Текстот е објавен на 30 мај 2024 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1495.
Невозможно е да се очекува Србите и Бошњаците кога било да имаат усогласен став за крвав настан од толкави размери. Но, проблемот е што непотребно се реактуализира оваа тема цели 3 децении подоцна, и тоа токму во период во кој се зборува за редефинирање на статусот на БиХ. Прашање е дали некој посакува по вторпат да ја искористи Сребреница за докрај да расчисти со Република Српска?
Пишува: Дејан АЗЕСКИ
Како повеќегодишен дописник и соработник на неколку врвни сараевски медиуми, одговорно можам да потврдам дека не постои народ на Балканот и во Европа каде што како Македонци уживаме повеќе почит отколку кај босанскиот народ.
Ако морам да прецизирам, тоа е најизразено кај Бошњаците (нов назив) или босанските муслимани (согласно југословенска терминологија). Веројатно не е чудо што баш Македонците и Бошњаците последни останаа доследни на југословенските вредности на братството и единствено и тој искрен космополитизам ги спојува до ден денес.
Оттука, навистина голема неправда и трагедија за овие добри луѓе се настани, не само како Сребреница, туку и стотици други слични случаи за време на целата три и полгодишна братоубиствена војна во БиХ (1992-1995) и тие апсолутно треба да се осудат.
Но, прашањето е дали цели 29 години по овие случувања е воопшто корисно за некого да се вадат на големата сцена на Обединетите нации овие грозоти на војната и луѓето од трите страни на фронтот да се принудени повторно да ги преживуваат во полно светло?
И уште поважно – дали на Македонија ѝ е местото да биде коспонзор на оваа резолуција, која очигледно најголемиот дел од Србите ја доживуваат како колективно понижување и предигра за некои поголеми промени во БиХ и на Балканот, нормално на нивна штета?
Без разлика што со Босна и Бошњаците имаме и треба да имаме одлични односи, Србија ни е, сепак, прв сосед, а со српскиот народ најмалку што може да кажеме е дека сме први братучеди. И генетски, и антрополошки, и современо идеолошки. Така што минимум што требаше да направи официјално Скопје е да остане неутрално.
На крајот на краиштата, Сараево ќе го разбереше тој наш воздржан став, а Белград никогаш нема да ни го прости ова „коспонзорство“, кое доаѓа само три години по првите вакцини што пристигнаа на Табановце и две години по признавањето на автокефалноста на нашата црква.
Очигледно, повторно дипломатски служиме на туѓи интереси и повторно спротивно од она што мнозинството од нашиот народ го мисли. А особено за прашања што сѐ уште не се докрај јасни ниту за Бошњаците и Србите, а камоли за нас.
КОЈА Е УЖАСНАТА ВИСТИНА ЗА СРЕБРЕНИЦА?
Во десетици посети на Босна и Херцеговина, само во последните неколку години сум ја имал, условно речено, и таа чест да го видам и регионот на Сребреница и да поразговарам со тамошното локално население и од двете завојувани страни.
Не се чувствувам компетентен да судам за историската вистина, но ќе се обидам барем хронолошки прецизно да ги прикажам случувањата што довеле до масакрот на повеќе од 8.000 луѓе.
Прво, географски треба да се знае дека „Подрињето“ – населените места долж реката Дрина се со огромни планини одвоени од остатокот од БиХ, што во случај на војна, како таа во 1992 година, ги прави лесен плен за непријателските сили.
Веројатно и затоа токму тука е првото етничко чистење на муслиманското население, кое од целиот потег од Бјелина и регионот Семберија сѐ до Вишеград е присилено да ги напушти своите домови и да бега во поголемите муслимански енклави.
За тие што не успеале да се пробијат до опколените Сараево или Тузла, единствена таква енклава на Дрина останува Сребреница. Тука ќе се создаде голема концентрација на население способно да се брани од нападите, а тоа набргу ќе го согледа и меѓународниот фактор и со нивна помош Сребреница ќе остане изолиран остров за време на целото времетраење на војната.
Проблем во Сребреница, како и во секоја војна, е што командата не ја преземаат најмирољубивите, туку напротив, тие што се најбескруполозни. Таков е неофицијалниот командант на градот, Насер Ориќ, кој ќе се прослави со своето неколкугодишно владеење.
Да, точно е дека тој лично ќе успее да одбие многу напади на Србите, но уште поточно е дека го користи машкото население од градот и бегалците за да организира пљачкосувачки напади на околните српски села и градови, кои ќе останат прочуени по бројни жртви и други пирови.
Тоа ќе се интензивира од година во година, како што слабеат позициите на војската на Република Српска за во 1995 година да се случат најкрвавите масакри прочуени по инцидентите со таканаречените „српски јагниња“, односно печење живо заробени Срби на ражен на самиот брег на Дрина.
Токму овие настани ќе ги испровоцираат холандските мировници задолжени за овој крај, свесно да замижат и неофицијално да дадат зелено светло на генералот Ратко Младиќ да влезе во Сребреница и да го направи тоа што веројатно ќе се памети илјада години. Во една вечер да го сотре сето машко муслиманско население од тој крај.
Попрецизно, масакрот не е извршен во самиот град, туку на неколку десетици километри кон североисток или на шумскиот пат, по кој мажите од градот се обидувале да се пробијат кон слободната територија на Тузла.
Околу составот на колоната има разни мислења, но веројатно е дека таа била со мешан состав во кој, покрај редовни припадници на регуларната армија на БиХ, имало и цивилно машко население, но секако имало и голем број лица инволвирани во претходно споменатите пљачкашки и свирепи активности по српските места.
Е токму поради нив ќе настрадаат и сите други во еден настан од кој навистина треба да се срами современа Европа.
За крај, останува само правното дефинирање дали е ова геноцид или не. Српската страна навистина има издржани докази дека крвавите случувања во и околу Сребреница не влегуваат во познатата правна рамка на поимот геноцид.
Но, еве и да е така, тоа не го менува фактот за големината на овој злочин, кој, без разлика на тоа што очигледно бил испровоциран од бројни други одвратни настани, српското раководство и генералштабот не смееле да дозволат да се случи.
ЗОШТО СЕГА СЕ ПОВАМПИРУВА 1995?
Масакрот на сребреничката колона, всушност, претставува и пресвртница на војната. Тогаш НАТО директно ќе почне да ја бомбардира војската на република Српска, а меѓународната поддршка за Караџиќ и Младиќ ќе падне до толку што тие ќе бидат принудени да го прифатат Дејтонскиот договор, кој апсолутно долгорочно не им е од интерес.
Прашањето што се поставува е дали и сега некој се обидува по вторпат да ја искористи Сребреница за да го уништи она што е останато од Република Српска?
Знаеме дека српското раководство од Бања Лука е последната пречка за БиХ да не влезе во НАТО. Знаеме и дека челникот на Република Српска, Милорад Додик, се смета за главен експонент на руската политика на Балканот, иако само пред дваесет години беше миленик на Западот.
Веројатно затоа во последниве пет години се направија сите можни правни и неправни обиди да се намали или на минимум да се сведе автономијата на РС во рамките на БиХ.
Останува уште последниот чин на нејзино официјално укинување што веројатно ќе се изведе преку некоја подметната провокација од типот на обид за прогласување независност.
Бошњачкото раководство, заедно со своите ментори од помоќните држави, има добра проценка дека Република Српска е масовно иселена и нема ни приближно регрутационен капацитет како оној во периодот 1992-1995. Плус што сето тешко вооружување е предадено во рамки на федералната армија на БиХ.
Клучен фактор е и неможноста на соседна Србија да направи што било со својата армија, бидејќи тоа ќе биде одличен повод за НАТО веднаш да интервенира и да расчисти и со Белград, и со Бања Лука во рекордно време. Така што не случајно Сребреница се актуализира токму сега.
ПОВЕЌЕ ДРЖАВИ БЕА „ВОЗДРЖАНИ“ И „ПРОТИВ“ ОТКОЛКУ „ЗА“
За Резолуцијата за геноцидот во Сребреница гласаа 84 држави, 19 беа „против“, а 68 „воздржани“.
Без разлика на тоа, беше одлучено 11 јули да се прогласи за Меѓународен ден на сеќавање и одбележување на геноцидот во Сребреница извршен врз Бошњаците во 1995 година.
Во текстот на Резолуцијата се потсетува на сите пресуди на Меѓународниот трибунал за поранешна Југославија, особено тие што содржат осудувачки пресуди за злосторството геноцид врз босанските муслимани извршено во Сребреница во 1995 година и од февруари 2007 година, во кои Судот утврди дека делата извршени во Сребреница претставуваат геноцид.
На крајот од нацрт-резолуцијата наведени се седум точки.
Генералното собрание ја донесе одлуката 11 јули да се прогласи за Меѓународен ден на сеќавање и одбележување на геноцидот во Сребреница во 1995 година и да се одбележува секоја година;
Резолуцијата без резерва го осудува секое негирање на геноцидот во Сребреница, кој е историски настан, и ги повикува земјите-членки да ги сочуваат утврдените факти, вклучително и преку нивните сопствени образовни системи преку развивање соодветни програми, исто така и со цел сеќавање за да се спречи негирање, искривување и појава на геноцид во иднина;
Таа, исто така, безрезервно ги осудува дејствата што ги величаат оние што се осудени за воени злосторства, злосторства против човештвото и геноцид од страна на меѓународните судови, вклучително и оние што се одговорни за геноцидот во Сребреница;
Ја нагласува важноста од завршување на процесот на пронаоѓање и идентификување на преостанатите жртви на геноцидот во Сребреница, со цел достоинствен погреб и повикува на продолжување на кривичното гонење на сторителите на геноцидот во Сребреница, кои допрва треба да се соочат со лицето на правдата;
Ги повикува сите држави целосно да се придржуваат кон своите обврски од Конвенцијата за спречување и казнување на злосторството геноцид и меѓународното обичајно право за спречување и казнување геноцид, почитувајќи ги релевантните одлуки на Меѓународниот суд на правдата;
Бара од генералниот секретар да воспостави програма за информирање под наслов „Геноцидот во Сребреница и Обединетите нации“, почнувајќи од подготовките за 30-годишнината, а, исто така, бара од генералниот секретар да го сврти вниманието на резолуцијата на сите земји-членки, организациите на системот на Обединетите нации и организациите на граѓанското општество;
Ги повикува сите земји-членки, организации на системот на Обединетите нации, други меѓународни и регионални организации и граѓанското општество, вклучително и невладините организации, академските институции и другите релевантни заинтересирани страни да го одбележат Меѓународниот ден, вклучувајќи посебни одбележувања и активности во знак на сеќавање и почест на жртвите на геноцидот во Сребреница во 1995 година, како и соодветна едукација и активности за подигање на јавната свест.