Текстот е објавен на 21 март 2024 година во неделникот Фокус со број 1.485.
На преминот од 2022 кон 2023 година се формира политичката партија „Десна“, а за прв претседател е избран Љупчо Палевски-Палчо. По двојното убиство на Панче Жежовски и Вања Ѓорчевска, партијата го замрзна членството на Палевски и другите осомничени, а за нов в.д. претседател е избран Тони Алексовски. Ако на почеток новото партиско раководство беше повнимателно во однос на грозоморното убиство, веќе говорат за политички монтиран случај против Палчо, но и за заговор против партијата. Наспроти повиците дека партијата треба да биде дерегистрирана, таа се обиде да исфрли претседателски кандидат и учествуваше и на парламентарните избори!
Пишува: Влатко СТОЈАНОВСКИ
Додека поранешниот политичар и бизнисмен Љупчо Палевски-Палчо, главен осомничен за киднапирањето и убиството на пензионерот Панче Жежовски и малолетната Вања Ѓорчевска, чека екстрадиција од турскиот град Баликесир, неговата политичка партија „Десна“ непречено дејствува на политичката сцена, па дури се подготвува и за изборен настап.
Кога македонската полиција и обвинителството соопштија дека обезбедиле првични докази дека двојното убиство е дело на група составена од четворица членови и активисти на „Десна“, предводени од нејзиниот прв претседател Палевски, партијата првично се огради од настанот.
Тогаш, дојде и до одредени промени од кадровско-организациски карактер, со тоа што Палевски беше разрешен од претседателската функција, а членството на неколку членови и негови соработници беше ставено во мирување додека не се утврди ситуацијата преку соодветна постапка. Истовремено, нов в.д. претседател на партијата стана Тони Алексовски.
Арно ама, се чини дека со текот на времето се менува односот на партијата кон првиот лидер. Ако првично инсистираа на тезата дека „Десна“ не треба да се поврзува со двојното убиство, како и дека треба да се почитува начелото на пресумпција на невиност, сега од таму се ставаат во отворена одбрана на Палчо, лиферувајќи и негово писмо каде што вели дека е жртва на монтиран процес.
Во меѓувреме, „Десна“ се обиде да настапи на претседателските избори, претставувајќи ја Зорица Цветковска како кандидатка за претседател. Иако таа ниту одблизу не ги собра потребните 10 илјади потписи за кандидатура, сепак, преку неа „Десна“ покажа дека сака да продолжи да дејствува во политичкиот живот, и покрај повиците за нејзина дерегистрација.
Како што е познато, откако првиот претседател и уште неколку партиски членови беа осомничени за грозоморното убиство, врз основа на признанија на тројца од учесниците во настанот, кои кореспондирале со затекнатата фактичка состојба на терен, претставници на власта побараа партијата да биде укината, оценувајќи дека се работи за злосторничко здружение.
Паралелно со тоа, власта влезе во конфронтација со опозицијата околу тоа чиј проект било формирањето на ваква, според нив, радикална политичка структура, која промовираше екстремни ставови на национална, верска и политичка основа. За волја на вистината, реториката на првенците на „Десна“ изобилуваше со навреди и дисквалификации кон проектирани противници и непријатели.
„Фокус“ обезбеди документација, која открива како течела формалната постапка за формирање на оваа партија, на какви постулати таа се темели и какви промени се случиле во изминатиот период. Дополнително, побаравме одговори дали по трагичниот настан се води постапка за бришење на партијата?
КАКО НАСТАНА „ДЕСНА“?
Како политичка партија, „Десна“ се основа во периодот на преминот од 2022 кон 2023 година, кога практично се заокружува еден подолготраен процес на формирање на оваа структура околу Палевски и неговите соработници, почнат со неколку невладини организации. За што станува збор?
Уште на 7.8.2018 година формирано е здружение со назив „Трета Република“, каде што Палевски се јавува како овластено лице и еден од основачите, заедно со Тони Дамчевски, Зоран Гешовски, Јованчо Палашовски и Благојче Наумовски. Во тој период, Палчо во јавноста настапува како лидер на „Движење Трета“, а неговиот јутјуб-канал каде што се емитуваше поткастот „Крш муабети“ беше „Трета политика“.
Првично, од „Трета“ најавуваа дека ќе прераснат во етнички чиста партија на Македонците, бидејќи Албанците имале веќе неколку, а македонските партии, според нив, биле секогаш со мешан етнички состав. Паралелно, структурата на „Трета“ имаше блиска соработка со „Глас за Македонија“ на Солза Грчева, но, сепак, никогаш ниту стана посебна партија, ниту се фузираше во друга.
Она што се случи во меѓувреме е тоа што се формираше уште едно здружение на граѓани каде што присутен е Палевски заедно со повеќе истомисленици, меѓу кои може да се сретнат и соучесници и помагачи во трагичниот настан. Станува збор за здружението „Десна Република“, кое е основано на 3.12.2021 година.
И во овој правен субјект, Палевски се јавува како овластено лице, додека на листата на основачи, покрај него влегуваат и Кире Миров, Љупчо Јовановски, Илчо Јончевски, Стефан Димковски, Мите Митовски, Велибор Манев, Валентина Велкова, Борче Миров, Влатко Кешишев, Кристијан Плотников, Ѓорге Лисичков, Златко Јордановски и Борче Вељановски. Дел од нив се „прославија“ во минатиот период, се разбира, во негативна смисла.
Имено, споменатите Велибор Манев и Влатко Кешишев, заедно со уште едно лице што гравитира околу „Десна“ – Боре Видевски, учествувале во киднапирањето на Жежовски и Ѓорчевска. Токму во нивните искази Палевски е посочен како главен организатор на криминалната група што ги извршила киднапирањата, но, според нив, тој бил егзекуторот што го повлекол чкрапалото.
Освен нив, од основачите на здружението „Десна“, за издвојување е и Стефан Димовски, кој одреден период беше во притвор поради тоа што го превезувал Палчо од Србија, преку Бугарија до Турција, каде што по наша потерница е фатен од страна на турската полиција. За потсетување, Палчо имал превоз и до Белград, каде го однел адвокатот Васко Стојков.
Што се однесува до останатите основачи, треба да се истакне и името на Љупчо Јовановски, од причина што подоцна тој се јавува и како овластено лице за материјално-финансиско работење на партијата „Десна“, чиј прв претседател е Палевски. Што се случува со партијата моментално?
ТРН ВО ОКО
Според официјалните податоци, политичката партија „Десна“ се формира на 5.1.2023, откако претходно ја минува законски пропишаната процедура за регистрација. „Фокус“ изврши увид во регистарската влошка на партијата, која впрочем е регистрирана во Централниот регистар, врз основа на решение донесено од надлежниот скопски граѓански суд на 12.12.2022 година.
Истиот ден, Основниот суд-Скопје 2 носи правосилно решение за политичка партија „Десна“ со седиште на улица Димо Хаџи Димов број 8, Кисела Вода. Притоа, во решението, меѓу другото, стои дека лицето што ќе ја застапува партијата и ќе биде нејзин претседател е Палевски, врз основа на одлука оверена од две лица, меѓу кои и споменатиот Влатко Кешишев, еден од 4-рицата осомничени за двојното убиство.
За правните потреби, Палчо ѝ потпишал полномошно на адвокатката Рената Миладиновска, која до надлежниот суд поднела барање за упис на партијата во судскиот регистар на 25.11.2022 година. Патем, биле приложени и повеќе документи: записник од основачко собрание, одлука и акт за основање, листа со основачи, одлука за избор на претседател, лице за финансиско работење, членови на Централен и Надзорен комитет, одлука за донесување статут и програма.
„Од целосниот предлог на писмените докази, судот утврди дека поднесени се 1.037 потписи на основачи за основање на партијата заверени кај нотар, од кои уредни се 1.037 и истите имаат регулирани државјански статус, со што е за доволен законскиот минимум од 1.000 основачи-полнолетни граѓани, државјани на РСМ“, стои во решението на скопскиот граѓански суд.
Во него уште се наведува дека Статутот и Програма на „Десна“ биле во согласност со Уставот и Законот за политички партии, додека името и ознаките на новоформирана партија се разликувале од името и ознаките на дотогаш регистрираните партии и воедно не содржат домашни или странски државни ознаки. Оттука, судот заклучил дека се „исполнети сите законски претпоставки за регистрирање на политичката партија“.
Во тој контекст, имајќи предвид дека власта и опозицијата си испорачаа обвинувања дека тие стојат зад формирањето на „Десна“, одлучивме да го побараме списокот со над илјада основачи, со цел да провериме дали таму може да се најде некое познато лице блиско до СДСМ или ВМРО. Воедно, побаравме податоци за членовите на сите партиски тела (извршен комитет, централен комитет, надзорен комитет, собрание), бидејќи тие не се јавно објавени.
Меѓутоа, до затворањето на весникот не добивме одговор од граѓанскиот суд, кој врз основа на повеќе документи, вклучително и список со основачи и членови на партиски тела, донел решение со кое „Десна“ е регистрирана како политичка партија со својство на правно лице. Од „Десна“, пак, нѐ информираа дека не се во состојба да ни ги достават информациите, бидејќи и тие ја барале оваа документација, ама не ја добиле.
„Од причина што „Десна“ е трн во окото на сите антимакедонски елементи, односно поради фактот дека Основниот кривичен суд, на барање на „Десна“ од 14.2.2024 година не дозволува пристап до партиската документација, со образложение дека таа документација е предмет на истрага, раководството не е во состојба да ви ги даде бараните податоци за 1.037 основачи на партијата, како и за членовите на органите и телата на партијата“, велат од таму.
ЗЛОСТОРНИЧКО ЗДРУЖЕНИЕ
Инаку, во Статутот на „Десна“ со кој располагаме, пишува дека се работи за „самостојна политичка партија на слободни и одговорни луѓе“, кои дејствуваат во насока на исполнување на повеќе цели начела. Меѓу нив се развивање на македонизмот, целосно почитување на Македонецот, негување на културните вредности и историските придобивки на Македонците итн.
Понатаму, во делот на целите и начелата стои и „натамошна изградба на државата како суверена, демократска и правна држава на македонскиот народ“, „развивање на пазарно стопанство кое ќе обезбедува одржлив раст и работни места“, при што приоритет во економските политики ќе биде „заштита на националните интереси, заштита на сите правни лица од непринципиелните глобални економски политики“…
На „интересен“ начин е дефинирана стратешката цел за зачленување во ЕУ, за што „Десна“ нема против, но потенцира дека тоа треба да се прави „исклучиво со почитување на идентитетот, историјата и јазикот на македонскиот народ“, а „примената на европските вредности да биде исклучиво во корист и интерес на македонскиот народ“. Згора на тоа, се наведува и дека потребно е „адаптирање на современите законски решенија за потребите на Македонците“.
„Во остварување на политичките начела и цели, „Десна“ се користи со сите средства познати на денешната цивилизација. Борбата како начин за одбрана на македонскиот народ и македонизмот е легитимна и задолжителна“, гласи Членот 3 од Статутот потпишан од Палевски, што го покренува прашањето какви се средства и се познати на денешната цивилизација и што значи прокламираната легитимна борба?
Согласно Законот за политички партии, еден од основите за дерегистрација или бришење на политичка партија е доколку партискиот статут или програма се спротивни на Уставот, чии темелни вредности се слободното изразување на националната припадност, владеењето на правото, поделбата на државната власт, политички плурализам, правна заштита на сопственоста, слободата на пазарот и претприемништвото…
Дали статутарните и програмските начела на „Десна“ за законски решенија во „интерес на Македонците“, за заштита на домашни фирми од „глобални економски политики“ и други се во согласност со уставните начела, треба да оцени Уставниот суд, чија претседателка Добрила Кацарска, неодамна рече дека досега нема поднесено таква иницијатива. Дали тоа се случило во меѓувреме – прашавме, но не добивме одговор.
Исто така, една политичка партија згаснува и врз основа на правосилно решение за бришење од Судскиот регистар, донесено од Судот. Затоа, се обративме до скопскиот граѓански суд дали е поднесена иницијатива за бришење на „Десна“ од регистарот на политички партии, и ако е така – кој орган ја покренал оваа постапка, со каква аргументација и кога може да се очекува одлука? Но, и од таму не добивме одговор.
– Де факто и де јуре се работи за антимакедонска партија која претставува класично злосторничко здружување чии членови, не само што починија грозоморно убиство на чело со претседателот на партијата, туку и во изминатиот период учествуваа заедно со другите опозициски партии во организирањето на најголемите нереди – рече експремиерот Димитар Ковачевски, придружувајќи се на ставот на Оливер Спасовски дека „криминалното дувло на Палчо мора да се разбие“, а „Десна“ да се дерегистрира“.
ДЕЛУМНИ ПРОМЕНИ
И покрај апелите за укинување на „Десна“, партијата очигледно не планира да крене бело знаме и да се самораспушти, туку напротив. По притворувањето на Палевски, партијата избра нов в.д. претседател, па дури најавува и изборен настап. Откако членот на Надзорниот комитет, Зорица Цветковска не успеа да собере потписи за претседателска кандидатура, новиот лидер на „Десна“ најавува настап на парламентарните избори.
– „Десна“ ќе учествува на парламентарните избори. За тоа дали ќе поднесеме листи на сите изборни единици или не, зависи од одлуките на органите и телата на „Десна“, како и од тешкотиите што ги создава ДИК – вели Тони Алексовски, засега привремен наследник Палевски на челната позиција на „Десна“, додавајќи дека во тек се и преговори за коалицирање во една или во две изборни единици.
Тој стана прв човек на „Десна“ на почетокот на годинава, откако скопскиот граѓански суд на 15.1.2024 година носи решение со кое се уважува барањето за промена на овластено лице, па на местото на Палевски доаѓа Алексовски од Куманово. Од друга страна, пак, надлежниот суд го одбива барањето за промена на седиштето на партијата, како и на лицето задолжено за материјално-техничко работење – Љупчо Јовановски.
Во образложението на судското решение се наведува дека првично на 18.12.2023 година добиле барање за промена на претседател, седиште и т.н. финансиски директор. Но, судот оценил дека барањето е неуредно и побарал барателот да го уреди. Така, ново барање било донесено на 10.1.2024 година, на кое било одговорено делумно позитивно.
Во прилог на барањето бил доставен записник од Централен комитет со список на присутни членови, одлука за избор на в.д. претседател, како и одлука со која се става во мирување членството и функцијата на претседателот Палевски, како и на другите тројца осомничени за тешкото кривично дело – Манев, Видевски и Кешишев.
Арно ама, меѓу „замрзнатите“ партиски активисти биле и адвокатот Стојанов и бизнисменот Димовски, кои го одвеле Палевски до Белград, а потоа и до Баликесир, не знаејќи дека, како што тврдат, е инволвиран во двојно убиство. Но, има уште неколку членови се ставаат на стенд бај, меѓу кои Кристијан Плотников, веќе споменат како основач на здружението „Десна Република“, како и членот Кирил Дреновски и претседавачот на ЦК Ѓорѓи Џолев.
Така, судот донел решение со кое Алексовски го впишал за в.д. претседател на „Десна“ наместо Палевски, но го одбил барање за промена на седиште и финансиски директор, со објаснување во поткрепа на барањето не биле доставени записник од седница на која се предложени или донесени уредни одлуки за промена на седиште и лице задолжено за партиската каса.
На тој начин, нов предводник на „Десна“ станал Алексовски од Куманово, чија биографија покажува дека завршил разузнавачко и контраразузнавачко училиште и дипломирал на скопскиот универзитет, а работел во Министерството за одбрана и на Воена академија. Сличен, условно кажано, безбедносен профил е и генералниот секретар Зоран Петковски, кој бил дел од АРМ. За други членови на раководството нема информации на официјалниот партиски сајт.
МОНТИРАНО ОСОМНИЧЕНИОТ
Всушност, овие одлуки за дистанцирање на повеќе членови на чело со првиот претседател Палевски доаѓа веднаш по двете убиства на Жежовски и Ѓорчевска. Тогаш, од „Десна“ соопштија дека доколку се докаже дека нивните членови се виновни, треба да бидат најстрого казнети, но повикаа во меѓувреме да се почитува уставно загарантираната пресумција на невиност.
„Пред Обвинителството и органите на прогонот претстои тешка и деликатна задача во целост да ги разоткријат сите елементи на овие настани. Поради тоа, ние им стоиме на располагање на органите на прогонот, со цел на расветлување на кривично правниот настан и изведување пред Судот на сторителите на овие грозоморни случаи. „Десна“, согласно Статутот, ќе ги замрзне членството, функциите и активностите на обвинетите до крајот на процесот“, соопштија од партијата.
Набргу потоа, повторно се огласи новото партиско раководство, велејќи дека нивните противници фабрикуваат и споделуваат информации што го оцрнуваат партиското раководство, што, според нив, докажувало дека „аферата „Панче и Вања“ не е насочена само против Палчо, туку и против самата партија. Дополнително, во еден дел за Палчо велат дека се борел за подобра Македонија.
„Десна, чие што мото е национализам, суверенизам и македонизам е основана од загрижени и решителни Македонки и Македонци, родољуби, свесни дека мора да спречат Македонија да се движи во екстремна антимакедонска насока, предводена од криминално-политички раководства под силно влијание на надворешните фактори, со нагласено марионетско однесување и одлучување“, реагираа од „Десна“.
Во меѓувреме, информираа дека Алексовски испратил писмо до министерот за правда Кренар Лога да каже дали воопшто пратил барање до Министерството за правда на Турција за екстрадиција на Палевски. Според нив, властите свесно го одолжуваат враќањето на, како што велат, монтирано осомничениот Љупчо Палевски во Македонија.
„Во „карикатура документ“ анонимусот од Министерството за правда, спротивно на Решението од заменик-министерката, наведува дека на 7 декември пратиле барање за екстрадиција по дипломатски пат и ДХЛ, и секако копија до Интерпол и дека чекаат „навремено процесуирање и постапување“ од турската страна, која според нашето Министерство за правда е башибозук неагилно“, велат од „Десна“.
Така може да се види една линија на „Десна“, која почна со одредена осуда, жалење и барање одговорност за трагичниот случај и внатрепартиски „санкции“ за осомничените, која потоа еволуираше во став дека Палчо се борел за подобра Македонија, за на крај да заврши со пораката дека е монтирано осомничен. Во таков амбиент, стаса и писмо на Палчо од Турција објавено од „Десна“.
„Сакам да изразам длабоко сочувство за смртта на Вања и Панче, посебно за таткото на Вања, кој во моментот кога го загуби детето, монструмите го осомничија дека тој бил во контакт со мене“, пишува Палчо, додавајќи дека е мета на најголемиот линч досега и дека тој не убивал деца и старци. Од „Десна“ го потврдија писмото, исто така велејќи дека Палчо е жртва на „политичка хајка од системот, кој тој е решен да го смени од корен“?!
Тони Алексовски, в.д. претседател на „Десна“
ЗЛОСТОРНИЧКО ЗДРУЖУВАЊЕ НА ВЛАСТА И АМАТЕРСКИ МОНТИРАН СЛУЧАЈ!
ФОКУС: Имате ли информација дали е поведена иницијатива за бришење на „Десна“ од регистарот на политички партии?
АЛЕКСОВСКИ: Моите лични информации, како и информациите што ги имаат членовите од „Десна“ се од шпекулативни извори, затоа што никој никогаш, колку што знаеме, се нема јавно произнесено дека некој има покренато каква било информација за бришење на „Десна“ од регистарот на политичките партии.
Многу веројатно дека самата информација е без основа и злонамерна дезинформација со цел нанесување штета на „Десна“, како единствена промакедонска партија, која уште од првите месеци од нејзиното основање покажа чисто промакедонска политичка активност.
Еден од примерите за тоа е иницијативата и реализацијата на собирање Декларации за зачувување на името и статусот на МПЦ-ОА.
Дека се работи за шпекулација или намера на органите на власта да ѝ наштетат на промакедонската „Десна“ е фактот дека промената на раководството на „Десна“, како и некои други податоци, поминаа без било какви проблеми од страна на Основниот граѓанскиот суд Скопје.
ФОКУС: Какви се плановите на „Десна“ во однос на претстојните двојни избори?
АЛЕКСОВСКИ: Кандидатката за претседател поддржан од „Десна“ беше единствен кој што „Десна“ можеше да го поддржи затоа што нејзината програма беше во апсолутна согласност со политиката на „Десна“.
„Десна“ како партија нема да излезе со званичен став за претседателските избори, односно нема да врши насочување на гласачите во која било насока.
Мој личен став е дека ќе гласам само кога имам право на избор, односно кога ќе има минимум еден кандидат кој што ќе ги застапува интересите на Република Македонија и Македонците.
Да бидам прецизен, на престојните претседателски избори нема да гласам, односно ќе ги бојкотирам претседателските избори во двата круга, затоа што сите кандидати се антимакедонско-просеверно ориентирани.
„Десна“ ќе учествува на парламентарните избори. За тоа дали ќе поднесеме листи на сите изборни единици или не, зависи од одлуките на органите и телата на „Десна“, како и од тешкотиите што ги создава ДИК.
Прв проблем, кој беше неочекуван, се тековните невообичаени тешкотии при задејствување на седмата изборна единица, факт кој укажува дека ДИК или прави намерни опструкции во пријавата на македонските гласачи што живеат надвор од Македонија, или имаат саботери во изготвувањето, одржувањето и менаџирањето на нивната официјална веб страна.
Што се однесува до преговори за евентуални коалицирања, да, во тек се преговори за коалицирање во една или две изборни единици. Врз основа на горенаведеното, поради неагилноста, нестручноста и/или опструкцијата од ДИК, ни пропадна договорот за коалицирање во седмата изборна единица.
Во повеќето изборни единици ќе настапиме самостојно.
ФОКУС: Како го коментирате тоа што полицијата и обвинителството ги сомничат Палевски и уште тројца партиски членови за киднапирање и убиство? Се согласувате ли со тоа?
АЛЕКСОВСКИ Обвинителството и полицијата немаат никакви материјални докази за вмешаност на Палевски и другите членови за киднапирање и убиствата на Вања и Панче.
Дел од признанијата од притворените се изнудени со надминување на ингеренциите на истражните органи, односно со примена на свиреп ќотек. Доказ за тоа е менувањето на првичниот исказ на најмалку еден од обвинетите.
Раководството на „Десна“ го дели и застапува мислењето и ставот на членството, како и на се поголемиот дел од јавноста, дека се работи за екстремно матна, избрзана и неоснована хајка против дел од членовите на „Десна“, како и против самата „Десна“
Факт е дека државните органи, во прв ред Јавниот обвинител Гаврил Бубевски и Министерот Оливер Спасовски, направија сериозно нарушување на Уставот и законите, односно го нарушија едно од основните човекови права загарантирано во Уставот – пресумпцијата на невиност, што укажува дека со огромна веројатност, да не кажам сигурност дека се работи за злосторничко здружување на власта против „Десна“ и аматерски монтиран случај.
ФОКУС: Неодамна, преку „Десна“ беше лиферувано и писмо од првоосомничениот Палевски, па дали може да потврдите дека писмото е автентично напишано?
АЛЕКСОВСКИ: „Десна“ е сериозна промакедонска политичка партија, што значи дека објавува автентични документи. Писмото од Љупчо Палевски е напишано лично од него, објавено е без било какви измени, дополнувања или корекции. Колку се точни наводите во него, тоа Палевски ќе го потврди кога ќе биде екстрадиран.
Што се однесува до екстрадицијата, сигурен сум дека тој барал брза екстрадиција уште на 6 декември 2023 година и дека процедурата за екстрадиција е завршена кон средината на јануари 2024 година.
Не е екстрадиран само затоа што македонското Министерство за правда сѐ уште нема официјално побарано екстрадиција на Палевски. Зошто, тоа треба да го прашате лично Министерот Кренар Лога, особено што во јавните настапи отворено ја манипулираше јавноста дека тој пратил барање за екстрадиција и дека секој момент треба Палевски да биде екстрадиран.
Дури и Стево Пендаровски излезе со дипломатски, аматерска изјава дека тој ургирал кај Ердоган за брза екстрадиција на Палевски. Демек покренал врски.
Да јас, како и се повеќе и повеќе Македонци, познавајќи го лично, знаејќи ги неговите намери и заложби, како и особено по запознавањето со содржината на неговото писмо, сигурен сум дека Палевски е жртва на политичка хајка од системот кој што тој е решен да го смени од корен.
ФОКУС: Во последниот период, вашата партија беше споменувана во рамки на пресметките меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во смисла на тоа кој стои зад нејзиното формирање и делување.
АЛЕКСОВСКИ: Во име на основачите на „Десна“, лично јас в.д. претседателот на „Десна“, отворено изјавувам дека ДПСМНЕ и СДССМ ги надминаа сите норми на коректно политичко однесување и најпримитивно почнаа меѓусебно да се обвинуваат дека едните, односно другите ја основале „Десна“.
Меѓусебните обвинувања се обид за одлично маскирање на нивните намери максимално да ја оцрнат „Десна“, односно да ја минимизираат нејзината вистинска моќ и решителност да се избори за Република Македонија, Македонците, Македонизмот и нејзиниот Суверенизам во вистинска смисла на зборот.
„Десна“ е основана, независно од било кој внатрешен или надворешен политички орган, партија или служба, од решителни Македонки и Македонци, Родољуби кои што се разочарани од сите до тогаш постоечки политички партии и нивната сервилност во однос на антимакедонските надворешни и внатрешни политички фактори.