(АРХИВА) Портрет на Орце Камчев: Од неуспешен политичар до милионер со бизнис-империја и „спогодбено“ осуден соработник на правдата!

Бизнисменот Орце Камчев денеска заврши на црната листа на САД, за сите коруптивни дејствија што ги правел од 2000-та година наваму. Во последните три години „Фокус“ направи серијал од повеќе од 20 текстови од создавањето на бизнис империјата, па се до коруптивните зделки во кои бешен вмешан бизнисменот

by Fokus

Гласен и темпераментен, со фитиљ-карактер кога ја има моќта во свои раце, но повлечен и со свиткана кичма кога е на дното. Еден од најбогатите бизнисмени во 1990-тите реши да стане пратеник, но не успеа. Па, затоа крена раце од политиката и почна да ја гради својата бизнис-империја. Официјално тежи 23 милиони евра, но којзнае колку реално вреди. Иако заврши зад решетки, сепак, се издигна како феникс за да може да ја прошири „империјата“ и на раат да го троши капиталот

Текстот е објавен на 23 февруари, 2023 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1429

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Во медиумските архиви засекогаш ќе остане една стара фотографија на познатиот бизнисмен Јордан Камчев, кој во деведесеттите години на минатиот век, облечен во црвени куси панталони со трегери, целиот насмеан гордо позира покрај тогашното раководство на СДСМ, на чело со Бранко Црвенковски.

Таа фотографија потсетува на партиските почетоци на Камчев, кој во тој период е потпретседател на подмладокот на СДСМ, кога со него раководи Радмила Шекеринска.

Тука почнува и неговата политичка кариера, откако на изборите во далечната 1998 година се кандидира за пратеник од оваа партија во една од скопските изборни единици.

Но, Камчев губи на овие избори спроведени според мнозински модел од Данило Глигоровски од ВМРО-ДПМНЕ и тогаш го напушта активниот ангажман во СДСМ.

Неговата политичка кариера бргу згаснува, а веќе во 2003 година излегува од партијата и, барем официјално, никогаш не влезе во ниту една друга партија.

Сепак, тој секогаш беше во близина на актуелни моќници и функционери, во зависност од тоа кој е на власт. Политичкиот дрес го менува по потреба, како што се менува власта во Македонија.

Ако СДСМ му е во срцето во 1994 година, тогаш некаде од 2006 година почнува да ги здружува силите со ВМРО, која во тој период е под раководната палка на сега пребегнатиот Никола Груевски.

Во 2003 година, во Скопје, за време на фудбалскиот натпревар Македонија – Англија, лично Камчев го придружувал британскиот конзервативец Дејвид Камерон, кој подоцна стана и премиер на Британија.

Од неговата прва појава во јавноста до денес, секогаш предизвикувал медиумско влијание, додуша повеќе негативно, но, сепак, стана еден вид ѕвезда, која неколкупати заврши и зад решетки. Но, ништо од тоа не го спречи да прави бизнис-зделки и да врти милиони.

Во неговото последно интервју дадено пред камера, во емисијата на ТВ24 „Патот до успехот“ пред речиси девет години ќе рече: „Рано е, сѐ уште не сум милијардер“.

ПОЧЕТОЦИТЕ НА „ИМПЕРИЈАТА“

Неговиот глас ретко можеше да се слушне, посебно не во последните години. Во 2019 година го даде последното пишано интервју, додека на телевизија последен пат се појави пет години порано, поточно во 2014 година.

Камери единствено можеа да го фатат пред Кривичниот суд, додека брзаше да стигне на судските рочишта, кои се водеа против него.

Гласен и темпераментен, кога ја има моќта во свои раце, што би се рекло фитиљ-карактер, но повлечен и со свиткана кичма кога е на дното. Две различни карактерни манифестации во само еден човек.

За своите 53 години, колку што ги има (роден на 24 јули, 1970 година) поминал ни сито и решето. Тој продолжува по стапките на неговиот татко Илија Камчев, кој во времето на СФРЈ бил директор на „Македонија спорт“.

Бизнис-кариерата на младиот Камчев почнува веднаш по завршувањето на студиите на Економскиот факултет по што продолжува во семејната компанија „Орка Холдинг“, со која Камчеви се гордееја, велејќи дека ја основале од нула, за разлика од многу други транзициски бизнисмени, кои станаа олигарси преку приватизација на некогаш општествените компании.

Камчев почнува да инвестира во здравството, па во 2001 година ја основа првата Специјална болница за гинекологија и акушерство „Мала Богородица-Систина“.

Како што пишува во неговата биографија, оставена како спомен по смртта на неговиот татко на официјалната веб-страница на компанијата „Орка холдинг“ – 30 јануари 1990 година, е запишан во срцето на семејството Камчеви како датум кога Илија Камчев со својот син ја основаа сопствената приватна компанија „Орка“. Од тука почнува подемот на бизнис-империјата.

По смртта на стариот Камчев, тогаш младиот бизнисмен, неговата мајка Ратка и сестрата Кристина ги преземаат конците во свои раце. Почнува на 20 години како газда на „Орка спорт“, за по 20 години да стане најбогатиот Македонец, чие богатство тешко може да се стави на кантар и да се измери.

Во 2016 година, Камчев се најде во престижниот магазин „Форбс“, кој го процени неговото богатство на повеќе од 23 милиони евра, иако сомнежите се дека вреди далеку повеќе.

Уште во неговите 20-ти години, насловните страници беа преплавени со ликот и делото на Камчев. Линијата од другата страна на правдата ја помина и пред две децении кога беше дел од таканаречената даночна пирамида.

Неговото име постојано се појавуваше во медиумите поради даночно затајување, а во 2004 година се сомничеше за затајување данок, илегални вработувања и мултимилионски даночни измами. За цел период, Камчеви се бранеа дека тоа е хајка против нив со политичка заднина.

Откако судот одобри налог за негово приведување, тој во 2005 година избега во Бугарија, за на крајот истата година да се врати и сам да се пријави во полиција. Тогаш, помина 12 часа во притвор и излезе со кауција од 60.000 евра.

За неговите дела доби и ослободителна пресуда, па продолжи да го надградува и проширува бизнисот. Империјата Камчеви се градеше со години, низ многу контроверзии, но последната деценија го достигна врвот…

ОД ТРЕГЕРИ ДО ЛИСИЦИ

Неговото богатство почна да се трупа во времето на ланецот продавници „Македонија спорт“. Камчеви се занимаваа долго со лон и извоз на текстил, а долго време ја имаа и гинеколошката болница „Систина“, која ја основаа со Трифун Костовски.

Но, подоцна по разводот со Олга Костовска, со која двапати се венчаа и се разведоа, Орце Камчев го презема бизнисот и контролата над профитабилната „Систина“, која за само една година стана дел од турскиот синџир болници „Аџибадем“.

Она што е факт, империјата го достигна плафонот за време владеењето на Никола Груевски. Впечаток е дека пријателството со двајцата братучеди, односно со Груевски и екс шефот на тајната полиција, Сашо Мијалков, како да му помогна да влезе во разни бизнис-сектори.

Неговото пријателство со екс шефот на тајната полиција Мијалков, пак, датира уште од младоста поради блискоста на нивните родители.

Со Мијалков сме другари уште пред 20 години, пред да дојде на функцијата на која е сега“, тврдеше Камчев.

Нивното пријателство го „крунисаа“ и со многу заеднички бизнис-зделки, а честопати можеа да се видат и во друштво по скопските дискотеки заедно со сопругите, Александра Мијалкова и втората сопруга на Камчев, адвокатката Ана, со која има две деца, близнаци.

Освен другарската релација, Камчев и Мијалков ги поврзува и кумската врска за бракот со неговата втора сопруга.

Иако, Камчев редовно го поврзуваа со тогашните властодршци, сепак тој во едно интервју од пред девет години ќе каже:

Немам ништо земено од ВМРО-ДПМНЕ“.

Но, праксата покажуваше нешто друго. Како тогашната владејачка партија ја бетонираше својата власт, така бизнисменот заедно со својот другар ги прошируваа инвестициските зафати до тој степен што се изгради перцепција дека ја купија половина Македонија.

Земјоделство, медицина, хотели, банки, текстил, медиуми… Речиси да немаше сектор каде што тој немаше вмешано прсти и не поседуваше сопственички удели.

Некои од овие компании добиваат тендери вредни десетици и десетици милиони евра. А, во многу од нив често фигурираше некоја офшор-фирма, со релации со „фамилијата“ и тогашната бизнис-олигархија.

Во меѓувреме, Камчев го прошири својот бизнис и во Бугарија, каде што има ланец на болници, а со својот пријател – рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, работат и во Русија.

Камчев, во последното интервју дадено за порталот „Фактор“, тврди дека никогаш немал директни бизнис-релации со Мијалков додека бил функционер.

Тоа го гарантирам и стојам позади тоа што го зборувам. Ниту денеска имам такви бизнис-релации, доколку има некои акции, некои негови фирми, од неговите деца во некои акционерски друштва, јас тоа не можам да го забранам бидејќи има илјадници акционери, меѓутоа во управувачка структура, во структура која е управувачки одбор или слично тело немаме такви релации.

Точно е дека бевме пријатели, повеќе не сме пријатели, а причините се различни во однос на тоа што се шпекулациите, но тоа останува меѓу нас двајцата“, тврдеше Камчев.

Сепак, подоцнежните настани го докажаа спротивното. Но, да одиме по ред.

РАСПАД НА ДРУГАРСТВОТО

Не многу далечната 2015 година ќе биде годината кога лека-полека почнува да паѓа власта на Груевски. Тогаш, опозицискиот лидер Зоран Заев од седиштето на Бихаќка ги „испука“ првите бомби, кои ја отворија Пандорината кутија за десетгодишното владеење на „режимот“.

Но, „бомби“ пукаа и по завршувањето на „Вистината за Македонија“. Токму во тие подоцнежни разговори можеше да се слушне и Камчев, меѓу другото, како и си прави чамче-муабет со новинарката Оливера Трајковска.

Само година и пол по обелоденувањето на аферата со масовното прислушување, Груевски падна од власт, се формираше Специјалното јавно обвинителство под капата на Катица Јанева и тогаш почнаа истрагите, кои подоцна завршија со обвиненија за процесите „Плацови на Водно“ и „Империја“.

Од тука постепено почнаа да се нарушуваат и пријателските, па и кумските односи меѓу двајцата долгогодишни бизнис-соработници.

На самите судски рочишта можеше да се забележи дека кумот и кумашинот не комуницираат, но на никој не му беше јасно дали тоа е маска за пред јавноста или навистина другарството се распаднало.

Во бизнисот беа заедно, ама кога седнаа на обвинителна клупа, Камчев не остана верен на долгогодишното пријателство, па сакајќи да се спаси, кажа сѐ што знаеше. Токму со негова помош беше разоткриен Мијалков во „Империја“.

Тој слично постапи и кон Груевски, кој веднаш штом слушна дека ќе оди в затвор, летна за Будимпешта и ги остави на цедило неговите сопартијци и соработници. И во однос на него, Камчев си го покажа својот вистински карактер и извади од ракав сѐ што знаеше во случајот „Плацови на Водно“.

Она што е уште поинтересно е еден телефонски разговор меѓу Груевски и Камчев, кој излезе во 2019 година, во кој бизнисменот мудро го манипулира екс премиерот:

Груевски: Значи, ти си кажа дека Ристе како директор ти се појавил и си ги купил.

Камчев: Ама, јас ја кажувам вистината, кога ти и јас сме збореле за плацеви.

Груевски: Никад.

Камчев: Ако сакаш да идам да лажам, тогаш ќе лажам. Не можам да зборам за нешто што никогаш не сме збореле.

Понатаму, во телефонскиот разговор Камчев го уверува Груевски дека нема да го инволвира во овој случај.

Камчев: Јас сум ти кажал, уживај, спиј мирно за овој случај. Батали. Не го мисли. Сум ти дал збор. Те почитувам, те ценам како човек. Јас и ти машки играме.

Вака тврдеше познатиот бизнисмен, но што направи?

Не му заби само нож во грб на поранешниот премиер, туку и на својот кум Мијалков за случајот „Империја“ во кој беа обвинети за злосторничко здружување и перење пари од над 10 милиони евра.

Токму тој ѝ ги достави сите документи на обвинителката Лиле Стефановска, која го водеше еден од најгломазните предмети, кој на некој начин отвори надеж за правда во државата.

Близок соработник на некогашниот најмоќен човек во државата ја открил тајната и на обвинителството му приложил документ црно на бело, во кое се открива дека газда на компанијата „Ексико“ е Александра Мијалкова.

На крајот, и двајцата се спасија, поточно направија спогодби со обвинителството, Камчев за една година затвор и 5,2 милиони евра во буџетската сметка, додека Мијалков се исценка за три години зад решетки, 6 милиони евра во кеш и повеќе од 15 милиони евра запленет имот.

ОД ПРОГОНЕТ ДО ЖРТВА-СВЕДОК

Додека СЈО работеше, а Заев владееше, еден од најмоќните бизнисмени ја смени страната и почна да ги поддржува политиките на новата влада предводена од СДСМ. Во последното дадено интервју во 2019 година, Камчев ќе рече:

Заев е најхрабриот премиер и јас лично би потпишал таков договор со Грција“.

За многумина, тоа беше обид да се испере со промена на дресот.

Ниту ќе имаме подобра шанса, ниту дека сме имале похрабар лидер од премиерот Заев. Јас лично сум ЗА договорот со Грција, како и бев ЗА Договорот со Бугарија.

Јас сум европски и светски човек и сакам Македонија да биде дел од таа структура. Сакам да живеам во Република Македонија различна од таа што е денеска, сакам да бидеме членка на НАТО и ќе направам сѐ што е во моја можност“, изјави тогаш за Фактор.

И, таман мислевме дека летото 2019 година ќе помине без многу бранувања, македонскиот бизнисмен повторно се најде во мета на случувањата, но овојпат како жртва.

Пукна аферата „Рекет“, во која на обвинителна клупа, на изненадување на сите, седнаа специјалната обвинителка Катица Јанева и Бојан Јовановски, познат во јавноста како Боки 13, а во тоа време и сопственик на 1ТВ.

Тогаш, Камчев се најде во нова животна улога, во улога на рекетиран, од кого биле побарани 8 милиони евра. Објавената снимка, пак, покажува дека Камчев во „луј витон“ чанта наводно дава еден милион евра.

Снимениот разговор меѓу Боки 13 и Камчев беше помалку неверојатен и невообичаен поради начинот на кој би требало да разговараат рекетар и жртва.

Камчев, кој предаваше милион евра во брендираната чанта, се шегуваше и се смееше со Боки 13 и звучеше како да зборува со својот најголем пријател за вчерашна седенка, а не како со некој што му барал 8 милиони евра.

Да не го заборавиме и Зоран Милески-Кичеец, кој своевремено физички го нападна Камчев, за што доби педагошка лекција од Мијалков. Но, неколку години подоцна, Кичеец му стана десна рака на Камчев и водеше преговори за негов спас.

Паралелно со тоа, се појавија уште неколку аудиоснимки, каде што се слуша гласот на Камчев, кој му замерува на Заев како можел да го апси откако го пофалил во интервју. Дополнително, Камчев се силеше дека ќе побегне во Бугарија, ќе чека дивиденда и ќе слуша како ќе пукаат „бомбите“ на Геро.

Што се случи потоа е познато – Камчев беше приведен под обвинение дека планирал бегство во Софија. Иако одлежа повеќе месеци во притвор, тој веќе е на слобода, откако соработуваше со институциите и доби безмалку симболични санкции.

Повторно се издигна како феникс, кому сега му останува само да ја надгради „империјата“. И, се разбира – на раат да ги троши парите.

РАМКА1

ТЕПАЧКИ, ПУКАЊЕ, ПАЛЕЊЕ ЏИП…

Тепачки, пукања, палење џип и други контроверзии во изминатиот период беа врзани за името на Орце Камчев. Во книгата „Заробена демократија“ на НВО Транспарентност Македонија се наведува:

Кон крајот на 2004 година до џипот на Камчев, паркиран пред зградата во која тој живее, експлодираа две рачни бомби. Кој ги фрлил бомбите во скопскиот кварт во кој живеат и други познати бизнисмени и политичари не беше никогаш откриено, но во јавноста оваа експлозија беше толкувана и како наводно предупредување до бизнисменот од некои „руски кругови“ за нерасчистени бизнис-сметки. Извесен период пред експлозијата на бомбите беше пукано во уште едно возило (порше) во сопственост на семејството Камчеви, но и тој инцидент не беше расветлен, а Камчев тврдеше дека тие инциденти се „дело на една структура во полицијата“.

РАМКА 2

БУГАРИЈА ГО НОМИНИРАШЕ ЗА ПОЧЕСЕН КОНЗУЛ, ПА СЕ ПРЕМИСЛИ

Бугарија во 2018 година го назначи бизнисменот Орце Камчев за почесен конзул во Македонија, но се чекаше на зелено светло од владата.

Тоа не се случи една година, па по неколкуте судски процеси против него, Бугарија се премисли и ја повлече номинацијата.

Образложението беше дека имало премногу реакции во македонската јавност.

РАМКА 3

УНИШТУВАЊЕТО НА МПМ

Орце Камчев до февруари 2017 година беше еден од сопствениците на МПМ, пропаднатата медиумска компанија, која, исто така, беше предмет на истрага на СЈО како најголемиот донатор на изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во 2013, со 252.843 евра.

Со тоа згаснаа и весниците „Вест“, „Утрински“ и „Дневник“.

Поврзани новости