Текстот е објавен на 4 јуни 2024 година во неделникот „Фокус“ со број 1495
Палењето на возилата на вработени во затворот „Идризово“ кулминираше со палење на службениот „пасат“ на директорот на најголемиот затвор. Досега не е откриен ниту еден сторител или нарачател на осумте запалени возила на вработени во затворот или во сопственост на самата установа. Oна што му претходеше на палењето на возилото беше преместувањето на петмина познати затвореници од скопското подземје во затворите во Прилеп и во Штип. Но, по тепачки и инциденти, тие повторно беа вратени во најголемиот затвор, каде што, патем речено, е најголемиот „бизнис“ со дрога.
Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ
На полноќ вечерта на 14-ти спроти 15-ти мај, во близина на семејниот дом на Зоран Јовановски, директор на најголемиот затвор „Идризово“, целосно изгоре автомобил „фолксваген пасат“. Возилото е во сопственост на Казнено-поправната установа, а пожарот бил пријавен околу 3.35 часот.
„На 15.5.2024 околу 03.35 часот во полициската станица Кисела Вода во Скопје било пријавено дека на подрачје на Кисела Вода било опожарено паркирано патничко возило „фолксваген пасат“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на Казнено-поправната установа Затвор Идризово, кое било паркирано од З.Ј.“, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Обвинителството изврши увид на самото место, прибра траги кои ќе бидат предмет на вештачење за да се утврдат причините за пожарот. Освен траги, обезбедени се и снимки од видеонадзорот на околните објекти, што значи дека сторителите најверојатно биле снимени.
Сепак, МВР и по повеќе од десет дена сѐ уште не знае кој го запалил службеното возило на Јовановски. Ниту Управата за извршување санкции, ниту министерот за правда Кренар Лога не се заинтересира за овој случај, иако ова е осмо запалено возило на вработени во најголемиот затвор.
„Ве известуваме дека за извршеното кривично дело, Секторот за внатрешни работи Скопје презема оперативно-тактички мерки и дејствија за откривање на сторителот, но согласно член 51 став 1, правосудната полиција работи по налог на надлежните јавни обвинители, и согласно член 289 од Законот за кривичната постапка, сите дејствија преземени во предистражната постапка од страна на јавниот обвинител или полицијата се сметаат за тајна, поради што во моментов не сме во можност да Ви доставиме повеќе податоци“, велат од МВР за „Фокус“ на нашето прашање дали е најден сторителот што го запали „пасатот“ што го возеше директорот.
Од Јавното обвинителство, пак, ни изјавија дека Министерството за внатрешни работи постапува за откривање на сторителите.
„Јавен обвинител ги издаде сите потребни наредби“, велат од Обвинителството.
РЕПКИ И ТОТЕ – ПРЕМЕСТЕНИ, ПА ВРАТЕНИ
Всушност, двете институции не кажуваат никакви информации и си ја префрлаат топката, додека директорот вели дека криминалците му испраќаат порака. Според него, ним им пречи во затворот да се работи чесно и по правила. Сепак, не кажува кој точно и каква порака сака да му испрати и кои се нарачателите.
Најозлогласениот и најнатрупаниот затвор во земјава неретко е во центарот на вниманието на јавноста. Повеќе од една година е под кризна состојба поради недостиг од затворски персонал, па затворениците ги чуваат припадници на Армијата.
На двапати беа откривани тунели кои затворениците наводно ги копале за да избегаат, а „тигрите“ во акции постојано им запленуваат дрога, телефони и оружје на осудениците.
Но, според нашите информации, и покрај силните акции на надлежните со кои сакаат да покажат дека го „тресат“ „Идризово“, голем број од осудениците внатре во овој затвор се на „линија“ со моќни функционери.
Иако се затворени меѓу ѕидините, овие врски дел од затворениците ги прават моќни во овој свет. Првичните сомнежи кој стои зад палењето на „пасатот“ одат во неколку правци, но, сепак, се насочени кон осуденици што имаат блиски врски со високи функционери.
Дел од затворениците што беа преместени биле дилери на дрога, па со нивното преместување во помали затвори „бизнисот“ им трпел, поради што ургирале кај функционери да бидат пак вратени во „Идризово“ – најголемиот „пазар“ на дрога.
Палењето на автомобилот на директорот се случи откако петмина затвореници од „Идризово“ беа преместени во затворите во Прилеп и во Штип на 2 април со одлука на владата. Но, таму не издржаа многу…
Во Штип се случи голема тепачка меѓу двајца од затворениците што беа преместени од „Идризово“ и друга група, а во Прилеп затворските чувари излегоа да штрајкуваат.
Во затворот во Штип беа преместени Зулќуф Нуредини, кој во скопското подземје е познат по прекарот Мали Репки од Батинци, како и Фатљум Ајети Тоте, водачот на „Беланоца“.
Еден месец пред да биде запален автомобилот на Јовановски, на 14 април, Мали Репки и Тоте ќе бидат дел од тепачка меѓу две групи затвореници во затворот во Штип.
Сѐ почнало поради нетрпеливост. Од едната страна биле Мали Репки, Тоте и уште едно лице, кое важело за заштитник на Репки и уште една група од затворените.
Тоте и Репки биле преместени во друго крило од затворот, но во меѓувреме пред штипскиот затвор стигнале 30 лица со десет возила, како засилување на Репки и Тоте. Затворската полиција успеала да спречи поголем инцидент.
„Фокус“ пишуваше за водачот на криминалната група „Беланоца“, кој е правосилно осуден на 11-годишна казна затвор за трговија со дрога и оружје.
Мали Репки, пак, е познат бегалец, се бараше со потерница за два обида за убиство, но беше под сомнеж за рекетирање и организација и подметнување пожари на автомобили. Пред две години беше осуден на осум и пол години затвор затоа што со седум куршуми убил соселанец со кого се расправале за долг.
Токму за еден од неговите затворски „излети“, 17 припадници на затворската полиција во Идризово беа уапсени, под сомнение дека му помогнале да го напушта затворот без дозвола.
Во октомври минатата година тој се лекувал, на свој трошок, во приватна болница во Скопје, а таму го придружувале двајца затворски полицајци. Репки ја напуштил болницата, а полицајците, наместо да го чуваат него, чувале празен кревет без да пријават на некого.
Така полицајците му овозможувале на Репки да се шета низ Скопје неколку часа и пак да се враќа. По овој излет Репки сам се вратил во „Идризово“.
ВЛАДАТА ГИ ВРАТИЛА ОСУДЕНИЦИТЕ
По десетина дена од тепачката во Штип, вработените во прилепскиот затвор, каде што беа преместени дел од затворениците од „Идризово“, излегоа на штрајк и побараа затворот да се врати на ранг на Казнено-поправна установа, а не, како сега, да биде Казнено-поправен дом. Проблем за нив е што сега може да се носат затвореници од висок ризик.
– Сакам да известам за крајно сериозната ситуација во која се наоѓаат дел од затворите во државава во кои од пред извесен период се прераспределени лица од висок ризик, а затворите и затворските полицајци немаат услови да се справат со предизвиците.
Еден од нив е и затворот во Прилеп, каде што веќе состојбата е загрижувачка и во делот на условите за обезбедување и во делот на човечки персонал – изјави Сашо Гулески, претседател на независниот синдикат на затворската полиција и администрација во КПД – Прилеп.
По тепачките и поплаките, петмината затвореници со одлука на владата на 1 мај се вратени во „Идризово“.
По неполн месец, владата, без да ја извести јавноста, донела заклучок затворениците пак да се вратат во „Идризово“. Овие заклучоци на владата не се испратени до медиумите, но објавени се како заклучоци од седницата што се одржала на 30 април.
Притоа, се задолжува Министерството за правда, односно Управата за извршување санкции итно да преземе соодветни мерки за да се надмине ескалацијата на состојбата во затворите во Прилеп и во Штип и да ги врати петте осудени лица назад во „Идризово“.
„Се задолжува Министерството за правда – Управа за извршување на санкциите веднаш да постапи по препораките од седницата на Групата за проценка, одржана на 30 април 2024 година, итно да преземе соодветни мерки за надминување на влошената безбедносна состојба во Казнено-поправниот дом Прилеп и Казнено-поправниот дом Штип и да ги врати петте осудени лица, кои се пренесени од Казнено-поправната установа Казнено-поправен дом Идризово, доколку се отстранети причините поради кои истите се преместени, со цел да се надмине ескалација на состојбите во двата казнено-поправни дома“, стои во еден од заклучоците.
На оваа седница не присуствувал техничкиот премиер Талат Џафери, туку со неа претседавал вицепремиерот Бојан Маричиќ.
Но, освен овој основен заклучок се задолжува Управата за извршување санкции да утврди одговорност и да спроведе соодветни постапки против сите лица што ја загрозиле безбедноста во затворите во Прилеп и во Штип.
„Се задолжува Министерството за правда – Управа за извршување на санкциите на првата наредна седница на владата да достави детална информација за околностите што се промениле во Казнено-поправната установа Казнено-поправен дом Идризово, откако осудените лица се преместени во Казнено-поправниот дом Прилеп и Казнено-поправниот дом Штип, за потребата за нивно враќање, кои услови се создадени за тие да се вратат во Казнено-поправната установа Казнено-поправен дом Идризово, како и за начинот/гаранциите за одржување на безбедноста во казнено-поправните установи/домови во иднина“, стои во третиот заклучок.
„Фокус“ испрати прашања и до Министерството за правда и до Управата за извршување санкции зошто затворениците биле вратени во „Идризово“, дали е истражена состојбата во затворите во Прилеп и во Штип и дали има одговорност за лицата што учествуваа во тепачката во штипскиот затвор.
До Владата, пак, испративме прашања дали Управата доставила детален извештај како што беше побарано. Но, одговори не добивме од ниту една институција.
ПРЕТРЕСИ И ТУНЕЛИ
Според статистиката што ја добивме од Министерството за внатрешни работи, од почетокот на минатата година досега запалени биле вкупно осум возила што ги користеле или биле во сопственост на вработени во затворот „Идризово“. Тоа значи дека за година и пол некој нарачал палење на возилата, но досега МВР нема соопштено дека откриле ниту еден сторител или нарачател.
Досега од затворот си заминале околу 40-тина вработени. Но, интересно, во затворот останале сите оние чии автомобили гореле.
„Фокус“ минатата година влезе во затворот „Идризово“ и сведочеше на лошите услови во преполниот затвор. Само еден доктор, 11 воспитувачи и 60 чувари се грижеа за вкупно 1.200 осудени лица, меѓу кои има осуденици и на доживотна казна затвор.
Директорот тогаш обелодени дека затворот должи милиони на клиниките и има намален буџет, според кој треба да издвојат по 90 денари од затвореник.
Додека петтемина затвореници беа преместени во други затвори, „тигрите“ ги тресеа ќелиите во „Идризово“, а во акцијата беа најдени голем број предмети кои затворениците не е дозволено да ги користат во ќелиите.
„Министерството за внатрешни работи ја известува јавноста дека денеска (11.4.2024 г.) под координација на ОЈО Скопје и по барање на КПУ „Идризово“, даде асистенција на затворот во вршење претреси на повеќе простории со цел обезбедување доказен материјал поради сомневања за кривично-правни дејствија. Претресите се завршени и сите активности поминаа без никакви проблеми“, соопшти тогаш Министерството за внатрешни работи.
Што точно беше најдено тогаш, институциите не соопштија, но беа објавени неофицијални информации дека биле пронајдени два тунела за бегство и дека се подготвувала пресметка меѓу две групи, информации кои директорот ги демантираше.
Јовановски тогаш тврдеше дека се затрупувале канали и стари цевки и не биле тунели за бегство.
Акцијата што ѝ претходеше на оваа не помина така мирно. Беа запленети телефони, ладно оружје, дрога, но беа повредени и затвореници и полицајци.
Кој го копал подземниот тунел со месеци и кои затвореници планирале бегство, засега остана неоткриено, како и сите инциденти што изминатиов период се случија во најголемиот затвор.
Сега се чека нов министер за правда, кој сигурно, како и сите досега, ќе најавува почнување постапка за изградба на нов поголем затвор.
СОСТОЈБАТА ВО „ИДРИЗОВО“ Е АЛАРМАНТНА
Во казнено-поправните установи во Македонија се направени подобрувања на хигиената и состојбата во ќелиите, но и натаму е непроменет третманот кон лицата што се лишени од слобода од полицијата и присутна е корупцијата меѓу затворскиот персонал, се посочува во најновиот Извештај на Европскиот комитет за спречување тортура и нехумано или понижувачко постапување или казнување (КПТ) при Советот на Европа.
Извештајот е подготвен врз основа на согледувањата на тим на Комитетот за време на периодичната посета на земјава во октомври минатата година, а споредбите се направени во однос на претходниот престој во 2019 година.
Комитетот оценува и дека неодамна формираното трипартитно тело за полициска одговорност, односно Механизмот за надворешен надзор над полицијата треба да биде поддржан со усвојување методологија за спроведување ефективни истраги за наводите за малтретирање и тортура врз основа на неговите конкретни препораки.
Во однос на долгогодишната загриженост на Комитетот во однос на состојбата во затворите, во Извештајот се посочува дека се направени подобрувања во затворите во Скопје, Штип и во Прилеп, особено во однос на „обезбедувањето минимално ниво на хигиена и состојбата во ќелиите“.
КПТ посочува дека состојбата во затворот во Идризово „останува алармантна“ со физичко малтретирање на затворениците од страна на затворскиот персонал и продолжена изолација на проблематичните затвореници, насилството меѓу затворениците и нехигиенските и небезбедни услови.
Според Комитетот, овие проблеми се дополнително изразени во делот од установата од затворен тип, каде што има голема пренатрупаност на затвореници.
Условите, како што се наведува во извештајот, се влошуваат и поради широко распространетата корупција и фаворизирање одредени затвореници од страна на персоналот, со што се поткопува правилното функционирање на установата.
Во документот се забележува дека продолжува несоодветната примена на одредбите за здравствена заштита во затворите поради недоволен персонал и несоодветен медицински преглед на новопристигнатите затвореници и третман на затворениците со проблеми поради употреба на наркотици и се препорачува Министерството за здравство да покаже „поголемо лидерство во справувањето со овие недостатоци“.
„Стратешката реформа на затворскиот систем треба да се фокусира на искоренување на корупцијата меѓу персоналот и професионализација на раководството на затворите, преку транспарентни и деполитизирани назначувања врз основа на заслуги, како и преку обезбедување нивна хиерархиска подреденост на затворската администрација“, препорачува Комитетот.