Архива: Роберт Блажески, инвеститор од САД рекетиран од Фамилијата: Не им дадовме 50.000 евра за изборите, УЈП нѐ казни со 200.000 евра!

by Fokus

Текстот е објавен на на 3 декември, 2016 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1104

ФОКУС: Кога ги откупивте акциите на газда Нини во „Јака табак“, некој ви сугерираше таков деловен потег, бидејќи Нини важеше за близок до ВМРО-ДПМНЕ. Бевте ли блиски до некоја партија?

БЛАЖЕСКИ: До никоја партија, и до ден денес не сум партиски ориентиран, значи немам партиска книшка. Досега сум гласал за Тупурковски, кога излезе со моите проекти за бројлерско производство во МК, сум гласал за СДСМ, а на изборите во 2006 г. гласав за ВМРО-ДПМНЕ. Секогаш сум гласал контра, и во 2006 година гласав контра СДСМ.

ФОКУС: Што мака имавте во времето на СДСМ? Како бизнисмени, имавте ли проблеми од таа влада?

БЛАЖЕСКИ: Да, имавме проблеми, но не толку големи, споредено со сега. И во 2007 година во „Јака табак“, со удел од 49,9 проценти, јас и брат ми, доста му помогнавме на ВМРО-ДПМНЕ.

ФОКУС: Како помогнавте? Ја финансиравте партијата? Дали беше во кеш, со каса-прими како што тврди Загорац Тумбовски?

БЛАЖЕСКИ: Финансиравме, но не лично јас. Јас бев како сопственик на компанијата „Јака табак“, од каде што излегуваа парите. Исто така, бев и акционер во „Табак осигурување“, така што Загорац Тумбовски беше од „Јака табак“, тој не носеше негови пари, туку носеше пари на фирмата. Е сега, дел од тие пари донекаде беа со мое одобрение, а поголемиот дел беа без мое знаење.

СВЕДОК СУМ ДЕКА ГОРДАНА ЛАЖЕШЕ ЗА ЗАГОРАЦ

ФОКУС: Вие во тој момент не знаевте дека кеш ѝ се дава на партијата?

БЛАЖЕСКИ: Не. Скоро дојдов до некои дополнителни Каса-прими, тие што Загорац ги објави. Некои, пак, ги имав видено дури кога Загорац ги донесе кај мене, стравувајќи дека ќе биде ликвидиран.

ФОКУС: Тоа е 2006, кога е почнат судскиот процес против него, така?

БЛАЖЕСКИ: Така е, пред тоа јас ги немав видено.

ФОКУС: Тие пари се давани во тоа време кога генерален секретар е Јанкулоска, бидејќи Загорац тврдеше дека тоа е нејзиниот потпис.

БЛАЖЕСКИ: Добро, Загорац во интервјуто што го даде за „Фокус“ ме спомна. Јас тогаш не излегов со изјава за тоа, но ме зачуди кога ја слушнав изјавата на Гордана Јанкулоска, дека таа не го знае Загорац Тумбовски и дека тој е осуден со правосилна пресуда. Еве, сега да ја потсетам јас Гордана дека бевме во жолтата зграда на ВМРО-ДПМНЕ, на тој состанок беше и Загорац, Ѓорѓи Теневски, бев и јас, беше и мојот брат. Се сретнавме со Гордана Јанкулоска и со Никола Груевски.

ФОКУС: Што разговаравте и што беше поводот за средбата?

БЛАЖЕСКИ: Средбата беше по изборите. Состанокот беше закажан од близок човек на Никола Груевски, Ѓорѓи Теневски, кој во тоа време беше генерален директор на „Јака табак“. Тие беа на добра телефонска релација. Во тоа време беа покренати неколку постапки, предистражни, па веројатно Теневски сакаше да каже дека тоа нема врска со нас, претпоставувам во сопствена одбрана. Но, зошто бевме и ние таму, искрено и ден денес се прашувам.

ФОКУС: Во секој случај, сакате да кажете дека изјавата на Гордана Јанкулоска дека не го познава Загорац Тумбовски не е вистинита?

БЛАЖЕСКИ: Сигурно не е вистинита. Тоа го потврдувам, бев таму. За жал, не се сликавме, но бевме таму, за тоа може да потврди и Груевски.

ФОКУС: Вие тогаш за првпат се сретнавте со Груевски и со Јанкулоска?

БЛАЖЕСКИ: Првпат, но не и последен. Потоа се имам среќавано со Зоран Ставрески, кој го познавам од населба, за други инвестиции кои планиравме да ги правиме. За него сум имал добро мислење. Откако седна на министерската фотелја, дали месец или два, бев кај него во кабинет, со проект за скопскиот Луна парк. Јас имав готов проект, подготвен од бившиот министер за земјоделие Ацо Спасеновски. Во неговата претходна фирма, пред да стане министер, сакавме да влеземе со инвестиција во Луна паркот и со готов проект отидов кај Ставрески. Ме прими веднаш, сосе проектот, го задржа и ми рече за две-три недели ќе добиеш одговор. До ден денес не ми даде ни одговор, ниту, пак, ми ја врати копијата од тој проект.

ДЕСЕТ ГОДИНИ ПАРИТЕ НИ СЕ БЛОКИРАНИ

ФОКУС: И затоа се откажавте од проектот?

БЛАЖЕСКИ: Не, потоа имаше тендер, јас подигнав и документација. Мојата идеја беше да ги продадам акциите од „Табак осигурување“ и да влезам во тој проект. Фактички, со тие пари требаше да влезам во Луна паркот. Исто така, имав состаноци со Европска банка, со Светска банка, кои требаше да го поткрепат финансиски овој проект. Но, тоа што се случи со осигурителната компанија, веднаш ги блокираа парите и до ден денес парите се блокирани од продажбата на акциите на „Табак осигурување“. Ги блокираа на  6 јануари 2007 година, што значи точно десет години ќе се направат сега.

ФОКУС: Со кој правен основ? Поради процесите што се водеа?

БЛАЖЕСКИ: Прво, ете, во јануари 2007 година ние ги продадовме акциите на „Табак осигурување“ на „Сава Ре“. За да ги продадеме акциите на осигурителна компанија, требаше да добиеме дозвола и од Министерството за финансии. Тогаш министер беше Трајко Славески. Решение кое се чекаше повеќе од еден месец. Решението се доби, трансакцијата помина на Македонската берза за хартии од вредност, и по неколку дена се блокираат веќе сите средства од сите што продадоа акции од осигурителната компанија. А во тој кош бевме јас и мојот брат.

ФОКУС: Која беше основата за блокирањето?

БЛАЖЕСКИ: Истрага поради осомничени лица поради некои малверзации со акции, каде што беше вмешан и Загорац Тумбовски и Ѓорѓи Теневски и други, а потоа можеби цела година имаше истраги. Истражниот судија на трипати ги ослободуваше средствата, на трипати обвинителката ги обжалуваше тие решенија и повторно ги блокираше. Така што, по една година отприлика се покрена обвинение против пет личности.

ФОКУС: Вие не сте меѓу обвинетите?

БЛАЖЕСКИ: Јас и брат ми сме сведоци, и тоа од двете страни, и од обвинителите и од обвинетите.

ФОКУС: Во чија полза може да се толкуваат вашите сведочења?

БЛАЖЕСКИ: Нашите сведочења беа како што е фактичката состојба. На кого му правеа добро, на кого лошо, во тоа не навлегувам. Немавме причина некого да браниме, некого да го напаѓаме. Иако имало причини за кои имало луѓе, од тие што биле таму, што ни направиле штета. Како што почна предметот, се закажаа рочишта, се водеше во Струмица, а претходно можеби 20 пати бевме повикувани во Обвинителството, во МВР, во судот, пред истражните судии, тоа беше невидено малтретирање. Брат ми од Америка беше секој месец тука да дава изјави. И по толку доаѓања реши да ја земе фамилијата и да дојде овде. По две години имаше ослободителна за обвинетите, а со тоа и ослободување на парите.

ФОКУС: Тука се и вашите блокирани пари?

БЛАЖЕСКИ: Да. Предметот отиде на Апелација, а Апелација го врати назад на повторно одлучување. По година и пол или две, повторно имаше ослободителна, повторно предметот отиде во Апелација Штип, кај судијата Киро Бојаџиски, кој по вторпат го враќа назад во Струмица и бидејќи го враќа по третпат, мислам дека не може да биде истата постава на судии, се менува поставата на судиите и доаѓа нов судија. По нецела година, тој повторно носи ослободителна пресуда. Предметот оди повторно кај истиот судија на Апелација, кој тогаш носи осудителни пресуди и плус носи пресуда за парите да се конфискуваат во корист на РМ. Каде е РМ во целиов предмет, не знам.

ЧАВКОВ ВРШЕШЕ ПРИТИСОК ВРЗ СУДОТ

ФОКУС: Која сума заедно со вашиот брат ви е блокирана?

БЛАЖЕСКИ: Според документите, 195 милиони денари. Околу 3.200.000 евра. Дел се земени, дел се сѐ уште на сметка. По пресудата на Апелација, случајот оди на Врховен, а Врховен ја потврдува. Во самата пресуда, како најголем апсурд, пишува такви глупости, што никој не веруваше дека може да се потврди, дека мојот брат купил акции од еден од обвинетите за некои 42 милиони денари и потоа ги продал на „Сава Ре“, а тој што му ги имал продадено акциите има добиено затворска казна од две и пол години. Апсурдот е што осудениот никогаш не поседувал акции од „Табак осигурување“. Значи, не можеш да продадеш нешто што не го поседуваш.

ФОКУС: Таа блокада ви го блокира целиот бизнис понатаму. Вие се малтретирате неколку години по судови, и тоа како сведоци, парите ви ги блокираат, ви ги земаат…

БЛАЖЕСКИ: Во меѓувреме, пуштаат и 4 кривични пријави, сега и кон мене, за да се занимавам по судови. Но, сите се одбиваат, ниедна нема отидено понатаму. Еден вид мобинг да се малтретираме малку по судови. Јас претходно во суд немав влезено. И сега во декември сум двапати на суд на два тотално различни предмети.

ФОКУС: Значи, вие по професија сте сведок?

БЛАЖЕСКИ: Да, како да сум дал оглас за сведок! Сето тоа е одбиено и сега има уште една кривична против мене за која сѐ уште немам ништо добиено. Значи, тој што ни беше партнер на почетокот во „Јака табак“, кој се чувствува изигран од Загорац и од Ѓорѓи, едно време излезе дека ние заедно сме се здружиле со неговите претпоставени во „Јака табак“ за тие да го изиграат, што апсолутно нема никаква врска. И тој потоа поднесува кривична, една, друга, трета, и сега се занимаваме и со тоа.

ФОКУС: Зошто?  

БЛАЖЕСКИ: Ова го прави оркестрирано преку Митко Чавков, кој исто вршеше силни притисоци во судот во Струмица и во Штип за носење вакви пресуди.

Што се однесува до другите бизниси, каков ефект има кога дошло до промена на гарнитуриве, од 2006 наваму, бизнисот паѓаше, така што тој основниот бизнис што го имавме со месото е под клуч, не работи. Не работи ни фирмата со транспортот, камионите што ги имавме се продадени. Јака табак, каде што сѐ уште ги имаме акциите, 49,9 проценти е во стечај, и тоа осум години. Во овие години тотално ја докрајчија, и некои побарувања што ги имаше од „Македонија табак“ дознав дека ѝ е дадено некое земјиште по 500 евра квадрат за долг од 3.500.000 евра, или 7.000 квадратни метри за кој, пак, треба да се плати ДДВ. Нема крај!

ТИЕ ШТО НАЈМНОГУ ДОНИРАА СЕ ОСУДЕНИ

ФОКУС: Владата на Груевски дава реклами на странските медиуми за бизнис-рајот, па „Осмели се“ или „Инвестирај во МК“.

БЛАЖЕСКИ: Само будала човек може да дојде и да инвестира тука, со вакви услови. Можеби, овие големиве корпорации што добиваат субвенции, така може, но вака, како ние што сме дошле да инвестираме, не. Јас не верувам дека има некој друг Македонец што олку има инвестирано во државава.

ФОКУС: Инвестиравте ли во хотелот Дрим плус?

БЛАЖЕСКИ: Па, еве луѓе што биле, може да кажат дали е инвестирано во хотелот. Сите години по нешто се реновира и мислам дека заслужено ги има 4-те ѕвезди, но сигурно има уште доста работа, се планира да се направи и спа-центар, само ќе кажам, колку што имаме казни од УЈП, немаме ни пола дивиденда поделено.

ФОКУС: Вие имате канонада од инспекции, казни…

БЛАЖЕСКИ: Не мора канонада, доволно е да ви дојде еден инспектор и да ве казни со над 200 илјади евра. Јас во фирмата со месо имав таква казна, ми зедоа 90 илјади евра, уште во 2007 година. Инаку, во хотелот Дрим минатата година дојде само една, која беше речиси 100 илјади, потоа врз база на неа дојде уште една поголема и се направи мислам 215.000 евра. Имаше и други поситни, кои не ни ги сметаме. Комбе со кое вршевме достава на месо во една година доби 3 казни по 2.500 евра и ене го сега, 2 години стои паркирано.

ФОКУС: Имате ли објаснување, зошто ве снајде ова што ве снајде?

БЛАЖЕСКИ: Па, веројатно затоа што, како што се вели овде, „ако не си со нас, сигурно си против нас“. Да бидам конкретен, за изборите во 2011 година, петок, пред изборниот молк, ни беа побарани 50.000 евра од ДПМНЕ на телефон, се надевам ќе ги пуштат снимките каде што тогашниот секретар на ДПМНЕ, Кирил Божиновски, разговара со мојот брат за донација. Не бевме во состојба да дадеме, и замислете, по ова сето претходно кажано, уште пари да им дадеш, излегува дека уживаме во силувањето. Дадовме 6.000 евра колку за мир во куќа, и ете колку нѐ чинеше тоа недавање, потоа следеа казните преку 200.000 евра.

ФОКУС: Но, еве, вие сте донирале токму на ДПМНЕ.

БЛАЖЕСКИ: Значи, тие што најмногу помагаа, индиректно, од компанијата што даваа пари, стотици илјади евра, сите се осудени, Тумбовски, Теневски, Србиновски.

ФОКУС: Како да го објасниме тоа? Страв дека вие може тоа да го обнародите?

БЛАЖЕСКИ: Па, не страв, тие немаат страв, гледате како функционираат институциите, особено судството. Народот ќе суди? И тие го кажуваа тоа и Загорац излезе и го кажа тоа дека донирал, само не кажа чии пари донирал и ништо не се случи, не проверил дека печатот на каса-прими е стариот печат на партијата, кој веќе не е во употреба, а потписот на Гордето не е битен. На неколку од тие каса-прими стои „Јака табак“ како донатор. Капиталот не се губи, само се прелева, така што од овие компании се прелеа во други партии или фирми.

НЕМА ПРАВНА ДРЖАВА, ОВА Е СИЛУВАЊЕ

ФОКУС: Но, партијата има обичај да каже, тој е осудено лице. Фактот дека ќе ве стават во таа машинерија, со кривични, вашиот збор нема тежина, тоа е нивната логика.

БЛАЖЕСКИ: Се согласувам, што би рекол еден мој пријател, молчи, може и полошо да биде. Но, што е полошото? Да те затворат? Еве има сѐ уште доста предмети во судовите за нас, слободно нека удрат. Човек се гледа колку е силен по тоа колку удари може да издржи, а не колку ќе зададе.

ФОКУС: Зошто не излеговте кога ве прозва Загорац пред две години, кога тој ги обелодени тие каса-прими? Сметавте дека нема ефект? Рековте дека може да потврдите дали Јанкулоска го знае Загорац…

БЛАЖЕСКИ: Можам да потврдам зашто бевме во истата канцеларија. Но, зошто тогаш не излегов, бидејќи гледав како функционира државата, мислев дека нема ефект и ете, се испостави дека нема ефект.

ФОКУС: По вашето искуство по судовите, од дипломиран медицинар, сега ќе магистрирате на право. Значи, Груевски ве мотивираше по сите тормозења по судовите.

БЛАЖЕСКИ: Ете каде ме насочи, нешто паметно да направам. Еве, на пример, во последниве две години, бидејќи не сум многу ангажиран околу бизнисот, со повеќе слободно време се запишав на постдипломски, и еве сега во март ќе магистрирам право, на тема „Општествените услови како деловна можност за развој на менаџментот во РМ“. Исто така, нервозата од малтретирањата гледам да ја потрошам на Водно, или на велосипед и најчесто на лента за трчање, така што ги имам истрчано сите полумаратони во Скопје.

ФОКУС: Колку имаме правна држава, што ќе речете?

БЛАЖЕСКИ: Мислам дека вие многу подобро го знаете одговорот. Ако ме прашувате од мое лично искуство, мислам дека ова е силување, јас сум силуван. Да му блокираш на човек толку многу средства, да му ги затвориш фирмите, да отиде „Јака табак“ во стечај, да нема никаква документација дека од таму се плаќани билборди и други партиски трошоци, покрај тие каса-прими, зборувам за фирми со преку 200 вработени.

ФОКУС: Ќе се согласите со тоа што Зоран Ставрески го кажа во бомбите, „ние сме лудаци“?

БЛАЖЕСКИ: Па, би го поздравил лично, се знаеме добро. Го запамтив неговиот совет, и истиот ќе му го возвратам: „Тргни се од овие!“ Мислам дека тој ќе знае за што станува збор. Заедно бевме на една детска претстава со децата од градинка. Тогаш ми го порача тоа. Мислеше дека „моите“ се Загорац и компанија, бидејќи веројатно тој тогаш знаеше дека се под истрага, демек тргни се од овие, затоа истиот совет и до него, тргни се од овие… Но, еве и тој се тргна и јас сум сега тргнат, еве до каде е целава ситуација.

КОГА ТУМБОВСКИ ПРОЗБОРЕ, ГРУЕВСКИ НЀ ПОВИКА

ФОКУС: Како се случи да отидете пред две години кај Груевски, има ли врска излегувањето на Загорац Тумбовски во јавност?

БЛАЖЕСКИ: Вие многу добро ги врзувате работите, без јас да ги кажувам. Брат ми имаше барање, во врска со еден куп проблеми во однос на компаниите, а оваа влада нели е отворена за бизнис-секторот, особено за нас како инвеститори дојдени од Америка. Имаше барање да се види со Груевски, можеби две-три години наназад.

ФОКУС: Никогаш не добивте одговор?

БЛАЖЕСКИ: Е, па тогаш добивме. Тоа беше на 15 мај, а вие проверете кога излезе Загорац со интервју во „Фокус“. Проверете ги датумите, па вие кажете дали има врска или е случајно.

ФОКУС: Што се случуваше кога отидовте во кабинетот?

БЛАЖЕСКИ: Заедно отидовме со брат ми, бевме примени културно, му ги раскажавме проблемите. Многу коректно беше што уште на состанокот се јави кај министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, му рече прими ги за земјиштето, за регулирање со инвестициите, со проширување. Уште утредента Јанакиески нѐ прими. Делумно и се среди работата, што се однесува на хотелот, приватизација на земјиштето, за да можеш дополнително да градиш, треба да ти е откупено земјиштето. Се направи делумно за да се почне да се реновира, да се прават фасади, огради, тие работи.

ФОКУС: Дали нешто ви спомна тогаш во врска со изјавите на Загорац?

БЛАЖЕСКИ: Не. Единствено падна краток муабет за Ѓорѓи Теневски, каде е?! Нас нѐ прашува каде е. Демек, тој не знае каде е, а тој е во затвор. Дали не беше информиран, не знам, знам дека претходно беа на линија. И не само тоа, многу интересно е дека сѐ уште добивал пораки од Теневски – Среќна Нова година, среќна слава, име. Јас баш бев изненаден, дали ги праќа од затвор, дали некој ги праќа од неговиот телефон, чудно ми е и мене.

ФОКУС: Како реагирате на владината кампања „Инвестирајте во Македонија“, кога вашето искуство е катастрофално?

БЛАЖЕСКИ: Ќе ви кажам едно мое излагање пред луѓе од дијаспората, во Домот на АРМ, пред три години. Таму не бев поканет, само дознав и отидов. Имаше стотина луѓе, премиерот држел говор, за жал, јас задоцнив. Домаќин беше Агенцијата за иселеништво. Кога стигнав таму, видов дека гостите ги имаа прошетано низ Скопје, по музеи, а потоа им се држеше говор како ова е добра клима за инвестирање, како цветаат рози овде. Имаше тројца македонски бизнисмени, им ги приложија успешните бизниси. Сите кажаа сѐ позитивно, веројатно наоѓаат само такви за да зборуваат само позитивно.

ЗА БИЗНИС – ПОДАЛЕКУ ОД МАКЕДОНИЈА!

ФОКУС: Ги споделивте јавно вашите негативни искуства?

БЛАЖЕСКИ: Да, раскажав дека инвестирав во магацинот што ви го спомнав, комуналиите ми ги наплатија, но немав пат до него. Поминував низ ниви на двајца различни газди и годишно како кирија плаќав за патот што го поминувам до магацинот, кој чинеше милион ипол евра. А тука треба да поминуваат и камиони. Земјиштето го купив на лицитација од РМ, градам објект, каде што нема никаков пат, канализација и вода. Немав решение, и морав со овие двајцава земјоделци што си ги работеа нивите, да ми ослободат пет метри, кои нема да ги работат и годишно јас им плаќав по 500 германски марки, не знам колку години. По 7-8 години се собравме неколку комшии и ја направивме улицата со сопствени пари. Бидејќи немавме ни струја, на почетокот направивме и трафостаница. Ова е на кванташкиот пазар позади А1 телевизија, не во некое село на планина. Тоа беше моето искуство со „инвестирајте во Македонија“! Тоа го раскажав на собирот.

Втората приказна беше за „Дрим“. Вие доаѓате во „Дрим“ и фала богу слетувате во Скопје, имате превоз, но кога ќе стигнете во Охрид, доколку некој има камен во бубрег, ќе го истресе по патот со дупки. А, исто така, нема место по патот каде што ќе застанете, а да не видите ѓубре. Повалкана држава од Македонија нема.

ФОКУС: Каква беше реакцијата по вашето излагање?

БЛАЖЕСКИ: На крајот имаше аплауз. Домаќинот неколкупати реагираше во смисла да скратам бидејќи нема време. Меѓутоа, го кажав тоа што го имав. Не верувам дека пак ќе ме поканат, ни тогаш не бев поканет. Муабетот ми е дека ние сакаме да правиме туризам, ние хотелот внатре ќе го реновираме, ќе го исчистиме, ќе го средиме, но што ќе правиме кога пред хотелот има толкави кратери, автомобилите возат слалом за да не ги искршат колите. Еве сега, фала богу, се прави автопат од Кичево до Охрид, па се надеваме дека ќе биде подобро. Кога би ме прашале за препорака, мои луѓе од странство дали да инвестираат во Македонија, категорично би им рекол подалеку.

Дојдете си летно време, на одмор, месец дена, супер е. Но, овде да навлегувате со бизниси, никако! Јас гледам многу такви што дошле и што се изгореле на најразлични начини.

ФОКУС: Зошто тоа се случува, политичките елити ни се незрели?

БЛАЖЕСКИ: Па, најголемата фирма во Македонија е самата држава, ако си со нив ќе добиваш тендери со стотици милиони евра, ако не си, тогаш само си декор на тие тендери. Исто така, доколку немаш книшка, нема кој да те заштити. Најголемиот проблем е судството. Не може да осудуваш некој што не направил ништо, а има еден куп такви случаи. Тоа е сѐ до судот. Ако судот функционира за сите подеднакво и политичарот ќе се плаши, а не да се однесуваат како недопирливи. Добро е барем што имаше бомби да слушнеме од чие тефтерче доаѓале судиите.

ФОКУС: До каде сте со судските процеси?

БЛАЖЕСКИ: Во моментов имам три предмети на Врховен суд и по некој во Апелација и основен. По 10 години, госпоѓата Лидија Неделкова, која ја гледав на Алсат, беше искрена, па затоа ја повикувам сега, лично нејзе, без никаков притисок, таа е една од судиите што одлучува по моите предмети, нека суди по свое лично убедување, нека има доблест и утре да ме погледне во очи и да каже: да, така требаше да пресудам. Нека пресуди како што таа правно мисли дека треба да крене рака. Ништо повеќе и ништо помалку, никакви врски и не барам привилегии. Не суди за мене, туку за правдата. За другите двајца судии од петорката во Врховен, сега не би коментирал. Но, мојата порака до Неделкова е: немој еден ден да ти тежи пресудата како што сега му тежи на судијата Киро Бојаџиски.

СЕКОЈА ЧЕСТ ЗА СЈО

ФОКУС: Кои се тие два предмета?

БЛАЖЕСКИ: Тоа се од продажбата на акциите, кога нам како сведоци ни ги конфискуваа парите. Еден од предметите е таа пресуда од Апелација дека некојси му продал акции на брат ми, што всушност никогаш не се случило, а другиот предмет е за веќе пресудена работа што се води против мене за конфискација на парите.

ФОКУС: Што очекувате сега?

БЛАЖЕСКИ: Уште лани, јас сум со едниот куфер спремен за Америка. Не би сакал моите деца да растат во едно нездраво општество. Не би сакал моите деца да знаат дали е Заев, дали е Груевски, дали бил Бранко премиер, кој било, или, пак, не дај боже да ги знаат сите министри, кои биле, што биле. Во Америка никој не знае ништо повеќе од претседателот. Во училиштето каде што учев јас не знаеја каде е Југославија. А тука ние, сите се замараме што прават функционерите. Добар премиер треба да го остави бизнис-секторот, не да се изживува и да се радува дека од него на бизнисмените „им тече низ ногавици“.

ФОКУС: Како го гледате Специјалното јавно обвинителство низ кое ги гледаме преседаните и блокадите на тоа исто судство?

БЛАЖЕСКИ: Но пасаран, го гледам. Секоја чест! Јас мислам дека 80 проценти од народот гледа спас само во тоа Специјално јавно обвинителство. Јас немам проблем со тоа кој ќе добие на избори. Еве и Никола Димитров е ВМРО, но секоја чест, во секој поглед. Такви луѓе нека дојдат, не ми пречат, и ВМРО нека се вика партијата што ќе биде на чело. Ама не со нарачки по телефон, осудете го овој, земете му ги парите на оној…

ФОКУС: Имам впечаток дека на многумина им е полесно да заминат од Македонија отколку да се борат овде да изградиме пристојна држава.

БЛАЖЕСКИ: Еден пример, девојка околу 24 години, завршува Машински факултет овде со просек 10, со само една деветка, но нема каде да работи. Еден мој пријател во Словенија ја вработува, задно отпатувавме во Словенија, си остана таа таму на работа. Друг пример, мој внук кој дипломира во Америка, магистрира на Колумбија универзитетот, сега тука е без работа и размислува како да си замине. Викате полесно им е да заминат, но сите прво се борат, исто и јас со толку пари донесени од Америка инвестирани во Македонија за да бидеш малтретиран, РЕКЕТИРАН, казнуван и да се чувствуваш како граѓанин од трет ред, па мислам дека сѐ има граници. Мојот поголем проблем е што инвестираните пари не можам да си ги повратам и треба да ги оставам.

ФОКУС: За неколку дена се изборите, ќе гласате против и сега?

БЛАЖЕСКИ: Значи, ако во 2006 г. гласав за оваа партија, сега со двете раце ќе гласам сто отсто против. А во 2006 г. гласав против СДСМ. Сега ќе гласам против овие, од кои лично го осетив тоа силување од власта.

Рамка 1

МОЖЕБИ И МЕНЕ „МИ ТЕЧЕЛО НИЗ НОГАВИЦИ“

ФОКУС: Кога ги слушате бомбите, не помислувате од каде олку злоба во овие луѓе?

БЛАЖЕСКИ: Болест, дефинитивно „да се сотрат“. Јас би сакал, бидејќи сум бил во кабинетот кај Груевски, нека каже дали мене „ми течело низ ногавици“? Можда ми течело, но еве, нека извади снимките, бев кај него точно на 15 мај, пред две ипол години. Тој точно знае.

Рамка 2

СУДСТВОТО НИ ЈА УНИШТИ ДРЖАВАТА

ФОКУС: Се двоумите уште дали ќе заминете од Македонија?

БЛАЖЕСКИ: Значи 80 отсто сум спремен да се вратам во Америка. Сакам јавно да ја поздравам Каракамишева. Еве, бидејќи државава не ми возврати љубов, а нели сите се селат поради невозвратена љубов, јас ќе се селам и со скршено срце ќе заминам за Америка. Веројатно, и независно што ќе се случи на изборите затоа што државата е, за жал, толку доведена на колена, што кој и да дојде, во наредните 10 години нема оправање. Нормален човек ова би го согледал и пооптимистичен би рекол за 5 години би ја оправиле. Но, рибата смрди од главата. Би рекол дека судството е тоа што ја има уништено државата.

Рамка 3

МУ ЧЕСТИТАМ НА ЗАЕВ ЗА ХРАБРОСТА

ФОКУС: Дали по објавувањето на бомбите има промена во климата?

БЛАЖЕСКИ: Дека има промена, има, и му честитам на г-дин Заев за храброста што ги обзнани, па да се слушнеме и ние малку како сме биле силувани, и да слушнеме какви луѓе ја водат државата.

 

 

Поврзани новости