Груби се „проби“ со фрлањето камења на скопското Кале при протестите против изградба на црква и бргу му стана десна рака на Ахмети. Од шеф на Кабинет стана пратеник, а потоа стигна и до вицепремиерската позиција. Сега, несудениот новинар, љубител на селфи фотографии и „гуру“ за социјални медиуми е на мета на „Огнените“
Пишува: Катерина СМИЛЕВА-БОЖИНОВСКА
Во 2011 година се случи инцидентот на Кале, каде што навивачката група „комити“ се судри со група Албанци, кои беа против изградба на црква. Имаше физички пресметки, гаѓање со камења, ставање, па вадење лисици.
И токму тогаш се роди нова ѕвезда на македонската политичка сцена – Артан Груби.
Во тоа време тој беше претседател на невладината организација „Разбуди се“, која беше организатор на протестите.
ПОЛИТИЧКО БУДЕЊЕ
Ова „будење“ го лансираше Груби во политичкото ѕвездено небо, а тогаш лидерот на ДУИ, Али Ахмети во него го виде потенцијалот за заменик на Ермира Мехмети, дотогашната негова десна рака.
Кој беше сегашниот прв вицепремиер и министер за односи меѓу заедниците пред да се пробие и да го разбуди политичкиот потенцијал во себе?
Основното и средното образование го завршува во Скопје. Дипломира на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде што се стекнува со звањето дипломиран новинар.
На истиот факултет ги заврши постдипломските студии од сферата на медиумите и комуникациите на тема „Улогата на новите медиуми во транзициони општества“.
Груби докторира на Факултетот за социјални науки – политички науки при Државниот универзитет во Тирана на тема „Улогата на медиумите во граѓанското учество во политичко-општествени промени.“
Професионалната кариера Груби ја почнува во 1999 година, при што гради кариера во невладиниот сектор и во работа со меѓународните организации во Македонија, Црна Гора, Албанија, Холандија и Косово, како Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје, НАТО, Хашкиот трибунал и американски агенции за помош со разни оперативни задачи.
Во периодот од октомври 2000 до декември 2004 година работи во Хашкиот трибунал, извршувајќи оперативни задачи со Канцеларијата на обвинителот во Косово, Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Хаг итн.
ПРЕВЕДУВАЧ ЗА „ЖОЛТАТА КУЌА“
Од тој период датираат поврзувањата на Груби со „Жолтата куќа“ во Косово, која беше посочувана како место во кое се правеле операции за вадење органи од заробеници на ОВК, претежно Срби.
Повеќе медиуми пренесоа дека Груби бил ангажиран како преведувач во „Жолтата куќа“, сугерирајќи на тој начин дека тој бил директно инволвиран во случувањата во неа.
Груби тоа го негираше и објасни дека како вработен во Хашкиот трибунал бил во „Жолтата куќа“ со иследникот на Хашкиот трибунал како преведувач и асистент по претходни наводи за злосторства таму.
Оваа посета била во 2004 година, а наводите за направени злосторства се од 1998/99 година.
По ангажманот во Хашкиот трибунал, Груби ја извршува функцијата политички асистент во Кабинетот за политички советници на НАТО.
Во периодот март 2008 година до март 2011 година е политички советник во амбасадата на Кралството Холандија во Скопје.
По инцидентот на Калето и преку средбите на „Разбуди се“ со албанските политички претставници, Груби се поврзува со Ахмети и во мај 2011 година станува шеф на неговиот Кабинет.
Интересно е да се напомене дека според неофицијални информации, невладината организација на Груби имала голема помош од Општина Чаир, која во тоа време ја раководеше Изет Меџити.
Инаку, Груби и Меџити се познаваат од школските клупи, но сега Меџити ја предводи таканаречената огнена група, која, всушност, бара Ахмети да го жртвува Груби за мир во куќа.
„ХУЛИГАН И ГОСПОДИН СЕЛФИ“
Упатените велат дека сегашниот прв вицепремиер ја стекна довербата на Ахмети со својата скромност и неинсистирањето за високи политички функции, за разлика од многу други, кои од Ахмети постојано бараа позиции и други повластувања.
При заминувањето од ДУИ, дотогашната десна рака на Ахмети – Ермира Мехмети не штедеше зборови за Груби, па дури го нарече хулиган и „господин Селфи“.
„За жал, нема ништо од реформите во ДУИ. Тоа е нормално кога корумпирани членови и губитници го уриваат и кредибилитетот на лидерот.
За едно нешто немам никакви дилеми, а тоа е дека губењето на авторитетот на Ахмети и на партијата почна кога во структурите на ДУИ високо беше лансиран господинот Селфи, хулиганот кој може само да поттикнува конфликти, без разлика дали е тоа на стадион или кога носи наметка на политичар“, порача Мехмети при заминувањето од партијата во 2016 година.
Во 2013 година, Груби прифати да биде кандидат за градоначалник на Скопје, позиција за која беше јасно дека нема изгледни шанси да ја освои. Но, беше трпелив, па во 2014 се најде на добитничко место на пратеничката листа на ДУИ и влезе во Собранието.
Токму во времето на владеењето на ДУИ со ВМРО-ДПМНЕ, Груби почнува да стекнува сериозна политичка моќ и да станува фактор во партијата.
Го искористи разнишувањето на позицијата на Муса Џафери, кој се најде во „бомбите“ што ги објавуваше СДСМ и успеа да се наметне како еден од најмоќните играчи во партијата на Ахмети.
НЕСУДЕН МИНИСТЕР ЗА ВНАТРЕШНИ?
Беше во игра и за министер за внатрешни работи во 2016 година доколку ДУИ влезеше во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, но тоа не се случи.
Почека до 2020 година, кога за првпат добива висока владина функција. И тоа на позиција измислена специјално за него: прв вицепремиер.
Ова место требаше да биде утешна награда, откако ДУИ не успеа да ја истурка својата агенда за прв премиер Албанец, идеја со која ги придоби албанските гласови.
Груби инсистира „прв“ да не биде изоставено од неговата функција и тоа секогаш е нагласено во соопштенијата што неговото Министерство ги испраќа.
Се смета дека на позицијата вицепремиер од ДУИ секогаш доаѓа човек близок до Ахмети, додека министрите во Владата ги даваат општинските комитети на партијата. Барем така беше до неодамна.
Десната рака на Ахмети привлекуваше внимание и со своите „селфи“ излети, како и сликање со празни фотелји.
Во 2014 година стана цел на потсмев на социјалните мрежи откако на Фејсбук објави селфи со споменикот на Методија Шаторов-Шарло, мислејќи дека станува збор за Неџат Аголи.
Четири години подоцна, Груби беше во Вашингтон на Молитвениот појадок, кога успеа да стигне до канцеларијата на заменик-претседателот на САД, Мајк Пенс, и да се слика со неговата фотелја.
ГАФОВИ И РАП
И сега како вицепремиер, прв вицепремиер, Груби е активен на социјалните мрежи. Тој е еден од ретките функционери кој има профил на социјалната мрежа Тик ток, која е најпопуларна меѓу младите.
Ја користи за да објавува видеа со својот лидер, а најчесто двајцата се претставени како ликови од некој акциски филм, кои се движат додека во заднина оди рап-музика.
Очигледно Груби е љубител на рапот, па ги користеше митинзите на неговата партија за да си ја исполни веројатно, желбата од детството, и на истите настапуваше како рапер, а изведе и еден „Mic Drop“, рап потег со кој се пушта микрофонот на земја во знак на доминација.
Но, периодов на Груби не му е до пеење, откако „Огнените момчиња“ тргнаа по него. А, меѓу нив е и неговиот школски другар Изет Меџити.
Тој беше и директно споменат во писмото што до Ахмети го упатија Меџети, градоначалниците на Чаир и Сарај, Висар Ганиу и Блерим Беџети, поранешниот партиски потпретседател Невзат Бејта, некогашната „сива еминенција“ Муса Џафери.
„Во ДУИ речиси 2 години не постојат и не се формираат статутарните партиски органи. Како последица на ова, политичкото одлучување стана индивидуална сопственост. Нема дебата и консултација со партиските бази.
Кадровските избори се претворија во привилегија на поединецот Груби, чие арогантно однесување предизвикува револт, незадоволство и пасивност на структурите и на гласачите“, стои во писмото до Ахмети.
Оваа група бара отстранување на Груби од местото вицепремиер, бидејќи смета дека, заедно со Бујар Османи, има најслаби резултати.
Според Меџити, нивната поддршка на лидерството на Ахмети е безрезервна, но не и на Груби, во чии раце во последниот период е донесувањето на партиските одлуки.
ТРН ВО ОКО НА „ОГНЕНИТЕ“
Во тој контекст, на чело на тетовскиот, гостиварскиот и на други ограноци во полошкиот регион дојдоа луѓе што важат блиски до Груби (Фатон Ахмети, Валдет Џафери…), кој, според обвинувања на „огнените“, дискреционо поставувал претседатели.
И во оваа битка, Груби ги искористи социјалните мрежи, и на Тик ток и на Фејсбук објави видео во кое лидерот Ахмети им испеа песна со стиховите: „Изгуби го чуварот, изгуби го семето, ајде да тргнеме понапред од злото“.
Но, слично како и Ермира Мехмети, и Изет Меџити го обвини првиот вицепремиер дека му го руши кредибилитетот на лидерот.
„Снимањето на Али Ахмети како пее, а потоа објавување на истата снимка, за дефокусирање на мислењето од реалниот проблем, е безобразна злоупотреба.
Снимањето на Али Ахмети и зачувувањето на овие видеа за да ги употребиш кога ќе ти треба е неточно и очигледно не е првпат. ДУИ дефинитивно мора да се ослободи од узурпатори, платеници и неспособни“, напиша Меџити на Фејсбук.
На еден од скорешните собири, Муса Џафери порача дека тие сакаат да го спасат Ахмети од Груби.
Џафери рече дека толку многу се вложиле во ДУИ што не ни помислуваат да ѝ наштетат на партијата и дека никогаш не ја нападнале фигурата на нејзиниот претседател Ахмети.
„Артан Груби само се крие и се брани зад ликот на Али Ахмети. Тој заедно со другите министри треба да се појави пред граѓаните и да даде отчет и да покаже колку инвестиции направил во Кичево. Која е причината за неинвестирање во Чаир? Каде одат парите од Буџетот“, рече Џафери.
Пред Груби сега се две опции за неговата иднина: ќе ги победи „Огнените“ и ќе се позиционира како најмоќна фигура во ДУИ по Али Ахмети и најсериозен кандидат за негов наследник или ќе биде изгорен за мир во куќа.
Во меѓувреме, Груби мудро молчи и ги игнорира прозивките и нападите на внатрепартиските противници, согласно насоките на, како што рече во една пригода, единствениот моќен во ДУИ – Ахмети. До кога ќе трае молкот и како ќе заврши „г-дин Селфи“, ќе покаже времето.
НОВИНАР И „ШВЕРЦЕР“
Друга страна на сестраниот Артан Груби со која јавноста не е многу запознаена е дека Груби е професор по новинарство.
Освен што има дипломирано, магистрирано и докторирано на теми поврзани со новинарството, тој е и актуелен професор на Факултетот по новинарство на државниот универзитет во Тетово по предметите Теории на комуникации, медиумите и конфликтите, интерперсонална комуникација и односи со јавност.
Тој бил и дел од навивачката група „шверцери“, која учествуваше и при судирите на Кале.
Во 2019 година, Груби ја координираше прославата на јубилејот на „шверцери“ во МНТ, кога театарот беше демолиран.
На 22 ноември, на прославата на Денот на албанската азбука, навивачите на фудбалскиот клуб Шкупи го искинаа тапацирот на седиштата, откорнаа орнаменти од првата галерија, како и неколку светлосни знаци што го обележуваат излезот.
„ГРУБИ Е ТЕНЕЌИЈА“
Поранешниот градоначалник на Гостивар, Невзат Бејта, во гостувањето на „Алсат М“ не штедеше зборови за да го опише првиот вицепремиер.
Одговарајќи на прашање со колку карати може да се измери Артан Груби, го искористи терминот тенеќија.
„Артан Груби не е од металите што се мерат со карати, туку е метал кој нема карати, бидејќи ако имаше карати, ќе беше добро. Тогаш немаше да прави раскол во ДУИ. Тие што немаат карати се железо, тенеќија. Металите што имаат карати се добри метали и вредни, луѓето ги сакаат, но и луѓето врз основа на добрите работи што ги прават се мерат во карати. Ако сплотуваат и ако не прават елиминирање на членството. Но, тие им се закануваат на членовите бидејќи ја имаат власта, но членовите не се плашат“, рече Бејта.
Груби одби да му одговори на Бејта, туку само му посака добро здравје.