АРХИВА Последното што ми го рече беше: „Овде е лудница, сите умираат!“

Повеќе од 7.000 починати од ковид 19 не е само статистичка бројка, туку изгубени животи. Дел од роднините на пациентите со документи во раце ги кажуваат своите трагични судбини, но за смртта на нивните најблиски тие го обвинуваат лошо поставениот здравствен систем, шетањето од болница во болница, недостигот од кадар. „Фокус“ се потруди да поразговара со некои од лекарите за да ни објаснат за улогата на кислородот во лекувањето, кој одлучува на кој пациент колку му е потребен, од што зависи тоа и дали преголема доза кислород може да им наштети на болните?

by Fokus

Текстот е објавен на 28 октомври, 2021 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1360

 Пишува Ирена МУЛАЧКА

 Не поминува ден без во јавноста да излезат страшни бројки на починати пациенти од опасниот вирус ковид 19, но исто така не поминува и ден без роднините да излезат со страшни обвинувања за начинот на лекување на нивните најблиски. Секојдневно на „ѕидот на срамот“ се објавени имињата на болниците во кои се лекувани веќе починатите, како и дел од лекарите, кои според нивните најблиски се главни „виновници“ за страшните случувања.

Мораме да признаеме дека повеќето од лекарите си ја ставија главата во вреќа за време на оваа ковид пандемија, која трае веќе 18 месеци, но како и секогаш има исклучоци. Ние не можеме да коментираме кој пациент како бил лекуван, но сепак според документите со кои располагаме, може да се забележи енормно големиот број на антибиотици кои ги примиле, како и тоа, дека од наеднаш добра здравствена состојба во рок од само неколку часа доаѓа до фатален исход. Што всушност се случува?

Факт е дека болеста е непредвидлива, но факт е и дека во Македонија како трета земја по смртност во светот, секој лекар има одврзани раце сам да одредува терапија на ковид пациенти, без претходно определени протоколи, според кои би се раководеле сите во јавното здравство. Според досегашната пракса, секој пациент е приказна за себе, па на тој начин се одвива и патот на лекувањето.

Да не ги споменуваме тука и сите патешествија, кои ги поминале дел од пациентите заразени со корона, само за да стигнат до болница. Брза Помош ти праќа возило единствено ако имаш договорено со директорот на некој од болниците дали имаат место да го хоспитализираат болниот или не. Во друг случај, без разлика колку и да е во тешка состојба, возило нема да пратат затоа што нема кај да биде примен. Тоа е само еден пример од страшните случувања, кои ги поминаа болните во ковид пандемијата. А, верувајте ваквите примери се многубројни.

ПОСЛЕДЕН ПАТ ГО ВИДОВ СО ОТЕЧЕН СТОМАК ОД КИСЛОРОД

 „Фокус“ во претходниот број отвори тема во која повеќе од 20 пациенти со документи во рацете обвинуваат за наводно несоодветно лекување на нивните блиски, кои починале од заразниот вирус. Тие се убедени дека лошо поставениот здравствен систем, недостигот на лекари, шетањето од болница во болница, како и лекувањето на своја рака им  пресудиле на нивните најблиски. Повеќето од нив поднеле преставки и до Лекарската комора и до Државниот здравствен и санитарен инспекторат, барајќи да се „истражат“ причините за смртта на нивните роднини.

Починатите од ковид не се само бројка во статистиката, туку се луѓе кои имаат семејства, деца, родители, кои по нивната загуба остануваат со многу неодговорени прашања“ велат дел од роднините со кои разговаравме.

Уште еден од жртвите на опасната болест е струмичанецот Митко Шулев, чија голгота по македонските здравствени лавиринти започнала на 2 декември, лани кога имал покачена температура, која за кратко време успеал да ја нормализира само со парацетамол. Според објаснувањата на неговата сопруга, тој секогаш бил одговорен за своето здравје и ги почитувал ковид мерките.

Отидовме на лекар, направивме тест и додека да бидат готови резултатите направивме крвна слика и ренген на плуќа. Резултатите беа добри, црп 8 и се друго во нормала како за еден витален и енергичен човек полн со живот. После добиениот позитивен резултет се јави на лекар, каде доби терапија со антибиотици, како и витамини, кои и претходно си ги земаше. Кога и по два до три дена, ситуацијата остана иста решивме да се јавиме на инфектолог, му дадоа инфузија и се договоривме за да не се влоши состојбата, најдобро да се хоспитализира“, објаснува сопругата Љупка.

Таа додава, дека откако добро размислиле се одлучиле за приватна болница, каде што на 6 декември, за да го примаат болниот пациент веднаш им бил побаран депозит од 12.000 евра.

Кога е во прашање живот правиш се и бараш спас. Ние си отидовме со наше возило, тој сам си возеше. Ја уплативме бараната сума и веднаш го примија. Веднаш му го земале телефонот, цело време никаков контакт со него, ни да го слушнеш, ниту пак да ти каже како е. Тој успеал да дојде до телефон, ми се јави и ми вика „Ова е лудило, не знаат што прават, ќе умрам, нема повеќе да ме видиш“. Така и се случи“, револтирано раскажува струмичанката.

Веќе наредниот ден ја контактирале од болницата за да ја прашаат дали ќе одобри да му прават хемофилтрација, прочистување на крвта.

На тоа им одговорив, вие знаете. Ако треба правете, само да не му се влоши состојбата. Па, ме прашаа дали сакам од 4.000 или 5.000 евра и пак им одговорам тоа што е најдобро за него. И веднаш ми велат дека мора да ги уплатам парите, за да почне постапката. Можете да замислите, во прашање е живот, ама тоа не е важно, поважни се парите да стигнат на сметка. Двапати ме прашаа за хемофилтрација. Дали му е правено, кој знае, кога тој немаше телефон за да ми каже. После ми се јавија дека се расправал со нив, ја тргал кислородната маска, тврдејќи дека му е многу кислород и тоа не можел да го издржи“, продолжува да објаснува револтираната сопруга.

Работата дошла до таму што и рекле дека ако продолжи да се расправа, ќе го врзат, на што таа веднаш се побунила.

„Замислете, на 6-ти отидовме, а веќе на 9 декември добив информација дека ќе го интубираат. Во извештајот пишуваше дека кислород има ставено максимум. Ние беа препорачани едни антибиотици и тоа ние да си ги најдеме, ги имало во Косово. Бизнис невиден, една ампула 200 евра. Во извештајот, исто така пишува дека има три оброка. Е, како може интубирана особа во кома да јаде? Им се молев да го посетам, зошто веќе не им верував на нивните информации, секој ден различна верзија. Кога влегов што да видам, стомакот на мојот сопруг отечен до плафон од кислород, прстите на рацете и нозете не можеа да му се видат од огромните и страшни отоци. Се гледаше дека веќе нема спас, гореше од температура, а никој нема да ти даде информации како дојде до оваа ситуација“, раскажува сопругата Љупка.

Наредниот ден во 9 часот и се јавиле да и бараат уште 3.000 евра, додека два часа подоцна веќе и изразиле сочувство. Таа тврди дека кога ја напуштиле болницата, барале од неа да внимаваат да не ги видат за да не им се наруши угледот.

Ништо од информациите што ми ги даваа за неговото лекување, не се совпаѓа со документите кои ги добив“, вели сопругата на Митко.

ДВЕ СЕСТРИ НА 50 БОЛНИ, ПЕТ ЧАСА ЧЕКААТ ЗА ПАМПЕРС

Како што поминува времето, освен што се зголемуваат црните статистики, така се зголемува и бројот на семејства кои изгубиле свои најблиски во македонските болници. Во црните архиви на македонското здравство ќе бидат запишани имињата и презимињата на многу пациенти, жртви на ковид или на здравствениот систем.

Во тие архиви се наоѓа и името на 64-годишната гостиварчанка Ана Стојаноска, која првите симптоми на корона вирусот ги добила пред два месеци, поточно на 9 август. Таа имала висока температура над 38 и веднаш од матичен лекар и бил даден антибиотикот панцеф.

Бидејќи панцефот не дава никакви резулатити, после три дена ја тестираа и испаѓа позитивна на ковид. Веднаш и дадоа лендацин навечер во инфузија во дневна болница. На 13 август на крвната слика и покажува црп 65, а матичниот дава упат за ренген дури за понеделник, иако беше петок со објаснување дека црп-то не е загрижувачко. Во понеделник се јавуваат опструкции во дишењето, а ренгенот покажува масовна билатерална пневмонија на седмиот ден од симптомите. Сатурацијата падна драстично на 78“, раскажува за „Фокус“, нејзиниот син Александар.

Во тој момент во Гостивар немало место, па ја сместиле на интерно, изолирана во соба за кислородна терапија, каде и покрај тоа сатурацијата и паднала на 70.

Наредниот ден најдовме место во болницата во Лешок, но директорот ни се јави за да ни каже да бараме болница со централен кислород, бидејќи кислородот од боци не стасува и треба дури над 20 литри, а тие можат да обезбедат максимум 16 литри. Тука веќе почна голготата. Се јавувам во сите државни и приватни болници, никаде нема место. И со врски преку еден градоначалник ја сместија на скопската Инфективна клиника на втори спрат. Беше ставена на 27 литри кислород десет дена и примаше ковалесцентна плазма и во тој период процесот на инфекција беше стопиран“, објаснува нејзиниот син.

Наеднаш состојбата почнала да и се подобрува, црп-то од 340 паднало на 16 и дури после 21 ден била ставена на 5 литри кислород со објаснување дека здравствената состојба и се подобрила.

На 10 септември, поточно на 24 ден откако е хоспитализирана, нејзината состојба повторно се влошува со висока температура, пролив, нарушување на електролитниот статус и повторно ја задржуваат во болница, каде што е вратена на 16 литри кислород.

Четири дена подоцна од докторите добиваме информација дека е во крајно влошена состојба со развиена бактериска пневмонија.

„По нејзина молба јазедовме во Гостивар, зошто сакаше да се погребе христијански, а не во вреќа. Тетка ми е медицинска сестра, ја извадивме од Инфективна клиника, со сатурација 40 и со дишење на стомак. Од авион се гледаше дека ќе умре. Ја вративме во болницата во Гостивар, но веќе организмот и беше исцрпен од 35 дневната борба и умира“, тврди Александар.

Како и сите други семејства и тој бара одговори на многу прашања, меѓу кои – зошто лекарите и медицинскиот персонал се толку нетранспарентни и не даваат информации за болниот?

Полесно е да најдеш министер, отколку лекарите. Мајка ми цело време викаше дека таму е пекол се што се случува. Две сестри на 50 души, се чека по пет саати за менување на памперс. Инфузиите некогаш течеле надвор, нема кој да ги среди. Ако немаат кадар, нека пуштат некој од семејството во скафандер по еден час внатре. Мајка ми се чувствуваше како фрлена, а тоа е впечаток на сите“, додава Александар.

Тој бара одговори на повеќе прашања, како зошто кај повеќето пациенти состојбата се подобрува, а потоа наеднаш се влошува? Зошто бактериска пневмонија, каде ја фатила ако не во болница? Дали тоа значи дека хигиената не е во ред? На крајот бидејќи примила три плазми, дали состојбата се влошила од нив? Дали имаат унифицирани протоколи за лекување?

Сите овие прашања засега остануваат да лебдат во воздухот, зошто никој не дава одговори – што всушност се случува?

КОЈ ОДЛУЧУВА ЗА КИСЛОРОДНА ПОДДРШКА НА БОЛНИТЕ?

Повеќе од 90 проценти од пациентите што биле хоспитализирани за време на ковид-пандемијата биле ставени на кислородна поддршка, во зависност од тоа колкава им е сатурацијата и колку имаат потреба од кислород. Тоа обично се движи од два до 30 литри максимум по пациент, а состојбата од ден во ден се менува од тоа како се подобрува или влошува состојбата на заболениот. За првпат во историјата на државата, рекордна бројка на пациенти се ставени на кислород, од кои доста и починаа.

„Фокус“ се потруди да поразговара со некои од лекарите за да ни објаснат кој одлучува на кој пациент колку му е потребен кислород, од што зависи тоа и дали преголема доза на кислород може да им наштети на болниите?

Доктор Маја Мојсова, раководител на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) вели дека одлуката колку на еден пациент му е потребен кислород може да ја донесат анестезиолози и интернисти.

Колку на еден пациент му е потребен кислород зависи од неговата сатурација. За тоа најчесто се задолжени интернисти и анестезиолози, а додека пак анестезиолозите ја носат одлуката кој од пациентите ќе биде ставен на респиратор. Примарно, интензивната нега е на анестезиолозите, но за две години можат да се едуцираат и други специјалности и да го работат тоа. Со кислородот мора да се внимава, оти и вишок кислород може да направи штета“, вели доктор Мојсова.

Со сличен став како неа е и директорот на Градската болница „8 септември“, доктор Кристијан Костов, кој во изјава за „Фокус“ тврди дека и интернистите може да одлучуваат за потребите за кислород на пациентите во консултација со анестезиолози и пуломолози.

Ние како болница имаме осум анестезиолози, 46 интернисти и 6 пуломолози. Тие се задолжени од потребите на кислород на секој пациент – вели доктор Костов.

На прашањето дали кај нив има жалби од семејствата на некои од починатите пациенти, кои ја изгубиле битката со ковид, Костов потврдува.

Имаме жалби и формираме комисии. Еве, на пример жена ја донеле на Ургентно со сатурација 50, ја лекувале на друго место и тука брзо почина. И сега семејството ќе се жали, а не е наша вина“, вели Костов.

Од друга страна пак, на скопската Клиника за инфективни болести повеќе од 10 години нема вработени анестезиолози, кои ќе раководат со апаратите за дишење, па таа работа ја вршат интензивистите или пак доаѓаат анестезиолози од други клиники, во зависност од потребите.

Како и да е, редно време е надлежните институции да ги засукаат ракавите и да откријат што точно се случувало и како се одвивал патот на лекување на дел од пациентите. И да, министерството за здравство мора да сфати дека се потребни протоколи за лекување, оти инаку маф ни е работата. Не може секој да лекува ковид пациент по своја шема, а најмалку со антибиотици ако нема потреба за тоа!

Рамка1:

ГРУПА ЗА ПОДДРШКА НА ЛИЦАТА КОИ ИЗГУБИЛЕ БЛИСКИ ОД КОВИД

На социјалната мрежа фејсбук има отворено група за поддршка на лицата кои изгубиле блиски од ковид 19. Таму можат да се најдат околу 700 членови, од кои многумина секојдневно ги раскажуваат страшните и трагични судбини кои ги доживеале во битката со опасната болест.

Но, сепак тие вината не ја лоцираат толку во болеста, колку во начинот на лекувањето на нивните најблиски. Во оваа група можат да се најдат многубројни страшни примери, како и голем револт кон здравствените власти во државата.

 

 

 

Поврзани новости