(АРХИВА) Под кои услови и за која намена, новата влада ќе позајми пари од Будимпешта?

Пред 3 седмици, „Фокус“ пишуваше дека од Унгарија ќе пристигне најавениот заем, а со средствата ќе се финансираат инфраструктурни проекти.

by Фокус

Текстот е објавен на 20 јуни 2024 година во неделникот Фокус со број 1.498.

Веднаш после изборите, Христијан Мицкоски најави финансиски пакет од милијарда евра по моделот договор влада со влада. Денеска беше официјално обелоденето дека договорот за позајмица под поволни услови ќе биде склучен со владата на Унгарија. Но, намесно споменатата сума од милијарда евра, испадна дека договорот ќе биде за половина милијарда евра, со тоа што беше најавено дека македонската влада во иднина има простор повторно да се обрати до Будимпешта за дополнителна финансиска помош, така што не е исклучено дека на крај сумата ќе стигне до милијарда. Пред 3 седмици, „Фокус“ пишуваше дека заемот ќе пристигне од Унгарија, а со средствата ќе се финансираат инфраструктурни проекти. Експертите што ги консултиравме велат дека ваков модел на задолжување има и позитивни, но и негативни страни.

Пишувал: Орце КОСТОВ

Финансискиот пакет од една милијарда евра, кој лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и иден премиер Христијан Мицкоски го најави веднаш по победата на парламентарните избори на 8 мај, идната влада ќе го обезбеди од Унгарија.

Информацијата дека задолжувањето од една милијарда евра ќе се случи во директен договор со Унгарија им ја соопштил на партнерите од идната влада додека траеле преговорите за составување на извршната власт, велат извори на „Фокус“ од парламентарното мнозинство.

Неофицијално, кредитот ќе биде подигнат со ниска каматна стапка од три проценти, што е исклучително поволен услов за какво било задолжување за една земја во странство. „Фокус“ испрати прашања до ВМРО-ДПМНЕ, но оттаму ниту ја потврдија, ниту ја демантираа информацијата за унгарскиот кредит.

Ден по изборите, Мицкоски, гостувајќи на Канал 5, ја најави амбициозната агенда во економијата со сериозна странска инвестиција во енергетиката, односно парк со ветерници крај Радовиш, влез на две странски компании во слободните економски зони и финансиски пакет во соработка со влада, во вредност од една милијарда евра.

Можам да најавам еден финансиски пакет во соработка со влада, во вредност од 1 милијарда евра, со исклучително поволни услови. Со добар грејс-период, со исклучително атрактивна каматна стапкарече Мицкоски, потврдувајќи дека станува збор за кредит од друга држава, но не откри други детали.

Ваквата најава дојде веднаш по убедливата победа на парламентарните и на претседателските избори. Презадолжувањето на земјата беше еден од клучните аргументи на ВМРО-ДПМНЕ во изборната кампања дека власта на СДСМ и на ДУИ водела лоши економски политики.

Милијардата што ја најави Мицкоски доаѓа и како дел од амбициозната програма на партијата, а која се состои од 1.198 проекти и мерки што ги вети ВМРО-ДПМНЕ во пресрет на изборите.

КОЈА БАНКА ЌЕ ГО ДАДЕ ЗАЕМОТ?

Финансискиот пакет што ќе го потпишат владите на Унгарија и на Македонија, најверојатно, ќе се реализира преку тамошната државна Ексим банк, која и претходно обезбедувала кредити на земји во развој. Но, според унгарските медиуми, нема силно портфолио за обезбедување толку високи суми.

Угледниот унгарски медиум „Маѓар наранч“ анализираше што би добила Унгарија како земја ако ѝ даде кредит од една милијарда евра на земја со штотуку формирана влада. Новинарите не добиле одговор од банката дали е можно да одобри толку голема сума за друга земја и како е можно да се преговара со политичари што биле опозиција до изборите.

Експорт-импорт Ексим банк има искуство со кредитирање на земји надвор од Европската Унија. Во 2021 година, истата банка ја поддржала владата на Република Српска предводена од Милорад Додик со 116 милиони евра.

Потпишувањето на заемот ќе овозможи непречено извршување на сите обврски и реализација на планираната политика на Владата на Република Српска – изјавија од Министерството за финансии на Република Српска за балканскиот сервис на Радио Слободна Европа.

Тогаш медиумите пишуваа дека „десетгодишниот заем, со фиксна каматна стапка од 5 отсто, доаѓа од унгарска банка под контрола на државата, која беше обвинета дека ги финансирала пријателите на премиерот Виктор Орбан, кој бил поддржувач на лидерот на Република Српска, Милорад Додик“.

Меѓу неевропските клиенти на оваа банка се Египет, Лаос, Индонезија и Иран, кој добил кредит од 85 милиони евра за подобрување на билатералната трговска размена.

Во 2020 година, Ексим банка ќе му дадеше на Лаос заем за помош од 160 милиони долари, но граѓанската војна не ја фаворизираше економската зделка, па овој заем на крајот не беше ефектуиран. Слично, во системот беше заглавена египетска ставка, која ќе се однесуваше на продажба на 1.300 железнички вагони, за кои Ексим банка ќе дадеше заем со попуст, но досега ниту тоа не се реализираше“, пишува „Маѓар наранч“.

Според унгарските медиуми, вкупниот износ на средства што Ексим им ги додели на компаниите во Унгарија преку банки и финансиски институции е 1.500 милијарди форинти (3,8 милијарди евра). Ова е рамката на програмата за индустријализација и други заеми за развој на бизнисот.

Средствата и заемите дадени на други клиенти изнесуваат 860 милијарди форинти (2,1 милијарда евра), од кои 420 милијарди форинти или една милијарда евра се наменети за домашни клиенти и 440 милијарди форинти или 1,1 милијарда евра се наменети за странски клиенти. На овие 440 би се додале 358 милијарди форинти (900 милиони евра). Но зошто?“,  прашува магазинот „Маѓар наранч“.

КАПИТАЛНИ ИНВЕСТИЦИИ ТЕШКИ 3 МИЛИЈАРДИ ЕВРА

Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ, „Платформа 1198“, фокусот е во реализација на капитални инвестиции, во износ од три милијарди евра, ниски и рамни даноци и намалување на стапката на невработеност на 7,5 проценти.

Гордана Димитриеска-Кочоска, потпретседателка на ВМРО-ДПМНЕ и идна министерка за финансии, на една од програмските дебати насловена „Патоказ кон иднината – зајакнување на економијата, инфраструктурата и енергетиката“, на која се презентираше програмата на ВМРО-ДПМНЕ, посочи дека фокусот на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде насочен кон капитални инвестиции, кон политиката на ниски и рамни даноци, силна борба против сивата економија и намалување на стапката на невработеност на 7,5 отсто.

Мора да кажам дека за економскиот тим беше голем предизвик да се направат проекциите за буџетот 2024-2028 година, имајќи предвид дека владата на СДСМ и ДУИ ќе остави пустош во буџетот и речиси банкротиран буџет. Но, сепак, знаејќи дека ВМРО-ДПМНЕ навистина има квалитетни економисти, се потрудивме да извлече она што е најдобро.

Најголемиот фокус ќе ни биде кон капиталните инвестиции, кон поддршка на инвестиции за приватниот сектор, особено за производните компании и компаниите што извезуваат и понатаму остануваме на ставот за привлекување странски директни инвестиции и нашата цел е до 2028 година да имате стапка на раст на бруто домашниот производ од 5 отсто.

Нашиот фокус се сведува кон инвестициите, а не кон потрошувачката како што беше до сега. Прво што планиравме како ВМРО-ДПМНЕ е реализација на капитални инвестиции во износ од 3 милијарди евра, значи станува збор за инфраструктурни проекти, за проекти во образованието, во здравството, проекти што ќе имаат вистинска додадена вредност.

Исто така, остануваме и на политика за ниски и рамни даноци, затоа што сметаме дека тие создаваат фер услови за приватниот сектор. Исто така, најавуваме и силна борба со сивата економија. Она што е клучно е што ВМРО-ДПМНЕ во следниот период проектира и планира до 2028 година да креира нови 55 илјади работни места, односно стапката на невработеност да се спушти на 7,5 отсто – посочи Димитриеска-Кочоска.

Неофицијално, парите од Унгарија ќе се искористат за да се довршат инфраструктурни проекти, како автопатот Кичево – Охрид и да се почне автопатската делница Кичево – Букојчани, а не за отплаќање доспеани долгови.

ПРЕДНОСТИ И РИЗИЦИ НА ЗАЕМОТ

За дел од економските аналитичари, земањето кредит од друга држава не е лошо ако е со поволни услови, но мора да биде транспарентно и да се знае за која намена е финансискиот пакет.

Земањето заем од една милијарда евра од влада во ЕУ наместо од меѓународни финансиски институции може да има свои предности, особено ако условите се пофлексибилни и погодни за економската стабилност на Северна Македонија. Овој пристап може да обезбеди пониски каматни стапки и подолги периоди на отплата, што би ја намалило финансиската тежина врз државниот буџет. Дополнително, заемот од влада може да ги зајакне билатералните односи и да отвори врати за идни економски соработки и инвестиции – анализира за „Фокус“, универзитетскиот професор Абил Бауш.

Сепак, според него, треба да бидеме свесни за потенцијалните политички и економски ризици што може да доаѓаат со такви договори.

Кредитите од меѓународните финансиски институции обично доаѓаат со строги услови и надзор, кои обезбедуваат транспарентност и одговорност. На крајот, најважно е да се обезбеди транспарентност и одговорност во процесот на задолжување, без разлика на изворот на средствата. Важно е да се разгледаат сите алтернативи и да се избере најдобрата опција, која ќе обезбеди долгорочна финансиска стабилност и одржлив развој – вели Бауш.

Тој додава дека постојат позитивни и негативни примери за задолжување преку заеми од влади или меѓународни финансиски институции.

На пример, по финансиската криза во 2010 година, Грција доби серија заеми од земјите-членки на ЕУ преку Европскиот стабилизационен механизам (ESM), што ѝ овозможи на Грција да ги стабилизира своите финансии и да спроведе неопходни економски реформи. Исто така, во 2011 година, Португалија доби заем од 78 милијарди евра од ЕУ и од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), што доведе до економски раст и до пад на невработеноста благодарение на стабилизацијата на финансиската ситуација и намалувањето на дефицитот.

Сепак, постојат и негативни примери, како што е случајот со Аргентина, која во 2018 година доби најголем заем од ММФ во историјата на организацијата, но не успеа да ги спроведе потребните реформи и продолжи да се соочува со економски тешкотии и со социјални немири. Слично на тоа, во 2011 година, Гана зема заем од 3 милијарди долари од кинеската банка за развој за инфраструктурни проекти, но договорот доведе до големо зголемување на јавниот долг и критики за недостиг од транспарентност и корупција. Овие примери покажуваат дека задолжувањето треба внимателно да се планира и да се управува за да се избегнат негативни последици и да се обезбеди долгорочна финансиска стабилност.

Секоја земја треба да направи внимателна анализа и проценка на условите за задолжување, било да се работи за заем од влада, меѓународна финансиска институција или друг извор. Процесот на задолжување мора да биде транспарентен и да обезбеди одговорност, со цел да се минимизираат ризиците и да се постигне одржлив економски развој. Северна Македонија треба да ги разгледа сите можности и да избере онаа што најдобро одговара на нејзините економски потреби и цели за идниот развој – анализира Бауш.

Ова задолжување ќе влијае врз прагот на јавниот долг, кој веќе е над 60 отсто од бруто домашниот производ. Вкупниот јавен долг на Македонија изнесува 8,3 милијарди евра, од кои 7,2 милијарди евра се долг на владата. Надворешниот долг, пак, на владата изнесува 4,45 милијарди евра. Од оваа сума, 3,1 милијарда се долг од еврообврзница, а 1,35 милијарди се заеми.

Земањето заем од една милијарда евра ќе има значително влијание врз прагот на јавниот долг на Северна Македонија, кој веќе е над 60 отсто од БДП. Според податоците, јавниот долг на Северна Македонија изнесува приближно 7,5 милијарди евра. Со новиот заем од една милијарда евра, јавниот долг би се зголемил на 8,5 милијарди евра, што значително ќе го зголеми процентот на јавниот долг во однос на БДП. Ова дополнително задолжување би го подигнало нивото на јавниот долг до околу 70 отсто од БДП, што е алармантно ниво и може да има сериозни импликации за економската стабилност на земјата – вели Бауш.

Зголемувањето на јавниот долг над 60 отсто од БДП, како што нагласува тој, ќе има неколку важни економски последици.

Прво, тоа може да ја намали довербата на инвеститорите и кредиторите во финансиската стабилност на земјата. Тоа може да резултира со повисоки каматни стапки при идни задолжувања, што би ги зголемило трошоците за сервисирање на долгот. Дополнително, зголемениот јавен долг може да ја ограничи способноста на владата да финансира клучни проекти и да спроведува фискални политики насочени кон економски раст и развој.

Со оглед на овие ризици, владата на Северна Македонија треба внимателно да го управува својот јавен долг. Тоа вклучува спроведување строги фискални мерки за намалување на буџетскиот дефицит, како и имплементација на структурни реформи за поттикнување на економскиот раст.

Потребно е да се зголеми транспарентноста и одговорноста во процесот на задолжување и да се обезбеди дека средствата од новиот заем ќе се користат ефективно и ефикасно. Само преку ваков пристап може да се минимизира негативното влијание на новиот заем врз јавниот долг и да се обезбеди долгорочна финансиска стабилност и одржлив економски развој.

Хипотетички пример со тоа ако со овој економски раст би сакале да враќаме долгови за еден процент тогаш, Северна Македонија со тековен БДП од приближно 12 милијарди евра, јавен долг од 7 милијарди евра (58,3 отсто од БДП), годишен економски раст од 3 отсто, и годишен дефицит од 2 отсто од БДП, за намалување на јавниот долг за еден процент од БДП (од 58,3 отсто на 57,3 отсто) ќе бидат потребни околу две години.

По првата година, новиот БДП би изнесувал 12,36 милијарди евра, а јавниот долг би се зголемил на 7,14 милијарди евра, што би резултирало со однос на јавен долг кон БДП од 57,8 отсто. По втората година, БДП би се зголемил на 12,73 милијарди евра, а јавниот долг на 7,29 милијарди евра, со што односот на јавен долг кон БДП би се намалил на 57,2 отсто.

Со оваа динамика, би било потребно околу две години за јавниот долг да се намали за еден процент од БДП, под претпоставка дека економскиот раст останува стабилен и дефицитот се одржува на исто ниво. Ова е поедноставен модел и за прецизна анализа ќе треба да се земат предвид и други фактори како флуктуации во економскиот раст, промени во фискалната политика и надворешни економски услови – образложува професорот Бауш.

МЕЃУНАРОДНИТЕ ИНСТИТУЦИИ СО НАЈПОВОЛНИ УСЛОВИ

Гувернерката на Народна банка, Анита Ангеловска-Бежовска, прашана за најавите на Мицкоски за задолжување на идната влада од влада на странска држава, на прес-конференција кажа дека претпочита задолжување пред меѓународните финансиски институции, бидејќи тие даваат најповолни услови. Таа рече дека мора да се оправда толкавото задолжување на државата.

Прво, намената на задолжувањето мора да е оправдана, да е за нешто што ќе го зголеми потенцијалот на државата и второ, треба да се фокусираме на извори што ќе обезбедат поволни концесионални услови за финансирање на нашата економија. А меѓународните финансиски институции вообичаено обезбедуваат такви услови за финансирање. Секако, ако има и други извори, кои би дале такви услови, треба да се земат предвид – кажа Ангеловска-Бежовска.

Од Народна банка за „Фокус“ објаснија дека новиот министер за финансии ќе ги има сите надлежности за управување со јавниот долг, меѓу другото, и да го предложи изворот и структурата на задолжување за финансирање на буџетскиот дефицит.

Во рамки на Законот за јавен долг се уредува постапката и начините на задолжување, како и информирањето за јавниот долг. Согласно овој закон, Министерството за финансии ги има надлежностите за управување со јавниот долг, при што една од целите на управувањето со јавен долг е финансирање на потребите на државата со најнизок можен трошок, на среден и долг рок, и со одржливо ниво на ризик.

Меѓу другото, тоа ја има надлежноста и да го предлага изворот и структурата на задолжувањето за финансирање на буџетскиот дефицит. Согласно Законот за јавен долг, носителите на јавен долг, меѓу кои и владата, можат да се задолжуваат кај странски или домашни кредитори“, објаснија од НБРМ.

За секое задолжување кај странски заемодавачи од страна на законодавната, судската и извршната власт, согласно Законот за јавен долг, Собранието носи посебен закон за секое ново задолжување, пред склучување на договорот.

ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ЈАВНИОТ ДОЛГ

Стратегијата на ВМРО-ДПМНЕ вели дека јавниот долг ќе се зголеми над 60 отсто од БДП. Контрадикторно е дека ова никаде не е споменато во нивната програма Платформа 1198 , но со најавеното задолжување од една милијарда евра, јавниот долг ќе биде 66 отсто од вредноста на БДП – рече пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи во неговото гостување на ТВ 24.

Коментирајќи ја најавата Мицкоски за задолжување на државата од една милијарда евра, Битиќи посочи дека станува збор за вонинституционално преговарање за кое Мицкоски никој го нема овластено да го прави тоа.

– Прво треба да се формира влада, да се влезе во институциите, па институционално да се водат преговорите за задолжување, па потоа да се каже исходот од задолжувањето – нагласи Битиќи и додаде дека станува збор за нелегитимно преговарање во четири очи за задолжување на државата.

Воедно, тој истакна дека со задолжувањето на овој начин се испраќа порака дека идната влада сака да се откаже од 840 милиони евра од Европската комисија, наменети за Македонија преку Планот за економски раст на ЕУ.

Поранешниот претседател на Собранието и министер за финансии, Никола Поповски, во најновото издание на емисијата „Трилинг“, најавите на Мицкоски за една милијарда евра ги нарече изборна измама затоа што тоа не било најавено во програмата.

Да видиме дали ќе биде. Има 4-5 аспекти, многу сериозни. Не знам дали во програмата им беше најавено дека ќе ја задолжат државата за 1 милијарда, од европска држава. Во некои европски држави, тоа се третира како изборна измама. Ова е изборна измама. Една милијарда е околу 6-7 отсто од БДП, јавниот долг од сегашните 60 отсто, ќе оди на 67 отсто, а ВМРО-ДПМНЕ најави дека ќе го намали јавниот долг – рече Поповски.

Поврзани новости