(АРХИВА) Пратениците веќе 15 години незаконски земаат пари за патарини?

by fokus

Текстот е објавен на 07 јули 2021 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1344.

Пишува: Валентина ВУРМО

Веќе неколку години, медиумите редовно ги пресметуваат надоместоците за патните трошоци на пратениците, кои, покрај платата, секој месец им легнуваат на сметка. Но, овие пресметки, од кои иако боли глава, бидејќи знаат да достигнат и до 1.000 евра од месец, не се исплаќаат незаконски.

Поточно, во време кога граѓаните се дават во сиромаштија и едвај добиваат минимална плата, овие исплати се лакоми и неморални, но не и незаконски. Односно, ваквото право им следува на народните избраници, поради што и најголемиот дел од нив, истото, без многу колебање, го впаричуваат и го ставаат в џеб.

Но, како што вели народната дека „ѓаволот се крие во деталите“, така и во овој случај, еден детаљ открива дека дел од парите, можеби, сепак, се „валкани“, односно освен моралниот, не го минуваат и законскиот филтер.

Па така, под превезот на патни трошоци, односно надомест за гориво, дел од пратениците добиваат и пари за плаќање на патарините кои ги поминуваат за да стигнат до своите домови. Или, на пример, пратеник од Ресен, секој ден, освен надоместок за гориво, добива и по 360 денари за патарините што ги минува додека стигне од родното место до Собранието. Е, сомнежот е дека токму овие средства се исплаќаат незаконски и тоа не од вчера или лани, туку од крајот на 2006 година!

„ПРАТЕНИЧКО ОКО“ Е НОВОТО „ЗМИСКО ОКО“

Можната злоупотреба им паднала в очи на пратениците од Левица, односно дека во сумата за патните трошоци влегуваат и патарините, иако за тоа, според нив, не постои законски основ. Поточно, ова право, пратениците си го изгласале уште пред 15 години, но не во форма на закон или колективен договор, што би ја оправдало легалноста, туку со Одлука донесена на една од собраниските комисии.

Тоа го вклучило алармот во партијата од каде што поднеле иницијатива до Уставниот суд, од кој бараат ваквото право на пратениците да се поништи или укине.

Во образложението на иницијативата се наведуваат неколку членови од Уставот, според кои „Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори“ и „Пратеникот има право на надомест утврден со закон“. Поточно имплицираат дека вакво право не е предвидено да се уреди со подзаконски акт, како што било сторено во случајот.

Исто така, наведуваат и дека ваквата привилегија се коси со неколку законски одредби од Законот за пратеници и Законот за Собранието. Таму прецизно се наведени финансиските привилегии на народните избраници, меѓу кои не се споменати трошоци за патарини.

„Пратеникот има право на други лични примања и надоместоци на трошоци за: Надоместок за користење автомобил во лична сопственост за службени цели, во висина од 20 отсто од продажната цена на еден литар гориво, според изминатиот километар за возилото што се користи“, се наведува во член 31 од Законот за пратеници, без да се спомене трошок за патарина.

Законот за пратеници, таксативно, посебно и поименично ги наведува другите лични примања и надоместоци на трошоци на кои пратеникот има право. Па така, во оваа стриктна и јасна одредба, законодавецот никаде не предвидел плус, дополнителен, екстра надоместок на трошоците за исплатените патарини, поентираат од Левица.

ДЕСЕТИНА ПРАТЕНИЦИ СИ ИЗГЛАСАЛЕ ОДЛУКА

Дополнителната привилегија за добивање и трошоци за патарините е донесена на 3 октомври 2006 година, од собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата, со назив „Одлука за висината на надоместоците на пратениците за користење автомобили во лична сопственост за службени цели и надоместок на трошоци за патарина“.

Одлуката е потпишана од тогашниот претседател на комисијата Трајко Вељаноски, а покрај него во комисијата членувале и пратениците: Благородна Дулиќ, Љубисав Иванов-Ѕинго, Ристанка Лалчевска, Илија Китаноски, Силвана Бонева, Ружди Матоши, Горан Мисовски, Никола Ќуркчиев, Оливер Спасовски, Рафиз Алити, Азиз Положани, Роза Каревска Топузова и Маријан Додовски. Според Левица, Собранието, односно комисијата, со носењето на ваквата одлука направила злоупотреба.

„Со носење на оспорената комисиска одлука, донесена на седница на кадровско работно тело составено од само 13 пратеници, кое без никаков уставен основ излегува од рамките дадени со Уставот, како највисок и врвен правен акт во Републиката (lex superioris), предвидувајќи надоместок на трошоците за патарина, кој воопшто не е ниту уставно, ниту законски предвиден – прави класично ultra vires проширување на правата на пратениците и врши каприциозна и дрска злоупотреба на сопствената материјална надлежност“, се појаснува во иницијативата.

Се додава и дека нема простор за никаква можна интервенција преку подзаконски правен акт во сферата на трудовото и парламентарното право, со кој малициозно би се дерогирал или изместувал постојниот јавно-правен поредок, утврден со националната легислатива, но и со ратификуваните меѓународни договори. Можело да биде поинаку уредено, но не е.

„Впрочем, правно невозможно е со подзаконски правен акт да се промени императивниот карактер на уставните одредби за правата на пратениците во Собранието“, се наведува во иницијативата.

За да биде уште попластично објаснето, се наведува дека надлежното работно тело нема мандат да воведува ново пратеничко право, туку само да ги дорегулира, допрецизира и операционализира „условите и начинот за утврдување на висината на износот за остварување на личните примања и надоместоци на трошоци, утврдени со закон, како и нивната примена“.

„Значи, правно невозможно е вакво супстанцијално прашање самоволно да го третирате со интервенирање и менување на подзаконски акт, а не со менување на матичниот закон! На овој начин, директно се создава правна пукнатина и се нарушува конзистентноста на уставниот концепт на статусна уставност, vis-à-vis принципите на тријалистичка поделба на власта и владеење на правото“, поентира Левица.

АПАСИЕВ: СКАНДАЛ ОД НЕВИДЕНИ РАЗМЕРИ!

Поради итност и сериозност на ова правно прашање, како што велат од партијата, тие бараат Уставниот суд да изрече привремена мерка, односно до донесувањето конечна одлука, судот да донесе привремено решение за запирање на примената на овој акт, бидејќи секојдневно се предизвикуваат штетни последици по државниот буџет, како и опасни правни последици по правната сигурност на граѓаните.

Кога веќе законски си добиваат големи суми за патни трошоци, се поставува прашањето зошто на ваков начин пратениците решиле да ги набилдаат сумите и со сметките за патарини? Пратеникот Димитар Апасиев ваквиот потег го оценува како алчен.

Ако веќе треба да бараме некоја „смисла“ и „рацио“ во екстремно високите патни трошоци на пратениците, тогаш тоа би било дека сумата што тие ја добиваат по овој основ е некаква си „вкупна сума“, во која нормално е да се вкалкулирани и патарините.

Но, итрите и алчни пратеници од сите тогашни партии (ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ), здружно и зад сцената си направиле противуставен и противзаконски „капиџик“ да си ги зголемат и така веќе напумпаните патни трошоци, на начин што – со обична комисиска одлука – си вовеле нова екстрапривилегија: покрај надоместокот на трошоците за користење свое возило, да си доплаќаат и пари за платените патарини!?, ни изјави Апасиев.

Тој додава дека ваквата одлука е невиден скандал.

Ова е надвор од здравиот разум, а згора на сѐ е и противзаконски – бидејќи секоја пратеничка привилегија, по сила на Уставот, е законска материја и не може да се проширува со никаков подзаконски правен акт!

Тоа значи дека, цели 15 години, пратеници од сите партии си наплаќале плус патарини, надвор од Уставот и законот – што, само по себе, е скандал од невидени размери, кој конечно мора да биде санкциониран од страна на Уставниот суд на РМ, заклучува пратеникот.

Од Уставниот суд добивме одговор дека иницијативата е примена и е во процедура.

УСТАВНИОТ СУД ВЕЌЕ ОДЛУЧУВАЛ ЗА СЛИЧНИ ПРАШАЊА

Од Левица се надеваат дека наскоро Уставниот суд ќе пресече и ќе стави крај на оваа злоупотреба.

Од партијата се повикуваат и на веќе постоечка одлука на Уставниот суд по вакво прашање од 2008 година, кога тогашните уставни судии заклучиле дека е правно невозможно со подзаконски акт да се (до)регулираат дополнителни „критериуми за определување на платите, заради остварување на правото на вработените на соодветна заработувачка“, ако претходно тие не се изрично предвидени со закон!

Оваа одлука е објавена на сајтот на судот, а тогаш бил оспорен акт за распределба на плати во областа на културата. Иницијативата тогаш ја поднеле од Самостојниот синдикат за образование, наука и култура, а се спорел член од Законот за култура, според кој, директорот  на националната установа  донесува акт за распределба на плати. Од Уставниот суд потенцирале дека заработувачката на вработените се регулира со закон и со колективни договори, а не со посебни акти.

Со оглед на тоа што со оспорениот дел од законската одредба се определува директорот на национална установа да донесува акт за распределба на плати, без притоа Законот да утврди критериуми за определување на платите заради остварување на правото на вработените на соодветна заработувачка, Судот утврди дека оспорениот дел од законската одредба не е во согласност со член 32 став 3 од Уставот на Република Македонија“, се наведува во Одлуката на Уставниот суд од пред десетина години.

Под силниот притисок на јавноста, пред точно три години, пратениците мораа да ги намалат средствата што ги добиваат за патни трошоци, односно, наместо дотогашните 30 отсто, од изминат километар од продажната цена на еден литар гориво да земаат 20 отсто.

Според Апасиев, пак, трошоците требаше да се спуштат на 5 отсто, бидејќи во тој случај сумата што ќе ја добиваат пратениците ќе биде изедначена со цената на повратниот автобуски билет за одредена релација.

Еве еден пример. Патување од Куманово е 40 километри наваму и 40 километри натаму. За 80 километри добивате 1.000 денари, а реалниот трошок за изминати 80 километри е 300 денари. Дури 700 денари Собранието ги дава бакшиш, додава тој.

ИМААТ СТАНОВИ ВО СКОПЈЕ, А ДОБИВААТ И ПАТНИ ТРОШОЦИ

Со патните трошоци на народните избраници се занимаваа и од Државната комисија за спречување корупција. Минатата година објавија извештај со анализа на патните трошоци од 2015 до 2019 година, а вкупниот трошок беше речиси 3 милиони евра.

Анализата покажала тенденција на намалување на трошоците за превоз, па така во 2015 година исплатените надоместоци на пратениците во Собранието за користење на автомобил се 770.883 евра, во 2016 – 698.797 евра, 2017 – 512.000, 2018 – 522.930 евра и 2019 година – 390.993 евра.

Антикорупциска констатираше и дека во анализираниот период, 23 пратеници имаат сопствени станови или станови на име на членови од нивното потесно семејство кои се лоцирани во Скопје, а и покрај тоа тие пратеници примале надоместоци за користење автомобил за доаѓање и враќање на работа, односно за патување до Скопје и назад.

За намалување на патните трошоци на пратениците ДКСК предлагаше натамошно регулирање на оваа проблематика во смисла на консолидирање на законската и подзаконската регулатива и нејзино усогласување со реалните можности на државата и потребите на пратениците, утврдување на прецизни критериуми за користење на правата на надоместоци на пратениците по сите основи, а сето тоа да биде поткрепено со методологија со која јасно и недвосмислено ќе се утврди правото и видот на надоместоците кои пратениците можат да ги користат по сите основи.

Но, додека да се направат некои нови правила, патните трошоци непречено си течат и понатаму. Тие се одлевале и за месеците февруари, март и април, кога парламентот всушност и не работеше, но, сепак, биле исплатени над 70.000 евра. Дека патните трошоци не ги заслужиле, тогаш во нервоза призна и собранискиот спикер Талат Џафери, кој ги караше пратениците од опозицијата дека само прават влези-излези од Собранието, без да останат да гласат.

Цел ден, Талат, Талат, Талат… Еве ви го Талат. Сто и еден пратеник се потпишани овде, ќе земете патни трошоци. Четири години ве бранам дека тоа не е така, но сами си се удирате од глава и не се вразумувате. Не може да ве викам секој ден тука, да плаќаме патни трошоци за 100 пратеници, а на седница да има 50 пратеници, 58, 59 пратеници, реагираше Џафери во април, кога опозицијата ги блокираше собраниските седници.

Претседателот Џафери, до затворање на неделникот, не ни одговори дали според него парите што ги добиваат пратениците за патарини се законски или, пак, не. Исто така, од собраниската служба не добивме ниту одговор колку пратеници ја користат оваа привилегија, односно добиваат пари за патарини.

Очигледно е дека ќе треба да се почека уставните судии да пресечат, но да не заборавиме дека минатата година тие самите за себе си изгласаа 35 отсто додатоци на плата без да ги поминат законски во Собранието. Поточно додатоците ги вметнаа во Деловникот за работа на Уставниот суд, наместо Парламентот да им ги изгласа со закон.

И сега самите се ставени во мат позиција. Доколку ги прогласат патарините на пратениците за неуставни, ќе признаат дека во истиот кош се и нивните додатоци на плата. Затоа речиси минимални се шансите правдата да стигне од оние што ќе треба, на тој начин и самите ќе треба да си ја исечат гранката на која седат!

 

 

Поврзани новости