(Архива) Приватни поликлиники, лаборатории, хотели во Гевгелија со разработена бизнис шема

by Fokus

Текстот е објавен на 3 јуни, 2021 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1339

Пред десетина дена, редакцијата на „Фокус“ дојде до информации дека во градот Гевгелија е развиен бизнис со издавање на лажни негативни ПЦР тестови за сите граѓани кои сакаат да одат на летување или викенд во Грција. Станува збор за добро разработена шема во која главно учество земаат неколку приватни лаборатории, хотели и хостели. Во случајот се работи за позната полклиника лоцирана во Богданци, која има свои простории и во Гевгелија, кои во моментот се затворени бидејќи без одобрение од министерството прават ПЦР тестови за Ковид 19. Во целата шема се вклучени и познати хотели, кои откако на фејсбук се испромовираа и букна скандалот, објавите експресно исчезнаа. Во целата ковид пандемија добри милиони евра заработија и регистрираните приватни болници и лаборатории, а да не зборуваме за сите тие што работат на црно.

 Пишува Ирена МУЛАЧКА

 Повеќе од година ипол како трае ковид пандемијата во државата, па освен што имаме огромен број на заразени и починати, сепак постојат и такви кои добро се офајдија, па почнаа опасниот вирус да го користат и како бизнис со кој ќе заработат дополнителни пари. Во полициските билтени и на страната на јавното обвинителство редовно може да се пронајдат фатени граѓани со фалсификувани лажни негативни тестови за влез во Грција, Србија, Бугарија….

Тоа во последната година стана тренд, па може да го прави секој што ќе одлучи да ризикува да биде фатен. Сепак, главниот проблем настанува кога во целта приказна со лажните ПЦР тестови се вмешани приватни болници, лаборатории, поликлиники, хотели, лекари кои во бизнис зделка со надворешни соработници за одредена сума на пари нудат и продаваат лажни негативни тестови.

Сепак, тоа што е уште почудно во целата приказна е зошто целата работа се држи во тајност. Досега, никој од надлежните институции не излегол со информации во јавноста за да кажат дали постојат такви лаборатории и хотели, кои се тие, посебно што сето ова се случува во последниот период кога официјално започна летната сезона.

„Фокус“ уште во август лани објави дека од самиот почеток на корона кризата од 26 февруари, лабораторијата на Институтот за јавно здравје вирусологија беше прва на списокот во која се прават тестирањата за Ковид 19 и тоа на државна сметка. Оттогаш, вкупно 12 лаборатории се одобрени од министерството за здравство за тестирање од опасниот вирус и тоа Центар за јавно здравје Скопје, Авицена, Биотек, Жан Митрев, Систина, Лаор Тетово, МАНУ, Судска медицина, ЦЈЗ Битола, скопската Клиника за инфективни болести и Клиниката за гинекологија.

Можеби, во меѓувреме лиценци добиле уште неколку, но во нашата приказна се битни сите оние кои не добиле, а се работи за прилично голема бројка на приватни лаборатории, кои сепак работат без дозволи и печалат на грбот на пациентите. Но, освен што печалат без одобрение за работа, тие и издаваат лажни негативни ПЦР тестови, за што веќе постои цела разработена шема.

КАКО ПРИВАТНИ ЛАБОРАТОРИИ И ХОТЕЛИ СИ ПРАВАТ БИЗНИС ШЕМА?

Како што во медиумите се појавија информации дека во Грција од 14 мај се отвора летната сезона, така бизнисот со лажните негативни ПЦР тестови во државата зазема се поголем замав. Граѓаните се спремни да дадат пари за да отпатуваат некаде, но сепак државата е таа која мора на секој чекор да следи што се случува, односно редовно да работи на терен за да се откријат ваквите бизниси во илјадници, па дури и милиони евра кои удираат по џебот на народот.

Социјалните мрежи во последниот период вријат, односно се претворија во главни известувачи, каде што можат да се најдат информации од тоа кои се барателите на тестови, па се до списокот со имиња на приватните лаборатории кои ги изработувааат. Но, да почнеме по ред.

Пред десетина дена, редакцијата на „Фокус“ дојде до информации дека во градот Гевгелија во кој има повеќе од 15.000 жители, а е одалечен само 70 километри од Солун е развиен бизнис со издавање на лажни негативни ПЦР тестови за сите граѓани кои сакаат да одат на летување или викенд во Грција. Станува збор за добро разработена шема во која главно учество земаат неколку приватни лаборатории, хотели и хостели.

Нашите извори тврдат дека во случајот станува збор за позната поликлиника која нуди повеќе здравствени дејности и која е лоцирана во Богданци, но има и свои простории во Гевгелија. Според нашите информации, тие веќе подолг период соработувале со хостел каде на дел од гостите кои патувале за Грција им се нудело да направат тестови токму преку нивната лабораторија. Прво, тоа што е незаконски во целата приказна е што нивната лабораторија нема одобрение од министерството за здравство за да прави тестови за Ковид 19, додека пак тоа што е уште поспорно е што наводно издавале и лажни тестови. Цените на тестовите се движат од 40 до 50 евра во зависност од потребите.

Градоначалникот на Богданци, Блаже Чапов вели дека официјални податоци од институциите до нив како градоначалници не стигнуваат, но постојат шпекулации дека тоа се случува.

Јас лично потврдени информации немам, тоа си е работа на надлежните институции. Но, дека постојат муабети дека во приватни лаборатории се прават лажни ПЦР тестови и дека има и такви кои работат без одобрение од министерството за здравство, постојат. Дали се точни или шпекулации, не знам да ви кажам – ни изјави градоначалникот Чапов.

Како што понатаму не информираа нашите извори, работата станала толку голема, извршени се контроли и оваа лабораторија во Гевгелија веќе е пломбирана, односно добила забрана за работа без дозвола од ресорното министерство, додека пак поликлиниката во Богданци продолжила нормално да работи. Од тука доаѓаме до моментот дека и самото министерство е запознаено со случајот за ваквата разработена шема во овој град, но досега во јавноста нема никакви информации на оваа тема. На нашите прашања, добивме само краток одговор:

Нема никаков проблем со издавање на ПЦР тестови во регистрираните лаборатории“ – се наведува во краткиот одговор од МЗ.

Но, тоа што може да се забележи во одговорот од ресорното министерство е дека тие нагласуваат дека немаат проблем со издавање на тестови во регистрираните лаборатории, иако нашето прашање не се однесуваше само на тие лаборатории. Но, затоа пак никаде не споменуваат дали до нив стигнуваат преставки за незаконско работење на дел од лабораториите, кои на своја рака и сопствен ризик си купуваат тестови и работат без некој да им го дозволи тоа. Досега, во ниту еден од маиловите на министерството не се споменала лабораторија која работи на диво или пак издава лажни негативни тестови.

Сепак, според нашите информации, оваа поликлиника не е единствената во Гевгелија која работела на диво и издавала лажни негативни тестови. Доволен е само еден клик на фејсбук, во некои од групите каде што можат да се пронајдат повеќето лаборатории кои работат на истиот начин и по истата шема. Но, во играта не се вмешани само тие кои ги прават тестовите, туку и тие кои ги нудат. Пред одреден период, познат хотел во Гевгелија на својата официјална фејсбук страна имаше објавено дека сите оние кои сакаат да патуваат за Грција кај нив лично може да направат ПЦР тест.

Ви нудиме преноќување во Гевгелија на пат до Грција. Нашите гости можат да направат ПЦР тест кај нас. Резултатите се добиваат за неколку саати – се наведуваше во објавата.

Но, откако веќе наголемо почна да се дознава за разработената шема, така експресно исчезна и објавата. „Фокус“ располага со фотографиите од самиот хотел, кој нуди сместување и правење на тестови за Ковид 19.

И ЛЕКАРИ ВО БОЛНИЦИ НА СВОЈА РАКА СИ ПРАВАТ ТЕСТОВИ И ЗЕМААТ ПАРИ

Ваквата шема на издавање тестови и богатење на грбот на граѓаните не почнува и не завршува во Гевгелија, туку истото се случува и во источните гратчиња во близина на бугарската граница, каде што МВР досега фати повеќемина со фалсификувани лажни негативни тестови. Таму пак има малку подруга шема. Битно, пак се оди преку посредници.

„Фокус“ разговараше веќе со еден од преставниците во градот, преку кој оди целата шема, односно тој е главниот посредник меѓу приватните болници и тие што бараат лажни тестови. Тој немаше никаков проблем да одговори на нашите прашања, но под услов да остане анонимен. Дури ни нагласи дека ваквиот бизнис не е од сега, туку од самиот старт на ковид пандемијата и дека тој соработувал со познати, и регистрирани и нерегистрирани лаборатории.

„Јас на некој начин им помагам на граѓаните и плус заработувам така. Не знам дали во министерство се запознаени, ама во државата постојат толку лаборатории кои работат без нивна дозвола и издаваат лажни тестови. Сега со ковид пандемијата профитираа многу луѓе. Еден таков тест се движи од 50 до 80 евра, зависи како ќе се договориш и во зависност од брзината. Секој со своите интереси. Па, нели е профит и тоа што и регистрираните приватни болници и лаборатории имаат толку високи цени на тестовите, а да не зборуваме за лекување. Факт е дека во оваа држава секој гледа само да заработи – раскажува нашиот соговорник.

Ништо поразлична не е ситуацијата и во Гостивар, каде што 45-годишен лекар од гостиварско Чегране во март, годинава заработи кривична пријава затоа што издавал лажни негативни ПЦР тестови. Тој тестовите ги наплаќал по 1.500 и 3.000 денари. Лекарот во два наврати ја злоупотребил својата службена положба како инфектолог во општата болница во Гостивар, иако во лабораторијата таму воопшто не се вршеле тестови. Притоа, тој на две пациентки им земал брис од нос и уста и за одреден финансиски надомест им издал лажен извештај за негативен ПЦР тест со цел да можат да патуваат во странство. Во двата наврати, тој го злоупотребил својот службен факсимил.

Во полицискиот билтен и на страницата на Јавното обвинителство секојдневно можат да се најдат фатени групи граѓани со фалсификувани лажни ПЦР тестови. Добра бизнис заработка.

Колку и надлежните институции да сакаат да ја забошотат работата, на крај се излегува на виделина. Може е ковид пандемија, но тоа не значи дека некој треба да ја злоупотребува целата состојба за да заработува на грбот на граѓаните. Не е спорно и тоа дека без дојава тешко можат да се откријат работите, но во Македонија и кога ќе се откријат, се се чува како државна тајна. За оваа година ипол доволно милиони евра заработија и регистрираните приватни болници и лаборатории, а да не отвораме уста за тие што работат на црно, колку се и колку се офајдија.

Рамка1:

УШТЕ ЛАНИ, НА ГРАНИЦАТА МЕЃУ БУГАРИЈА И ГРЦИЈА СЕ ПРОДАВАЛЕ ЛАЖНИ НЕГАТИВНИ ТЕСТОВИ

 Во пограничниот реон меѓу Бугарија и Грција се појавиле лажни резултати од тестови на ковид-19, јавија уште лани во јули, грчките медиуми.

Според информаците на медиумите, била спроведена интензивна контрола во близина на граничкиот премин Кулата-Промахон со која било утврдено дека организирана група дава лажни потврди за туристи што сакаат да влезат во Грција преку Бугарија.

Станува збор за потврди кои покажуваат негативни резултати од тестот на коронавирусот. Се продаваат за цена од 30 до 40 евра.

Бланко документите се издаваат од неовластени лаборатории, по што во нив, за паричен надомест се вметнува името на лицето кое сака да ја премине границата.

Фалсификуваните тестови биле откриени од полицијата, па грчките власти решија за влез во нивната држава да прифаќаат само ПЦР тестови од 100 референтни лаборатории на Балканот. Тестовите мора да бидат преведени на англиски јазик.

Рамка2:

Сашо Поцков:

Слушам муабети низ градот, ама не сум запознаен

 Градоначалникот на Гевгелија, Сашо Поцков во изјава за „Фокус“ вели дека слушнал муабети дека се изработуваат лажни негативни ПЦР тестови, но не е запознаен со целата ситуација.

Постојат такви муабети низ градот, но јас лично не сум запознаен со тоа. Ниту знам кои се тие лаборатории и хотели, ниту кој нуди – вели Поцков.

 

Поврзани новости