(АРХИВА) Распад-систем: Град Скопје се дави во долгови, дали ќе се задуши во ѓубре?

by Фокус

Текстот е објавен на 24 maj 2023 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1.442.

Веќе стануваат реалност стравувањата дека ќе дојде до колапс во функционирањето на Град Скопје и јавните претпријатија под неговата капа, откако ѓубре го затрупа главниот град, бидејќи вработените во скопски „комуналец“ одбија да ги вршат работните задачи во знак на протест кон директорката Косана Мазнева, назначена од градоначалничката Данела Арсовска. Откако сметката на Градот беше блокирана поради спор со „Скопски саем“ пред неколку месеци, „Фокус“ пишуваше дека на вратата на Арсовска тропаат извршители и дека има предупредувања дека Градот може да банкротира, со што се заканува да остане без чистење и одржување на улиците. Тоа веќе се оствари, па дали следно е крах и на автобускиот превоз? 

Пишувала: Ирена МУЛАЧКА

Пред две недели беше блокирана сметката на Град Скопје под раководство на градоначалничката Данела Арсовска, која на оваа функција е само година и пол, откако на последните локални избори доби четиригодишен мандат со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ. За првпат во историјата на Скопје, се случува градот да се најде пред тотален крах, и тоа за релативно кратко време.

Вкупниот буџет на Град Скопје на годишно ниво најчесто се движи од 50 до 60 милиони евра. Во периодот кога градоначалникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Коце Трајановски го напуштил градоначалничкото столче, на својот наследник од СДСМ Петре Шилегов му оставил буџетска сметка од 810 милиони денари, додека, пак, тој на Арсовска во наследство ѝ остава 770 милиони денари.

За време на сите мандати на досегашните градоначалници имало проблеми, најавени и недовршени проекти, но оваа институција за првпат се наоѓа толку во центарот на вниманието откако со неа управува Арсовска.

Целиот град се наоѓа во тотален хаос, најавените проекти не мрднуваат од мртва точка, а како поминува секој нов ден, така ситуацијата станува сè поалармантна.

Почнувајќи од финансиски аспект, па сè до нарушени меѓучовечки односи, огромни долгови на јавните претпријатија под капата на Градот, со што ако продолжи таквата состојба, може да дојде до целосен колапс.

Во предизборието, кога Арсовска се промовираше во независен кандидат за градоначалник на метрополата, главниот збор што не го вадеше од уста беше дека на Градот му треба менаџер како неа.

Тогаш, таа вети бесплатен јавен превоз и набавка на 250 екоавтобуси, но работата дојде дотаму што долго време главниот град е со лимитиран јавен превоз, а ништо чудно ако во иднина остане и без никаков автобуски превоз.

И „ПАНОВСКИ“ ГО ТУЖИ ГРАДОТ

Веќе подолг период во Град Скопје се водат дворски игри, кои постепено излегуваат на површина, а најстрашното што се случува во моментот е блокирањето на сметката, што лесно може да го закочи функционирањето на некои јавните претпријатија.

Како што дознава „Фокус“, пред да биде блокирана, буџетската сметка располагала само со 10 милиони денари, што значи дека Градот веќе тргнал во удолница во финансиска смисла. Блокадата доаѓа од стариот „Скопски саем“ за долг од 100 милиони денари, додека извршното решение е 156 милиони денари.

Според нашите информации, сметката е блокирана поради долг од пред 10 години, за кој судскиот процес завршил пред извесно време, но сега со присилна наплата се повлекуваат парите. Инаку, „Скопски саем“ во моментот е во стечај.

Во гостување на одбран медиум, Арсовска се бранеше дека проблемот бил што нејзините претходници не ги вратиле средствата за комуналии платени од тужителот, кој си ги побарал назад со камати откако им бил поништен Детален урбанистички план.

Тоа што е алармантно во целата приказна е што е блокирана буџетската сметка, преку која се вршат сите плаќања кон доверители, се префрлаат плати за субвенции на јавните претпријатија и се делат плати на вработените. Во превод, тоа значи дека сè што оди преку сметката на Град Скопје е закочено.

Нашите извори уште тврдат дека стигнале и неколку писма со долгови, за судски постапки, кои веќе се завршени. Но, главните проблеми се во тоа што Градот Скопје во моментот располагал со сума од околу 10 милиони денари, што значи дека ако тие 156 милиони денари се наплатени од буџетската сметка, Градот останува на нула, поточно оди во минус.

Сепак, тоа не е единствената компанија која преку судски процеси се „пресметува“ со оваа институција. Како што дознаваме, тука е и фирмата „Др. Пановски“, која пред неколку години решила да се приклучи во реконструкција на фасадата на зградата на „Пелагонија“, која е во нивно сопствеништво.

Оваа зграда во најстрогиот центар на Скопје е една од оние што требаше да добијат барокна фасада во рамките на фамозниот проект „Скопје 2014“. За новата фасада требаше да се потрошат околу 2 милиони евра.

Но, откако поранешниот прв човек Шилегов не потпиша таков договор, запре барокното „преслекување“ на објектот. Во меѓувреме, зградата на „Пелагонија“ не доби никаква фасада. Тогаш, компанијата поднесува тужба против Град Скопје.

Обновувањето на фасадата на зградата на „Пелагонија“ почна во2015 година, кога тогашниот градоначалник Трајановски склучил договор со „ЛСГ Билдинг Солушнс“ од Скопје, фирма која, како што тогаш информираа, доставила најниска цена во конкуренција на шест компании.

Идејата за менување на фасадите на модерните згради во барок датира од почетокот на реализацијата на проектот „Скопје 2014“, но на првиот тендер за избор на идејно решение на оваа зграда во 2011 година никој не се јавил.

На вториот конкурс, спроведен истата година првонаградено било идејното решение на Лазар Димов и Никола Стакинов. Во 2014 година, во реконструкцијата на оваа фасада се вклучи и фирмата што е сопственик на зградата „Д-р Пановски“, но досега нема никаква реализација.

„Фокус“ испрати неколку прашања до веледрогеријата „Др. Пановски“ за да ни кажат кога поднеле тужба против Град Скопје и до каде е целиот процес. До затворањето на весникот од таму не добивме повратни одговори.

Без разлика дали тужбите се во време на мандатите на другите градоначалници, како што во соопштение до јавноста извести Арсовска, факт е дека ако буџетската сметка на Градот располагала со пари, немало да дојде до ваков финансиски удар.

Се очекува кај и да е на сметката на Град Скопје да стигне уште едно извршно решение. Единствено што не се знае е што се случува во последната година и пол, на кои други фирми им должи Арсовска и дали има нови тужби.

КРАХ НА СКОПЈЕ

Но, да се вратиме сега на тоа што ќе се случува во Скопје, ако и во иднина градот остане под блокада? Постојат неколку сценарија, од кое ниту едно не е оптимистично.

Јавното сообраќајна претпријатије ЈСП-Скопје е во најтешка финансиска состојба, имајќи предвид дека долгот кон набавувачите во моментот изнесува околу 10 милиони евра. Градот Скопје е тој што може да му даде „инјекција“ и да помогне на ова јавно претпријатие да излезе од финансиската криза.

Поточно, тие на месечно ниво пуштаат околу 65 милиони денари дотации за плати на вработените. Но, со оглед на колабираниот систем, ЈСП се наоѓа во незавидна состојба. Тоа значи дека ако нема плати или ако пак не ја плаќаат нафтата кон набавувачите може и комплетно да нема автобуски превоз во главниот град.

Впрочем, за таква можност предупреди и првиот човек на градската организација на СДСМ Васко Кичевски, кој во колумна за „Фокус“ напиша:

„ ЈСП веќе е доведено пред колапс, долгот кон дел од набавувачите надминува десетици милиони евра, но кога за краток период нема да може да исплати ниту плати на вработените, очекувам да доживееме дежа ви со протести на шоферите и повторна блокада на главниот град“.

Ова е само едно од страшните разврски, ако нешто не се смени во доогледно време. Жителите на главниот град имаа можност само два дена да видат како функционира Скопје без автобуси, со што сè беше доведено до тотален крах.

Во октомври лани, за првпат се случи скопјани да останат без јавен превоз, откако вработените во ова јавно претпријатие излегоа на протест поради неисплатените септемврски плати.

Од Град Скопје тогаш направија пренамена на средствата за да се исплатат платите, но сега, како што е ситуацијата во моментот со блокираната сметка, таков потег воопшто не може да се направи.

Во слична ситуација се и „Улици и патишта“ и „Паркови и зеленило“, кои директно зависат од Градот, поточно тие сите фактури за косење, за чистење и одржување на улиците ги доставуваат до Град Скопје, кој во моментот е блокиран и не може да ги исплати.

Всушност, овие претпријатија ангажираат фирми, кои подоцна ги доставуваат фактурите до нив, а тие до Градот. Така што под знак прашалник се става и работата на овие претпријатија и начинот на кој ќе функционираат во иднина.

Се потрошија над 100 милиони евра народни пари и денес, Скопје е со блокирана сметка и е пред банкрот, а ВМРО-ДПМНЕ мува не ги лази поради таквата состојба. И ова не е најстрашното што може да му се случи на Скопје, ако дојде до банкрот тоа ќе значи целосен распад на системот на Градот.

Банкрот ќе доведе до нефункционални институции, уште полоши услуги за граѓаните и штрајкови и протести на градската администрација. Советот на Град Скопје мора да одржи вонредна седница на која ќе се расправа за актуелната финансиска состојба на градот – тврди Лилјана Божиновска, советничка од СДСМ.

ДИРЕКТОРИ КАКО ЧОРАПИ

Сепак, мора да признаеме дека ако нешто „совршено“ функционира во главниот град, тоа е смената на директорите на јавните претпријатија. Само за година и пол, колку што владее Арсовска, како никогаш досега се менуваат првите луѓе на институциите под раководство на Градот.

Откако седна на градоначалничката фотелја, Арсовска со брзина на светлината ги смени сите директори и на нивно место стави вмровски кадри, со оглед на договорот кој за време на локалните избори го имаше со најголемата опозициска партија. Но, не беше потребно многу време „тиквата да пукне“, па наеднаш јавните претпријатија да добијат нови директори.

Како по шема, штом се скараа со опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, таа експресно ги разреши сите директори од Белата палата.

Па така, ако го земеме како пример „Водовод и канализација“, како прв директор за време на нејзиниот мандат фигурираше Златко Перински, кој го разреши поради тендерот за пречистителната станица, бизнис-зделка вредна 136 милиони евра. Тој не ја послуша да се смени комисијата и автоматски се најде на црвената листа.

На негово место седна Марјан Митовски, кој ѝ ветуваше кули од злато, но очигледно дека кога ја зазема директорската позиција не си ги исполни ветувањата, па затоа за четири месеци беше разрешен од функцијата.

Сега на ова место седи Драган Илиевски, кој пак претходно неколку месеци беше на чело на Зоолошката градина, која исто така сега има трет директор.

Илиевски во Зоолошка дојде на местото на Кристијан Стаменов, кој беше разрешен откако излегоа фотографии дека заклале 15 коњи. Во моментот, со Зоолошката градина раководи Зоран Попов.

Откако започна нејзината соработка со актуелниот градоначалник на Карпош, Стевче Јакимовски, таа почна да назначува директори од ГРОМ.

Пред само еден месец досегашниот директор на Градски Паркинг, Крсте Петревски стана нов директор на ЈСП. Тој е кадар на ГРОМ и генерален секретар на партијата.

Тој исто така го зазема третото директорско место за само една година, откако преходно со ова претпријатие управуваа Александар Стојковски и Иван Илиевски.

Но, не само со ГРОМ, актуелната градоначалничка се здружи и со „интегративците“. Пред осум месеци, во „Улици и патишта“ за в. д. директор е назначен Саид Саид, а во „Паркови и зеленило“ Реџепи Зухејр, кадри блиски на „огнената група“ на Изет Меџити и Блерим Беџети.

Сепак, пред речиси еден месец Зухејр си поднесе оставка, тврдејќи дека оставката ја дава поради здравствени причини. Но, како што дознава „Фокус“, причините се сосема други.

Без скандали не помина и разрешувањето на Ванчо Богоев, директор на Младинскиот културен центар, кој се најде на црната листа на неподобни на Арсовска, откако не сакаше да го потпише решението за вработување во МКЦ на Бени Шаќири, кој пак претходно му се налути на Шилегов дека не го назначил за директор, па поддршката на изборите ја даде на актуелната градоначалничка.

Но, да се вратиме во реалноста. Факт е дека Град Скопје за првпат се наоѓа во толку лоша и очајна состојба, но факт е дека и никој тоа сериозно не го сфаќа.

Арсовска за се наоѓа други виновници, иако не погледнува во каков пустош се претвори Скопје само за година и пол владеење. Ништо друго не може да се каже во моментот, освен Господ нека им е на помош на скопјани.

 

АРСОВСКА ГО ИГНОРИРА „ФОКУС“

Актуелната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска како и по традиција, кога не и одговараат прашањата, не дава повратни одговори. Во прилог се прашањата кои „Фокус“ ги испрати до Градот, но не доби одговори:

Може ли да ни кажете за која сума на пари е блокирана сметката на Град Скопје и од која фирма?

Точни ли се информациите дека Градот е пред банкрот?

Кои се други други фирми се закануваат со извршители?

Која е причината што дел од медиумите не беа поканети на официјалниот брифинг на градоначалничката Данела Арсовска со новинарите?

 

ПАНОВСКИ: ВМРО И СДСМ НИШТО НЕ ГЛАСААТ!

Советникот од редовите на ЛДП, Никола Пановски во изјава за „Фокус“ објаснува каква е атмосферата во Град Скопје.

Ништо не функционира. Од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ништо не гласаат. Има лап-топови донација и за тоа не сакаат да гласаат. ДУИ нормално гласа само ако има интерес. И дури кога треба да се изгласа за соогласност за вработување и тоа не поминува. Страшно е тоа што се случува во Советот на Град Скопје. На градоначалничката за ништо не и е гајле. Ако вака се продолжи тешко нас – вели Пановски.

Поврзани новости