Текстот е објавен на 2 октомври, 2014 година, во неделникот „Фокус“ во бројот 991
Пишува: Ирена МУЛАЧКА
Вработените во државниот и приватниот сектор во Грција пред неколку месеци излегоа на генерален штрајк против новите мерки за штедење. Штрајкот беше организиран од двата најголеми синдикати ГСЕЕ и АДЕДИ, кои со заеднички сили се бореа за работничките права. На нозе се крена целата администрација, а во прекин беше и дел од транспортот.
Во штрајкот учествуваа и лекарите и медицинските сестри, така што болниците работеа само со неопходен персонал, а затворени останаа и аптеките. Во тој период, на работа не се појавија ниту наставниците, вработените во затворите и судиите. Авиодиспечерите, исто така, ја прекинаа својата работа, а парализирано беше и движењето на меѓуградските возови, тролејбусите и фериботите.
Ваква беше сликата од последниот генерален штрајк во Грција, каде што луѓето масовно излегуваа на улиците. Едноставно, штрајковите и протестите се во грчките гени. За Грците е нормално да излезат на улица и да протестираат – дали за платите, дали за храната, дали за студирањето, сеедно.
За разлика од нив, Македонија не може да се пофали со силно синдикално движење, а камоли со генерален штрајк на кој излегле професори, наставници, лекари, администрација, судии, чувари…и заеднички се бореле за своите права. Тоа е мислена именка. Дополнителен проблем во целата приказна се и меѓусебните препукувања меѓу синдикатите. Се обвинуваат дека се привезоци на партиите, дека работат само за свои интереси.
Во последните осум години, додека „вмровците“ владеат со државата организирани се само два генерални штрајка. Едниот од страна на СОНК во 2007 година, под диригентска палка на Дојчин Цветановски и другиот после пет години, во 2012 година од страна на Самостојниот синдикат на скопскиот Kлинички центар под водство на очниот хирург Дејан Ставриќ. И, мораме да нагласиме, дека пред неколку денови требаше да почне и генералниот штрајк, повторно на СОНК, кој беше скршен, уште не почнат!
ШТРАЈКОТ НА СОНК ЗАВРШИ, УШТЕ НЕ ПОЧНАТ
„И да удирате, НИЕ ќе стоиме ИСПРАВЕНИ и одиме понатаму…“Ваков беше слоганот за генералниот штрајк на просветарите кој требаше да почне на 29 септември, со што околу 30.000 членови требаше да го искажат своето незадоволство од владините реформи.
Но, што се случи? Штрајкот уште не почнат, беше задушен. Се преземаа сите можни механизми за огромното незадоволство на професорите и наставниците да нѐ се излее на улиците. Се користеа добро познатите стари методи, но се воспоставија и нови, досега не познати во јавноста. Но, како и да е, се знае точната адреса – од каде почнува целата стратегија на задушување на штрајковите?
Но, да почнеме по ред. Раковдството на СОНК на чело со првиот синдикалец Јаким Неделков пред три недели го најави генералниот штрајк и ја официјализираше датата. Од тогаш, како што тврдеше тој, почнаа притисоците и заканите врз дел од членството. Според него, најпрвин се почнало со правење списоци во училиштата, кој ќе оди на штрајк, се повикувале просветарите на разговори кај директорите и добивале закани дека можат да останат без работа, ако се приклучат на штрајкот.
Сепак, тоа не е се. Како што дознава „Фокус“, голема работа завршиле помладите професори и наставници кои во последните неколку години биле примени со партиски книшки од владејачката партија. Тоа го докажуваат и последните случувања во охридскиот огранок на СОНК. Таму, педесетина професори излегоа на протест за да го изразат својот револт против најавениот штрајк. Како по традиција, тие не зборуваа од душа, туку за револтот читаат од лист хартија напишан од некој трет.
На ова остро реагираше Жаклина Лазареска, професорка во охридската гимназија, која тврдеше дека протестантите се новопримени професори од владејачката партија.
– Треба да се засрамат, тие кои го организираа овој протест. Ги натерале, одете соберете се и правете се дека подржувате некого, а самите не знаат кој е тој. Сите “членови“ на СОНК кои протестираа се новопримените од владејачката партија на местото на оние 60-тина, кои пред две години беа отпуштени од работа.Тие воопшто не се членови на синдикатот – истакна веднаш после протестот, Лазареска.
Како што се наближуваше генералниот штрајк, така катадневно никнуваа нови „синдикалци“ од другите градови на земјава кои му свртеа грб на СОНК и бараа проблемите да се решат преку социјален дијалог. Како научена стихотворба, сите го повторуваа истото „ да се седне на заедничка маса со Владата и на тој начин да се решат проблемите“. Со истите ставови излегоа синдикалните ограноци од Штип, Кичево, Кавадарци, со што слободно можеме да се запрашаме – дали притисоците си го направија своето, па просветарите предвреме се откажаа од битката?
Во пресрет на генералниот штрајк, професорите и наставниците се соочија со уште еден удар. Собранието по скратена постапка ги изгласа измените и дополнувањата во законот за основно и средно образование, каде што во периодот додека трае штрајкот, дел од нив ќе бидат заменети со резервни професори и наставници. Ваквиот метод на власта, досега непознат, дополнително ги поколеба просветарите, кои подоцна му подлегнаа на притисокот, подобро да трпат и да молчат, отколку да останат без работа.
СИНДИКАЛЦИ СО ПАРТИСКА АГЕНДА
Најголемиот пропаст што може да го доживее една држава е да се задуши правото, да се каже она што се мисли. Според нашите искуства, на Македонија тоа и се случува многу често, а се случи и со најавениот генерален штрајк на просветарите, протестот на матичните лекари и вработените во Јавното сообраќајно претпријатие. За само една недела, три штрајка беа ставени во мирување, а проблемите ќе се решавале преку социјален дијалог, на маса.
Според досегашната пракса, сите знаеме, како завршуваа преговорите со скоро сите министри, кои очи во очи со синдикалците ги „решаваа“ проблемите. Поминуваат месеци во преговарање, се губат часови и часови во министерствата, се закажуваат и откажуваат средби, новинарите го чекаат исходот надвор и на крај – ништо од преговорите.
Проблемите остануваат, незадоволството се таложи и пак се договара наредна средба, која би требало конечно да ги закопа воените секири. И, се така во недоглед….
Во случајот со просветните работници, пред да стигне поканата од МОН за средба со раководството на СОНК, грб им свртеа и синдикалните лидери на пожарникарите, земјоделците, комуналните работници кои се дел од Конфедерацијата на слободни синдикати.
Тие едногласно го повторија добро познатиот став на Владата, дека доколку се одржи штрајкот, учениците ќе бидат заложници на личните амбиции на одреден круг луѓе, кои сакаат повторно да ги задржат своите функции.
Но, кои се всушност лидерите на овие гранковни синдикати, дали се членови на некоја партија, со која цел излегоа, кога немаат никаква допирна точка со образованието?
„Фокус“ се занимаваше со оваа тема и дојдовме до интересни информации, за кои сме сигурни дека не и се познати на јавноста.
Од тој аспект, Лидија Карастојанова – Андова, прва синдикалка на земјоделците при КСС, која неколку минути на прес – конференцијата објаснуваше за личните амбиции на раководството на СОНК, истовремено е и претседател на Форумот на жени од ГРОМ при општинската организација во Велес.
Со само еден клик на интернет, може да се најде нејзиното име и презиме во раководните органи на партијата на Стевче Јакимовски. Фокус“ ја контактираше Андова, за да ја прашаме – зошто не го подржа штрајкот на просветарите и дали е партиски определена? Таа само кратко одговори:
– Сите осум – девет грански синдикати не дадоа поддршка на генералниот штрајк и мислам дека тогаш кажавме зошто. Нема потреба да се повторуваме. А, вие се јавивте да ме прашате која партија сум. Тоа ли ве интересираше. Затоа ли се јавивте. Што не го прашате Неделков, која партија е? Соогласно Уставот никаде не е забрането да бидеш партиски активен и да бидеш синдикалец – истакна Андова.
Со слична партиска биографија позади себе е и нејзиниот колега Зоран Антовски, предводник на Синдикатот на комуналните работници, Доволно е само да се отвори веб- страната на општина Кисела Вода и да се видат неговите политички ангажмани. Антовски бил претседател на Советот на оваа скопска општина, а истовремено и советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кога градоначалник бил Џорџе Арсов. Според нашите информации, неговиот брат моментално е советник во истата општина за време на мандатот на Билјана Беличанец.
Го побаравме Антовски да ни одговори на прашањето – зошто синдикатот што го предводи тој, не го подржа штрајкот на СОНК?
– Тоа веќе го кажавме на прес-конференција. Немам намера да се повторувам – рече Антовски.
Но, кога го прашавме, дали бил советник од ВМРО-ДПМНЕ, тој налутено ни ја спушти слушалката. Не успеја нашите повторни обиди да го добиеме.
Во целата приказна со штрајкот на просветните работници, не изостанаа и дел од родителите, кои неколку пати нагласија дека сакаат нивните деца да учат, па баш од тие причини не го подржуваат штрајкот. За сите провладини медиуми, исти изјави дадоа истите родители. Па, може е и тоа случајно, како и се досега.
МЕТОДИ ЗА ДИСКРЕДИТАЦИЈА НА СИНДИКАЛНИТЕ ЛИДЕРИ
Меѓу познатите методи за време на штрајк, кои се применуваат во последните осум години е и личното дискредитирање, а ова особено важи за лидерот што го предводи штрајкот и за неговите поблиски „соработници“. Се оди по некоја одредена шема.
Најпрвин, првиот синдикалец се спружува на насловна страна или со него почнуваат вестите на провладините телевизии, потоа се вади сиот „валкан веш“ – со колкаво богатство располага, во каков луксуз живее, каков автомобил вози, каде си ги вработил сопругата и децата, и по правило добива политичка етикета – дека е близок до опозицијата.
На последниот генерален штрајк на СОНК, во 2007 година на мета се најде лидерот на синдикалците, Дојчин Цветановски. Тој во јавноста беше преставен како себична и алчна марионетка на политичките режими, кому му е најважна фотелјата, кој живее во палати, со обновен возен парк, што прави гламурозни свадби на своите деца во скапи хотели и синдикален лидер кој сака да ја дестабилизра Владата на Никола Груевски. Вакви приказни се правеа со денови.
Цветановски во тој период, во интервју за „Фокус“ ги демантираше сите овие работи, при што поднесе детална слика за неговиот приватен живот – што поседува, каде живее, каде им правел свадба на децата, па дури во детали го објасни и возниот парк, во кој како што тврдеше има „фиат пунто“ од 1995 година, потоа косилка, количка за бетон и два стари велосипеди.
Ништо поразлично не помина и генералниот штрајк пред две години на околу 1.200 лекари – специјалисти. На само неколку недели од почетокот на штрајкот, почна личната дискредитација на дел од лекарите.
Во своите „истражувачки“ текстови, провладините медиуми ни ја „открија“ имотната состојба на лекарите, кои според нив, располагаат со куќи и станови на најатрактивните локации, како и со скапи џипови, автомобили и недвижности. Се појавија дури и фотографии, адреси на улици, марки на коли, па дури авторите на текстовите, се чудеа како може лекарите да се бунат за поголеми плати, кога располагаат со толкаво богатство.
Прв на мета се најде абдоменалниот хирург Милчо Пановски, кој со години жестоко ги критикува лошите состојби во јавното здравство. За него, по кратка постапка беше „откриено“ дека има куќа на Водно, вози „нисам терано“, а поседувал и еден поефтин џип, „лада нива“. Сето, тоа беше документирано и поткрепено со фотографии, за да се покаже – колку штрајкувачите се богати и немаат никаква потреба да го изразуваат своето незадволство?
Но, освен него, на листа за лична дискредитација беше поставен и пулмологот Дејан Докиќ. За него, провладините медиуми „открија“ дека поседува стан од 99 метри квадратни во населбата Капиштец и дека вози „мерцедез бенз“ од 2008 година. Но, тука не застана работата.Во истиот кош се најде и гинекологот Марјан Стојовски, за кој тврдеа дека поседува куќа во Ѓорче Петров, а вози „пежо 407“ и „бмв х5“ од 2006 година. Па, зарем овие луѓе не треба да имаат свои куќи и автомобили?
На крај текстот завршува со коментар, во кој колегите се прашуваат – зошто докторите штрајкуваат, кога воопшто не им дошло до оние 3.000 денари, кои би ги загубиле од плата, доколку не сработат доволно.
Оттука се поставува прашањето – зарем луѓето не смеат да го изразат своето незадоволство од ниските плати, лошите услови во кои работат…, ако поседуваат „луксузни“ куќи и автомобили? Дали во тој случај, тие немаат право на штрајк, што им е загарантирано со Устав?
ПРЕКУ ДЕН СИНДИКАЛЦИ, ВЕЧЕР ВРВНИ ВМРОВЦИ
Пред две години, на генерален штрајк излегоа околу 1.200 лекари – специјалисти кои не беа задоволни од проектот плаќање по успешност што им го наметна министерот за здравство Никола Тодоров. Предводник на тој штрајк, кој траеше повеќе од 50 дена беше очниот хирург Дејан Ставриќ. Тој скоро секој ден даваше жестоки изјави и се спротиставуваше на здравствените реформи, кои удираа по грбот на лекарите.
За целото време, штрајкот го следеа многубројни притисоци, закани врз докторите, секојдневно никнуваа нови синдикати кои беа против штрајкот, но сакаа преговори со министерството за здравство.
И, во тој период, штрајкот уште не почнат се соочи со судска забрана од страна на Тодоров, која беше експресно донесена за три дена. Но, лекарите не попуштија. Тие закажаа нова дата за генерален штрајк. Се собираа секојдневно пред ресорното министерство, а излегоа на протест и пред Владата. Во прво време, белите мантили не беа видливи за министерот, за подоцна да добијат политичка етикета дека се организирани од опозицијата.
Како и во случајот со последните случувања во СОНК, против штрајкот на лекарите, а за преговори беше и Гранковиот синдикат, предводен од стоматологот Љубиша Каранфиловски, кој истовремено е член на Управниот одбор во Фондот за здравство.
Додека дел од лекарите штрајкуваа, нивните колеги држеа прес-конференции обвинувајќи ги дека имаат политички и лични амбиции. Во меѓувреме се формираше и синдикатот „Мајка Тереза“, кој исто така, беше против штрајкот на лекарите, а од кој подоцна излегоа повеќе дирекори на клиники. Што е уште почудно, во тој период се појави уште еден синдикат од Здравствен дом „Скопје“, кој воопшто не беше засегнат од плаќањето по учинок. Тие јавно кажаа дека не го подржуваат штрајкот. Првата синдикалка Јасмина Дамческа, истовремено беше претседателка на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ во општина Аеродром, а сега е пратеничка во Собранието од редовите на истата партија.
Како што поминуваа деновите, и овој штрајк не помина без контраштрајк. Додека лекарите протестираа пред Влада, нивните директори протестираа пред ресорното министерство. Тие му дадоа целосна поддршка на проектот плаќање по успешност. Еден од организаторите на контраштрајкот беше доктор Андон Чибишев, прв човек на Клиниката за токсикологија, кој седна на пратеничкото столче од редовите на владејачката партија. Тој заедно со Аспазија Софијанова, директорка на Детска клиника покренаа иницијатива за поддршка на Ѓорѓе Иванов за втор претседателски мандат. На контрапротестот беше присутен и директорот на Нефрологија, доктор Александар Шиколе, кој за време на изборната кампања учествуваше во пропагандниот спот за поддршка на Иванов.
Но, тука не завршува се. Во бел мантил пред министерството за здравство се појави и поранешната пратеничка на ДПМНЕ, Марија Андонова, а сегашна советничка во Град Скопје. Таа е позната како една од најактивните пратенички на партијата на власт, која жестоко ги бранеше реформите во здравството.
По 50 дена, штрајкот беше задушен, а година подоцна Ставриќ беше уапсен за земање мито за инвалидска пензија. Дали е тоа, благодарение на синдикалното лидерство или не, ќе покаже времето.
Како и да е, на народот во Македонија му се случува „народ“. Едни се борат за своите права, други за партиските интереси. Секој со својата стратегија. Но, едно е сигурно, на повеќето од луѓето им е подобро да си седат во своите удобни фотељи пред телевизорот, да пишуваат на фејсбук и од таму да се борат за своите права. А, тие, пак што ќе излезат можат да останат и без работа. И, двата случаи и одат во прилог на Владата.
Рамка:
ПРЕТСЕДАТЕЛИ НА СИНДИКАТИ, ЧЛЕНОВИ НА УПРАВНИ ОДБОРИ
Претседателот на Сојузот на синдикати, Живко Митревски, е член на Управниот одбор на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување. Таму друштво му прави и првиот човек на Здружението на пензионери, Драги Аргировски. И првиот и вториот се покажаа како конструктивен партнер на Владата, со која се договараа наместо да водат битки.