Текстот е објавен на 15 мај 2024 година во неделникот „Фокус“ со број 1493
Министерот за правда, Кренар Лога во техничката влада испратил писмо до дел од амбасадорите во земјава, но и до официјален Брисел и Вашингтон во кое ја изразил својата загриженост за најавата на ВМРО-ДПМНЕ дека ќе ги распушти Судскиот совет и Советот на јавни обвинители. Според него, тоа ќе значи пресликување на состојбите и проблемите пред 2017 година, коишто неспорно создадоа заробена држава, констатирано во повеќебројни извештаи од меѓународните организации. „Фокус“ пишуваше за најавите на партијата што освои најмногу гласови на изборите и чиј претседател Христијан Мицкоски ќе биде мандатар. Експертската јавност е децидна дека не постојат правни механизми за распуштање на Советите и секој обид за укинување на мандатите на членовите преку посебни законски измени ќе отстапи од Уставот и ќе создаде опасен правен преседан. Судскиот совет порачува дека судството не е марионета на политичарите, додека Советот на јавни обвинители си молчи!
Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ
Партијата за која јавноста пред години слушаше како избирала партиски судии, кои беа дел од тефтерчето на поранешната министерка Гордана Јанкулоска, сега ќе го ослободува судството од стегите на извршната власт и ќе спроведува политики за расчистување со судирот на интереси во правосудството, присутниот непотизам, партизација и кронизам.
Телефонските разговори што ги објавуваше тогашниот опозициски СДСМ покажаа дека додека Александра Зафировска беше на чело на Судскиот совет, ширум ја отворила вратата за политички влијанија и ѝ овозможила на тогашната владејачка партија целосно да ги контролира институциите на судскиот систем.
Партијата нарачувала и договарала избори на судии, директно интервенирала во носење судски одлуки, корупција, реваншизам и, со еден збор, ги политизирала сите сегменти на судската власт.
Зафировска го известувала и го консултирала тогашниот премиерНикола Груевски при носењето на најзначајните одлуки на Судскиот совет и тој имал клучна улога при изборот на судии и стручни соработници.
Таа, заедно со Груевски, тогашниот министер за правда,Блерим Беџети, поранешната министерка за внатрешни работи и првиот човек на УБК, Сашо Мијалков, одлучувале заедно за избор на „подобни“ судии и за разрешување на „неподобни“ судии, а стручните соработници ги избирале според партиски списоци.
На поранешната судијка во Кривичниот суд, Софија Лаличиќ, пак, Мијалков ѝ ветил дека ќе биде избрана за судијка, една година претходно. Во нејзиниот избор биле вмешани одредени членови на Судскиот совет, високи функционери од извршната и од судската власт, а клучна улога одиграл Мијалков.
Судијката од Вишиот управен суд, Светлана Костова, пак, два-три месеци по стапувањето на функција во судот, била судијка, но работела и во УБК. Таму организирала состаноци и во исто време судела.
Одговорност пред Судскиот совет за овие судии никогаш немале бидејќи рокот за одговорност бил поминат. Единствено беше разрешена Лаличиќ, но за минорна работа, оти казнила адвокат кој пишувал за навреди на Фејсбук.
Голем дел од имињата на судиите што се споменуваа во тие телефонски разговори останаа да си судат.
„НЕКА МИ СЕ ЈАВАТ АКО НЕКОЈ ИМ КАЖУВА“
Сите идни состави на Судскиот совет, но и Советот на јавни обвинители, додека СДСМ беше на власт, ги следеа контроверзии и скандали. Довербата паѓаше, па од 4 отсто, стигна на ниво на статистичка грешка.
Сега кога ВМРО се враќа на власт во својата изборна програма „Платформа 1198“,во делот „Фронт против корупцијата“ најавува распуштање на сегашниот состав на Судскиот совет, но и на Советот на јавни обвинители.
И во своите јавни настапи, партискиот лидерХристијан Мицкоски, кој ќе биде иден мандатар, е дециден дека овие две тела го изгубиле кредибилитетот и дека ќе бидат распуштени.
Намерата на ВМРО-ДПМНЕ е да се распушти сегашниот состав на Судскиот совет и сите 13 члена на ова тело да ги избираат судиите, образложуваше Мицкоски во дел од своите јавни гостувања. Дел од измените што ги предлагаат се и фиксен буџет за ова тело.
– Сами нека си изберат тринаесет и ќе им кажеме – имате буџет толкав процент од БДП. Ќе си има собраниска комисија што ќе прави ‘оверсајт’ на работењето. Во таа комисија ќе има претставници и од власта, и од опозицијата. И ќе вршиме ‘оверсајт’ на работата на тоа тело. Немам намера да се мешам – тврдеше Мицкоски.
Ако судиите имале притисоци, Мицкоски ги посоветува да му се јават на телефон.
– Ако тие дозволат таков тип на мешање во нивната одлука, тогаш тие се незрели луѓе. Еве јавно велам, ако бидам јас иден прв човек на владата, секој го има мојот број, ве молам – јавете ми се и кажете дали некој ве советува или некој ви кажува. Но, немојте да исклучите и друг тип центри на моќ, не се само партиите. Има и други центри на моќ, кои, исто така, сакаат да имаат влијание во овие тела – рече Мицкоски.
За време на кампањата имаше и една теза дека ветувањето за разрешување не се однесува на мнозинството од осум членови, кои сами си ги избираат судиите, туку на петте члена што ги избира Собранието.
Но, тоа е според законските основи што постојат сега, па така овие членови ќе бидат примарен фокус, а следните најверојатно ќе дојдат потоа на ред по некакви нови законски измени.
„Фокус“ побара дообјаснување од партијата, но во одговорот не прецизираат во каква правна процедура ќе се сменуваат сегашните членови.
„Распуштањето на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители е резултат на огромното политичко влијание што се остваруваше во претходниот период, што резултираше со супер ниско ниво на доверба во правосудниот систем и хроничен недостиг од правда.
Изборот на новите членови ќе се изврши преку законски измени, а ќе биде направен од самите судии, оставајќи ја политиката надвор од судскиот систем“, објаснија од партијата за „Фокус“.
Во програмата се предвидуваат законски измени, според кои, ќе се утврдат строги и објективно мерливи критериуми, кои треба да ги исполнат новите членови, избрани на предлог на Собранието и на претседателот на државата.
ИЗМЕНИ НА СИТЕ ЗАКОНИ
„Постапката ќе биде транспарентна и јавна, со што ќе се гарантира интегритетот и квалитетот на избраните кандидати. Од предложените кандидати ќе се бара да имаат програма за работа со точно утврдени индикатори за успешност.
Во врска со внатрешните процедури за одлучување во Судскиот совет, ќе утврдиме јасно дефинирана постапка за избор и разрешување на претседателот на Судскиот совет, задолжително образложение на донесените одлуки на Судскиот совет, како и зголемена транспарентност во одлучувањето, со присуство на јавноста и медиумите“, пишува во програмата.
Победничката партија најавува донесување целосно нов Кривичен законик по примерот на Словенија и Хрватска, Закон за јавно обвинителство, Закон за судови, Закон за кривична постапка, Закон за Совет на јавни обвинители.
„Со измена на законската регулатива ќе се предвиди обврска Судскиот совет по донесување на одлука за разрешување судија задолжително да достави извештај за постапката за разрешување на судијата, со целокупна документација во прилог, до надлежното јавно обвинителство, а со цел проверка на возможно прекршување на Кривичниот законик“, пишува во програмата.
Се најавува и одговорност за судија, чии одлуки и пресуди за кое било утврдено прекршување на човековите права и слободи од страна на судот во Стразбур.
„Со законските измени ќе се предвиди и обврска за Судскиот совет задолжително да ги извести граѓаните што поднеле барање за утврдување одговорност на судијата за донесената одлука.
Доколку по претставка на граѓанин е утврдена одговорност кај судијата поради нестручно и несовесно вршење на функција, Судскиот совет задолжително ќе го информира граѓанинот за неговото право да бара надомест за претрпената штета“, најавува новата владејачка партија.
Предвидена е и нова функција комесар за заштита на човековите права, кој ќе биде назначен од редот на судиите и тој ќе треба да ги гарантира човековите права.
Со законските измени се најавува и можност новинари, претставници на научната и на стручната јавност да ги следат рочиштата за определување на мерката притвор.
РЕВИЗИЈА НА АКАДЕМИЈАТА
„На тој начин ќе се оневозможи влијание на обвинителско-судскиот систем за користење на мерката притвор како казна, а не како мерка за обезбедување присуство во кривичната постапка.
Сите решенија и одлуки за определување мерка притвор, куќен притвор, гаранција и останати мерки за обезбедување присуство во рамки на постапката, по претходно анонимизирање ќе бидат јавно објавени на веб-страницата на судот“, пишува во програмата.
Секако во програмата не е изоставена ниту Академијата за судии и јавни обвинители, за која се најавува спроведување целосна ревизија на приемот на кандидати во Академијата, иако во една од најскандалозната генерација на избрани судии и обвинители, судијка стана и сопругата на сегашниот потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски.
„Судиите ќе се избираат од листата на најдобрите кандидати кои успешно ја завршиле обуката на Академијата за судии. Ќе работиме на ревидирање на точноста на професионалните и образовните критериуми што треба да ги исполни секој судија.
Ќе ограничиме избор на судии од пониско рангирани кандидати кои доаѓаат од Академијата за судии, а за својот конечен избор, Судскиот совет ќе треба да даде конкретно образложение“, се најавува во програмата.
Освен тоа, се предвидува и разделување на Академијата, односно разделување на едукацијата на судии и јавни обвинители. Истата реторика се користи и за обвинителите и за Советот на јавните обвинители.
„Со законски измени ќе се воведат строги и објективни критериуми за избор на членовите на Советот. Ќе дефинираме јасни, строги и високи критериуми за бодување во процесот на избор на членовите на Советот на јавни обвинители, кои се избираат во Собранието на Република Македонија.
Постапката ќе биде транспарентна и јавна, со што ќе се гарантира изборот на најдобрите кандидати. Од предложените кандидати ќе се бара да имаат програма за работа со точно утврдени индикатори за успешност“, се вели во програмата во делот на јавните обвинители.
Со доаѓањето на новата власт се предвидува и решавање на предметите што стојат „во фиока“.
„Ќе ги прецизираме законските рокови за постапување во предистрага, со одговорност на јавните обвинители што не постапиле во законскиот рок. Непостапување по законските рокови ќе биде сметано како суштинска повреда на постапката“, додаваат од партијата.
Ветувањата продолжуваат со вистинско профункционирање на истражните центри, нивно целосно техничко и кадровско екипирање со што ќе се овозможела ефикасна борба особено со организираниот криминал и високата корупција.
ЕУ НЕ БАРА РАСПУШТАЊЕ
„Во соработка со јавно-обвинителската фела, ќе се унапреди системот на оценување и одговорност на јавните обвинители преку објективни критериуми. Со ваквиот пристап ќе се овозможи вистинско вреднување на обвинителите и нивната работа, односно ќе се овозможи полесно одвојување на квалитетните и вистинските професионалци што ќе напредуваат во својата фела, од неквалитетните и непрофесионални обвинители чие место не е во правосудството“, најавуваат тие.
Вакви најави за „средување“ на правосудството имаше безброј, но ниту една партија не спроведе суштински реформи во оваа област.
Поранешниот премиерЗоран Заев дури најавуваше и реизбор на судиите, но тоа никогаш не се случи.
Кога се случи скандалозното и незаконско разрешување на претседателката на Судскиот совет, Весна Дамевабеше единствената меѓу судиите која за првпат јавно кажа дека зад нејзиното разрешување стојат поединци од политиката кои се соочиле со отпор во Судскиот совет.
Правната битка ја истера до крај и со пресуда на Управниот суд беше вратена на претседателското место.
Ја продолжи соработката со меѓународната заедница и веќе почна со спроведувањето на извештајот на Оценската мисија на ЕУ за Судскиот совет, во кој немаше никаква препорака за распуштање.
НЕМА ПРАВНИ МЕХАНИЗМИ ЗА РАСПУШТАЊЕ НА СОВЕТИТЕ
Не постојат правни механизми за распуштање на Советите и секој обид за укинување на мандатите на членовите преку посебни законски измени ќе отстапи од Уставот и ќе создаде опасен правен преседан, кој во иднина би можел да биде злоупотребен за наметнување надмоќ на извршната и законодавната власт над судската.
Ова е ставот на Коалицијата „Сите за правично судење“ за најавите на ВМРО-ДПМНЕ за распуштање на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.
Како што објаснуваат, Собранието може да покрене постапка за интерпелација на членовите на Советите што се избрани од страна на Собранието за да се утврди нивна одговорност за состојбите, меѓутоа таквата можност, иако беше на располагање и досега, не беше искористена.
„Воедно, треба да се има предвид дека интерпелацијата, како единствена можност што ја има Собранието за контрола над избраните и именувани носители на јавни функции, не е постапка за распуштање на Советите, туку механизам за контрола над членовите избрани од страна на Собранието“, објаснуваат од Коалицијата за „Фокус“.
Тие потсетуваат дека во неколку наврати во изминатите 12 месеци бараа поднесување оставки од страна на членовите на Судскиот совет, како најсоодветен начин да се решат состојбите со незаконското постапување таму.
СТАВ НА СУДСКИ СОВЕТ – СУДСТВОТО НЕ Е МАРИОНЕТА
Судскиот совет не се впуштa во коментирање и оценка на предизборни програми и ветувања на која било политичка партија.
Но, од Советот, во изјава за „Фокус“, порачуваат дека само тогаш кога политичарите што доаѓаат и си заминуваат од власт, ќе сфатат дека судската власт е столбот што останува и не е марионета, ниту инструмент за остварување нечии интереси, граѓаните ќе добијат судство какво што заслужуваат.
Оттаму порачуваат дека се свесни за состојбите во судството, за нивото на доверба и го прифаќаат сето она што како недостаток се става на товар на судството.
„Меѓутоа, исто така, убедени сме дека судството во Република Северна Македонија има капацитет да ги надмине состојбите без реформи и резови за кои никој не може однапред да ги предвиди ефектите што ќе бидат предизвикани.
Реформи заради реформи никому не му се потребни и тие само ќе ги вратат неколку чекори назад процесите и активностите што Судскиот совет ги презема во овој период, финансирани и со поддршка на меѓународната заедница преку проекти, а се во насока на подобрување на состојбите во судството и се во напредна фаза, се вели во изјавата од Судскиот совет за „Фокус“.
Тие укажуваат дека судската власт како една од трите власти, а не трета власт, е самостојна и независна.
„Овој факт не го користиме како флоскула и одбранбен механизам. Мора да биде јасно и сите да бидат свесни дека секое мешање во судството и генерално во судската власт на кој било од носителите на другите две власти, носи со себе сериозна опасност за едно демократско општество, правната сигурност и владеењето на правото, како вредности, стандарди и врвни приоритети кон кои како држава се стремиме на патот кон ЕУ“, заклучуваат од Советот.
СОВЕТОТ НА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ СИ МОЛЧИ
Додека Судскиот совет е на тапет на јавноста и се труди да ги спроведе препораките што им ги испорача оценската мисија на ЕУ, Советот на јавни обвинители си молчи.
„Фокус“ ја контактираше и претседателката на Советот на јавни обвинители, Душица Димитриеска, која нѐ препрати да испратиме прашања на официјалниот имејл на институцијата.
Но, сепак, од Советот не добивме никаква реакција, иако партијата што ќе биде на власт најавува дека го распушти целиот сегашен состав на ова тело.
Советот на јавни обвинители го следеа низа контроверзии за изборот на јавни обвинители, поточно за избирање кадри што се подолу рангирани без никакво образложение.
Обвинителката Ленче Ристоска против нив дури поведе и постапка за дискриминација, која ја „доби“. Но, сепак, тие здружено си молчат.
РЕВИЗИЈА НА ПОРАНЕШНОТО СЈО
Ќе биде поведена постапка за ревизија и испитување на законитоста на
целокупното работење на Специјалното јавно обвинителство, најавува партијата што освои најмногу гласови на изборите, а чии поранешни функционери беа дел од случаите што ги водеше поранешното СЈО, а дел од нив беа и осудени.
„Посебно внимание ќе се посвети на загрозување на човековите права направени во постапките на СЈО, прекршување на процесните закони при постапувањето на СЈО, расчистување на утврдените злоупотреби на исплатата на финансиски средства кон обвинителите, истражителите и советниците и нивно враќање во буџетот, како и испитување на непотизмот, партизацијата и кронизмот при вработувањата во СЈО“, најавува партијата.