(АРХИВА) Работниците ќе р’мбаат 3 години повеќе за да има доволно пари за пензии!

by Fokus

Барањата на Светска банка за зголемување на старосната граница за пензионирање, најавите на експертите дека кризата со пензискиот систем е сѐ поблиску поради дупката во ПИОМ, која никако не може да се пополни, како и предупредувањата на Фондот за пензиско и регулаторот на пензиските фондови дека се разнишани пензиските столбови, се остварија.

Фискалниот совет предложи зголемување на старосната граница за пензија на 67 години, како дел од мислењето за Фискалната стратегија (2025-2029) и ја достави до Собранието, кое воедно е и основач на ова советодавно тело.

Текстот е објавен на 28 ноември 2024 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.522.

Пишува: Орце КОСТОВ

Предлогот предвидува измената да стапи во сила во 2026 година и да важи и за мажи и за жени.

„Определбата за задржување на истите стапки на пензиско и инвалидско осигурување со значителното линеарно зголемување на пензиите на двапати по 2.500 денари, не само што ќе го зголеми јазот меѓу приходите од придонеси и расходите за пензии, а со тоа и потребата за покривање од Буџетот на државата, туку на подолг рок уште повеќе ќе ја наруши фискалната одржливост на ФПИОМ“, соопштија од Фискалниот совет.

Оттаму додаваат дека се потребни дополнителни мерки за одржување на ФПИОМ, освен зголемување на работниот век на вработените и постепено или благо зголемување на стапката на придонесот за ФПИОМ, која тековно е 18,8 отсто или за 2,4 отсто помала во однос на 2008 година, кога изнесуваше 21,2 отсто.

Имајќи го предвид значителното намалување на невработеноста, недостигот од квалификувана и професионална работна сила, Фискалниот совет цврсто препорачува од почетокот на 2026 година да се зголеми старосната граница за пензионирање за мажи и жени на 67 години и истовремено да се зголеми стапката за пензиско осигурување за 0,7 процентни поени, односно да изнесува 19,5 проценти“, наведуваат од советот во предложеното мислење.

Ова тело, замислено како контрола на фискалната одржливост, има тројца членови предложени од МАНУ, Државниот завод за ревизија и Народна банка на Македонија. Меѓу нив се академик Абдулменаф Беџети, професорката Мирјана Трпеска и банкарот Глигор Бишев.

Сите тројца во стратегијата го наведуваат она што е реалност во Македонија: младите се иселуваат, немаме доволно работоспособно население што ќе плаќа за придонеси, од кои, пак, ќе се исплаќаат пензиите.

СТАРЕЕЊЕ НА НАСЕЛЕНИЕТО

Академик Беџети за „Дојче веле“ вели дека сега секој 2,5 пензионер се финансира од државниот буџет. Поради тоа, Фискалниот совет, во кој членува Беџети, иницираше поместување на старосната граница за пензионирање.

„Врз основа на анализите на фискалната одржливост на ПИОМ предложивме такви мерки, како дел од мислењето за Фискалната стратегија (2025-2029). Најавите се дека дополнително ќе се разгледува уште еднаш фискалната стратегија за 2025 година и најверојатно тогаш ќе треба да се најде решение“, вели тој.

Иницијативата, како што објаснува Беџети, се базира на два предлози. Првиот е постепено зголемување на придонесите за пензиско и инвалидско осигурување за 0,7 процентни поени во 2026 година, а потоа доколку состојбите се влошени и во 2027 година да се зголеми на 21 отсто.

„По Косово, ние имаме најниска стапка за пензиско осигурување во Западен Балкан“, вели академикот.

Втората мерка за која се залагаат е подигнување на старосната граница за пензионирање на 67 години и за мажи и за жени.

„Ова на некој начин еден ден ќе биде побарано како услов за усогласување во фискалната конвергенција со земјите-членки на ЕУ, каде што не сме конвергентни сѐ уште. Така што, кога-тогаш, тоа ќе дојде. Ние сме должни експертски да ги дадеме овие предлози до Собранието – кога и дали ќе ги прифатат и дали ќе има волја за тоа – зависи од нив. На крајот на краиштата тоа е нивен избор“, вели Беџети.

Овој предлог за пензионирање на мажите и на жените на 67 години, според Беџети, се темели врз основа на стареењето и зголемувањето на векот на живеење на населението, односно на статистиката, која покажува дека жените во просек се подолговечни од мажите.

СТРАНЦИТЕ БАРААТ ПОВИСОКА ГРАНИЦА

„Фокус“ пишуваше претходно дека претставниците на меѓународните финансиски организации побарале да се размисли за подигнување на старосната граница за пензионирање, но Фондот за пензиско и инвалидско осигурување не размислува да предложи такво нешто во следниот период.

Директорот на ПИОСМ, Никола Мемов рече дека таков предлог нема да излезе од институцијата, освен ако не се одлучи поинаку на влада, која, сепак, е надлежен орган за ова прашање, а не Фондот.

Инаку, околу 350.000 пензионери добија повисоки пензии за 2.500 денари и тоа го чини Фондот за пензиско и инвалидско осигурување 14 милиони евра месечно или 56 милиони евра до крајот на годината.

Владата ќе ја зголеми ставката на трансфер на средства што ќе се префрлаат во ПИОМ за да се покрие дупката во неговиот буџет за исплати на пензиите, кои ќе пораснат уште еднаш во март 2025 и уште еднаш во септември 2025 година.

За ова да се реализира, ФПИОМ испланира предлог-буџет од 2,2 милијарди евра, од кои 1,7 милијарди евра се за исплата на пензиите. Министерството за финансии, за следната година ќе префрли средства од централниот буџет во висина од 580 милиони евра за да ја покрие дупката за исплата на пензиите.

КОЈ Е СТАВОТ НА ВЛАДАТА?

Оваа година, заклучно со 15 октомври, се издадени 19.677 решенија за пензии. Годишно бројот на пензионери се зголемува за околу 1.600 до 1.700 нови корисници, и тоа прави сериозен притисок врз ПИОМ.

Последната информација од владата е дека извршната власт не размислува во моментов на таква мерка, иако предлог-стратегијата е веќе во собраниска процедура.

Останувавме посветени да го стабилизираме Фондот, но овој момент не се размислува за зголемување на старосната граница, изјави портпаролката на владата, Марија Митева.

Состојбата во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување со години наназад не е розова, за што потврда се извештаите на Државниот завод за ревизија, кои неколку години наназад посочуваат дека овој фонд е заглавен во проблеми до гуша.

Иако приходите од наплатен придонес за ПИОМ во 2022 година се зголемени за 11,63 отсто, во однос на претходната 2021 година и изнесуваат над 54 милијарди денари (околу 890 милиони евра), сепак расходите се многу поголеми.

Финансиската дупка меѓу приходите и расходите на Фондот за пензиско осигурување е 33,58 отсто, или речиси за секој трет пензионер било неопходно да се црпат пари од државниот буџет за да му се исплати пензија.

ПИОСМ планира од 2,195 милијарди евра да исплати 105 милијарди денари, односно 1,7 милијарди евра по основ на пензии, а во вториот задолжителен пензиски столб ќе се трансферираат 15,6 милијарди денари или околу 250 милиони евра.

Од 18,8 проценти, колку што изнесуваат придонесите за пензиско и социјално осигурување, кои ги уплаќаат осигурениците, 12,8 отсто се наменети за исплата на пензиите, а 6 отсто се уплаќаат во вториот столб.

Исто така, Фондот за пензиско планира приходи од свои извори во висина од 80 милијарди денари, по основ на уплата во вториот столб приходи од 15,6 милијарди денари.

По основ на акциза, ПИОСМ законски добива 9,18 отсто или 1,63 милијарди денари од вкупно наплатените акцизи на државата. Од други приходи од кирии, акции и дивиденди, ПИОCМ планира да собере 700 милиони денари. Вкупните приходи што ПИОСМ ќе ги собере како Фонд се 97,93 милијарди денари.

ПОКАЧУВАЊЕТО Е НЕИЗБЕЖНО

Универзитетскиот професор Ванчо Узунов од Правниот факултет во Скопје, во интервју за „Фокус“, рече дека покачувањето на старосната граница е неизбежно и тоа не треба да ни го кажува некој од надвор, туку треба да дојде од институциите и да се спроведе за да се спаси ПИОМ.

Тоа по мое мислење е неизбежна мерка, но прашање е кога политичарите ќе соберат храброст да ја соопштат мерката и да ја спроведат. Тоа не треба да ни го каже некој однадвор, ниту ММФ, ние треба да го знаеме тоа овде.

Знам дека е непопуларно за многу граѓани, тоа ми е совршено јасно, но таква е ситуацијата. Македонија сѐ повеќе има проблеми со исплата на пензии, од друга страна нема работна сила. Комбинација со подигнување на границата на пензионирање е и онаа пензионери да добијат дозвола да работат со скратено работно време, како во Хрватска.

И Македонија го доживува тој демографски процес на стареење на населението, како и цела Европа. Голем дел од населението е над работоспособна возраст, а млада популација нема доволно. Тука демографските промени те тераат да правиш промени. Овој пензиски систем што го имаме ние е базиран на многу стара идеја на Бизмарковиот систем во тогашна Германија.

Мора да има поместување, подигање на старосната граница со други мерки, но владата не знам кога ќе собере храброст да го соопшти и да го спроведе, рече Узунов за „Фокус“.

ШТО ЌЕ ЗНАЧИ МЕРКАТА?

Дефицитот кај пензискиот систем ќе се зголеми од сегашните една третина на близу 40 отсто со новото линеарно покачување на пензиите. Од Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување сметаат дека линеарното покачување на пензиите отвора прашања за влијание врз состојбата на пензиските столбови во иднина.

Во контекст на актуелните економски, социјални и демографски промени, прашањето за одржливоста на пензискиот систем станува сè поактуелно. Најавеното линеарно покачување на пензиите отвора прашања за неговото влијание врз капитално финансираното пензиско осигурување и состојбата на пензиските столбови.

Капитално финансираното пензиско осигурување, во однос на пензиското осигурување врз основа на генерациска солидарност се разликува токму во основата на функционирањето на столбовите.

Ако пензиското осигурување врз основа на генерациска солидарност функционира на принципот на дефинирани пензии каде што главни параметри се висината на платите во минатото и годините на работен стаж, капитално финансираното пензиско осигурување функционира на принципот на дефинирани придонеси и неговите главни параметри се висината на придонесот и остварениот принос на индивидуалната сметка во работниот стаж“, велат од МАПАС за „Фокус“.

Супервизорот на пензиските столбови смета дека мерката за покачување на пензиите може да има влијание врз праведноста на пензиите на идните генерации пензионери во тристолбниот пензиски систем.

„Имајќи ги предвид овие принципи на функционирање на столбовите, МАПАС смета дека оваа мерка за линеарно зголемување на пензиите се однесува на промена на параметрите за стабилен тристолбен пензиски систем само за моменталните пензионери.

Воедно, линеарното зголемување на пензиите на моменталните пензионери може да има влијание врз праведноста на пензиите на идните генерации пензионери во тристолбниот пензиски систем. Секоја промена на некој од параметрите за пресметка на пензиите од прв столб наметнува потреба од промена на параметрите и во останатите пензиски столбови во капитално финансираното пензиско осигурување.

Само на тој начин може да се обезбеди материјална сигурност на граѓаните во деновите на старост, при тоа е потребно задолжително воспоставување баланс на интересите на сегашните и идните генерации“, образложија од МАПАС.

КАКО Е НА БАЛКАНОТ И ВО ЕВРОПА?

Холандија планира во 2025 година да ја зголеми границата за пензионирање на 65 години, Шпанија одамна планира да ја зголеми старосната граница од 65 на 67 години.

Во Германија може да се пензионирате кога ќе наполните 63 години. Предуслов е да плаќате пензиско осигурување минимум 5 години. Во Швајцарија, жените и мажите одат со 64, односно 65 години. Во Велика Британија и во Австрија, границата за жените е 60, а на мажите 65 години.

Во Србија, правото на старосна пензија можат да го остварат мажите на 65 години, а жените на 63 години и осум месеци и најмалку 15 години стаж. Во Хрватска, старосната граница за пензионирање за мажите е 65 години и минимум 15 години стаж, а за жените – 63 години и шест месеци.

Во Словенија, старосната граница за пензионирање е иста за мажите и за жените – 60 години старост и 40 години пензиски стаж или 65 години старост и 15 години стаж на осигурување.

Според проценки од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), објавени во анализата во 2023 година, нормалната старосна граница за пензионирање ќе се зголемува во иднина. До 2060 година се проценува дека Данска ќе има највисока старосна граница за пензионирање од 74 години.

Потоа ќе следуваат Италија и Естонија со 71 година за двата пола. Исто така, се проценува дека Луксембург и Словенија ќе ја имаат најниската старосна граница за пензионирање од 62 години за двата пола до 2060 година.

Осигурениците во Северна Македонија имаат право на старосна пензија кога ќе наполнат 64 години за маж, или 62 години за жена и со најмалку 15 години стаж.

ПОВЕЌЕ ПЕНЗИОНЕРИ, ПОМАЛКУ ПАРИ

Според податоците од пописот, од 2002 до 2021 година, бројот на работоспособно население се намалил за 171.317 жители, или 12,4 отсто, додека бројот на старо население над 65 години возраст се зголемил за 17,2 отсто или за 101.619 лица. Во Северна Македонија има и 51 лицe на возраст над 100 години.

Според проекциите на статистичарите, се предвидува дека во 2025 година, процентуално старосната група над 64 години ќе сочинува 19,1 отсто од вкупното население. Во 2050 година ќе биде дури 32,1 отсто, а во 2070 година ќе изнесува биде 30,6 отсто. На сметка на тоа, пак, ќе се намали работоспособното население на возраст од 20 до 64 години.

Евростат пред две години објави дека просечната возраст во Северна Македонија е 41,1 година, а децении претходно била 36,4, додека во ЕУ средната возраст на населението лани била 44,4 години, што е зголемување за 2,5 години во споредба со 2012 година.

Податоците на ПИОМ покажуваат дека од октомври годинава, 342.170 граѓани имаат стекнато право на пензија. Од нив, 241.512 имаат старосна пензија, 74.172 семејна, а 25.709 инвалидска пензија. Просечната старосна пензија е 25.366 денари. Над 3.000 пензионери добиваат месечна пензија над 60 илјади денари.

НЕДОВОЛНИ ПРИДОНЕСИ ЗА ПЕНЗИИ

Основен извор за покривање на расходите за пензии се придонесите од пензиско и инвалидско осигурување. А тие и сега, во висина од 18,8 отсто од бруто-платата на секој вработен се недоволни да ги покријат пензиските расходи: околу една третина од износот се обезбедува од централниот буџет.

Од тие 18 проценти, околу 11 одат во Фондот за ПИОМ, а другите во вториот приватен задолжителен столб. Овој модел е наречен солидарен модел, според кој, моментално вработените лица ги финансираат сегашните пензионери.

Од 2012 година, учеството на буџетски средства во Фондот за ПИОМ е секогаш поголемо од една третина, но се бележи мал пад во последните три години поради зголемувањето на буџетот и растот на вработеноста.

Во 2012 година, учеството на буџетски средства во Фондот за ПИОМ било 37,26 отсто, во 2013 година 41,24 отсто, а во 2017 година рекордни 43,57 отсто. Во 2019 година паднало на 37,02 отсто, во 2021 година изнесувало 37,52 отсто, а во 2022 година од централниот буџет кон ПИОМ се слеало учество од 33,58 отсто од вкупната сума за исплата на пензиите.

Она што може да се забележи е дека, и покрај малиот пад, Министерството за финансии, секоја година ја покрива дупката на ПИОМ и таа никогаш не се намалила под една третина од вкупната сума за исплата на пензиите.

Дури и кога во 2022 година се зголемиле придонесите за 11,63 отсто, во однос на 2021 и изнесувале 890 милиони евра, сепак ПИОМ имал расходи од над 87 милијарди денари или 1,4 милијарди евра за пензии. Разликата од 530 милиони евра ја покриле сите граѓани од државниот буџет.

Поврзани новости