарувања. До финалното рочиште не стигнал ниту еден приговор против барањето за запирање на постапката од страна на доверителите.

На листата на доверители се наоѓале „Водовод и канализација“, „Комунална хигиена“, Град Скопје, Општина Центар, неколку банки, како и компании. Меѓу нив е „Кара“, која исто така е поврзана со Камчеви. Тука е „Балкан Груп Констракшн“, која, пак, е во сопственост на Самсоненко.

Понатаму, на листата влегува и „Имка Инжинеринг“ на Александар Ивановски, познат како Алек Теранова, кој е косопственик на хотелот „Мериот“ заедно со „Бест веј Инвестмент“ на Јордан Мијалков, син на Сашо Мијалков.

На крајот, треба да се посочи дека доверител беше и фамозната офшор-фирмата „Ексико“, која во судскиот процес „Империја“, како резултат на соработката на Камчев, се испостави дека е на сопругата на Мијалков – Александра Мијалкова.

Воедно, во рамки на „Империја“ беше утврдено дека скриен имот во хотелот што го гради „СИС Инвест Груп“ поседува и Мијалков, поради што, на барање на обвинителството, судот донесе одлука да биде конфискуван. Станува збор за 566 квадратни метри во деловен простор, во објект предвиден да биде висок 29 метри.

Од причина што се работи за градба во тек, а во катастарската евиденција како носител на право на сопственост и врз земјиштето и врз градбата стои „СИС Инвест Груп“, се обративме до Агенцијата за управување со одземен имот, од каде го добивме следниот одговор:

„Наведениот недвижен имот е во фаза на изградба и за истиот постои Лист за предбележување со прибелешка од страна на Агенцијата за управување со одземен имот. Со оглед на фактот дека објектот е сеуште во фаза за изградба, за истиот не може да се извади имотен лист, за истиот не може да се изврши процена, а воедно не може да биде предмет на продажба. Откога објектот ќе биде впишан во имотен лист, истот ќе биде предмет на процена, а воедно и предмет на продажба“.

Пред да донесе одлука за запирање на стечајната постапка, Судот го сослушал и доверителот „Кратер“, на чие барање беше отворена стечајната постапка. И од таму навеле дека сметаат оти е најцелосходно да запре стечајот. По запирањето, Самсоненко си ја врати фирмата, а со тоа и правото да управува и располага со имотот што влегол во стечајната маса.

Арно ама, приказната на завршува тука. Кон крајот на 2021 година (26.11.2021), извршителот Никола Богатинов, врз основа на барање за спроведување на извршување од доверителот „Кратер“, издава налог за запленување на уделот во „СИС Инвест Груп“ од 9,5 милиони евра заради наплата на побарување според извршна исправа од половина милион евра.

Во налогот се наведува дека со прибележување во Централниот регистар, доверителот се стекнува со заложно право врз уделот. Сепак, во февруари 2022 година (02.02.2022), извршителот Богатинов носи заклучок за запирање на извршување на долгот од половина милион евра.

Бидејќи во документацијата нема образложение како се случила оваа „акција“ на извршителот, откако претходно доверителот „Кратер“ се согласил да сопре стечајот, што во превод значи дека неговите барања биле подмирени, одговори побаравме од самата компанија.

Поточно, прашавме колку точно изнесувало побарувањето на „Кратер“ во стечајната постапка и на каков начин било подмирено? Исто така, се интересиравме и дали „Кратер“ моментално работи на објектите на скопскиот плоштад на „СИС Инвест Груп“ и дали има соработка или деловен однос со други компании на Самсоненко? И од таму не добивме одговор.

ИДНА ГРАДБА КАКО КОМПЕНЗАЦИЈА

Меѓутоа, успеавме да пронајдеме објава во Службен весник од 25.11.2020 година, која открива дека бил склучен договор меѓу „Кратер“ и друга фирма во сопственост на Самсоненко – „СИС Балкан“. За што се работи?

Врз основа на солемнизација на договор за пристапување кон долг со обезбедување на побарување од 20.11.2020 меѓу „Кратер“ како доверител и „Сис Балкан“ како заложен должник, се врши упис на заложно право – хипотека врз недвижен имот заснована врз основа на договор за пристапување кон долг со обезбедување на побарувањето на износ од 119 милиони денари на име главен долг и 31 милиони денари на име обесштетување. Или вкупно, околу 2 милиони евра.

Станува збор за право врз целокупната идна недвижност со намена спорт и рекреација на КП 5335/7, запишана во Лист за предбележување на градба број 107878, во рамки на КО Центар 1. Според Катастарот на недвижности, тоа е градежно неизградено земјиште од илјада квадратни метри во сопственост на „СИС Балкан“ на Самсоненко, која го поседува соседното фудбалско игралиште во непосредна близина на градскиот стадион.

Практично, „Кратер“ и „СИС Балкан“ го склучуваат овој договор, со кој „Кратер“ добива заложно право врз идниот објект во Паркот, само еден месец пред да биде сопрена стечајната постапка за другата фирма на Самсоненко – „СИС Инвест Груп“, што би било невозможно без согласност на „Кратер“ како еден од најголемите доверители.

Од сето тоа произлегува дека, малку по малку, конечно се отвори патот за Самсоненко да ги доврши објектите на плоштадот, особено откако обезбеди измена на одобрението во тек на градба, во делот на продолжување на рокот. Барем, така произлегува од одговорите што ги добивме од Општина Центар.

Од таму велат дека се работи за изградба на два објекти. Едниот е од втора категорија со намена – хотелски комплекси на КП 9561/4, КО Центар 1, на градежна парцела 5.1, за кој е издадено Одобрение за градење на 31.01.2013 година. Вториот е со намена – хотелски комплекси и државни институции, на КП 9561/3, КО Центар 1, на градежна парцеа 5.1.1, за кој е издадено Одобрение за градење од 10.04.2012 година.

Притоа, овие одобренија се издадени врз основа на ДУП „Мал Ринг“, изменет и дополнет со Одлука на општината од 01.02.2012 година. Како што објаснуваат од општината, за првото одобрение издадено е Решение за измени во текот на градење на 07.12.2022, а за второто одобрение издадено е Решение за измени во текот на градење на 21.10.2022 година.

Инвеститорот СИС Инвест Груп“ редовно плаќа месечни рати за наплата на договорни казни во висина од 571.181 денари. Од јули годинава, ќе плаќа двојно поголема договорна казна, сѐ додека целосно не ги изгради објектите“, ни одговорија од Општината, додавајќи дека пеналите ќе се плаќаат се додека не се изврши технички прием.

Откако адвокатот Тони Менкиноски ни предочи дека повеќе не е правен застапник на „СИС Инвест Груп“, се обративме директно до компанијата, како и до управителката Ивана Стојановска, во врска со стечајната постапка, измената на одобренијата, висината на пеналите, улогата на бугарската „Камил“… Прашавме и кога се планира да се комплетира градбата? Одговори не добивме.

Колку за информација, изведувач на објектите е воскреснатата „Бетон-Штип“, во сопственост на веќе споменатата „Орка“ на Камчеви и на друштвото „ТИМ“ на семејството на Цветан Панделески и Дејан Панделески, кои се едни од најголемите акционери на „ЗИК Пелагонија“.

И од изведувачот побаравме одговори дали градат самостојно или користат подизведувачи, како и кога градбата ќе биде реализирана? Повторно не добивме одговори.

На крајот, треба да се истакне дека проектант на објектите е „Гемма Инженеринг“ на Шенол Ислам, кој во друга фирма со сличен назив – „Гемма Груп“, е партнер со Мето Стојчевски, зет на Камчев. Надзорен орган, пак, е „Мегарон Инженеринг“ во сопственост на Бујар Муча.

Сето тоа говори дека во проектот се вклучени луѓе со разни роднинско-деловни релации. А, тоа што од скоро сите страни одбиваат да се произнесат, говори повеќе од доволно. Лесно е кога треба да се обвинуваат други за криминал, потешко е кога треба да се објаснат одредени сопствени постапки.

Поврзани новости