Архива: Приватните универзитети не кубурат со кадар и опрема, но паѓаат на надворешно оценување

by Фокус

Текстот е објавен на 20.03.2015 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1009

Веднаш по политичките промени, новата влада го укина екстерното тестирање во основните и средните училишта и дисперзираните студии на државните универзитети, а новата министерка Рената Десковска – Тренеска најави ревизија на учебниците, во склоп на реформите во образованието. И веќе поранешната влада најавуваше серија на мерки во образованието, па за таа цел Министерството за образованието, во време кога министер беше Абдулаќим Адеми, нарача контрола на приватните универзитети. Што покажа оваа проверка?

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

Сиромашната кавкаска република Грузија, со сомнителна демократска практика, се споменува во една од владините реклами за поддршка на реформите во високото образование во листата на развиени и напредни земји во светот“, што спроведуваат дополнителна проверка на знаењето на студентите двапати годишно преку таканаречен државен испит.

Владата ја спроведе оваа одлука и покрај отпорот од студентите, кои излегоа на протести како никогаш порано, настрана што паднаа во длабока сенка поради дефинитивно неснаодливите и можеби непотребните професори во целата приказна. Притоа, владата се оправдуваше со фундаменталните и структурни слабости во образованието, како продолжение на воведувањето екстерно оценување на средношколците, во обид да се испита дали професорите оценуваат реално и објективно.

Откако своевремено се напаѓаше високото образование во целина, од една панорамска перспектива дека и најдобриот универзитет во Македонија е далеку од конкурентен на глобалната сцена, сега теренот се обработува од пофокусиран агол. Имено, фрапантниот пад на квалитетот на приватните универзитети – од кои патем голем дел се на поранешни и сегашни политичари, коалициски партнери на владејачката партија и бизнисмени блиски до власта – ја предизвикал потребата владата да интервенира со законски измени, небаре досегашните законски одредби не допуштаа доволно механизми државата да ги спречи негативните појави и трендови. А, тие беа и сѐ уште се фабрика за дипломи за државни функционери и расадник на провладини експерти.

КРИТИКИ ЗА ДИСПЕРЗИРАНИТЕ СТУДИИ

Самиот факт што Министерството за образование и наука спровело истражување за исполнување на условите за вршење високообразовна дејност само на приватните, ама не и на државните универзитети, посредно ја открива целта за спроведувањето на реформите во високото образование. Патем речено, во едно телевизиско гостување, ресорниот министер Абдулаќим Адеми ги аргументираше реформите со неисполнување на критериумите на приватните универзитети, а своевремено и премиерот Никола Груевски порача дека тие калкулирале со квалитетот.

Еден од логичките одговори зошто државните универзитети се изземени, кој го претпоставуваме во ситуација кога не добивме објаснување од надлежните органи, би можел да биде фактот што тие се рангирани на првите пет позиции според дваесетина индикатори на официјалната листа. Колку за споредба, доколку најдоброрангираниот државен универзитет има 100, првиот меѓу приватните универзитети има 80 бодови, кои всушност се сумирани резултати од освоените бодови за настава и учење, истражувања и социјалната димензија. Меѓутоа, многумина се сомневаат во овој исход, бидејќи универзитет со неколку добри факултети може да избие на високо место, затоа што во својата структура нема послаби единици да го спуштат вкупниот просек.

Според официјалните податоци, во моментов се акредитирани студиски програми на факултетите и школите на 20 универзитети. Четири од нив се државни, меѓу кои скопскиот „Свети Кирил и Методиј“ и битолскиот „Свети Климент Охридски“, кои се најстари универзитети во земјава. По нив следува Тетовскиот универзитет, а штипскиот „Гоце Делчев“ и охридскиот „Свети Апостол и Павле“ датираат од неодамна. Ако се изземе Штуловиот универзитет, кој засега има специјален статус, останатите се приватни.

Она што беше најголема критика за државните универзитети се дисперзираните студии, бидејќи овој владин концепт за факултет во секое место го намалува квалитетот на образованието и вештачки ја намалува бројката на невработени. Тоа ги прави организации со поширока мрежа, иако се далеку помалку од приватните. Па, најголемиот УКИМ има 23 факултети, 5 институти, 4 научни установи и 8 придружни членки, но нема дисперзирани студии, бидејќи по првичното спроведување, отпаднаа. Од друга страна, ваквите студии одат преку другите помали универзитети.

Од последните конкурси за упис на студенти во прв циклус на додипломски студии во учебната 2014/2015 година може да се види дека 11-те факултети на битолскиот универзитет спроведуваат 10 дисперзирани студии низ повеќе градови во Македонија – Охрид, Велес, Кичево, Гевгелија, Струга, Крушево. Што се однесува до Штипскиот универзитет, правниот факултет реализира студии во Штип, Скопје и во Струмица, економскиот во Скопје, Струмица, Кочани, Делчево и Радовиш итн. Охридскиот универзитет, пак, покрај разгранетите студии стипендира студии на странски државјани.

ПРОБЛЕМИ НА ПРИВАТНИТЕ ФАКУЛТЕТИ

Меѓу приватните универзитети се ФОН и Европскиот универзитет, кои се пионери во оваа област, бидејќи произлегуваат од првиот приватен универзитет што почна со работа во 2003 година. Кога неговите сопственици Фијат Цаноски и Бојо Андрески во 2007 година го прекинаа партнерството, создадоа два посебни универзитети. Повеќе или помалку, и двајцата се политички активни, имајќи предвид дека Цаноски како лидер на ПЕИ беше постизборен партнер на ВМРО-ДПМНЕ, потоа предизборен партнер на СДСМ и последно на ДУИ, додека Андрески ја предводи Партијата на правдата, дел од коалицијата „За подобра Македонија“ на најголемата владејачка партија.

Инаку, Цаноски се соочи со тешки проблеми кога, условно кажано, ја промени политичката страна. По парламентарните избори во 2011 година, кога на заедничките листи со СДСМ освои рекордни 3 пратеници и формираше пратеничка група (претходно, со самостоен настап освојуваше 1 пратеник), обвини дека уривањето на неговиот градежен објект „Космос“, поради наводно пречекорување на димензиите за неколку сантиметри, е казна за неговото политичко дејствување. Тоа му создава проблеми до ден денес, бидејќи универзитетот бил жирант на фирмата што го градеше урнатиот објект.

Исто така, Андрески падна во тешкотии при управувањето на универзитетот, откако најпрепознатливите професорски имиња му заминаа, а бројот на студенти постепено сѐ повеќе опаѓаше. Затоа, пред некоја година тој бил на средба со поранешниот партнер Цаноски, за да ги преземе студентите од неговиот универзитет, но, сепак, на крајот до договор не дојде. Арно ама, ситуацијата се стабилизираше по привлекувањето студенти од Турција, со помош на македонски бизнисмен со турско потекло, кој го запознал газдата на Европскиот универзитет со сопственик на универзитет од оваа земја, за да договорат соработка.

Уште еден од универзитетите чии сопственици-бизнисмени имаат контакт со политиката е Меѓународниот универзитет во Струга, чиј основач е поранешниот струшки градоначалник и актуелен пратеник од редовите на албанската владејачка ДУИ, Рамиз Мерко. Пред неколку години, кога министер за образование беше Никола Тодоров, му се закануваше затворање поради запишување студенти со тригодишно средно образование, без нострифицирана диплома и положен државен испит, но се чини дека беа надминати ваквите недозволиви недостатоци.

Неофицијалните информации што ги добивме од дел од професорите на приватните универзитети говори дека поетаблираните имаат потенцијал за да обезбедат настава, што постојано го нотираат и инспекторите што ја проверуваат нивната работа. Наспроти тоа, другите приватни универзитети се со среден и мал капацитет, а некои од нив се соочуваат со проблеми во функционирањето, поради недостиг од студенти. Еден има и блокирана сметка. Се шпекулира дека наесен дел од нив би можеле да стават катанец на врата.

(НЕ)ИСПОЛНЕТИ КРИТЕРИУМИ

Во истражувањето за интерни потреби на Министерството опфатени се 14 приватни универзитети, со тоа што тие се нумерички обележани, без да се наведе нивниот назив, и покрај тоа што некои од нив може да се препознаат според одредени параметри, како број на единици, програми, студенти и слично. Врз основа на овие податоци може генерално да се заклучи дека овие универзитети во голема мера не ги исполнуваат, или само делумно ги исполнуваат потребните критериуми, додека постојат критериуми што не ги исполнува ниту еден од нив.

Во таа насока, речиси сите приватни универзитети ги исполнуваат или делумно ги исполнуваат критериумите за наставниот кадар, просторот и опремата. Тоа значи дека тие располагаат со доволен број редовни и вонредни професори, виши предавачи и доценти. Така, во испитуваните универзитети работат 112 редовни професори, без разлика дали се со полн или неполн фонд на часови или, пак, надворешни соработници, како и уште 127 виши предавачи и 272 доценти. Сите тие објавиле околу 3.500 трудови во домашни и меѓународни списанија, како и во списанија со таканаречениот импакт-фактор.

Понатаму, приватните универзитети располагаат и со значаен простор, така што најголемиот од нив има речиси 17.000, а најмалиот 270 квадратни метри бруто-површина. Оттука, тие во просек имаат барем по еден амфитеатар каде што се одржуваат предавањата со големи групи студенти, како и солиден број мали предавални каде што се одвива наставата, чиј просек изнесува 15 по универзитет. На крајот, тие може да се пофалат со коректно опремени лаборатории и библиотеки, со компјутери и книги.

Главно, универзитетите немаат проблем со акредитациите и решенијата за почеток за работа. Таму каде што овие универзитети во најголем дел потфрлуваат се усогласувањето на универзитетските статути и правилници, при што само еден од нив ги исполнува стандардите. Буквално, ако може да се видат и црвени, но и зелени полиња за акредитација на англиски јазик, ниту еден нема преодна оценка по надворешното оценување на високообразовните установи, кое, за разлика од обврската на универзитетите за самоевалуација, треба да ја врши Европската универзитетска асоцијација.

Но, дали државните универзитети ги исполнуваат овие критериуми? Очигледно – да, ако може да им се верува на соговорниците од управите на дел од нив дека внатрешните документи врз основа на кои функционираат, како што е статутот, мора да бидат целосно усогласени со повисоките правни акти, бидејќи не ги усвојува самиот универзитет, туку републичкото собрание. Во врска со надворешната евалуација, на пример, УКИМ побарал и добил досега три, кои, како што потенцираат од таму, покажале највисоки резултати.

ЕКСПАНЗИЈА НА ВИСОКООБРАЗОВНИ УСТАНОВИ

Достапната статистика покажува дека токму откога ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт во 2006 година и кога на чело на Одборот за акредитација застанува актуелниот претседател Ѓорге Иванов во 2008 година, драстично е зголемен вкупниот број факултети. Доколку во академската 2006/07 година постоеле пет универзитети со 44 факултети и високи школи, веќе во 2007/08 година бројот на универзитетите се зголеми на 8, а бројот факултетите и високите школи се зголеми на 75, за веќе во 2013/14 година бројката да достигне 16 универзитети, со 135 единици во нивен состав и 4 самостојни високи школи. Тоа се вкупно 139 факултети и високи школи.

По зголемувањето на бројката на студиски програми во периодот 2006-2008, зголемувањето на бројката на универзитетите, меѓу другото, се должи и на законските измени во 2010 година, кога се промени статусот на самостојните факултети, па тие по сила на закон или требаше да згаснат или да прераснат во универзитети. Основачите на ваквите самостојни факултети природно се одлучија за втората опција, па веќе во академската 2009/10 година бројот на универзитетите порасна на 14, а бројот на факултетите и високите школи се зголеми на 98. За да се задоволат универзитетските критериуми, насила се изведуваат студиски програми, иако многу од нив се целосно компатибилни една на друга и може да се интегрираат.

Кога дојдов за министер, имаше недостиг од студиски програми, главно на Тетовскиот универзитет, па моравме да интервенираме со програми надвор од општествените и хуманистичките науки, поради пазарот на трудот. Потоа се пројави потребата за пројавување интерес и на други универзитети, се формираше државен, потоа и приватни и слично. Тоа беше дел од програмата на тогашната влада – објаснува министерот за образование од тој период, Сулејман Рушити.

Во моментов акредитирани се вкупно 20 универзитети. Законски, акредитација на студиска програма доделува Одборот за акредитација и евалуација, врз основа на поднесената документација од страна на основачот (државата или приватник) за 24 компоненти – простории, опрема, финансирање, кадар… Одборот има обврска да го проверува исполнувањето на условите најмалку еднаш на 5 години и врз база на оценката дали има напредок, назадување или стагнација, одлучува дали да ја продолжи или да ја одземе акредитацијата.

Во одборот често имаме различни мислења и водиме дискусија, што може да се гледа и позитивно, бидејќи дускусијата е здрава. Делумно таа е производ на недореченоста и непрецизности во законот, кои доколку би ги немало, можеби членовите ќе бидат поедногласни. Во секој случај, барем овој состав во најголем дел одлучувал консензуално – ни изјави член на Одборот, кој, според нашите сознанија, веќе две години го управуваат потпретседателите Миколај Кузиновски и Зехра Хајрулај, откако му престанал мандатот на професорот Михаил Петковски.

Решението за почеток со работа, пак, го дава Министерството, кое преку своите инспектори за образование, се грижи за почитување на законот од страна на универзитетот и не работи само врз основа на „папирологија“, туку врши и оперативен увид на самото место. Доколку нотира одредени недостатоци, тоа може да ѝ укаже на установата да ги отстрани. Во спротивно, ако станува збор за државен универзитет, тој се затвора, а ако се работи за приватен универзитет, едноставно му се одзема дозволата за работа.

Одборот дава и тој може да одземе акредитација, по што паѓа и решението за работа што го издава Министерството токму врз основа на акредитацијата. Во некои држави масовно се регистрираа универзитети, но подоцна се проверуваа и се утврди дека не успеале да ги достигнат критериумите, па нивниот број се преполови, како на пример, во Бугарија. И кај нас треба да се стори тоа – смета Ненад Новковски, поранешен министер за образование и универзитетски професор.

ЕМ ДОВОЛНО ЛОШИ ЕМ ДОВОЛНО ДОБРИ

Експертите коментираат дека приватните универзитети наметнаа сосема нови стандарди во високото образование, воведоа современи услови за работа, ефикасна наставна програма, се збратимија со странски универзитети, стипендираат студенти, како на пример ФОН, па дури и чиновници на државата, како што беше оспоруваниот договор на Европскиот универзитет со Министерството за внатрешни работи. Веројатно не е случајно тоа што странски реномирани институции некои од факултетите на приватните ги ставаат пред истите факултети од државните универзитети, како изборот на американската федерална банка на економскиот факултет на Американ колеџ за најдобар економски факултет во државава, најмногу како награда за истражувачката работа.

Дури, и доколку се прифати тезата дека приватните универзитети навистина нудат катастрофална услуга, тогаш каков дефект кон идната интелектуална сила создале кога во последните 10 години, колку што постојат, само 10 отсто од студентите дипломирале на нив? Дотолку повеќе што меѓу тие луѓе има многу државни функционери, па дури и неколку пратеници од владејачката коалиција, кои дипломираа и магистрираа на постари години, бидејќи, нели, како што објаснуваа самите, занимавањето со политиката им го одзело времето за учење.

Дополнително, секогаш кога недостигаат еминентни експерти да ги бранат владините политики од државните универзитети, тогаш се посегнува и по професорите од приватните, па дури и најмалите од нив, што го потврди последниот случај со обвинувањето дека опозицискиот лидер Зоран Заев сторил обид за уривање на институциите со пуч, кое се чини дека власта полесно може да го докаже отколку купувањето дипломи. Од сето тоа испаѓа дека овие универзитети се доволно лоши за да ги оправдаат непопуларните реформи во високото образование, но истовремено се доволно добри за дипломи за функционерите и регрутирање експерти. Но, ако Грузија е напредна и развиена земја кога има потреба така да се претстави, тогаш зошто универзитетите да се не се перцепираат според потребите?

 

Сулејман Рушити, поранешен министер за образование
ЦЕЛТА Е ДА СЕ СТАВАТ ПОД КОНТРОЛА СТУДЕНТИТЕ И ПРОФЕСОРИТЕ

Поранешниот министер за образование, Рушити тврди дека целта на реформите е да се стават под контрола студентите и професорите.

Екстерното оценување беше удар за средношколските професори, обврската за научна работа за универзитетските професори, а државниот испит за студентите – посочува тој.

 

Ненад Новковски, универзитетски професор
ТРЕБА ДА СЕ ПРЕПОЛОВИ БРОЈОТ НА УНИВЕРЗИТЕТИ

Универзитетскиот професор Новковски, кој, исто така, е поранешен министер за образование, истакнува дека бројот на универзитети во Македонија е преголем.

– Тие треба да се преполоват и да се сведат на 10 – вели Новковски.

 

Самоил Малчески, поранешен студентски лидер
СТИПЕНДИРАМЕ СТРАНЦИ НАМЕСТО СОЦИЈАЛНО РАНЛИВИ СТУДЕНТИ!

Нема државни и приватни, туку има добри и лоши универзитети, смета поранешниот универзитетски професор и студентски лидер, Самоил Малчески, според кого, дисперзираните студии се тие што го срушија квалитетот на универзитетите.

– Професорите треба да патуваат по 200-300 километри да држат настава и притоа да работат наука. Наместо да формираат силни универзитетски центри, во кои државата ќе стипендира социјално ранливи категории, државата реши да стипендира странски државјани за охридскиот универзитет „Свети Апостол и Павле“, од кои немаме никаква корист, туку напротив, едуцираме кадри за други земји – вели Малчески.

Поврзани новости