Наместо сериозни мерки, повторно се случува кратења на буџетите од програмите за загадувањето. Предлог-буџетот за 2025 година е на комисиска расправа во Собранието. Над 103 милиони евра се планирани за заштита на животната средина. Иако се рекордно испланирана сума досега, сепак се малку во однос на оние 200 милиони евра, кои државата ги собира како даноци за животна средина. Најновите податоци од Министерството за животна средина покажаа дека 45 отсто од аерозагадувањето го предизвикуваат домаќинствата што се греат на влажни дрва и производи од обоено дрво. Но, според експертите, проблемот не го предизвикува само дрвото како гориво, туку и старите, дотраени горилници за тој тип на огрев.
Текстот е објавен на 21 ноември 2024 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.511.
Пишува: Орце КОСТОВ
„Чувство на болка во градите при секој здив, печење во очите, ненадејно кивање и кашлање, но и задушување и смрт, се симптоми од загадениот воздух преку кој бројни токсични, канцерогени материи стигнуваат до нашите бели дробови, а потоа во крвотокот и во сите ткива и органи“ – вака лекарите ги објаснуваат последиците од загадувањето.
Граѓаните на Скопје и на другите поголеми градови ги чувствуваат овие симптоми веќе неколку недели, а главниот град постојано е во првите десет градови по загаденост на амбиенталниот воздух во светот според последните податоци на платформата „Ај-кју-ер“.
Како главен загадувач се наведени ПМ 2,5 честичките, чија концентрација е во просек околу 60 микрограми на кубен метар, додека ПМ 10 честичките се со концентрација од 73,2 микрограми на кубен метар.
Загадувањето на воздухот е тема број еден за екологистите и за граѓаните, но не и за политичарите, кои заборавија дека го дишат истиот воздух и, наместо да спроведуваат мерки, само апелираат со празни зборови дека ќе го решат проблемот со нечистиот воздух.
Очите на јавноста се вперени и кон централната власт и кон локалните власти, додека тие очите си ги извадија едни со други, обвинувајќи го противникот што не направил, наместо да откријат што во моментот на владеење преземаат за проблемот.
Дали и колку воздухот е загаден во Македонија, судејќи според нивните изјави, зависи од тоа дали партиите се на власт или во опозиција. Тоа го покажува однесувањето на политичарите и партиите, кои додека се во опозиција реагираат на аерозагадувањето, но ставовите се менуваат од позиција на власт.
Тогаш воздухот за нив не е толку загаден, а податоците на Светска банка дека аерозагадувањето ја чини државата меѓу 500 и 900 милиони годишно, при 1.600 прерано починати годишно од последици на загадувањето, за нив стануваат ирелевантни.
ВМРО-ДПМНЕ како владејачка партија сега вели дека се преземаат мерки против загадувањето, а СДСМ обвинува дека граѓаните се задушуваат. Пред само неколку месеци, буквалниот истиот наратив доаѓаше од двете партии, но тогаш им беа сменети улогите: СДСМ велеше дека секојдневно се преземаат мерки против загадувањето, а ВМРО ДПМНЕ обвинуваше дека граѓаните се задушуваат.
МИЦКОСКИ ВЕТУВАШЕ НАМАЛУВАЊЕ НА АЕРОЗАГАДУВАЊЕТО
„Скопје, неколку дена по ред е меѓу најзагадените градови во светот. И во други наши градови, граѓаните дишат загаден воздух. Последиците се на директна штета на најважното, здравјето на луѓето. ВМРО-ДПМНЕ, кога ја бараше довербата од граѓаните, ветуваше активна борба со аерозагадувањето.
Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ, Платформа 1198, стои дека приоритетни програмски определби на владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, во областа на заштитата на животната средина ќе бидат: План за обезбедување чист воздух за сите!
Кога беше во опозиција Христијан Мицкоски ветуваше над 1 милијарда евра инвестиции за заштита на животната средина и ветуваше намалување на загадувањето до 50 проценти.
Каде е сега милијардата што ја најавуваше Мицкоски за борба против загадувањето? Каде се мерките за намалување на загадувањето за 50 проценти? Ова е уште едно разочарување, уште едно неисполнето ветување на Мицкоски“, истакна портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на прес-конференција.
Потоа таа додаде дека во мандатот на СДСМ се преземале серија мерки, почнувајќи од стратешките инвестиции во гасификацијата, проекти за еколошки јавен транспорт, па сѐ до конкретни мерки за финансирање на замена на нееколошки системи во домаќинството, јавните установи, градинките и училиштата.
„Во Град Скопје се набавија нови 33 еколошки автобуси на гас, се направија 300.000 квадратни метри со ново зеленило и се засадија над 20.000 нови дрвја и садници.
Во средните и во основните училишта се поставија енергетски фасади и прочистувачи на воздух, заменети беа котлите за греење на државните згради и во училиштата. Овие мерки придонесоа за одредено намалување на просекот на концентрацијата на штетни честички во воздухот и требаше да се засилат и да се унапредат“, рече Кузеска и обвини:
„Но, дојде ВМРО-ДПМНЕ на власт и не се прави ништо. Ниту има мерки, ниту има борба против загадувањето. Нема нови автобуси, нема еколошки транспорт, нема ниту нови зелени површни, паркови, засадени дрвја. Депониите не се чистат, ѓубре има на секој чекор, не гледаме ниту еден еколошки проект, ниту, пак, мерки за намалување на загадувањето.
Со мерките на СДСМ и Планот за чист воздух, кој патем е прв стратешки документ на некоја влада досега во борбата со аерозагадувањето, посочен и во Извештај на Европска комисија“.
СДСМ е во право само дека за првпат беше донесен стратешки документ на некоја влада во борбата против аерозагадувањето наречен „План за чист воздух“, но тој план опфаќаше промена на нееколошкиот начин на загревање градинки, училишта, јавни објекти, а тоа не се случи.
Од друга страна, Мицкоски, пред неколку години, како лидер на опозицијата, поточно во 2019 година вети дека ќе инвестира една милијарда евра за да дишат граѓаните чист воздух.
– Да ни дишат најмилите чист воздух. Проекти во енергетската ефикасност и брза, експресна гасификација на Македонија. Не можам да ви ветам дека веднаш ќе почне да дува чист алпски воздух, тоа е невозможно, но можам да ви ветам најмалку 50 проценти почист амбиентален воздух за македонските граѓани, порача тој.
А, сега од позиција на премиер, најави и изградба на когенеративни централи на гас, кои ќе произведуваат топлина за централно затоплување или популарно парно греење, со што би се намалило загадувањето на воздухот од согорување биомаса.
– Единствен начин за да дејствуваме на намалување на загадувањето на воздухот веднаш е во оние средини каде што се користат дрвата или друг начин на затоплување, најчесто дрвен отпад, а неретко и гуми – не се тие корисници виновни, туку социјалната состојба им е таква да бидат присилени, да биде заменета со друг енергенс прифатлив за нив, а тоа е централно затоплување.
Како ќе дојдеме до централно затоплување најевтино – преку градба на когенеративни гасни постројки, кои во текот на зимата ќе произведуваат и електрична енергија и истовремено топла вода, која преку топловодите ќе биде дистрибуирана до средините што денес користат енергенс, кој, за жал, емитува ПМ 2,5 и ПМ 10 честички во воздухот и тоа е 60 проценти од факторот што влијае врз загадувањето на воздухот – рече тој.
Премиерот Мицкоски најави и потенцијална инвестиција од една милијарда евра, а со која ќе се намали загадувањето на воздухот.
– Ќе видиме како ќе завршат овие преговори и ако биде сѐ како што треба, овој процес нема да биде преку ноќ, но ќе почнеме во текот на следната година. Очекувам во период до три години сето ова да се заврши – додава Мицкоски.
Според СДСМ, не само што власта на Мицкоски и ДПМНЕ не презема ништо за да го намали загадувањето на воздухот, туку во предложениот буџет за 2025 година ги намали парите за животна средина, за енергетика и квалитет на воздух.
Од опозициската партија оценуваат дека во Министерството за животна средина има предвидено повеќе пари за вработувања, а помалку пари за заштита за животната средина, односно намалување на парите за 25 проценти. Додаваат дека за квалитетот на воздухот, исто така, власта ги намалува парите од 46 милиони денари на 22,7 милиони денари, што е намалување од 51 отсто.
„Има помалку пари за развој на енергетиката, намалување од 406.331 на 243.100 милијарди денари. Парите за гасификација се речиси преполовени, додека за енергетска трансформација нема ништо. Мицкоски најави гасна конгенеративна централа со која ќе се намали загадувањето а во буџетот пари за тоа нема. Ја нема ниту ветената 1 милијарда евра инвестиции за намалување на загадувањето за 50 проценти“, потенцираат од СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека загадувањето на воздухот не е проблем што може да се реши во четири месеци власт и дека според нив нивото на загаденост на воздухот е високо затоа што СДСМ и ДУИ седум години на власт не направиле ништо и не презеле никакви системски мерки, кои до сега би дале ефект.
„Амбиенталниот воздух, посебно е загаден во зимските денови со почетокот на грејната сезона, што јасно става до знаење дека начинот на затоплување на домовите е еден од причините за загаденоста.
За таа цел, владата веќе реализираше една од мерките за субвенциите за инвертер-клими за граѓаните, која ќе продолжи и понатаму. Дополнително, владата, исто така, ќе обезбеди субвенции и за фирмите што ќе користат чисти енергетски решенија.
Исто така, ќе се воведат строги ограничувања за најштетните извори на енергија и ќе се контролираат најголемите индустриски загадувачи. Освен тоа, владата ќе почне и програма за масовно пошумување и засилено чистење на јавните простори“, се додава во соопштението.
КРАТЕЊЕ НА БУЏЕТОТ КАКО ДЕЛ ОД ПОЛИТИЧКАТА КАВГА
Наместо сериозни мерки, повторно се случува кратења на буџетите од програмите за загадувањето. Предлог-буџетот за 2025 година е на комисиска расправа во Собранието. Над 103 милиони евра се планирани за заштита на животната средина и, иако се рекордно испланирана сума досега, сепак се малку во однос на оние 200 милиони евра што државата ги собира како даноци за животната средина.
Над 90 проценти од средствата на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), односно 77,8 милиони евра се наменети за капитални расходи.
Најголем дел од средствата за животна средина одат за комунална инфраструктура, изградба на водовод и канализација, нешто што општините го реализираат преку Министерството за транспорт и врски, а сега и со помош на кредитот од Унгарија.
Граѓанската организација „О2 Иницијатива“ ги мапираше недостатоците на предлог-буџетот во однос на тоа за што нема да се издвојат средства.
„Нема средства за намалување на загадувањето од начинот на греење на јавните установи и на домаќинствата, а иако министерот за здравство, Арбен Таравари најави дека 10 болници следната година ќе го променат начинот на греење, а средства за оваа намена нема.
Нема ниту доволно средства за купување мерни инструменти за континуирано работење на мониторинг-станиците за квалитет на воздух. Во моментов, 29 инструменти не работат. Секоја година се повторува истото сценарио, нема доволно резервни инструменти на лагер за да се заменат старите и тие што се расипуваат. Континуиран мониторинг на квалитетот на воздухот е неопходен за да се следи аерозагадувањето, да се преземат мерки при негово надминување и да се извршат потребните анализи.
Нема средства во буџетот за балансирање на системот со електрична енергија, ниту, пак, средства за најавените когенеративни централи на гас. За гасификација предвидени се само 1,8 милиони.
Не се издвоени средства ниту за расчистување на загадената почва и подземните води од жешките еколошки точки“, објавија од здружението.
„02 Иницијатива“ поднесе предлози за амандмани, кои се слични на оние што ги поднесе ВМРО-ДПМНЕ кога беше во опозиција за предлогот на буџетот за 2024 и поради тоа се надеваат дека сега владејачката партија ќе ги прифати амандманите.
КОЈ ГО ЗАГАДУВА ВОЗДУХОТ?
Најновите податоци од Министерството за животна средина покажаа дека 45 отсто од аерозагадувањето го предизвикуваат домаќинствата што се греат на влажни дрва и производи од обоено дрво, но, според експертите, проблемот не го предизвикува само дрвото како гориво, туку и старите, дотраени горилници за тој тип на огрев.
Цврстите горива емитираат поголема емисија на штетни честички. Ако нема контролирано согорување со филтри, какви што имаат најголем дел од индустриските објекти, печките на дрво со стари горилници испуштаат огромни количества суспендирани честички ПМ10, кои продираат длабоко во респираторниот систем на луѓето.
Според публикацијата „Потрошувачка на енергенти во домаќинствата“, 62 отсто од вкупниот број домаќинства во земјава користат огревно дрво како примарен извор на енергија. Просечно македонско домаќинство годишно користи од три до 10 кубни метри огревно дрво за загревање.
Само во Скопје има 70.000 оџаци, а оптималната бројка е 10.000 оџаци за да има драстично намалување на загаденоста, смета професорот д-р Дејан Мираковски од универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
Европските земји преземаат ригорозни мерки на централно ниво за намалување на аерозагадувањето и одлуките се носат исклучиво во насока на заштита на здравјето на граѓаните. Во Полска, во кој било од поголемите градови на државата забрането е горење на цврсти горива како јаглен и дрва за да се спречи загадувањето.
Во Скопје, Општина Кисела Вода субвенционира купување дрва, иако, според експертската јавност, овој вид греење загадува најмногу. Ставот на општината е дека греењето на дрва не го забранува државата.
Некои од решенијата за драстично намалување на загадувањето се масовна измена на начинот на загревање или со замена на стари горилници со нови, кои се поефикасни и би ги користеле домаќинствата што немаат друга опција за греење.
– Не треба да се потенцира само дрвото како производ што загадува. Печките во Македонија се стари, некои од нив по 30-40 години. Во светот има неколку класи на печки, но ние немаме ниту една од тие.
Има сертифицирани печки, кои користат пиролиза (разградување на биомаса без потреба од кислород), но кај нас сѐ уште ги нема во продажба. Треба да се насочиме кон топлински пумпи, во светот е тоа број еден решение.
Второ е гасот, но кај нас е доцна поради договор за намалување на емисиите на ЦО2. Може да се направат и „дистрикт хитинг“ системи слични на системот во Скопје. Кавадарци е пример каде што може да се направи овој систем и како огрев да се користат лозанки.
Оние што можат да го заменат систем добро, но тие што не можат, ќе им доплати државата. Во урбана средина, каде што секој прави што сака, еве ги резултатите. Не може да се грееме на цврсто гориво во градска средина – порача професорот Мираковски.
ДЕЦАТА НА УДАР ВО ОБРАЗОВНИТЕ УСТАНОВИ
Освен што според СДСМ се заштедија и 391.446 еврa само во една година за затоплување, планот не даде никаков ефект затоа што според најновото истражување на експертите од универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, градинките и училиштата се јавни установи со највисока концентрација на загаден внатрешен воздух.
Анализата на јавните објекти на државната и на локалната самоуправа покажа дека вкупно 709 институции во земјава се греат со нееколошки системи, кои како енергенси користат дрво, мазут, нафта и пелети.
На дигиталниот регистар на Министерството за животна средина и просторно планирање, кој беше првично изработен за евиденција на издадените еколошки А и Б дозволи за компаниите во земјава, постои база на податоци и мапа на сите јавни објекти под надлежност на државната и локалната самоуправа, кои имаат доставено податоци, како што се локација на институцијата, видот на гориво што се користи за загревање, неговата потрошувачка и капацитет на ложиштето.
Според базата на податоци, на дрва се греат 82 објекти и само кај пет од нив постои можност за замена на греењето со пелети или фотоволтаици. Јавното претпријатие „Национални шуми“ користи дрво за греење на подружниците ширум земјава и за нив троши 1.158 кубни метри за една сезона.
Најмногу објекти што се греат на дрво се подрачните единици на Управата за водење матични книги и објектите на подружниците на ЈП Национални шуми. Ниту еден од објектите не се наоѓа во Скопје.
На мазут од државните институции се грее само ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа Битола. Таму нема можност за замена на постоечкото греење со друг поеколошки енергенс.
На јаглен се грее само Центарот за култура „Бели мугри“ од Кочани, кој троши 10-15 тони јаглен. Има можност да го замени јагленот единствено со греење на дрво и за таа намена се обезбедени околу 250.000 евра за измена на горивото.
На нафта се греат 135 објекти на државната управа, меѓу кои подрачни одделенија на Дирекцијата за заштита и спасување, Министерството за правда, за земјоделство, за култура, матични подрачја на Управата за водење матични книги, Фондот за ПИОМ и Царинската управа.
Во 17 објекти може да се изврши замена на енергенсот, да се греат на струја или на гас. Најмногу, 50 тони, троши Народниот театар во Битола, а вкупно се трошат околу 660 тона нафта годишно или нешто над 800.000 евра за греење на нафта.
На електрична енергија, која е еколошки енергенс, се греат 152 објекти на државната управа, додека на гас се грее само подрачната служба на фондот за ПИОМ во Струмица.
На централно греење/парно се приклучени 45 објекти, најголем дел од Скопје, а има неколку од Кочани и од Гостивар. Тоа, пред сѐ, се институции под Министерството за култура на територијата на Скопје, неколку државни агенции, зградата на Врховен суд во Скопје, Државна лотарија, Државен завод за статистика, Центар за вработување, Спортски центар „Борис Трајковски“, Фонд за ПИОМ, Службен весник и една зграда во затворот Идризово во Општина Илинден.
На обновлива енергија, односно соларни панели и геотермални пумпи се загреваат три објекти: гаражата и работилницата на КПУ Идризово, новата зграда во отворено одделение и ново полуотворено одделение во Идризово.
На пелети се греат 18 објекти на државната управа, најголем дел од нив се подрачни единици на Центарот за вработување. Центарот за култура во Гостивар троши околу 25 тона годишно за греење и тој има опција да го замени греењето со поеколошки енергенс – електрична енергија.
Комбинирано греење со дрва/струја, дрво/пелети, нафта/обновлива енергија и струја/централно греење користат 36 институции или објекти на државната управа.
Кај единиците на локалната самоуправа, дрво како енергенс користат 142 објекти и најголем дел од нив, вкупно 115 се основни училишта во села и помали населени места. Кај овие објекти има можност за замена на повеќе од 80 системи. Во најголем дел од нив може да се замени дрвото со пелети што не се еколошки, но се енергетски ефикасни, додека другите имаат можност да се греат на струја и на гас.
На нафта се греат 272 објекти во општините, а 90 отсто од нив се детски градинки и основни и средни училишта. Само 58 објекти можат да ја заменат нафтата со поеколошки енергенс, како струја, гас или пелети.
На електрична енергија се греат 94 објекти од локалната самоуправа. Гас користат 16 објекти, три училишта, библиотека, комунално претпријатие и 11 детски градинки, сите во Струмица и во Куманово, единствените градови што се гасифицирани во моментов.
На централно греење се греат 62 објекти од локалната самоуправа, односно училишта и градинки, а ниту еден објект од локалната самоуправа не се загрева на еколошки геотермални пумпи и сончеви колектори. На пелети се греат 57 објекти од локалната власт, исто така најмногу од нив се детски градинки и основни училишта. Кај седум од нив може да се изврши замена на грејниот систем на гас.
Најголем дел од овие институции не одговориле дали имаат обезбедено средства за замена на грејните системи и дали воопшто аплицирале некаде за добивање средства за таа намена.
– Ако се променат системите за греење во објектите на државните институции, можеби нема да биде видливо, но ќе се намалат вредностите на загадениот воздух. На пример, јас во Скопје би ги задолжил училиштата да имаат филтри за прочистување на воздухот. Ние на универзитетот во Штип тестиравме три четири вида на филтри и сите чистат исто од најевтин до најскап, така што не е голема инвестиција да се инсталираат но би биле доста ефикасни – вели универзитетскиот професор Мираковски.
РАМКА
КАДЕ Е ФОНДОТ ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА?
Од здружението за заштита и одбрана на природата и обезбедување на чиста и здрава животна средина „О2 Иницијатива“ за „Локално“ истакнуваат дека, ако се исполни ветувањето на ВМРО-ДПМНЕ од предизборната програма, дека во најбрз можен рок ќе се формира Фонд за животна средина каде што даноците од животна средина ќе се слеваат, ќе се добиваат над 200 милиони евра средства наменети за решавање на проблемите со животната средина.
– СДСМ, кога дојде на власт, исто вети формирање ваков фонд, но не го исполнија ветувањето. Сега е на ред ВМРО-ДПМНЕ, кој се фали дека сè што ветил, остварил, да го исполни ова ветување што побрзо, посочува Татјана Чакулев од „О2 Иницијатива“.
За разлика од претходните години, сега граѓаните можат да ја тужат државата и да бараат надомест на штета. Тоа им го овозможи одлуката на Врховниот суд од 8 октомври, со која граѓаните во постапка пред Управен суд ќе може да бараат да се задолжат надлежните државни органи да ги донесат сите потребни документи од Законот за квалитет на амбиенталниот воздух, но и да поведат спор против државата во управна постапка, ако им е загрозено здравјето.
Експертите се согласни дека без акциски план или стратегија за следните пет до 10 години, не може да се намали загаденоста на воздухот. Во акциските планови, промена на начинот на загревање и поставување филтри, менување на енергенсите од јаглен, мазут, нафта во гас, добар јавен транспорт, мрежа на безбедни велосипедски патеки и ограничување на возилата со високи емисии на јаглерод диоксид, мора да бидат приоритет на државата.