Текстот е објавен на 28 декември 2022 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1.420-1.421.
Како градоначалничката на Скопје, од човек што изборната победа ја прослави со зурли и тапани, а мандатот го започна со букет цвеќе, отвори војна со „своите“, кои сега ја праќаат на психијатар? Изминатава година, таа беше повикана на полициски распит во врска со опожарено возило, но дали оваа година ќе седне на обвинителна клупа?
Пишувала: Ирена МУЛАЧКA
Вечерта, на 31 октомври, 2021 година, ВМРО-ДПМНЕ со зурли и тапани пред Белиот дворец ја прослави победата на новата градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, чија поддршка и ја дадоа на последните локални избори.
Таа во втор круг со 30.000 гласа разлика убедливо го победи својот својот противкандидат од редовите на СДСМ, Петре Шилегов, со што стана првата жена градоначалник во историјата на Скопје.
На големата прослава од сите страни фрчеа фотографии со лидерот на „вмровците“, Христијан Мицкоски, како и со другите сопартијци, кои во тој период гледаа бог и совршен менаџер во новата градоначалничка.
Пред да се најде на листата како независен кандидат, Арсовска не беше нешто позната во јавноста, а ниту пак беше декларирана како партиски човек. Единствено познато за неа беше дека доаѓа од редовите на Сојузот на Стопански комори со кој управува долги години како претседател.
Затоа нејзината кандидатура беше изненадување за сите, а уште поголемо изненадување беше тоа што ја доби поддршката на најголемата опозициска партија. Имено, на тој начин успеа и да ја зацементира големата победа.
За време на целата изборна кампања Арсовска не откри ништо за себе, освен што цело време се фалеше со своите менаџерски способности. Притоа, ниту еднаш не сподели – од каде и е огромното менаџерско искуство?
Речиси на секој митинг користеше едноличен речник, исти фрази, како и плејада навреди насочени само кон Шилегов, иако имаше уште тројца други противкандидати, кои цело време ја држеа нејзината страна. Сите отровни стрели беа насочени кон тогашниот се уште актуелен градоначалник.
Факт е дека нејзиното име не можеше да се најде на ниту еден партиски список, но затоа пак владејачката СДСМ на само неколку денови пред вториот изборен круг обелодени скандал, поточно дека таа и нејзиниот сопруг поседуваат бугарско државјанство.
Тие ги извадија сите документи, па дури и адресата на која фигурира во Бугарија. Скандалот пукна, а тогашната кандидатка за градоначалник во ниту еден момент директно не демантираше.
Кога продолжија обвинувањата на нејзина сметка, таа само кратко нафрли дека ќе тужи. По цела година од тужбата нема ни „Т“. Но, како и се во Македонија, така испадна и ова – секое чудо за три дена.
Наместо тоа да и донесе пораз, како што планираа „сдсмовците“, таа се закити со голема победа на локалните избори. Сепак, за тоа треба да им се заблагодари на опозиционерите, бидејќи ако не беше нивната поддршка, таа никогаш немаше да седне на градоначалничката фотеља.
Но, што се случи?
БУКЕТ ЦВЕЌЕ ЗА ПОЧЕТОК
Арсовска пред вториот изборен круг не се соочи очи в очи на дуел со Шилегов, но затоа пак кога победи, на денот на примопредавањето на функцијата, тој како каваљер ја пречека со букет цвеќиња.
Од тој момент и официјално започна нејзината градоначалничка кариера, која ја тера повеќе од една година.
Првиот потег кој го направи откако и започна мандатот беше експресно назначување на нови директори на јавните претпријатија, каде запоседнаа кадри на ВМРО-ДПМНЕ, со оглед на претходно постигнатиот договор со најголемата опозициска партија. Тоа беше еден вид благодарност за дадената поддршка.
Постепено, Арсовска ја почна својата шема на водење на Градот, а со тоа ангажираше и нови луѓе во нејзиниот Кабинет. Многумина од нив доаѓаа и автоматски за неколку недели си заминуваа.
Нејзиниот специфичен карактер, како и желбата да биде се по нејзино беа пресудни да создаде поголем круг на непријатели, а со тоа да остане и со помал број на соработници. Сепак, тие што и останаа лојални сега се нејзината десна рака.
Без разлика што не била јавен функционер, сепак како прв човек на ССК имала искуство со медиумите, па се очекуваше дека ќе дава отчет за работата. А не требаше да и биде и чудно дека со седнувањето во фотелјата станува мета на јавна критика.
Но, уште од самиот почеток, нејзината транспарентност спрема медиумите се сведе на нула, па таа не одговараше на ниту едно од новинарските прашања.
Нејзиниот отчет на неделно ниво можеше да се види преку емисија во живо на порталот „Инфомакс“, каде што редовно ја поддржуваа нејзината политика на водење на Градот.
Дури, Арсовска во една прилика се пожали дека не можела да најде новинари, кои ќе ја водат Службата за односи со јавноста. Поточно, доаѓале и за краток период го напуштале новото работно место.
Не успеа да најде заеднички јазик со никој од нив, што на некој начин го опишува и нејзиниот тежок карактер за соработка.
Но, не беа новинарите единствени кои се жалеа дека не можат да дојдат до новата градоначалничка. На листата игнорирани можеа да се најдат и политичари, функционери.
Еден од првите кои јавно ја повика да му крене телефон е актуелниот градоначалник на скопски Карпош, Стевчо Јакимовски.
Но, додека се жалеше, наеднаш топката се смири, па дури сега заменик градоначалник на Скопје е партиски човек од ГРОМ, а и на седниците на Град Скопје единствена поддршка добива од советниците од партијата на Јакимовски, што мириса на соработка.
По само неколку месеци од нејзиното „владеење“, во јавноста почнаа да се вртат муабети за кавга меѓу актуелната градоначалничка и лидерот Мицкоски, со оглед на тоа што Арсовска си терала по свое и не дозволувала некој да и се меша како да си ја врши работата.
Додека, сето тоа беше само јавна тајна, наеднаш пукна тиквата со „вмровците“. Како причина за јавноста беше наведен тендерот за прочистителната станица во Водовод и канализација, чија вредност беше 136 милиони евра, со што таа експресно го разреши и директорот Златко Перински.
За само 24 часа оттогаш, Арсовска ги разреши сите директори од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, од кои некои си дадоа оставки со брзина на светлината, знаејќи дека ги чека истата судбина како сега екс директорот на Водовод.
На местото на разрешените директори седнаа кадри од ГРОМ, но изненадување беше именувањето на кадри од скопското крило на ДУИ. Се уште нема официјално објаснување како одеднаш дојде до оваа соработка.
Така и официјално заврши љубовта меѓу ВМРО и Арсовска и веднаш почнаа обвинувањата за криминал и корупција и тоа на „највисоко“ ниво.
РАЧЕТО ВО МЕДОТ
После официјалната кавга, на седницата за советнички прашања во Град Скопје, Арсовска со надмен и арогантен тон почна да им се обраќа на претседателот на Советот, Трајко Славевски и вмровските советници, обвинувајќи ги за криминал и корупција „како рачето им брцнало во медот“, а најмногу отров фрли врз опозицискиот лидер, односно, како што го нарече „шпицниот градоначалник“.
Во наредниот период на површина испливаа сите договори и планови кои биле кроени додека сѐ уште морето беше мирно, пред да почнат бранувањата.
Имено, Арсовска без влакна на јазикот, иритирана, сподели дека во јавните претпријатија двете најголеми партии вработувале партиски кадри и дека поради огромната превработеност мора да се направи голема чистка.
Според неа, на тој начин се сместуваат само партиски послушници, без разлика на тоа дали се способни да ја вршат работата за која се платени.
Досега, не се случило толку експедитивно да се уништи една партиска соработка, како во случајот со Арсовска. Ова уште на само еден начин докажа во каков политички циркус живееме.
Сепак, од целата оваа плејада на обвинувања излезе нешто добро, поточно кавгата меѓу опозиционерите и градоначалничката ги извади на површина сите проблеми, кои години наназад се таложат во јавните претпријатија во Скопје.
Постепено, успеавме да дознаеме за огромните долгови кои ги има Јавното сообраќајно претпријатие, па работите дојдоа до таа мера што метрополата дури два дена остана без јавен превоз, што исто така се случува за првпат во историјата на независна Македонија.
Таман тоа се реши, навјасаа проблемите со приватните првозници, кои директно го обвинија Градот под водство на Арсовска и ЈСП дека им должат повеќе од 1,5 милиони евра. Мислеа дека ако излезат и го блокираат Скопје ќе ги натераат да го разврзат ќесето и да им го исплатат долгот.
Но, тоа не само што не се случи, туку кметицата беше децидна дека што и да направат нема да дозволи да и се закануваат и да ја уценуваат.
„Слободно нека тужат“, велеше Арсовска.
Си остана на зборот, па иако метрополата беше блокирана речиси цели две недели, таа не се мрдна од место и не попушти на притисокот, дури не им обрнуваше внимание и покрај тоа што настана тотален сообраќаен хаос низ градот, во кој највеќе страдаа граѓаните. Ни тоа не ја засегна Арсовска да преговара.
Во целата оваа мешаница, најбучен беше директорот на „Слобода Превоз“, Ленин Јовановски, кој за време на изборната кампања цело време се сликаше со градоначалничката, а вечерта се гушкаа и заедно ја славеа нејзината победа.
Арсовска не попушти, тие видоа не видоа ги прекинаа протестите и ги тргнаа блокадите низ Скопје.
ИМОТНА ГРАДОНАЧАЛНИЧКА
За само една година, актуелната градоначалничка не сработи ништо посебно од се тоа што најави, а тука беше и бесплатниот јавен превоз, како и набавката на еко автобуси што беше добитна комбинација за добивање четиригодишен мандат.
Сепак, тоа е градоначалничката Арсовска, но од каде големото менаџерско искуство со кое се фалеше за време на изборниот процес?
Таа до Антикорупциската комисија поднесе исклучително скромен анкетен лист во кој навела дека поседува само два стана од 38 и 42 метри квадратни во скопски Ѓорче Петров, автомобил, гаража, банкарски депозити…
Од тука, слободно може да се заклучи дека градоначалничка на свое име нема никакви компании и не поседува големи куќи и станови со огромна квадратура, како што е пракса кај повеќето поранешни и сегашни градоначалници. Но, дали е тоа така?
Освен нејзината биографија, единствен документ каде можеше да се најде дека официјално фигурира е во Централниот регистар како независен кандидат за градоначалник на Град Скопје за локалните избори 2021 година.
На ниту едно друго место и во ниту една компанија не може да се сретне нејзиното име.
Арно ама, само два месеци по седнувањето на градоначалничкото столче „Фокус“ обелодени документи за тоа колкав имот поседува нејзиниот татко Ванчо Јовановски и како го стекнал со оглед на тоа што повеќе од 30 години е во пензија, а претходно работел како полициски инспектор во МВР.
Според имотните листови, таткото на Арсовска поседува недвижен имот од над 4.000 метри квадратни.
Официјалната документација од Катастарот на недвижности што ја обезбедивме покажува дека нејзиното семејство поседува голем недвижен имот составен од куќи, хотели, пренаменети во старечки домови, згради, кои Арсовска не ги пријавила во анкетниот лист, затоа што се водат на име на член од семејството со кој не живее во исто домаќинство.
Екипата на „Фокус“ направи обиколка и посети неколку локации на чии имотни листови фигурира името на Јовановски. Сиот имот кој го поседува се наоѓа на различни адреси, а се движат на релациите од скопската општина Кисела Вода, Карпош, Капиштец и Бардовци.
Според документите, двата хотели „Империал“ и „Ројал“ сега се пренаменети во ланец од старечки домови со кои управува извесен психијатар.
Тука се и шесте компании на име на семејството Јовановски, како и стан и поголем дел од зграда.
Неколку дена по објавувањето во „Фокус“ – што се поседува семејството на актуелната градоначалничка, експресно реагираа и Комисијата за спречување на корупција, како и Управата за јавни приходи.
Антикорупционерите ја проверуваат веродостојноста на податоците во анкетниот лист на Арсовска, додека пак УЈП поведе даночна постапка за проверка на потеклото на имот на нејзиниот татко, како физичко лице што не е носител на јавна функција.
АРСОВСКА ЗАВРШИ И НА РАСПИТ
Сепак, тоа што е уште пострашно во целата приказна е што името на актуелната градоначалничка се најде и во полициски записник, поточно таа на 12 мај годинава била повикана на разговор во полиција за опожареното возило на извршната директорка на Сојузот на Стопански комори, Христина Стојановиќ.
„Фокус“ успеа да направи увид во полицискиот записник во кој се објаснети сите случувања што претходеле на палењето на автомобилот на извршната директорка на ССК.
Според записникот, Арсовска од својот мобилен телефон преку апликацијата „Сигнал“ и испратила неколку пораки на извршната директорка во кои прво на покултурен начин бара од неа и претседателот Трајан Ангелоски да ги напуштат раководните позиции, а подоцна почнува со навреди и закани.
„Фокус“ дојде и до испратените пораки од страна на актуелната градоначалничка.
Десет месеци по подметнатиот пожар во автомобилот отворен е предмет во Јавното обвинителство, каде сѐ уште работат на случајот.
Нашите извори тврдат дека тие располагаат со фотографии, пораки, телефонски повици, како и со последната порака оставена во веќе опожарениот автомобил, со која се дава, како што пишува „последната опомена“ пред да биде запалено возилото. Тоа веќе на некој начин било и остварување на дотогашните закани.
Кривичната пријава, која моментално се води против непознат сторител опфаќа две кривични дела и тоа „Загрозување на сигурноста“ според член 144, како и „Предизвикување општа опасност“.
Арсовска има уште три години да „владее“ со градот. И покрај големото незадоволство и револт од нејзината работа, не постои начин таа да биде предвреме сменета.
Освен во случај да изврши кривично дело за кое ќе биде правосилно осудена. Или како што би рекол професорот Борче Давитковски, според нашето законодавство можете да смените претседател, но не и градоначалник на Кукуречани!
АРСОВСКА ГО ИГНОРИРА „ФОКУС“
Во неколку наврати досега се обидовме да добиеме интервју со актуелната градоначалничка Данела Арсовска, но таа ниту еднаш не одговори на нашите повици.
Единственото интервју кое го даде за „Фокус“ беше во предизборниот период, кога сѐ уште се правеше промоција на кандидатите за градоначалници на Скопје.
СТРАШНИ ОБВИНУВАЊА
Арсовска во едно од последните телевизиски интервју упати директни обвинувања кон опозицискиот лидер. Таа тврдеше дека Мицкоски и упатил закани за тоа што ќе се случува кога ќе стане премиер.
„Да, сум имала закани од Христијан Мицкоски и тоа конкретно, лично и директно со зборовите: Кога ќе бидам премиер, ќе те влечеме по улиците, ќе го бришеме подот со тебе“, рече Арсовска.
На тоа експресно реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, од каде додаваат дека се загрижени за психофизичката состојба на градоначалничката.
„Арсовска само навредува, омаловажува, болно лаже или едноставно измислува, се однесува неурамнотежено. Оттука јасно е дека ваква личност не може да извршува јавна функција и потребно е вештачење да се утврди дали Арсовска е во состојба да го води градот”, велат од партијата.