(АРХИВА) Репортажа на „Фокус“ од „Идризово“: Само 1 доктор, 11 воспитувачи и 60 чувари се грижат за 1.200 затвореници, мирис на влага нечистотија!

by fokus

Репортажата е објавена на 15 ноември 2023 во неделникот „Фокус“ со број 1467

Спектакуларно бегство, ископан тунел, телефони, ножеви и судир меѓу полицијата и затворениците. „Идризово“ важи за еден од најозлогласените затвори, секогаш е во фокусот на вниманието и е дел од сите извештаи. Со децении не се најде решение и не се изгради нов затвор за осудениците на високи затворски казни, но и на доживотен затвор. „Фокус“ беше во затворот и во неговиот затворен дел, место каде што е суштината на проблемот и од каде што извира целото незадоволство. Што видовме на самото место?

Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Затворот е олицетворение на државата. Каква држава – такви затвори. Ова беше главниот коментар на оние кои секојдневието го поминуваат заедно со затворениците во најголемиот и најозлогласениот затвор во земјава – затворот „Идризово“.

Дождливиот и тмурен ден само ја надополни сликата на старото огромно здание, чиј главен заштитен знак е распаднатата караула на високата бетонска ограда од каде што еден полицаец од високо набљудува што се случува.

Незадоволството на вработените и сликата што за нив се шири во јавноста можевме да ја почувствуваме уште на пријавницата, каде што уредно ги дадовме нашите лични карти, а таму веќе беше подготвено одобрението за репортажа што го добивме од Управата за извршување санкции.

– Што, за нас ли ќе правите репортажа – нѐ праша иронично вработениот.

Добивме „пас“ за да влеземе, но ни беше наредено да ги оставиме телефоните.

Во институцијата каде што полицијата во секоја акција запленува десетици телефони, не смеевме да внесеме телефон, кој секако ни беше потребен за работа.

Административната зграда, која е на почетокот на целиот комплекс и каде што е сместен директорот и другите вработени во администрацијата, воопшто не го навестува хоророт во една од зградите. Изгледа пристојно и чисто, а била реконструирана во 2018 година.

Таму нѐ пречека директорот Зоран Јовановски, кој беше именуван на функцијата во март оваа година, односно пред осум месеци, откако беше разрешен Шпенд Тахири.

Претходниот директор беше кадар на Алтернатива, поранешниот коалициски партнер на СДСМ, а беше разрешен откако партијата излезе од владата.

Тој не понесе одговорност за ниту еден скандал во затворот додека беше директор, а се палеа автомобили на вработени, избега затвореник и беше откриен тунел за бегство. Именувањето на Јовановски го соопшти премиерот Димитар Ковачевски.

За нов директор на затворот, на мој предлог е именуван генерал-мајор Зоран Јовановски. Тој има богата професионална кариера, пред сè, во МВР. Во текот на својата професионална кариера поминал обуки во полициска академија во Луизијана, потоа обуки во Германија, во САД, Северна Ирска, Турција, Англија. Тој е врвен професионалец – рече Ковачевски.

Откако седна на директорското столче, Јовановски неколкупати се појави во медиумите каде што зборуваше за лошата состојба што ја затекнал. Не беше воодушевен ниту кога појдовме. Првото нешто што го кажа беше дека буџетот за „Идризово“ за 2024 година е намален за 15 отсто.

ПО 90 ДЕНАРИ ОД ЗАТВОРЕНИК

– Со овој буџет имаме само по 90 денари за затвореник. А, знаете за колку е зголемена потрошувачката кошничка за просечно семејство? За 40 проценти – објаснува директорот за да долови дека тука треба невозможното, возможно да го направи.

Веднаш прави споредба со другите европски држави, каде што од целиот буџет на државата за затворите се издвојувало по 0,1 процент. Како сѐ уште да беше затекнат од намалувањето на и онака нискиот буџет.

– Ние сме краен корисник, буџетот се определува за Управата за извршување санкции, ние сме корисници од втор ред, а сепак нѐ сметаат за буџетари – вели Јовановски.

Не ја криеше лошата состојба во затворот, но сакаше да испрати порака дека прави сѐ за да се подобри состојбата, иако нема доволно пари.

– Сите добиваат пари од странците на наш грб и само критикуваат – вели тој, алудирајќи на невладините организации, кои ја анализираат состојбата во затворите.

Го прашав даваат ли некаква помош странците тука?

– Даваат нешто – одговори кратко.

Низ разговорот се откри дека САД донирале детектори за телефони, ама глувче го изгризало кабелот, па морало да се поправа. Нѐ подготви и на она што нѐ очекуваше внатре, особено во зградата позади огромните ѕидини.

Зеде неколку папки за пластично да ја долови организацијата на затворот и главниот проблем.

Во целиот комплекс на затворот, кој зафаќа огромна површина, на левата страна се наоѓа женското одделение, на средина е затворениот дел, а на десната страна, гледајќи од пријавницата во затворот, се полуотворениот и отворениот дел.

Во сите три одделенија се сместени вкупно 1.200 затвореници, а најголемиот проблем е во затворениот дел.

Тука во овој затвор се сместуваат лицата што извршиле тешки кривични дела, со високи затворски казни и доживотни. Овие лица тешко преминуваат, односно тешко ги исполнуваат условите од затвореното одделение да преминат во полуотвореното и во отвореното одделение.

И тука се создава проблемот. Тие лица мора да бидат сместени во затворениот дел и таму нема простор. Не е проблем до креветите, просторот е проблем – вели Јовановски.

Дополнително, пред извесно време беа затворени две крила во затворот оти тие крила не исполнувале услови, па сега се сместени во крила што повторно не ги исполнуваат условите.

Па така, во едно крило во затвореното одделение престојуваат и по 70, 80 затвореници. Како што објаснува директорот, за оние што нема простор во собите каде што има кревети и на четири ката, сместени се во делот за дневен престој.

Во една смена има по 60 затворски чувари, па така сите 1.200 осуденици во една смена ги пазат само 60 луѓе, односно еден чувар треба да се грижи за 20.

Но, Јовановски е оптимист дека ќе го пополни недостигот од вработени. Има вкупно 200 вработени, а потребни се 300.

Сега распишавме конкурс за вработување, бараме 20 со високо и 10 со средно образование. Има одѕив. Платата е околу 500 евра – вели Јовановски.

Освен парите, на новиот директор очигледно му било предизвик и да стави некаков ред во затворот. Не споменувајќи го името на својот претходник, само кажа дека кога дошол на функцијата, 50 затвореници биле надвор.

АМНЕСТИЈАТА Е КАМПАЊСКО РЕШЕНИЕ

Не верувајќи, прашав како надвор?

Па така надвор, требало да бидат во затвор, а биле надвор. Сега сите се тука. А во Кривичниот законик нема кривично дело бегство. Па, ако некој избега од затвор, само го враќаат и толку, не може да одговара – вели Јовановски, кажувајќи ги апсурдите со кои се соочува секојдневно.

Сето ова го кажува со блага насмевка, како да сака да порача дека тука воопшто не е лесно да се биде ниту директор, ниту вработен, а уште помалку затвореник.

Пред извесно време, во затворот беше и министерот за правда, Кренар Лога. Се сретна и со управата и со затворениците, а на пратениците им подели фотографии на кои се гледаат ужасните услови само да го изгласаат законот за амнестија.

Законот предвидуваше од вкупно 2.114 затвореници, целосна амнестија да добијат 286 од нив, а делумна амнестија 996 затвореници. Најголем дел од нив се токму од затворот во Идризово, но овој предлог не помина во Собрание.

Тоа е кампањско решение. Ништо нема да помогне. Тие што ќе бидат амнестирани се или од полуотвореното одделение или, пак, од отвореното одделение. Во затвореното одделение пак нема да се реши проблемот – категоричен е директорот.

А, министерот делеше слики токму од затвореното одделение, се сликаше со затворениците, иако нам како новинари не ни е дозволено да ги сликаме или да земеме нивна изјава без претходна согласност.

Тазе е и извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија, па и тие ги нотираат нехуманите услови во затворот. Но, директорот е задоволен што во извештајот, неговото назначување е нотирано како позитивен чекор.

Нашата маршрута почна од женскиот затвор, одделението каде што се сместени само жени осудени на затворска казна. Сместени се во посебна зграда и немаат контакт со машките затвореници.

Таму нѐ пречекаа две жени што ги чуваат, а вратите зад нас постојано се заклучуваа. Дел од жените беа собрани на купче во заедничкиот ходник.

Гласно зборуваа, а штом видоа еден од претпоставените на чуварите, веднаш се затрчаа да му кажат што маки имаа. Го „затрупаа“ со барања, поплаки и проблеми и продолжија гласно да разговараат и да се препираат.

Жената што цело работно време го поминува со нив, коментираше:

Има една од нив која ги манипулира сите, ги поведува на бунт“.

Жените ги чуваат само жени, додека кај мажите може да има и жени чувари. Иако се жени и треба да чуваат мажи, сепак сведочат дека полесно им е да се разберат со мажите отколку со жените.

Утрински беше раздвижено. Некои седеа сами на страна, а некои беа излезени во дворот каде што ги постилаа своите алиштата на жиците.

МИРИЗБА НА УРИНА И НА ВЛАГА

Најпознатата затвореничка од овој дел, поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, неодамна го напушти затворот. Во нејзината соба е сместена друга затвореничка.

Собата каде што била сместена, на прв поглед изгледаше пристојно. Со нови прозорци, релативно нов под и удобно наместена.

Спроти нејзината соба е собата на поранешната специјална јавна обвинителка, Катица Јанева. Излезе на кратко од собата со насмевка на лицето. Внатре беше со цимерката и кратко само нѐ поздрави.

Во овој дел можеше да се почувствува дека собите ги уредува женска рака. Таму е сместена и една жена осудена на доживотна казна затвор, жената од Дебар, која ги уби таткото, мајката и нејзината сестра.

Чуварите коментираат дека кривичните дела за кои се осудени мажи, ги имаат сторено и жени, иако според репортажата што ја правеше „Фокус“, добар дел од жените ги убиле своите мажи откако долго време биле малтретирани и злоставувани.

Од женското одделение тргнавме кон затворениот дел, каде што се сместени тие што сториле најтешки кривични дела, убиства, тешки кражби и силувања.

Вратата низ која влеговме, стара, железна, ’рѓосана беше вовед во она што следуваше. На влезот нѐ пречекаа еден куп полицајци и веднаш почнаа проверки.

Сѐ што носевме, ставивме да се провери на детектор, дури и ремените на фармерките. Ни ги претресоа детално чантите што ги носевме и отворија во секое џепче.

Но, детекторот беше толку чувствителен, што повторно свиреше, па моравме на дополнителни проверки. Кабли не смееше да се внесуваат.

По деталните проверки, влеговме во пространиот двор и тргнавме кон жолтата стара зграда. Затворениците тогаш се враќаа од прошетка, па огромниот двор беше речиси празен.

Сите се сместени во жолтата зграда на три ката, а пред влезот нѐ пречека гуска. Уште на самиот влез се чувствува миризба на урина, влага и нечистотија.

Осудениците полека се прибираа во ќелиите, но голем дел имаше и по ходниците. Таму го видовме и Алмир Дрпљанин, осуден на доживотна казна затвор за убиството на „алфите“, Африм Арифи.

Си бркаше работа како да не нѐ забележува, а заинтересираност за новинари не покажаа ниту другите затвореници. Како да им беше преку глава да ги покажуваат како бели мечки.

ЛЕБАРКИ И ПОГОЛЕМИ ЖИВОТИНКИ

На приземје имаше една канцеларија, ако може така да се каже, каде што беше сместена затворската полиција. Внатре, како да застанало времето во комунизмот.

Според некои податоци што може да се најдат, затворот е граден во 1960 година, па од тогаш како ништо да не е чепнато таму. Ако во извештаите на народниот правобранител пишува дека имало лебарки и тафтабити, од она што може да се види на прв поглед, таму сигурно има и поголеми животинки.

До собите што се на приземје водат стари и искршени плочки. Влеговме во една од собите, но таа не беше соба само за двајца затвореници, туку како поделен ходник со неколку ќелии.

Имаше како заедничка кујна со едно шпоретче и ќелии колку за еден кревет. Покриени беа со завеси и некакви импровизирани поделби.

Во една од ќелиите беше сместен Тони Денковски, кој е осуден на доживотен затвор за тројното убиство во „Биг Фиш“.

Овој дел важи за еден од подобрите, а нагоре, на другите катови, како што ни објаснија, имало кревети и на четири ката и се бара место плус за да се стави кревет.

Класична затворска кујна нема како на филмовите, туку храната се приготвува во полузатвореното одделение, каде што има кујна, па потоа се дистрибуира во сите делови на затворот.

Затворениците тука го поминуваат најголемиот дел од животот, со оглед на високите или доживотни казни. Во вакви мизерни услови побргу остаруваат, здравјето им е влошено, а има само една докторка.

Таа не сакаше да разговара со новинари, единствено ја сликавме малата амбуланта, каде што работи и каде што ги прегледува пациентите. Но, голем дел од нив завршуваат на клиниките со тешки болести.

ДОЛГОВИ КОН КЛИНИКИТЕ

А таму најчесто затворот мора да плати приватно затоа што државата доцни со парите со месеци, па „Идризово“ сега должи 30 милиони денари само кон клиниките.

Таму се и зависниците на кои постојано треба да им се дели метадонска терапија. Ги има околу 250, а само еден вработен што им дели терапија.

Порано му се давала и некоја поскапа, но веќе била укината бидејќи голем дел од зависниците ја чувале под јазик, а потоа ја продавале.

Спроти оваа зграда порано имаше работилници, пекарница каде што работеа затворениците и се изработуваше мебел.

Во време на поранешниот министер за правда, Михајло Маневски, се правеа обиди ова пак да профункционира, но сега ништо не работи.

Ако затвореникот со ова се ресоцијализираше и се подготвуваше кога ќе излезе да се вклопи во општеството, сега ресоцијализацијата е останата на малкуте воспитувачи. Затоа голем број од нив се враќаат назад.

На излегување од овој дел, еден од затворениците седеше на бетонско ѕитче. Беше среќен што следниот ден излегува на слобода.

– Ама немој пак да се вратиш овде – му рече еден од вработените.

– Не, доста беа 12 години тука – рече затвореникот, иако вработениот беше сосема сигурен дека за кратко време ќе се врати.

Таму не се врати Бојан Јовановски познат како Боки 13, кој повеќе од седум месеци е во болница.

Во оваа мизерија никој не сака да живее, но единствено што може да се „научи“ позади ѕидините е снајдување кој како знае и умее. Со поткуп, измами и моќта на посилниот и оној кој ги знае „правилата“ таму.

Самата посета е тешка и мачна, а којзнае како е да мораш да се помириш дека целиот живот ќе го поминеш, не да живееш, туку да преживееш.

Подалеку од овој дел се наоѓаат полуотворениот и отворениот дел, кои беа изградени и пуштени во употреба во 2018 година.

Во отвореното одделение може да се сместат 294 осудени лица на површина од 3.800 квадратни метри, а во полуотворено одделение 252 осудени лица.

Ќелиите за сместување на четири осудени лица, со бања, се многу подобри за разлика во затвореното одделение.

СО ГОДИНИ СЕ ГРАДИ НОВ ЗАТВОР

При изградбата имало и работилници, сали за фитнес, ќелии за лица со посебни потреби, шеталишта и игралишта, а беа изградени и гаражи и работилници во кои требаше да работат затворениците.

Но, и овие работилници не функционираат. Во нив никој не работи. Околу затворот можеше да се забележат лица со качулки.

Тие, всушност, беа специјалци од Министерството за внатрешни работи, кои заедно со припадници на Армијата, помагаат во обезбедувањето на затворот, но само надвор од затворот.

Ваква одлука беше донесена откако беше прогласена кризна состојба поради недоволниот број чувари. За нова затворска зграда, која се чини дека е единствено решение за пренатрупаноста, се зборува од 2004 година.

Последно, министерот Лога рече дека се очекува во ноември да биде распишан и тендерот, најавен уште во 2004 година, за нова затворска зграда во „Идризово“.

Одобрение за градба имаме, веќе нема пречка тендерот да се распише и за 6-9 месеци веќе можеме да градиме. Во меѓувреме, имаме побарано и грантови – рече Лога.

Новата затворска зграда би била на 15 илјади квадратни метри, а планираниот рок за изградба е 4,5 години. Во новата затворска зграда би имало места за 900 осуденици.

Ветувањата кај нас тешко се исполнуваат. Па, дотогаш, исто како и надвор. На нашето прашање дали заврши штрајкот, со глад во полуотвореното одделение, кој ги организира затворениците на штрајк, директорот одговори:

Исто како и надвор. Како што има надвор криминални групи, така и внатре. Зашто каква е државата, таков е и затворот“.

Поврзани новости