Текстот е објавен на 26 октомври 2023 година во неделникот Фокус со број 1.464.
На главниот пат во скопско Визбегово се наоѓа казиното „Плеј 4 Вин“, кое официјално е дел од групацијата на „Стар“ казина на тетовската компанија „Гаминг Професионал“. Податоците што ги обезбедивме покажуваат дека на иста адреса каде што е лоцирано ова казино се регистрирани повеќе фирми, а една од нив е „ТЦ Тецхнологиес“. Нејзин сопственик е Тал Силберстеин, познат политички консултант од Израел, кој беше обвинет дека е креатор на црна и валкана кампања во Австрија, а во матичната држава беше гонет за перење пари. За потсетување, своевремено во јавноста осамна една фотографија од него и од поранешниот македонски премиер Зоран Заев. Во меѓувреме, регионална „ѕвезда“ стана неговиот „ученик“ Асаф Еисин, кој долги години го советува српскиот претседател Александар Вучиќ. Нашите сознанија говорат дека Еисин неформално работел за ВМРО-ДПМНЕ во 2015 година, кога на чело на партијата уште е Никола Груевски, а потоа давал услуги и за новата власт на СДСМ и ДУИ. Сепак, неговото присуство во земјава не може официјално да се потврди, што не е случај со еден друг израелски експерт – Зив Ерез. Тој самиот открива дека работел во земјава на парламентарните избори во 2020 и на локалните избори во 2021 година, но не го обелоденува клиентот, иако неофицијално станува збор за ДУИ на Али Ахмети. Информациите до кои дојдовме покажуваат дека тој, заедно со партнер од Израел (Јаков Сиван), во земјава ја поседува компанијата „Вју Тек“, исто така лоцирана кај „Плеј 4 Вин“. Првично, основач на компанијата бил Австриецот Петер Пулер, кој соработувал со Силберстеин во Австрија, а давал услуги и во земјава.
Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ
Веќе долго време, многумина политички, но и неполитички актери, во јавноста споменуваат мистериозна структура составена од Израелци и Австриец, експерти за политички маркетинг, кои порано своите совети ги давале на сегашната опозиција (кога била власт), но денес и се ставени на располагање на актуелната власт предводена од СДСМ, а најмногу на ДУИ на Али Ахмети.
Па, ВМРО-ДПМНЕ преку партискиот потпретседател Александар Николоски во неколку наврати споменува странска ПР-агенција, чии совети, според него, придонесуваат за голема конфронтација меѓу власта и опозицијата. Во тој контекст, уште во пресрет на парламентарните избори во 2020 година, рече дека власта на помош викнала ПР-агенција од Белград.
– СДСМ ангажирале ПР агенција од Белград да им ги решава проблемите во четвртата изборна единица. Но имаат два проблеми. Таа ПР агенција дошла во Скопје, а Скопје е во единицата, не е во четворката. Второ, ПР агенции на полињата и нивите во Прилеп, Струмица, Гевгелија, Валандово, Стојаково не поминуваат – изјави Николоски.
Сличен вокабулар, тези и поенти тој употреби и неодамна, кога партијата на Христијан Мицкоски отвори фронт кон поранешниот лидер Никола Груевски. Во едно телевизиско гостување, Николоски повторно спомена странска ПР агенција, плус една домашна, кои, според него, имале спремено кампања како да се обработи внатрешниот раскол.
– Груевски нема што да испорача откако се излезе од јавност, сега само сакаат да ги соберат пердувите. Жал ми е само за 2 ПР агенции, едната домашна и едната странска, кои веројатно сега ќе останат без солидни приходи, зашто имаа спремно цела ПР кампања која требаше да се гради околу рушењето на ВМРО-ДПМНЕ. Им пропадна таа кампања, но во ПР се отвораат други можности – прокоментира тој.
Во таа насока, многу почесто, но и поконкретно говори поранешниот висок функционер на ДУИ, Изет Меџити, кој беше дел од „огнената фракција“ што бараше реформи, а неодамна ја формираше опозициската Демократско движење. Во интервју за „Фокус“, говорејќи за неодамнешното ребрендирањето на ДУИ во зелена партија, рече:
„Тогаш уште бев внатре, но тоа беше неочекувано, само од ПР аспект. За жал, главната задача и цел на ПР агенцијата што работи за ДУИ е казино-бизнисот. Го изгубија тој бизнис во Албанија и Косово. Зборувам за Австриецот Питер и еден Израелец. Ним не им е грижа многу за идеологијата“.
Како што вели тој, ПР-от за ДУИ претставува параван, додека всушност оваа структура 90 отсто од времето го трошела на „развој на казино-бизнисот“. Меџити посочува дека тие го загубиле бизнисот во Косово и Албанија, каде што се донела одлука за затворање на казината, па затоа се префрлиле во земјава. На конкретното прашање дали тие имаат казино, тој вели: „Имаат“!
Освен што го сподели името на еден од овие луѓе, Меџити не откри дополнителни податоци, односно не ја обелодени ПР-агенцијата и лицата поврзани со неа, на каков начин тие се поврзани со игрите на среќа, каде и кое казино го поседуваат итн. На нашето дополнително барање, тој одби да ги образложи тврдењата, а не добивме коментар во однос на нив ниту од неговата поранешна партија ДУИ.
Сепак, дел од одговорите произлегуваат од истражувањето на „Фокус“, кое откри дека на една иста адреса во скопско Визбегово е лоцирано казино во подем и се регистрирани повеќе компании во сопственост на израелски државјани, кои, меѓу другото, се поврзуваат и со политичките процеси во земјава, додека некои нив беа дел од големи скандали во други држави. За кои луѓе станува збор?
„ЛУКСУЗНО И ВРВНО МЕСТО“
Имено, официјалните податоци од надлежните институции до кои дојдовме на површина исфрлуваат една локација во Визбегово, која е заеднички именител на повеќе луѓе и субјекти, кои навидум немаат ништо заедничко. Станува збор улица 8, број 12, каде што е лоцирано едно добро познато електронско казино.
Тоа е „Плеј 4 Вин“ (Play 4 Win), кое, според интернет-страната, е основано во 2020 година. Во рамки на истата групација, се наведува дека функционира и „Стар“ казиното во Тетово. Двете локации се промовираат како „луксузно, приватно, врвно место“, кадешто клиентите можат да уживаат во добра храна, квалитетни пијалаци, но и да ги играат најдобрите игри на среќа.
И двете казина носат називи кои не можат да се најдат во регистарот на Министерството за финансии за лиценцирани субјекти за приредување игри на среќа. Но, покрај останатите, таму фигурира компанијата „Гаминг Професионал“, која, според достапните информации, ги поседува двете казина.
Според Централниот регистар, оваа компанија за „коцкање и обложување“ е основана на почетокот на 2015 година со седиште во Тетово. Нејзин единствен сопственик е Владимир Пауновски, кој порано поседувал уште една компанија за игри на среќа – „РЈБ-Слот“, но таа е ликвидирана во 2019 година. Денес, пак, тој го поседува и друштвото за трговија „Лумас Трејд“.
Само 3 месеци по основањето на „Гаминг Професионал“ во март 2015 година, веќе во јуни истата година добива лиценца за игри на среќа во автомат клуб за период од 6 години во деловна просторија во Тетово, со тоа што треба да се има во предвид дека законски се дозволува со лиценца за едно уплатно место да се отворат казина на најмногу 25 локации.
Пет години подоцна, односно во март 2020 година, компанијата поднела барање и добила нова лиценца за период од 6 години, за што друштвото е должно да плати надоместок од 78.750 евра. Како што се наведува во образложението, лиценцата е издадена откако била зголемена основната главнина, која моментално изнесува над 300 милиони денари.
Воедно, стои дека фирмата покажала ликвидност и редовно ги сервисирала обврските. Доколку по првата лиценца било отворено казиното „Стар“ во Тетово, по добивањето на втората лиценца отворено е казиното „Плеј 4 Вин“ во Скопје.
Патем речено, тековната состојба покажува дека во рамки на компанијата функционираат подружници во Кичево, Дебар, Охрид, Струга, Македонски Брод и село Жеровјане, Општина Боговиње, што покажува дека секаде таму работи казино „Стар“ на „Гаминг Професионал“. Дополнително, кратко интернет-пребарување покажува дека казино под овој бренд работи во Прешево, Бујановец и во други градови на Србија.
Токму во период кога друштвото ја добива втората лиценца, тоа бележи драстичен раст. Според финансиските извештаи, ако во 2019 година фирмата направила обрт од нецели 67 милиони денари, веќе во следната 2020, приходите пораснале на 134 милиони денари. Во двете години, компанијата работи во позитива, но бил остварен незначителен, симболичен профит од 4-5 илјади евра.
Арно ама, нагорниот тренд во остварениот обрт продолжува со иста динамика, така што во 2021 година приходите скокнале на 323 милиони денари, а ланската 2022 година веќе стигнале до 526 милиони денари. Добивката, пак, изнесувала 4,7 милиони денари. Истовремено, скокнал и бројот на вработени од 69 на 144.
ТЕЗГИ И ВО МАКЕДОНИЈА
Практично, „Гаминг Професионал“ прави раст во време кога се отвора „Плеј 4 Вин“ во Визбегово, каде што, според проверките што ги извршивме, се регистрирани неколку компании. Една од нив е „Вју Тек“, основана на самиот почеток на 2021 година, со основна дејност за „издавање на останата програмска опрема“. Исто така, и оваа компанија има експоненцијален финансиски раст.
Така, друштвото во 2021 година остварува приходи од скоро 18 милиони денари, а годината ја завршува со добивка од скоро 13 милиони денари, што значи дека расходите биле под 50 отсто од приходите. Во следната 2022 година, се бележи раст на приходите за цели 520 проценти, со оглед дека тие достигнуваат 110,5 милиони денари. Раст има и кај добивката, која изнесува 34 милиони денари.
Официјалните податоци говорат дека компанијата е управувана од Моника Ангеловска, но таа има двајца сопственици од Израел. Едниот од нив е Јаков Сиван, кој поседува уште една фирма регистрирана на иста адреса во Визбегово. Се работи за „КСНМ Тецхнологиес“, основана на самиот крај на 2019 година за „управување со недвижен имот со хонорар или вез база на договор“.
Втор содружник на оваа компанија е Астрит Красниќи, косовски државјанин кој бил дел од бизнисот со игри на среќа во родната земја, во време кога тоа сѐ уште го допушташе законската регулатива. Може да се пронајдат написи дека човек со исто име и презиме бил опфатен со истрага и кривична пријава за лихварска измама. Но, според „Коха Диторе“, тој бил изземен од обвинителството на Феризај.
Да се вратиме на „Вју Тек“, чиј втор содружник е уште еден Израелец – Зив Ерез. Тој претставува добро познато име од областа на политичкиот маркетинг и консалтинг. Ја поседува компанијата со седиште во Израел „ЗигзаГ Медиа“. На неговиот сајт пишува дека Ерез е еден од лидерите на индустријата за дигитален маркетинг, како професионалец за креирање стратегии.
Освен тоа, навел дека водел повеќе од 20 политички кампањи ширум светот, постигнувајќи „извонреден успех“ за неговите клиенти, при што уште посочил дека дел од неговото професионално искуство се избори во повеќе држави: Британија, Израел, Украина, Грција, Грузија, Романија, Унгарија, Ангола и Маврициус.
Исто така, тој работел и во регионот. Поточно, во Албанија работел на парламентарните избори во 2021 година, а во Косово на парламентарните избори во 2020 и на локалните избори во 2021 година. На списокот е наведена и Македонија, каде Ерез работел на парламентарните избори во 2020 година и на локалните избори следната 2021 година.
Од причина што тој не открил за кои клиенти работел на двата изборни циклуси, одговор побаравме од неговата „ЗигзаГ Медиа“. Сепак, не го добивме, со образложение дека тоа е деловна тајна. Се обративме и до ДУИ, имајќи во предвид дека опозицијата говори за странска ПР-агенција и за Израелец што тера ПР на ДУИ, но и од таму не добивме одговор.
Инаку, Ерез подоцна влегол во сопственичката структура на „Вју Тек“. Историјатот на компанијата покажува дека таа првично била основана од споменатиот Сиван, како и австрискиот државјанин, кој, случајно или не, има исто име како оној за кој говореше Меџити – Петер. Станува збор за Петер Пулер, кој бил кооснован на „Вју Тек“, но излегол во втората половина на 2021 година.
Денес, тој во земјава самостојно ја поседува „Публицон Консултинг“, друштво за „советување во врска со работењето и останато управување“, основано во 2019 година. За разлика од претходно споменатите фирми, нејзиното седиште не е во Визбегово, туку во Центар. Треба да се наведе дека оваа компанија е правно активна, но не прикажува никаква деловна активност.
ЦРНА И ВАЛКАНА КАМПАЊА
Кога е во прашање Пулер, тој има доста интересна биографија. На пример, за него на Википедија може да се прочита дека е австриски новинар и консултант за односи со јавност, кој работел за повеќе „страни“ во Австрија, но и во странство. Во тој правец, запишано е дека во 2018 година ја водел и кампањата на Заев, што одговара на периодот кога се спроведуваше референдумот за Преспанскиот договор.
Покрај тоа, Пулер има уште една заедничка точка или врска со Заев, а тоа е познатиот израелски политички консултант и претприемач Тал Силберстеин, кој исто така поседува фирма во земјава. Тоа е „ТЦ Тецхнологиес“, компанија за „компјутерски и консултантски дејности“, формирана пред само неколку месеци со седиште на истата адреса во Визбегово, каде што е лоцирано казиното „Плеј 4 Вин“.
Тој стана пошироко познат, во негативна смисла, во 2017 година, кога беше обвинет дека креирал црна и валкана кампања во Австрија. Тогашниот социјалдемократски канцелар Кристијан Керн беше обвинет дека користел десетици страници кои промовираат ксенофобија во кампањата против опонентот Себастијан Курц. Како што пишуваа медиумите, Керн му платил на Силберстеин 400.000 евра за да ја создаде оваа кампања.
Потоа, тој беше отпуштен, особено откако во Израел почна истрага за наводно перење пари, но австрискиот медиумски тим што тој го формираше продолжи да ги води сајтовите. Во такви услови, Силберстеин објави дека повеќе не е заинтересиран за политички консултации. Меѓутоа, за неполни 2 години повторно се најде во центарот на вниманието на австриската јавност.
Тоа се случи за време на познатиот корупциски скандал на Ибица, кој го разоткри австрискиот министер Ханц Кристијан Штрахе. Впрочем, излезе снимка, во која се слуша како Штрахе и негов соработник преговараат со, како што мислеле, внук на руски олигарх. Тие нуделе работни места во Австрија, дури и удел во сопственоста на најчитаниот весник „Кронер цајтунг“, во замена за финансирање на неговата партија.
– Ако го погледнеме методот што е употребен, многу наликува на начинот на работа на Тал Силберстеин, советникот на СПО од 2017 година. Тој користел слични методи низ целиот свет – изјави Курц по објавувањето на снимката на Штрахе. Како контроверзниот Силберстеин ги поврзува Пулер и Заев?
Пред дваесетина години, Пулер работел за австриската десница, во кампањата за државните избори во Штаерска. Но, во 2017 година, условно кажано, ја сменил страната и работел за изборите за Националниот совет токму како соработник Силберстеин, ангажиран од социјалдемократите.
Во меѓувреме, се појави една заедничка фотографија меѓу Силберстеин и Заев. Исклучително е интересен начинот на кој се случи тоа, ако се знае дека се работи за фотографија што самиот Заев им ја пратил на познатите руски комичари или измамници, кои го увериле дека разговара со поранешниот украински претседател Петро Порошенко.
„Здраво пријателу, ти го праќам овој човек утре рано изутрина“, пишува Заев под фотографијата со Силберстеин, мислејќи дека разговара со Порошенко. Руските комичари, пак, глумејќи го Порошенко, одговориле: „А, Тал Силберстеин, не го видов во сликата. Тој ми помага со кампањата“. Заев, пак, реплицира: „Знам, ти посакувам успех. Тал е одличен тип“.
Веднаш потоа, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека Заев во кабинетот на Владата одржувал средби со „контроверзниот лик Силберстеин“. Партискиот портпарол Наум Стоилковски истакна дека против Силберстеин се водат процеси во Израел, но и во Романија, дека има дебело досие за перење пари, за попречување правда, за нелегално организирање финансирање на политички изборни кампањи, за поткуп, за фалсификување документи итн.
АГЕНЦИЈА ЗА ИЗБОРНИ ПОБЕДИ
За негов ученик се смета уште еден експерт за политички маркетинг – Асаф Еисин, кој важи за главен консултант на српскиот претседател Александар Вучиќ. Оваа врска воопшто не е тајна. За тоа редовно пишуваат српските медиуми, а во една пригода Вучиќ рече дека без советите на неговиот пријател Еисин не би победувал толку долго и често.
– Еисин ми е пријател скоро една деценија. Благодарение на неговите сугестии, ја намалив предноста на Ненад Богдановиќ на изборите за градоначалник на Белград во 2004 година од 16 на само 0,5 отсто. Ми помогна тогаш, ни помага и сега и секогаш ќе ни помага – рече Вучиќ, чии соработници го нарекуваа Еисин „агенција за победување на избори“.
Според регионалните медиуми, Еисин работел и во изборната кампања на Миро Церар, а тогаш словенечките медиуми пишуваа дека бил поврзан со израелската армија и „Мосад“. Романските медиуми, пак, пишуваат дека Социјалдемократската партија треба да му се заблагодари за изборната победа во 2016 година. Во меѓувреме, се нашол и во Бања Лука, каде што водел кампања за СД.
Воедно, работел како стратег на кампањата на израелскиот политичар Исак Херцог. Во тој период, Еисин работел и на предизборната кампања на црногорската ДПС на чело со Мило Ѓукановиќ. Интересно е што на црногорските избори таа година „учествувал“ уште еден Израелец – Арон Шавив, креаторот на победничката кампања на израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху.
За пристапот на Еисин доволно говори фактот што лани се истоварил во Србија со педесетина Израелци за ја спремаат кампањата на Вучиќ. Тоа е периодот кога излегоа многу критикувани спотови, како оној каде што Вучиќ излегува од фрижидер и набројува успеси. Во друг спот, пак, се претставува како спортски тренер и среде спортски натпревар им порача на гласачите „да го погледнат семафорот и да гласаат соодветно“.
Кога изби економската и енергетската криза по руската инвазија во Украина, Вучиќ во една пригода на табла и објаснуваше на јавноста колку е лоша финансиската состојба, обидувајќи се да илустрира дека работата е дојдена „нож до грло“. Случајно или не, и македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи пред табла објаснуваше зошто Бугарија не може повторно да не блокира на патот кон ЕУ после уставните измени.
Освен што е шеф на дипломатијата, Османи е и портпарол на ДУИ, која од поранешниот потпретседател Меџити е посочувана дека користи ПР услуги од израелски експерти и агенции. Затоа, се обративме до него, но тој одби и да реагира на наводите на Меџити, но и да одговори на нашето прашање дали имале соработка со Силберстеин, Еисин, Ерез и/или Пулер?
Се обративме и до СДСМ, чиј поранешен лидер Заев се фотографирал со Силберстеин во премиерскиот кабинет на Илинденска. Од таму велат дека немале никаква соработка со ниту еден од споменатите личности. Вакво прашање упативме и до владата, но до затворањето на весникот не добивме одговор. Што велат нашите неофицијални информации?
Првично, Еисин и неговите соработници имале неформална соработка со ВМРО-ДПМНЕ во 2015 година, кога партиски лидер и премиер сѐ уште е Груевски. Неколку години подоцна, тие повторно доаѓаат во земјава, кога соработуваат со власта предводена од Заев, најмногу во однос на референдумот. И во едниот и во другиот случај се работи за неофицијална соработка, која е регулирана на начин познат само на засегнатите страни.
Упатените велат дека тие до денес се вклучени на одредено ниво, исто како и двоецот Ерез-Пулер. Тие воделе кампања за повеќе политички клиенти, но главно за ДУИ. Самиот Ерез навел дека работел во земјава во периодот 2020-2021, или речиси во ист период кога се отвора казиното „Плеј 4 Вин“ во Визбегово. Токму таму е регистрирана неговата „Вју Тек“, која преку ноќ бележи фрапантен раст!
Зив Ерез, сопственик на „ЗигзаГ Медиа“ и „Вју Тек“
НЕ МОЖЕ ДА ОТКРИВАМЕ ИНФОРМАЦИИ ЗА ОДНОСИ СО НАШИТЕ КЛИЕНТИ!
ЗигзаГ Медиа работи на глобално ниво, обезбедувајќи консултантски услуги за дигитални медиуми на клиенти во повеќе од 17 земји, главно опслужувајќи ги бизнисите, а исто така и некои политички субјекти, велат од компанијата.
„Во текот на изминатите неколку години, обезбедивме и консултантски услуги на неколку деловни и политички клиенти во Северна Македонија. Поради природата на нашата работа, ние сме обврзани со договори за необјавување како стандарден дел од сите наши договори и затоа не сме во можност ниту да ги откриеме нашите клиенти ниту да коментираме барања во врска со односите со нашите клиенти“, велат од таму.
Во врска со прашањето со што се занимава компанијата „Вју Тек“, добивме одговор дека обезбедува „различни услуги во различни сектори, фокусирајќи се на услуги поврзани со ИТ и дигитален маркетинг“.
„Вју Тек работи на глобално ниво, со најголем дел од својата активност надвор од Република Северна Македонија. Поради договорната доверливост на комерцијалните договори, не можеме директно да се поврземе со деловните линии на нашите клиенти“, објаснуваат од компанијата.
Во однос на прашањето, пак, дали „Вју Тек“ има некаква поврзаност и/или соработка со „Гаминг Професионал“, со оглед дека е регистрирана на иста адреса во Визбегово каде се наоѓа казиното „Плеј 4 Вин“, одговараат:
„Не можеме да откриеме информации за комерцијални договори на нашата компанија од договорни причини. Генерално, нашата компанија ги обезбедува споменатите услуги во различни економски сектори на глобално ниво, при што само мал дел од нашата активност е поврзана со малку корисници во Република Северна Македонија“.
Што велат од „Гаминг Професионал“?
ОБЈЕКТОТ НА „ПЛЕЈ 4 ВИН“ ГО РЕИЗДАВА ИЗРАЕЛСКО-КОСОВСКА ФИРМА, КОЈА ВОДИ ДО СТРАНСКИТЕ ПОЛИТИЧКИ КОНСУЛТАНТИ!
„Гаминг Професионал“ работи на нашиот пазар од 2015 година и има вкупно 12 деловни единици низ целата држава, меѓу кои и деловната единица казино „Стар“ во Визбегово. Во склоп на објектот во Визбегово, има и деловен простор со канцеларии каде што работат повеќе фирми, ние соработуваме со „КСНМ“ од кои го изнајмуваме објектот“, ни одговорија од „Гаминг Професионал“.
Податоците што ги обезбедивме од Катастарот на недвижности, пак, откриваат дека сопственици на имотот во Визбегово, каде што се наоѓа „Плеј 4 Вин“, е на сосема други лица и субјекти. Имено, објектот е сместен на катастарска парцела 964/2 со површина, која изнесува 1.600 квадратни метри, каде што се изградени 2 споени објекти.
Како сопственици на земјиштето запишани се државата и една приватна компанија – „Глобал Импацт“, која ги продала објектите. Едниот од нив е со намена за Г4-1 – стоваришта за складирање на стока, додека другиот, поголемиот, каде е сместено казиното „Плеј 4 Вин“, е со намена Б1-17 – други мали комерцијални и деловни единици. И двата се во сопственост на „РГ Констракшн Гроуп“.
Врз основа на тоа, може да се заклучи дека „КСНМ Тецхнологиес“ на Јаков Сиван и Астрит Красниќи го изнајмува просторот каде што е сместено казиното „Плеј 4 Вин“ од „РГ Констракшн“, а потоа и го издава под закуп на „Гаминг Професионал“. Тоа во центарот на оваа мрежа ја става компанијата со „КСНМ“, каде што еден од содружниците е партнер во друга компанија („Вју Тек“) со Зив Ерез, кој работел како политички консултант во земјава.
Историјатот на промени на „КСНМ Тецхнологиес“ со кој располагаме покажува дека Красниќи е управител на друштвото, но кон средината на 2021 година се прави промена на имејл-адресата за официјална кореспонденција, така што се внесува имејлот на Моника Ангеловска, која истовремено е и управителка на „Вју Тек“, компанија основана од Сиван и Петер Пулер, а денес во сопственост на Сиван и Ерез.
Во рамки на „КСНМ Тецхологиес“, во 2020 година е основана и подружница со назив „Плеј 4 Вин“ Кафе – Скопје“, која се однесува за „подготовка и послужување пијалаци“. Тоа значи дека делот за угостителство во рамки на казиното „Плеј 4 Вин“, кое се води на „Гаминг Професионал“, формално е под надлежност на „КСНМ“.
Понатаму, Државниот завод за индустриска сопственост, во гласникот што излегол на крајот на истата 2020 година, во делот за признаени права за трговски марки го објавува црвено-црното лого на казиното „Плеј 4 Вин“, кое стои веднаш до написот „Казино Стар“. Фактички, произлегува дека логото го заштитила „КСНМ Тецхнологиес“, а не сопственикот на казиното која од нив го закупила просторот – „Гаминг Професионал“.
Дополнително, на официјалната интернет-страна на „Плеј 4 Вин“ може да се прочита дека нуди информации и рекламира 2 казина. Едното е веќе споменатото казино во скопско Визбегово, каде што се регистрирани многу други фирми, а другото е во Тетово. За двете казина се наведува дека се основани во 2020 година и располагаат со 200 машини.
Меѓутоа, нема ниту збор за останатите 10 казина, кои формално функционираат под капата на „Гаминг Професионал“ која прво била лиценцирана во 2015, а потоа и во 2020 година. До „КСНМ“ прашавме под какви услови го изнајмиле и издале објектот во Визбегово, како дошло до соработката меѓу Сиван и Красниќи и со што се занимаваат тие во матичните држави? Одговори не добивме.