(АРХИВА) Портрет на Талат Џафери: Патот на воениот офицер до врвен политички функционер

by Фокус

Текстот е објавен на 02 март 2023 година во неделникот „Фокус“ со број 1.430.

Во првата половина на минатата година, „Фокус“ го портретираше и Талат Џафери, кој често беше во фокусот на вниманието поради тоа што знае да влезе во вербални конфликти. Некогашниот офицер на АРМ, кој дезертираше за да стане командант на ОНА, се „прослави“ со блокадата на законот за бранители со молчење, но и со рецитирање поезија. Ги задржа нервите за да не се степа со Груевски, но не се воздржа од навреди кон вработените. Сега, првиот спикер-Албанец во независна Македонија се повлече од оваа позиција за да стане прв (технички) премиер-Албанец.

Пишувала: Катерина СМИЛЕВА БОЖИНОВСКА

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, периодов повторно стана актуелен во јавноста, но не поради доброто и ефикасно работење на законодавниот дом, туку поради своите конфликти со пратениците од опозицијата.

Низ целата своја политичка кариера, собранискиот спикер го следат скандали и влегува во разно-разни конфликти. Неретко, неговите назначувања на функции предизвикувале протести и тензии во и онака кревката македонска демократија.

СИНОТ ОБВИНИТЕЛ

Последната вербална расправија, Џафери ја имаше со пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, кој од говорницата читаше вести што се најактуелни во медиумите, а меѓу нив беше и веста дека синот на Џафери полагал правосуден испит пред да заврши факултет.

Тоа многу го погоди собранискиот спикер, па нервозно му се обрати на Јанушев.

Слушај сега, на синот на Талат Џафери, ни ти, ни многу од вас тука не можете да му дојдете ни до малиот прст. Второ, синот на Талат Џафери не се шета по судници. Синот на Талат Џафери не можеш да го видиш дрогиран – рече Џафери.

По ова, на говорницата се врати Јанушев, кој револтирано му рече: „Вести читав! Ако имаш нешто да ми кажеш, излези да реплицираш“.

Координаторот Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ, пак, излезе за да го тргне Јанушев од говорницата и да ја смири ситуацијата.

По настанот, ВМРО-ДПМНЕ порача дека Џафери треба да сфати оти не е во шума или во ливада, туку по сила на околностите станал претседател на Собранието.

Скандалот, кој беше и повод за оваа вербална расправија во законодавниот дом, беше обелоденет кон крајот на минатата година.

Имено, ДКСК утврди дека Барлет Џафери се здобил со право да полага правосуден испит, иако сè уште немало дипломирано, меѓутоа дека немаат услови за да го докажат тоа.

Не ни се совпаѓа потребното време од стекнувањето триста кредити до можноста да се полага правосуден испит, меѓутоа не можеме да го потврдиме тоа бидејќи документите во Министерството за правда не се чуваат, затоа што се работи за предмет со постари датуми и не постојат мерки од наша страна што можеме да ги преземеме“, соопштија од ДКСК.

Во меѓувреме, синот на Џафери ја заврши Академијата за обвинители и судии и стана обвинител. Во целиот случај, за Џафери нема ништо спорно, бидејќи како што вели, и неговото дете има право да конкурира и да биде примено на работа.

ОД ОФИЦЕР ДО КОМАНДАНТ

Кој е Талат Џафери и како стигна до втората највисока позиција во државата?

Роден е во селото Форино, Гостиварско, на 15 април 1962 година. Основно образование завршува во селото Чегране, а средното го продолжува во Белград, во Воената гимназија.

Студира на Воената академија на копнена војска на ЈНА – насока пешадија, во Белград и во Сараево. Постдипломски студии – Специјализација за командни и штабни должности завршува на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ – Скопје.

Од 1985 до 1992 година е офицер на ЈНА, а по осамостојувањето на Македонија станува офицер во АРМ. Таа позиција ја има и на почетокот на војната во 2001 година, кога командува со единиците во тетовската касарна.

На 28 април, на денот кога е извршен масакрот кај Вејце, бил дежурен командант во касарната во Тетово. Неколку дена потоа дезертира и преминува во ОНА, каде што го добива прекарот командант Форина, по своето родно село.

Во биографијата објавена на собранискиот сајт, овој дел од кариерата на Џафери не се споменува. Има дупка во хронологијата, па од офицер на АРМ до 2001 година, се преминува на периодот кога командант Форина станува пратеник во 2002 година од редовите на ДУИ.

Дали самиот Џафери или, пак, собраниските служби избегнале да се спомене командувањето во ОНА, останува непознато.

МИНИСТЕР ЗА ОДБРАНА

Во 2004 година, тој станува заменик-министер за одбрана, а во 2013, во владата на Никола Груевски е избран за министер за одбрана. Изборот на Џафери за министер за одбрана предизвика големи поделби и жестоки реакции.

Поранешните бранители поднесоа иницијатива за собирање 150 илјади потписи, на кои граѓаните на референдум ќе можат да се изјаснат дали се согласуваат со изборот на министерот.

Околу назначувањето на Џафери беа организирани и етнички протести во Скопје, кои ескалираа во судири со полицијата. На првиот протест, етнички Македонци протестираа против назначувањето на Џафери, за следниот ден Албанците да излезат на контрапротест.

Во дводневните насилства беа повредени околу 30 лица, а беа уништени повеќе автомобили и запалени автобуси. Штетата направена за време на немирите се проценуваше на 500 илјади евра.

Во време на својот мандат, без придружба од униформирани армиски офицери, министерот за одбрана се поклони пред споменикот на УЧК во Слупчане по повод 12-годишнината од Рамковниот договор.

Меѓу присутните министри од ДУИ и владини соработници официјално немаше ниту еден македонски претставник. Министерот Џафери не сакаше да одговори дали доаѓаат приватно или како делегација на влада.

КРВАВИОТ ЧЕТВРТОК

ВМРО-ДПМНЕ и нивните поддржувачи немаа против поранешен командант на ОНА да стане министер за одбрана и да ја предводи македонската Армија. Но, имаа против кога Џафери се избираше за претседател на Собранието во 2017 година.

Додека пред Собранието, со денови се одржуваа протести, Џафери во тензична атмосфера беше избран за прв човек на законодавниот дом. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со извици „предавници“ и пеење на македонската химна се обидоа да го спречат изборот.

На изборот му претходеше тензична состојба откако речиси сите пратеници останаа во салата, и покрај тоа што претседавачот Трајко Вељановски го прекина продолжението на конститутивната седница. До прекинот дојде откако пратениците прво ја пееја државната химна, а потоа и еден од пратениците Албанци ја испеа албанската химна.

И тогаш се случи еден од најцрните денови во македонската демократија. Демонстрантите упаднаа во собраниската зграда, а дел од пратениците, заедно со идниот премиер Зоран Заев беа заробени во прес-центарот.

Најтешко претепан беше Зијадин Села, а со повреди завршија речиси сите други, кои спасија жива глава, меѓу другото, поради обидите за смирување на ситуацијата на Влатко Ѓорчев, Никола Тодоров

СТРУШКИ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТА

Јавноста ги памети и повеќето политички егзибиции на сегашниот прв човек на Собранието што ги правеше како пратеник. Во 2012 година, тој имаше своевидно шоу на Комисијата за труд и социјална политика, со кое го блокираше носењето на Законот за бранителите.

Молчење на говорница, читање поезија, како и читање стенограми беа методите што Џафери ги користеше за да ја блокира работата на Комисијата. Од говорницата читаше и поезија од Ацо Шопов, а инспириран од стиховите:

Тишина, ако носиш нешто неизречено, ако нешто те притиска и пече, тишината сама ќе го рече“.

Додека сега се грижи за спроведување на Деловникот, тогаш тврдеше дека неговото однесување не е спротивно на него и дека има право на овој начин да го блокира предлог-законот за бранителите.

Речиси две недели, тогашниот координатор на ДУИ водеше маратонски седници во зборување, за потоа да најави дека неговиот збор ќе го користи комбинирано со молчење и зборување. Ставот на ДУИ беше дека ќе ја блокираат комисијата до бескрај, со што нема да дозволат законот да стигне на собраниска седница.

Во 2012 година, пак, Џафери заедно со Крсто Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ го предложи Законот за забрана за поседување, обработка, објавување и располагање со материјали што произлегуваат од незаконското следење на комуникациите, односно прислушуваните разговори што ги поседуваше СДСМ.

Џафери беше главен застапник на овој предлог-закон, кој предвидуваше затворски казни за објавување на разговорите, а требаше да важи и за медиумите.

Тогаш влезе во клинч и со новинарската фела, која жестоко се спротивстави на овој предлог-закон како закон што ќе цензурира. На крајот, Џафери и Мукоски го повлекоа својот предлог.

ТЕПАЧКА СО ГРУЕВСКИ

Изгледа Џафери не може да побегне од скандалите, па во 2018 година малку недостасуваше да дојде до тепачка со тогашниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник Груевски.

Груевски го испрска со вода претседателот на Собранието, па му ја зеде картичката за гласање по што Џафери даде пауза и стана да си оди, но беше запрен од Груевски. Тогаш дојде до турканица меѓу двајцата, а собраниското обезбедување интервенираше и ги раздели пред да дојде до тепачка.

Тоа се случи веднаш откако Џафери ја стави на дневен ред точката за Законот за употреба на јазиците.

Освен синот кој сега ќе биде обвинител, државно вработување претходно доби и неговата ќерка. Во 2018 година, Бесијана Џафери се вработи во ЕЛЕМ како референт за правни работи, на работно место за кое не беше распишан јавен конкурс.

Пред седум месеци, пак, Бесијана напредуваше во својата кариера и беше избрана за член на Надзорниот одбор на компанијата за снабдување со топлинска енергија, едно од трите новоформирани друштва при ЕСМ со кои државните електрани конкурираат за обезбедување парно греење за Скопје.

Во текот на изминатата грејна сезона вклучена беше во работни задачи при процесот на менаџирање на БЕГ од страна на АД ЕСМ,  задачи кои ги изврши на највисоко професионално ниво“, одговорија тогаш од ЕСМ.

ПЦУЕЊЕ ПО ВРАБОТЕНИТЕ

Но, тука не запираат скандалите поврзани со првиот човек на Собранието. Лани во јавност излезе аудиоснимка на која се слуша како Џафери пцуе по вработените во собраниската служба.

Сите од служба, конкретно од седници, веднаш кај мене, сите позади што седат сите до еден, вие што сте на плата и уште си е..те мајка овде. Што бараш бе ти овде, ајде бегај таму, бегај, излези! – со повишен тон им се обраќа Џафери на вработените.

Џафери на брифинг со медиумите рече дека не чувствува потреба да им се извини на службениците за кажаните зборови што се слушаат на објавената аудиоснимка.

Јас немам објаснување за тоа, во смисла на објаснување. Јас сум претседател на Собранието и со Деловникот на Собранието е пропишана мојата надлежност. Меѓу другите надлежности е да ја следам работата на службата. Покрај тоа треба да создадам услови и предуслови за работа на службата – вели спикерот.

Според него, пцовките не биле кон вработените, туку кон односот што го имаат кон работата.

Собранискиот спикер, во внатрепартиската битка во ДУИ, сѐ уште ја држи страната на лидерот Али Ахмети. Тој влезе и во директен судир со Муса Џафери од „огнената група“ кога на седница на Централното претседателство на партијата не беше прифатен неговиот предлог и гостиварскиот огранок да добие потпретседателско место. По ова, Џафери лут ја напушти седницата.

Според бројот на спорни ситуации во кои се нашол актуелниот претседател на Собранието, слободно може да му се припише епитетот „скандал мајстор“.

Дали станува збор за вработувања на членови на семејството, навредување вработени или конфликтни ситуации, Џафери досега ниту еднаш вината не ја препознал кај себеси. Ниту почувствувал потреба за нешто да се извини и да преземе одговорност. Збор кој очигледно е мисловна именка за македонските политичари.

 

ЏАФЕРИ Е КРИВИЧНО ОСУДУВАН

Собранискиот спикер Талат Џафери има и досие и е кривично осудуван. Во 2009 година, условна затворска казна во траење од 6 месеци му изрече тетовскиот суд на тогашниот пратеник на ДУИ. Џафери беше прогласен за виновен за кривично дело учество во толпа што спречила полицајци во вршење службена должност.

При објавувањето на пресудата, судијата образложи дека одлуката е донесена во согласност со досегашниот тек на постапката, уредното јавување на обвинетиот и неговата функција.

Обвинетиот Џафери, пак, по објавувањето на казната изјави дека пресудата била донесена под притисок на медиумите и функционери од опозициски партии на Албанците. Тој тврдеше дека не го сторил делото за кое е осуден, туку како активист на ДУИ бил повикан да ја смири ситуацијата.

Инцидентот за кој Џафери одговараше се случи по завршниот митинг на ДУИ на градскиот стадион во Тетово. Пред да почне митингот, симпатизер на ДУИ нападнал момче од македонска националност, кое играло кошарка.

Инцидентот бил пријавен во полиција, каде што момчето посочило возило од кое излегле напаѓачите. Автомобилот бил пронајден, а полицијата приведе неколкумина осомничени по што илјадници луѓе, неколку часа ги блокираа улиците кон Скопје, барајќи приведените да бидат ослободени.

Поврзани новости