(АРХИВА) Ретроспектива на лидерските битки во македонската левицa

Уште од времето на Шарло не се избрал лидер на левицата без поголеми компликации!

by Фокус

Текстот е објавен на 06 јуни 2024 година во неделникот Фокус со број 1.496.

Низ цела историја на македонските комунисти и СДСМ како нивни наследник, борбите за политичка моќ, особено за претседателското место, се проткаени со заткулисни игри. Денес, за жал не само на партиските членови, туку на демократијата, постои реална опасност дека оваа организација, која преку НОБ и независноста на Македонија е директно вклучена во историските процеси, може да замре. „Фокус“ прави ретроспектива на конфликтите помеѓу сите авторитети во левицатата, КПМ, СДСМ, почнувајќи од Шарло и Колишевски, преку Гошев и Црвенковски, до Заев и Ковачевски.

Пишува: Дејан АЗЕСКИ

Политичката партија СДСМ дефинитивно го допре дното на своето долго постоење. Најлошиот изборен резултат во последните триесет години кој го остварија на неодамна завршените претседателски и парламентарни избори јасно предупредуваат дека оваа партија се соочува буквално со егзистенцијална криза.

Сценаријата за пасокизација на овој политички субјект кој одамна ги слушаме од политичките конкуренти стануваат се поголема реалност, а од друга страна. огромниот рејтинг на нивниот најголем ривал ВМРО-ДПМНЕ им гарантира барам два последователни мандати на раководење со македонската влада.

Но, без разлика на овие факти, импресивно е што се уште сериозни играчи се вклучуваат во трката за првото столче на Бихачка и водат интензивна битка за оставштината од тоа што некогаш беше моќна, па ако сметаме историски и единствена партија на територијата на Македонија.

Очигледно, и во моменти кога партиската структура е разнишана до максимум брендот е толку силен што придонесува претседателската фотеља сепак да биде атрактивна дури и во моменти на најсилен пад.

ШАРЛО И КОЛИШЕВСКИ

Многумина нема да се среќни што во оваа анализа влечеме вакви паралели, но никој не може да оспори дека и вака пропадната СДСМ се уште добар процент од малкуте гласови влече поради својата директна историска поврзаност со некогашниот Сојуз на Комунисти на Македонија.

Како што знаеме, во старата комунистичка партиска организација се негувал култот на личноста кон првиот човек кој во тие моменти и времиња на едноумие буквално бил издигнат на пиедесталот на божество, иако официјално партијата била атеистичка.

Оттука, не е ни чудно што битките за оваа функција биле остри, интензивни, интересни уште пред седум или осум децении.

Иако официјално може да се смета дека КПМ, претходникот на денешниот СДСМ, е формирана или датира дури од 1943, факт е дека и претходно на територијата на Вардарска Македонија или некогашна Вардарска бановина си постоела партиска организација уште од 20-тите години на минатиот век.

За историјата на предвоените комунисти и нивните водачи напишани се многу книги, но од челниците на партијата во овој период најинтересен е случајот на Методија Шаторов-Шарло, официјално последниот челник на комунистите од Вардарската бановина кој ја искористил окупација од Бугарија за да ја припои партиската организација кон Бугарката комунистичка партија.

Југословенските комунисти на чело со Јосип Броз Тито нормално веднаш го разрешуваат од неговата функција и го испраќаат Лазар Колишевски назад во Македонија.

Но, историјата тврди дека тоа го направиле на потполно нестатутарен начин, со што и ден-денес некои негови истомисленици сметаат дека токму тука е зачетокот на влијанието на ОЗН/УДБА во Македонија, иако официјално во тоа време партиската полиција не ни била формирана.

Историски дискутабилен е дури и изборот во отсуство на Колишевски за прв секретар на партијата во Тетово во 1943 година, ако се знае дека тој во моментот веќе две години се наоѓа во бугарски затвор.

Постојат историчари кои веруваат дека записите за овој конкретен настан се фингирани и дека основачите на првата самостојна македонска партиска организација не го прифатиле Колишевски за свој челник, бидејќи се сметал за човек наметнат од горе, особено поради тоа што најголем дел од тогашниот негов живот го поминал во Крагуевац и не ги познавал локалните прилики во Македонија.

Како и да е, точно 20 години Колишевски ќе биде неприкосновен владетел на Комунистичката партија на Македонија, а со тоа и на целата македонска држава во составот на југословенската федерација.

На локално ниво, тој буквално нема никаква конкуренција бидејќи после апсењето на Методија Андонов Ченто, протерувањето или бегството на Венко Марковски и рачистување со неколку предвоени комунисти кои биле обвинети за сталинизам тој останува единствена авторитена личност која може да чукне на портите во Белград.

Во архивските документации од тој период секогаш кога ќе се спомене Македонија Тито или раководството задоволно коментирале дека Колишевски таму ја контролира ситуацијата во целост.

Но токму тие кои го фалеле Колишевски за неговата ревност, ревносно ќе му ја организираат и смената во 1963 година поради директно несогласување со политиките на Јосип Броз Тито и неговото отстапување од некои изворни вредности нна предвоените југословенски комунисти.

ЧЕМЕРСКИ, ПАНЧЕВСКИ, ГОШЕВ…

Така, во игра доаѓа вториот најпознат челник на левицата во Македонија, а тоа секако е Крсте Црвенкоски, човек кој во наредните шест години 1963-1969 (а до некаде и до 1974) ќе биде директен наследник на Лазар Колишевски со сите привилегии кои во тоа време ги уживал еден претседател КПМ/СКМ.

Интересно е да се напомене дека уште во тој период започнува да се применува познатиот термин „ДеКолишевизација“ на општеството кој се популаризира во 80-тите, односно расчистување со инсталациите на неограничена моќ на на Лазар Колишевски и неговиот стил на раководење.

На почетокот, особено во периодот после скопскиот земјотрес, ваквите нови ветришта на Црвенковски (кои очигледно биле многу полиберални од начинот на владеење на неговиот претходник) ќе добијат широка популарност помеѓу македонскиот народ, дури и пошироко на просторите на поранешна Југославија, каде Црвенкоски ќе биде признат како голем реформатор.

Веројатно имал среќа да биде прав човек на право време, бидејќи цела Југославија во тој период тргнува попостапките на либерализмот и се труди да се реформира.

Но, по масовните студентски протести во Белград 1968 година и нивното крваво задушување, старите догматски сили на југословенските комунисти ја согледуваат опасноста од толкаво ниво на либерализација и почнуваат чекор по чекор да расчистувуваат со најпопуларните експоненти на ова движење.

Таков од Македонија несомнено е Крсте Црвенкоски, за кој не е потврдено дека делувал во содејство со хрватските либерали, но во секој случај бил со вкрстен во истата групација, па така неговата политичка кариера предвреме ќе биде завршена, иако многумина дотогаш му предвидувале блескава иднина.

После подолг период ова значи повторно враќање на Лазар Колишевски, овојпат не дирекно туку преку други помлади и поенергични функционери, кои искрено ќе го почитуваат неговиот лик и дело и ќе ги следат неговите совети се до крајот на државата.

Прв таков познат и долговечен македонски политичар е Ангел Чемерски, кој ќе застане на чело на партијата во 1969 година и ќе ја раководи цели 13 години. Ова е период на забрзан економски развој, засилена индустријализација и раст на стандардот во југословенската федерација.

Без разлика што во позадина се враќаат кадрите од крајот на војната, нивните методи сепак се демократизирани во споредба со она што се случувало во 50-тите години.

После Чемерски, следуваат уште тројца познати раководители на СКМ: Крсте Марковски, Милан Панчевски и Јаков Лазороски, луѓе кои без исклучок продолжиле да го почитуваат авторитетот на Колишевски.

Веројатно и во тој период постоеле политички борби и заткулисни игри, но не биле толку интензивни и интересни за јавноста како што биле судирите Колишевски-Шарло или Црвенкоски-Колишевски.

И така овој период на релативен политички мир ќе трае се до 1990 година, кога потребите и поделбите низ Југославија ќе бидат пресликани и во Сојузот на комунистите на Македонија и конкретно персонализирани во ликот на Петар Гошев, кој од денешна перспектива навистина претставува голем реформатор на партијата од каде почнува и приказната за СДСМ.

ЦРВЕНКОВСКИ И ГЛИГОРОВ

Нам, кои сме растеле во деведесеттите години, ни делувало дека политичките партии се непобедливи, а лидерите непогрешливи.

Подеднакво таква беше претставата и за Љупчо Георгиевски од ВМРО-ДПМНЕ, но особено за Бранко Црвенковски, кој де факто во континуитет остана во чело на СДСМ се до 2014 година.

Ако се знае дека неговата политичка кариера почнало уште пред 1990, тоа е навистина долг период за еден македонски политичар.

Но сепак, никогаш работите не биле така монолитни, особено ако се гледа од историска дистанца.

Па така, самото доаѓање на Црвенковски на чело на партијата е проследено со значителни концепциски несогласувања со дотогашниот лидер Гошев, кој во најтурбулентните години од распадот на Југославија стекнува огромна лична популарност со своите принципиелни политики кои веројатно донекаде му штетеле на СДСМ, бидејќи биле пред своето време.

Црвенковски, од друга страна, е многу поприземен политичар кој е спремен да го прифати менторство на Киро Глигоров, и во таква двојна комбинација успешно го раководи СДСМ се до првиот пораз во 1998 година.

Не постојат запишани историски факти како Црвенковски успеа и покрај изборен пораз да преживее на лидерското столче, но тоа го прави единствен во долгата историја на партијата на кого му пошло од рака.

Оваа довербата ќе ја оправда веќе на следните парламентарни избори, кога инаку ќе однесе голема победа од преку петстотини илјади гласа.

Ефектот од оваа победа е толку голем, што многумина би рекле дека тој и после оставката од челното место на СДСМ во 2004 година како претседател на државата раководи и со партијата.

Но, оние кои го паметат добро ова време ќе се сетат дека Владо Бучковски претендираше да го намали влијанието на неговиот претходник и да ги истисне неговите кадри целосно од раководството.

Бучковски дури се обиде да ја задржи лидерската позиција и после поразот на парламентарните избори во 2006 година, што апсолутно не му појде од рака бидејќи Радмила Шекеринска беше избрана за лидер во наредните две години.

Теоретичарите на заговор ќе речат дека лично Црвенковски учествувал отцепувањето на НСДП како партија, чин кој е пресуден во изборниот пораз 2006 и заминувањето на Бучковски.

Исто така, владее мислење и дека огромниот изборен пораз на Шекеринска во 2008 година не е случаен и е само припрема на теренот за повторното враќање на Црвенковски на чело на партијата во 2009.

Сепак, историчарите во иднина ќе имаат проблем да ги докажат овие тези и теории бидејќи секако не постојат пишани доказни.

На современиците од тоа време секогаш ќе треба да им се верува само со резерва бидејќи секој од нив бил припадник на еден или друг друга групација во рамки на партијата.

Иронија на судбината е дека луѓето на Црвенковски го обвинуваа дури и Зоран Заев дека направи слична саботажа на локалните избори во 2013 година, кога СДСМ се обиде да реализира бојкот, но породи внатрешно неединство мораа да излезат на локалните избори за кои знаеја дека катастрофално ќе изгубат.

Токму тоа беше пресудно за конечното повлекување на Црвенковски и доаѓањето на Заев на чело на СДСМ.

По кратките и неуспешни периоди со Бучковски и Шекеринска и после големата победа на локалните избори во 2018 година, многумина сметаат дека во Заев ќе го добијат новиот Црвенковски кој ќе владее со партијата барем три или четири последователни мандати.

Но, очигледно домашниот есап не излегува секогаш на пазар, бидејќи токму од тие во чие име се бореше, а може да се каже и крвавеше Заев (секако  се мисли на ЕУ) не го испорачаа ветеното и ја оставија СДСМ на цедило сама да се справува со напливот од незадоволство.

Токму тоа, комбинирано со нови дворски игри повторно од старите кадри, резултираше со катастрофалниот изборен пораз на локалните избори 2022 година и беше причина за повторно ротација на челното столче на Бихачка, кога изненадувачки партијата ја презеде Димитар Ковачевски, секако со помош на претходникот Заев.

 

ЛОШАТА КРВ НА ЛИДЕРСКИТЕ КОНФЛИКТИ НЕМА ДА ЗАСТАНЕ

Како што може да забележиме, низ целата историја на македонските комунисти и СДСМ како нивни наследник борбите за политичка моќ, особено во делот на претседателското место, се проткаени со заткулисни игри кои неретко се на штета на самата партија.

Оттука, констатацијата на Димитар Ковачевски по изборниот пораз дека СДСМ ударот во најголем дел го доживеал однатре не е толку далеку од вистината.

Разликата во однос на изминатиот период е во тоа што никогаш досега самото постоење на партијата не било во доведено во прашање.

Сега, за жал, не само на партиските членови, туку и за жал на демократијата, во Македонија постои реална опасност дека оваа организација, која преку Народноослободителната борба и независноста на Македонија во 1991 е најдиректно вклучено во историските процеси, може замре.

Поврзани новости