(Архива) Портрет на Оливер Спасовски: Незаменлив министер чиј политички ментор е татко на премиерот

Во опозиција жесток критичар, во власт воздржан и дистанциран. Министерот за внатрешни работи, кој ги помина сите скалила на СДСМ, сега е на врвот и цврсто е закотвен за тронот во МВР. Не го сменија ниту бегства, ниту скандали. Беше незаменлив во владата на Заев, а преживеа и во владата на Ковачевски, чиј татко практично му бил политички ментор  

by fokus

Обиџуко е неговото второ име, неговото прво милениче е папагалчето Кико, а ако не бил политичар, ќе бил адвокат. Но, засега беспрекорно се снаоѓа на македонската политичка сцена. Откако СДСМ е на власт, се сменија многу министри, си замина и Зоран Заев, ама не и Оливер Спасовски.

Министерот за внатрешни работи влезе во зградата на МВР во 2015 година, а сѐ до денес од таму нема излезено. Само на кратко, до Влада, па пак назад во МВР.

Секој ден патува од родното кумановско маало Банево трло. Таму научил ромски, па кога беше премиер на техничката влада, сними видео во кое со пораката „Теовел Обиџуко“ на ромски јазик го честиташе Меѓународниот ден на Ромите.

Засега нема намера да стане адвокат, а нема стекнато ниту адвокатско искуство. Неговата биографија покажува дека само една година бил адвокатски приправник, иако завршил Правен факултет во Скопје.

Член на СДСМ станал во 1994 година, односно кога имал 20 години, а од 2001 година „шета“ по градоначалнички кабинети, менува партиски функции во партијата, но сега неколку години е закотвен во Владата.

Во опозиција беше гласен и бунтовен, а сега на власт е воздржан, одмерен и дистанциран. Речиси како неговата претходничка, Гордана Јанкулоска, сѐ по Устав и по Закон. Уште некоја година може да го турне и нејзиниот рекорд од девет години на чело на МВР.

Во партијата единствено не стигна до лидерското место, иако многупати неговото име се споменуваше и за оваа позиција.

Во политиката влегува како советник на тогашниот градоначалник на Куманово, Слободан Ковачевски, татко на сегашниот премиер Димитар Ковачевски.

Целиот негов мандат, односно од 2001 до 2005 година, е негов шеф на кабинет, Раководител на Сектор за општи, правни и финансиски работи.

Најпофален статус за Спасовски има напишано токму неговиот прв политички „татко“, Слободан Ковачевски, но пред неговиот син да стане премиер, додека Заев ја водеше владата.

Постариот Ковачевски е сѐ уште активен на социјалните мрежи, па за неговиот поранешен шеф на кабинет, кој сега му е подреден на неговиот син има напишано опширен пофален опис под наслов „Петте „тајни“ за професионалната и политичка вертикала на Оливер Спасовски“.

РАСКОШЕН ПОТЕНЦИЈАЛ

„Уште од првата средба со него, го почувствував тогаш младото момче, Оливер Спасовски со сиот негов раскошен човечки и творечки потенцијал. Бев покрај него, како што тој самиот беше покрај мене, уште од неговите први чекори во политиката.

Оливер е типичен пример за напредување во животот, професијата, во нашиот случај и во политиката (партијата) – стапка по стапка. Од најниска позиција (месен одбор), до сегашната високорангирана, но, пред сѐ, одговорна позиција – потпретседател на СДСМ и министер за внатрешни работи“, пишува Ковачевски.

Според неговата розова перцепција, Спасовски работи професионално до перфекционизам и кога само е член на месниот одбор на СДСМ во Куманово, но и сега кога е на првата позиција на најчувствителното и едно од најодговорните министерства во државата.

Бил успешен затоа што знаел да ги слуша луѓето, а не само да зборува, а проблемите ги решавал низ системот, а не „на мала врата“, со притисок и приватно.

Поранешниот кумановски градоначалник открива дека министерот ги контролира емоциите со разумот, а всушност е длабоко емотивен и сочувствува со сите.

„Човек и политичар од крупен калибар, а тивок и неславољубив“, пишуваше Ковачевски.

За волја на вистината, ако се погледне кариерата на Спасовски, тој напредувал од најниско партиско и политичко ниво, за сега да стигне на врвот.

Член на претседателството на кумановската општинска организација на СДСМ станува во 1999 година, потоа е секретар на општинската организација, за во 2003 година, кога сѐ уште Бранко Црвенковски беше на чело на партијата, да стане член на Претседателството на Централниот одбор на СДСМ.

Една година пред Владо Бучковски да ја преземе партијата, тој бил организациски секретар. Во времето на Бучковски, Радмила Шекеринска, како и кога Црвенковски се врати пак на чело на СДСМ, Спасовски нема висока партиска позиција.

Најголемиот напредок во партијата го има во 2013 година, кога Заев доаѓа на лидерската позиција. На тој конгрес најмногу делегати имаше од Струмица и Куманово, односно едни од ретките општини што не потпаднаа под вмровска власт.

Тогаш практично во партијата беше истиснато таканареченото скопско крило и раководството го презеде Заев од Струмица, генерален секретар беше Спасовски од Куманово, а се истакнаа и други членови на партијата од другите градови низ Македонија.

Единствено Шекеринска беше избрана за заменик-претседателка на СДСМ од таканареченото скопско крило.

Кога официјално стана министер за внатрешни работи, Спасовски стана и потпретседател на партијата, односно својот подем таму го доживеа во времето на Заев.

Но, освен политичар, тој друго и не работел. Професионалната кариера ја почнува во 2000 година како адвокатски приправник, но само една година.

СЕКОГАШ НА БУЏЕТСКИ ТОВАР

Прво со години плата земал од Општина Куманово. Од 2001 до 2005 година му бил шеф на кабинет на постариот Ковачевски, а потоа од 2008 до 2011 година, во време кога градоначалник на Куманово беше Зоран Дамјановски-Циц, беше секретар на Општината.

Во овој меѓупериод од две години, односно од 2006 до 2008 година беше пратеник додека ВМРО-ДПМНЕ беа на власт. На пратеничката функција бил и од 2011 до 2014 година, а потоа е или пратеник, министер или премиер.

Според одредени информации во политичките кулоари, довербата на Заев ја добил кога во партијата се слушале „бомбите“. Тогаш, наводно, се потврдило дека Црвенковски и Циц ковале план против Заев, па Спасовски застанал на страната на Заев и го поддржал во внатрепартиската битка.

Двајцата си останаа верни еден на друг додека со партијата и владата раководеше Заев. Неговото име се споменуваше и како кандидат за претседател на последните претседателски избори, заедно со Шекеринска и Стево Пендаровски. Сепак, Пендаровски истрча како претседателски кандидат.

Поранешниот премиер го бранеше својот министер до последно за сите скандали со кои се соочуваше. Дури и кога избега поранешниот премиер, Никола Груевски, кој им беше најголем противник и, како што велеа, „олицетворение на криминалот“.

Жестоко се бореа за да го симнат од власт, за потоа лесно да го пуштат да стане азилант во Будимпешта кај својот пријател Виктор Орбан. Спасовски тогаш не ни помислуваше на оставка, беше разочаран од Специјалното јавно обвинителство и од судиите.

Довербата во СЈО му се намалила откако станал дел од системот, во споредба со очекувањата што ги имал кога се залагал за негово формирање. Најмногу го „погоди“ тоа што СЈО не барало притвор за Груевски веднаш по изрекувањето на пресудата.

Кабает му беа и судиите оти не му одредиле притвор на човек осомничен за повеќе кривични постапки. Во една пригода дури и изјави дека Груевски ќе се врати и ќе ја одлежи затворската казна.

Тој никогаш не почувствува одговорност дека никој не го обезбедувал и не го следел Груевски, освен неговото лично обезбедување, кое го чекало цел ден пред зграда да се појави, без да алармираат дека го нема.

Но, Обвинителството до ден денешен не утврди дека Груевски имал некаква логистика. Спасовски уверуваше дека работат по наредби на Обвинителството и судот и дека немале законска можност да го следат Груевски.

Заев откри дека Спасовски му понудил оставка како морален чин, ама тогашниот премиер не видел никаква морална одговорност.

-Ако има морална одговорност, треба да има аргументација за тоа, да се објасни, да се лоцира каде е моралниот хазард, проблем, пропуст… Јас не гледам таков пропуст – рече Заев.

Но, освен Груевски, на Спасовски му побегнаа и поранешните разузнавачи, исто така обвинети во неколку предмети на СЈО, Горан Грујевски и Никола Бошкоски.

ЗА МАЛКУ УШТЕ ЕДНО БЕГСТВО

За малку ќе му избегаше и главниот обвинет за прислушувањето, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков. Него полицијата не го уапси, туку тој пред телевизиски камери сам се појави во Обвинителството и на јавноста ѝ кажа дека е во Македонија.

Сепак, Спасовски се пофали дека нивните активности дале резултати.

-Целосната ангажираност и опсежност во потражните дејствија на МВР и на другите институции и преземање низа активности даде резултати. Денеска истакнав дека Мијалков е во земјава и дека очекувам успех за неколку часа – се пофали Спасовски за Мијалков.

Претходно на прес-конференција, пак, тврдеше дека Мијалков не ја напуштил Македонија, ама дека не знаат каде е, зашто ако знаеле, ќе бил во притвор истиот момент.

Освен бегствата, министерот за внатрешни работи го следеа и низа скандали од почетокот на функцијата. Првиот поголем скандал што го одбележа почетокот на министерувањето на Спасовски беше купувањето 45 автомобили „шкода“.

Поточно, со донирани милион евра од Чешка, македонското МВР купи „шкоди“ од фирма што била донатор на СДСМ во 2016 година.

Фирмата беше „Делукс-ауто“ од Куманово и цело време се поврзуваше со Спасовски. Па, ако претходно Спасовски ги критикуваше вмровците за ваквите тендери, само што стапи на функција почна да го прави истото.

И ден денес низ светот се апсат белосветски криминалци со македонски пасоши, а за оваа афера осудени беа само службеници од пасошкото одделение.

Истражните органи утврдија дека биле издадени 214 лажни патни исправи, главно на криминалци што се бараат со меѓународни потерници.

Биле користени идентитети на македонски државјани кои никогаш не аплицирале за биометриска исправа. Пасошите биле изработени од јуни 2017 до крајот на 2020 година, а според информациите на полицијата, еден лажен пасош криминалците го купувале и за 20 илјади евра.

СО РУСКОВСКА НЕ СЕ „МИРИСАА“

Пасошите се издавале токму во време на Спасовски, но тој и за тоа не почувствува никаква одговорност. Обвинителството и министерот кажаа дека истрагата продолжува, но засега за оваа афера само службениците се во затвор.

Додека цветаше бизнисот со марихуаната, полицијата беше една од алките што требаше да контролира дали оваа легална марихуана се продава на црниот пазар.

И полицијата запленуваше огромни количества марихуана, која од фабриките за одгледување на медицински канабис се спремаше за дилање.

Во една од акциите на МВР, заедно со американската ДЕА, падна и еден прилепски началник, но никогаш не се докажа поврзаноста на оваа марихуана со високи структури на власта, иако многу од фирмите, пипала имаа токму во врвот.

Албанските медиуми објавија дека функционери од СДСМ и од ДУИ, како и припадници на „сините униформи“ саботирале акции на ДЕА, но засега никој не се огласи за овие пишувања во странските медиуми.

Му пропадна големата акција „Планина“ во Грчец. Иако цела година двајца јавни обвинители заедно со истражителите од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал следеле две криминални групи од Грчец, сепак беа уапсени само продавачите на дрога, но не и главните нарко-босови.

Тогашната раководителка на ОЈОГОКК изјави дека истрагата е пробиена, а сликите на нарко-босовите се сега на потерница.

-Петтемина главни кои се во бегство и по кои се трага, ако беа фатени и им беа одземени телефоните, ќе имавме повеќе докази, но ќе вложиме напор од електронските уреди што се одземени да видиме дали има поврзаност со вработени во МВР или други институции и во сите случаи каде што ќе се докаже тоа, инволвираните ќе бидат изведени пред лицето на правдата – рече тогаш Русковска.

Поранешната обвинителка, која сега е суспендирана, не му беше омилена на Спасовски, ниту, пак, тој нејзе, па знаеја да си испратат по некоја провокативна порака преку медиумите.

Таа отвори предмет за него и беше суспендирана, а полицијата на чело со Спасовски ја апсеше и поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева.

Во време на Спасовски беше сменет и поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Лазе Велковски, откако службено возило од МВР беше снимено како ја вози ќерка си на летување во Грција.

Сепак, тие снимки не излегоа случајно, па се шпекулираше дека Спасовски, всушност, сакал да го тргне Велковски.

По заминувањето од МВР, Велковски продолжи да работи како истражител кај Русковска. Велковски цел живот е во МВР, а Спасовски го смени и Примислав Димовски од началничкото место од Единицата за интервентна полиција.

Всушност, тој ги тргна сите што му пречеа и се опкружи со блиски луѓе, а на чело на Бирото за јавна безбедност го назначи Сашо Тасевски, поранешниот бодигард на Заев. Министерството е полно со кумановци, но и со поранешни градоначалници што изгубија на последните локални избори.

КУМАНОВЦИ ГО КАЗНИЈА

Иако за сето ова немаше ниту политичка, ниту морална одговорност, сепак граѓаните на Куманово на некој начин го казнија Спасовски.

На последните локални избори, СДСМ не го кандидираше старо-новиот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, кој беше и исклучен од партијата, туку излезе со друг кандидат. Го кандидираа директорот на кумановски „Водовод“, Оливер Илиевски, а Димитриевски беше независен кандидат.

Спасовски отворено го поддржуваше Илиевски во кампањата и одеа заедно на средби со граѓаните. Но, сепак, битката во Куманово ја изгубија од поранешниот сопартиец Димитриевски.

И покрај поразот во Куманово на локалните избори, по кои Заев даде оставка и од лидерската и од премиерската функција, Спасовски остана на истото место и во новата влада, предводена од Ковачевски.

Шефот на кабинет на неговиот татко, сега на помладиот Ковачевски продолжува да му го води едно од клучните министерства, па двајцата кумановци држат битни позиции во владата.

Но, Спасовски е најдолговечен и најстатичен од сите. Себеси секогаш знае да се заштити, како што се заштити за софтверот за сообраќајни прекршоци на поранешниот генерален секретар на Владата и еден од најблиските соработници на Заев, Драги Рашковски.

Додека Заев го бранеше својот соработник, Спасовски го пушти низ вода. Кажа дека МВР никогаш не порачало таков софтвер од Владата.

Бројчано, тој бил министер за внатрешни работи во периодот од 11 ноември 2015 година до 18 мај 2016 година и во период од 2 септември 2016 година до 28 декември 2016 година ја извршува функцијата министер за внатрешни работи во преодната влада, која требаше да обезбеди услови за спроведување фер и демократски избори, односно во Пржинската влада.

Функцијата министер за внатрешни работи ја извршува и во периодот од 31 мај 2017 година до 3 јануари 2020 година, во првиот мандат на владата на Заев.

На 3 јануари 2020 година е избран за претседател на техничката влада, односно го замени Заев, функција што ја извршуваше до 30 август 2020 година.

Потоа пак си се врати во МВР. Единствено кога дојде новиот лидер поднесе оставка од функцијата потпретседател на партијата и сега е член на Централното претседателство. Го остави Ковачевски да си формира свој тим околу себе.

На Спасовски, најверојатно, не случајно омилена реплика од филм му е „I’ll be back“. Тој секогаш се враќа во МВР. Аферите му го гризат успешното работење, но тој, сепак, опстојува, можеби оти премногу знае, а можеби оти главните му должат.

Или, сепак, знае да се позиционира во вистинското време на вистинската страна.

ДКСК БАРА ОСТАВКА ОД СПАСОВСКИ

По повеќе од една и пол година од страшната несреќа што се случи во Бугарија, кога загинаа 45 македонски државјани, Антикорупциската комисија иницираше одговорност за министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

ДКСК за првпат одлучи да достави иницијатива до Владата за утврдување одговорност на министер, конкретно за Спасовски. Барањето за одговорност не е директно за несреќата, туку затоа што министерот со месеци не го потпишувал решението за привремена забрана за работа на станицата за технички преглед „Виа комерц“, каде што последен технички преглед имал кобниот автобус.

Комисијата утврдила дека Спасовски не постапил правилно, бидејќи по добиениот извештај од инспекторатот што извршил контрола и утврдил неправилности во работењето на станицата, тој не издал наредба во предвидениот рок од станицата да ги отстранат неправилностите, туку неа ја издал по три месеци од добиениот извештај.

НОВ МИЛИОНСКИ ТЕНДЕР ВО МВР

Министерството за внатрешни работи троши неверојатни 13 милиони евра за исхрана на фирма блиска до министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, обвини опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Дека СДС и Спасовски се вмешани во уште една матна зделка говори фактот дека оваа набавка е сосема непотребна имајќи го фактот дека МВР располага со свои кујни и тоа со вработени и најсовремена опрема.

Две зделки СДС ги врши со фирма, која, не само што почнала со финансиска помош од владата на СДС, туку на поставувањето на камен-темелникот присуствувал лично Оливер Спасовски.

Истата фирма „Индустри сервис“ блиска до Спасовски ќе доставува храна за полицискиот центар во Ѓорче Петров и Центарот за обука во Идризово, иако и двата имаат современи кујни, обвини опозицијата.

Поврзани новости