Текстот е објавен на 14 октомври 2020 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1306.
Случајот со купувањето на „Соравиа“ од страна на Дрин Ахмети, внук на лидерот на ДУИ Али Ахмети, уште еднаш ја покажа важноста на долгонајавуваниот Закон за потекло на имот, кој никако да го види светлото на денот, бидејќи со години чека да биде предложен и усвоен. Имено, овој закон требаше да овозможи институциите да испитуваат не само јавни функционери, туку и поранешни функционери, како и нивни роднини, бидејќи јавна тајна е дека постојат многу фиктивни сопственици што служат како покритие на имот во реална сопственост на блиски лица. Своевремено, „Фокус“ пишуваше за имотната состојба на водечките функционери, но обезбеди податоци и за нивни блиски роднини.
Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ
Антикорупциската регулатива, меѓу другото, ги обврзува сите избрани и именувани функционери да бидат целосно транспарентни во поглед на нивната имотна состојба, со цел максимално да се редуцираат потенцијалните коруптивни практики.
По дефиниција, транспарентноста во работењето на власта стимулира отчетно и одговорно работење. Од друга страна, пак, затвореноста остава простор за разни злоупотреби на функцијата и моќта заради лукративни мотиви.
Од таа гледна точка, сите функционери имаат законска обврска да го стават на јавен увид имотот со кој располагаат тие лично, но и членовите на нивното семејство со кои живеат во исто домаќинство.
Притоа, ваквата обврска важи за секаков тип имот – автомобили, недвижности, удели, акции, депозити, побарувања, злато и други вредни предмети. Но, исто така, обврската важи и за пријавување одредени обврски, како на пример, банкарски кредити и друг вид долгови.
Сепак, во минатото се покажа дека многумина носители на јавни функции наоѓаа законски дупки, така што вредниот имот што реално го поседуваат не го пријавуваа во институциите и пред јавноста, од проста причина што како фиктивни сопственици се јавуваа нивни роднини, со кои, патем, не живеат во исто домаќинство.
До ден денес, многу функционери не пријавуваат голем имот бидејќи тој е дисперзиран на повеќе членови на нивното пошироко семејство, кои притоа не се функционери и затоа за нив не важи обврската за поднесување анкетен лист.
Врз основа на најновите анкетни листови објавени од Антикорупциската комисија, ја анализираме имотната состојба на партиските лидери и некои нивни најблиски соработници.
Увидот во нивните имотни досиеја покажува дека тие и членови на нивните семејство поседуваат недвижности, но, според податоците што дополнително ги обезбедивме од надлежните институции, кај некои од нив фактичката имотна состојба не кореспондира целосно со објавените податоци.
Дополнително, „Фокус“ открива кои политичари поседувале или сѐ уште поседуваат сопственички удели, за кои компании станува збор и во кој сектор дејствуваат.
СОПРУГАТА СТЕКНАЛА СТАН, ТАТКОТО ЛИКВИДИРАЛ ФИРМА
Како што е познато, премиерот и лидер на најголемата владејачка партија – СДСМ, Зоран Заев, во политичкиот живот се вклучува од бизнис-секторот.
Меѓутоа, откако стана премиер по изборите на крајот на 2016 година, тој и членовите на неговото потесно семејство немаат капитална поврзаност со приватни компании, иако истовремено неговиот брат и братучеди поседуваат неколку фирми, кои дејствуваат во градежништвото и во други сектори.
Сепак, по стапувањето на премиерската позиција по овогодинешните избори, Заев пријавил поголем имот отколку претходно.
Така, во неговиот стар анкетен лист од 2017 година со кој располагаме стои дека порано како имот на родители пријавил куќа од 400 квадратни метри во Струмица од 2000 година, земјоделско земјиште од 4 хектари во родното Муртино од 2003 година, како и деловен простор, стан и акции, чија вкупна вредност изнесува над 38 милиони денари или околу 625 илјади евра.
Покрај тоа, како личен имот пријавил и побарување по основ на даден заем во 2012 година во износ од 4,3 милиони денари, како и два орочени депозита на име на неговата сопруга и деца од вкупно 2 милиони денари или 34 илјади евра.
Во најновиот анкетен лист што лидерот на СДСМ го поднел до антикорупционерите, повторно е наведен веќе споменатиот имот на име на неговите родители, сопруга и деца, како и побарувањето за дадениот заем пред десетина година.
Новина е станот од педесетина квадратни метри на неговата сопруга Зорица Заева од минатата година, како и моторното возило на неговите деца марка „мини чопер“, кои вредат по 900 илјади денари.
Исто така, новина се и паричните средства во износ од 6 милиони денари на име на неговите родители, врз основа на ликвидирање фирма во 2019 година.
Од податоците што ги обезбедивме од Централниот регистар произлегува дека ликвидираната компанија на таткото на Заев – Панче Заев, е „Зови-Промет“ со дејност трговија на мало во неспецијализирани продавници, основана во далечната 1998 година и ликвидирана кон средината на 2018 година.
Претходно, според финансиските извештаи, друштвото работело во негатива, која во 2014 година, на пример, изнесувала над 4 милиони денари. Како што рече самиот Заев во едно интервју, маркетите на „Зови-Промет“ биле затворени, бидејќи не ја издржале конкуренцијата од големите ланци маркети.
СЕМЕЈНИОТ БИЗНИС СЕ ПРОЦЕНУВА НА 8,5 МИЛИОНИ ЕВРА
Инаку, веќе ликвидираната „Зови-Промет“ беше само една од многуте компании во семејното бизнис-портфолио на семејството Заеви. Во таа насока, неговиот брат Вице Заев е сопственик и воедно управител на градежната компанија „Тотал Инжинеринг“, основана во 2009 година.
Воедно, тој е еден од тројцата косопственици и истовремено управител на „Тотал Електрик“ формирана во 2009 година за трговија со мебел и други предмети за домаќинство. Заедничко за овие две компании е тоа што покажуваат позитивни финансиски резултати.
За разлика од нив, братот на премиерот Заев е содружник во уште 3 компании, кои, пак, прикажуваат негативно финансиско салдо, а воедно се јавуваат како активни должници во Управата за јавни приходи.
Една од нив е градежната компанија „Дравас Инженеринг“, која има вкупен долг од 40 милиони денари, од кои 25 милиони денари се за ДДВ, 14,7 милиони денари за данок на добивка и 279 илјади денари за плати и придонеси. Овие финансиски обврски се доспеани за плаќање заклучно со мај, а неплатени биле заклучно со август.
Исто така, Вице Заев е еден од неколкутемина партнери во градежната компанија „Сара Инженеринг“ и транспортната фирма „Сара Јавор Инженеринг“, формирани во истиот период во 2009 година.
Патем, првата компанија има активен долг кон УЈП од вкупно 33,3 милиони денари, од кои за ДДВ се 13,5 милиони денари, за данок на добивка се 19,7 милиони денари и за плати и придонеси се 78 илјади денари.
Што се однесува до втората компанија, вкупниот долг изнесува 15,7 милиони денари, од кои за ДДВ се 13,5 милиони денари и за данок на добивка се 2,1 милиони денари.
Понатаму, како што своевремено пишувавме, братучедите на браќата Заеви – Трајче Заев, Бобан Заев, Катерина Бојовиќ-Заева имаат удели во уште неколку компании, меѓу кои „Мамас фоод“, „Фарма Медика Канабис“, „Мам Свети Николе“, „Тргопродукт“, „Пеон“, „Еленица“, „Герас Цунев“…
Во една од објавените „бомби“, Заев пред Александар Верушевски, син на екс разузнавачот Зоран Верушевски, споменува сума од околу 8,5 милиони евра во контекст на вредноста на компаниите на Заеви.
Како што појаснува премиерот за „Фокус“, оваа цифра е резултат на домашна проценка во рамки на семејството за вредноста на компаниите, а не за сума на пари кои стојат на банкарски сметки.
КУЌА ОД 343 КВАДРАТНИ МЕТРИ
За разлика од премиерот Заев, опозицискиот лидер Христијан Мицкоски нема обврска да го пријави имотот што тој и членовите на неговото семејство го поседуваат, од проста причина што не е јавен функционер.
Имено, тој на последните парламентарни избори не се кандидираше за пратеник, а неговата ВМРО-ДПМНЕ не успеа да победи за да стане премиер.
Сепак, во име на транспарентноста, „Фокус“ побара Мицкоски да ни достави податоци за имотот што го поседува, меѓутоа до затворањето на весникот не добивме никаков одговор на ова барање.
Во едно од неколкуте телевизиски соочувања со Заев, Мицкоски рече дека поседува куќа во скопската населба Влае.
Како што е познато, на последните избори Мицкоски гласаше во основното училиште „Димо Хаџи Димов“, токму во оваа скопската населба.
Проверката што ја извршивме во Катастарот на недвижности во тој реон, кој административно спаѓа во Општина Карпош, но катастарски во Катастарска општина Ѓорче Петров 4, лидерот на ДПМНЕ се јавува како сопственик на градежно земјиште од 112 квадратни метри, на кое е изграден објект-станбена куќа со двор, од вкупно 343 квадратни метри.
Засега, нема наводи за друг недвижен имот на Мицкоски, но може да се најдат податоци за негова поврзаност со приватни компании.
Според податоците од Централниот регистар, Мицкоски во периодот од 2012 до 2015 година бил косопственик во компанијата „Фонко Хидро“, формираната во 2010 година за производство на електрична енергија.
Меѓутоа, во 2013 година, една година откако Мицкоски влегол во компанијата, таа ја менува дејноста во инженерство и техничко советување, за што е регистрирана и денес.
Историјатот на промени на друштвото покажува дека нејзин прв сопственик била компанијата „Фонко ИНТ“, за која во ноември 2011 година се отвора стечајна постапка, во чии рамки тројца доверители („Макотерм“, „Уни Клима Компани“ и УЈП) одлучуваат да ги наплатат побарувањата преку продажба на имотот.
Непосредно пред отворањето на стечајната постапка за „Фонко ИНТ“, таа се повлекува од сопственичката структура на „Фонко Хидро“ и на нејзино место во сопственичката структура доаѓа Милан Тасевски.
Тоа се случува во втората половина на 2011 година, за во следната 2012 на местото на Тасевски во компанијата да влезе Мицкоски, но и Стефан Трајковски, кој е управител на компанијата од почеток до денес.
ХИДРОЦЕНТРАЛИ ВРЕДНИ 3 МИЛИОНИ ЕВРА
Освен „Фонко Хидро“, Мицкоски и Трајковски уште ги поврзува и компанијата за издавање и управување со сопствен недвижен имот формирана во 2014 година – „Енерготек“.
Поточно, Трајковски моментално е управител и еден од неколкутемина содружници во оваа компанија, покрај Димитар Димовски и Орце Тодоровски, кои важат блиски лица до Мицкоски.
Потоа, во сопственичката структура на друштвото фигурираат и генералниот директор на „Витаминка“ Сашо Наумоски, како и уште три физички лица – Трајче Николовски, Сашо Јаневски и Жан Чупарковски.
По формирањето на компанијата кон средината на 2014 година, нејзин содружник бил и Мицкоски, кој една година подоцна му станува советник за енергетика на екс премиерот Никола Груевски, а подоцна и директор на ЕЛЕМ.
Но, тој излегол од компанијата во октомври минатата 2019 година, со цел, како што неколку пати говори во јавноста, оваа тема да не биде злоупотребувана во јавноста.
За потсетување, неговите политички противници го напаѓаа поради тоа што оваа фирма има директна врска со три мали хидроцентрали во Источна Македонија.
Конкретно, неколку месеци по формирањето на „Енерготек“, оваа компанија заедно со струмичката нафтена фирма „Минка ДА“ на Драги Василев формираат конзорциум со назив „Минка-Енерготек“, чиј управител, исто така, е Трајковски.
Впрочем, како што своевремено пишувавме, токму учеството на „Минка“ во конзорциумот е клучно за да бидат исполнети потребните услови и критериуми за учество во постапката за доделување на три концесии за изградба на мали хидроцентрали во Пехчево.
Откако „Минка-Енерготек“ ги добива концесиите како единствен учесник во постапката“, „Минка“ од доминантен станува малцински содружник на сметка на тукушто формираната „Енерготек“.
Всушност, станува збор за концесија за период од 20 години за хидроцентрала на реката Брегалница со капацитет од 868 киловати и за две хидроцентрали на Клепалска Река со капацитет од 180, односно 313 киловати.
Реагирајќи на обвинувањата на ривалите, Мицкоски истакнуваше дека акционерскиот капитал за 3-те хидроцентрали изнесува 3 милиони евра, од кои тој поседувал 3 проценти или 200.000 евра, кои, како што рече, ги заработил пред да влезе во политиката.
Тој јавно одбиваше да открие за колку пари го продал уделот во „Енерготек“, но документацијата што ја обезбедивме открива дека тоа го сторил за сума од само 700 евра?!
ЕДНИОТ БРАТ ПОЛИТИЧАР, ДРУГИОТ БРАТ БИЗНИСМЕН
Што се однесува до другите партиски лидери, лидерот на ДУИ Али Ахмети долги години поднесува речиси идентичен анкетен лист, во кој е наведена куќата во родниот Зајас од 254 квадратни метри, што самиот ја проценил 100 илјади американски долари.
Воедно, Ахмети навел дека поседува земјоделско земјиште од 700 квадратни метри во Албанија и банкарски депозит од 750.000 денари.
Во споредба со него, далеку посодржаен е анкетниот лист на лидерот на владејачката БЕСА Биљал Касами.
Имено, Касами на свое име пријавил само побарување од 2,6 милиони денари по основ на даден заем во 2016 година и два банкарски депозита, без да го открие нивниот износ.
Меѓутоа, на име на родителите пријавил земјиште и куќа од 537 квадратни метри вредна 8 милиони денари, побарување по основ на даден заем од 623.000 денари, побарување по основ на основачки влог од 2,3 милиони денари, побарување по основ на учество во добивка од 1,2 милиони денари, како и приход од закупнина од 12.000 денари месечно.
Имајќи ги предвид овие информации, од лидерот на БЕСА и пратеник Касами побаравме одговори во врска со заемите и уделите во компаниите, но изостана повратна реакција.
Сепак, податоците од надлежните институции до кои дојдовме откриваат дека своевремено лидерот на БЕСА бил дел од сопственичката структура на компанијата „Нетам Керамикс“, формирана во 2006 година за трговија, метална стока, бои и стакло, која била ликвидирана во 2009 година.
Во меѓувреме, членови на семејството Касами се поврзуваат со неколку други тетовски компании.
Така, неговиот татко Меваип Касами и неговиот брат Бедри Касами ја поседуваат компанијата „Љум Керамикс“, формирана исто така за метали, бои и стакло во 2009 година, кога всушност била ликвидирана „Нетам Керамикс“.
Братот на Касами-Бедри, пак, истовремено се јавува и како косопственик на „Б.А.Н. Корпоратион“, основана во 2016 година за трговија со стакло и порцелан.
Негов партнер во оваа компанија е Насер Рушани, чие име се сретнува како донатор на БЕСА за предвремените парламентарни избори во 2016 година со донација од износ од 55.000 денари.
ИСТ СТАН СО РАЗЛИЧНИ СОПСТВЕНИЦИ И КВАДРАТИ
Ако Касами порано директно бил дел од бизнис-сферата, а денес таму активни се негови роднини, тогаш генералниот секретар на БЕСА и актуелен министер за земјоделство, Аријанит Хоџа сѐ уште поседува приватна компанија.
Тој ни изјави дека се работи за негова сопствена фирма основана во 2009 година за аквакултура, односно производство на риби.
Во трговскиот регистар тој се води како сопственик на друштвото „Фреш Фиш“ со седиште во селото Вруток, Гостивар, која прикажува позитивни финансиски резултати во последните неколку години.
Но, тој истовремено фигурира како (ко)косопственик и на компанијата со слична дејност „Розафа“, која била формирана во 2006, но се води како деловно неактивна од 2016 година наваму, со нула денари приходи и расходи, откако претходните години остварувала значителни загуби.
Другиот косопственик на компанијата е Ѓерѓ Луца, кој поседува истоимена компанија во Црна Гора.
Според податоците од црногорскиот регистар на трговски субјекти, Луца е еден од тројцата сопственици на друштво за трговија на големо со храна со назив „Розафа“, регистрирана во црногорскиот град Бар во 2002 година.
Во врска со лидерот на албанската опозиција, Зијадин Села, пак, тој како пратеник пријавил недвижен имот во родното струшко село Ливада, во кои спаѓаат куќа, земјиште и шума во вредност од над 10 милиони денари, како и две моторни возила.
Единствен имот стекнат во последно време се двата банкарски депозита од годинава на неговото име и на име на неговата сопруга во вкупна вредност од околу 2 милиони денари.
Во споредба со него, поголем имот пријавил генералниот секретар на Алијансата за Албанците и градоначалник на Гостивар Арбен Таравари.
Покрај недвижниот имот на неговите родители, составен од куќа, градежни земјиште, деловен простор, во вкупна вредност од околу 50 милиони денари, Таравари пријавил стан на име на сопругата од 94 квадратни метри и во вредност од 5,7 милиони денари стекнат во 2014 година.
Арно ама, податоците од Катастарот говорат дека Таравари се јавува како сопственик на стан во Карпош, на улицата Прашка, со имотен лист 82580, со вкупна квадратура од 104 квадратни метри (86+14+4).
Иако стан со ваква квадратура на името на Таравари нема во неговиот анкетен лист, тој појаснува дека се работи за пријавениот стан од 94 квадрати.
Зоран ЗАЕВ, премиер и лидер на СДСМ
ЦИФРАТА ОД 8,5 МИЛИОНИ ЕВРА Е НАША ПРОЦЕНКА ЗА ВРЕДНОСТА НА КОМПАНИИТЕ
Премиерот и воедно лидер на СДСМ, Зоран Заев, вели дека имотот што го поседува тој лично и членовите на неговото семејство со кои живее во исто домаќинство уредно го пријавил до Антикорупциската комисија, како што налага законот.
Во изјава за „Фокус“, тој вели дека не сака и не може да говори за имотот на неговото пошироко семејство.
– Поширокото семејство Заеви брои многу членови. Иако јавноста не перцепира како едно, сепак, ние функционираме одделно, со посебни буџети. Сепак, компаниите си помагаат кога има потреба, кога треба да се даде заем и слично – вели Заев.
Тој додава дека бројката од 8,5 милиони евра е генерална проценка што се направила во рамки на семејството во смисла колку вредат сите компании на пошироката фамилија.
– Треба да се знае дека не станува збор за 8 милиони евра пари на банкарски сметки, туку за вредност на компаниите. Исто така, мора да се каже дека има на над 4 милиони евра кредити – објаснува Заев.
Во однос на прашањето дали поседува имот во странство, Заев тврди дека тој лично нема никаков имот надвор од државата.
– Моите братучеди имаат куќа во Грција, за која пишуваа медиумите, и тоа е точно. Но, таа куќа не е моја, иако некогаш одам на гости. Сите останати написи и тврдења за имот во странство се невистинити – дециден е премиерот и лидер на СДСМ.
Договор за пренос на удел
МИЦКОСКИ ГО ПРОДАЛ УДЕЛОТ ОД 7 ОТСТО ОД „ЕНЕРГОТЕК“ ЗА 700 ЕВРА
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски го продал уделот од 7 проценти во компанијата „Енерготек“, содружник во „Минка-Енерготек“ која има концесија за 3 мали хидроцентрали, за 700 евра, покажува договорот до кој дојдовме по пат на увид во регистарската влошка во компанијата.
Во договорот склучен на 29.07.2019 година меѓу Мицкоски и новиот косопственик во друштвото, Жан Чупаркоски, се наведува дека новиот содружник Чупаркоски ќе учествува во добивката и ќе ја покрива загубата на друштвото сразмерно на основачкиот влог.
Згора на тоа, во договорот се наведува дека Мицкоски нема никакви права и обврски ниту идни побарувања кон компанијата.
Арбен ТАРАВАРИ, генсек на АА и градоначалник на Гостивар
СЕ РАБОТИ ЗА БРАЧЕН СТАН ОД 2015 ГОДИНА, СИГУРНО Е ПРИЈАВЕН
Генералниот секретар на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, кој е градоначалник на Гостивар, тврди дека станот што го поседува во Скопје е пријавен во анкетниот лист, иако стан со параметри како што е заведен во катастарот нема во пријавата до антикорупционерите.
– Станот од 94 метри квадратни, не знам дали се смета балкон и гаража, е на мое име, ако не грешам од 2015 година. И сигурно е пријавен во анкетниот лист – вели Таравари, кој во однос на прашањето зошто станот го пријавил на име на неговата сопруга вели дека се работи за брачен стан.