АРХИВА: Почесниот конзул на Унгарија царува во бизнисот со медицински отпад

by fokus

Текстот е објавен на 8 јуни 2018 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1183

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Употребени шприцеви, хируршки ракавици и скалпели, катетри, гази, епрувети од земена крв, завршуваат во контејнери. Но, на сметишта се пронајдени дури и ампутирани делови од човечко тело! Медицинскиот отпад отсекогаш претставувал закана во буквалната смисла за здравјето на луѓето. Речиси сите држави водат битка како да се среди ситуацијата со опасниот медицински отпад, кој ако не се собира, депонира и уништува, го загрозува здравјето на граѓаните.

Години наназад овој проблем зазема загрижувачки размери, со оглед на тоа што во речиси сите населени места има амбуланти и болници во чија близина може да се најде расфрлан медицински отпад. Тоа го покажуваат и неколкуте примери за кои веќе беше пишувано, во кои деца можеа да бидат жртви на зараза откако во близина на амбуланта си играле, па едно од нив со ногата згазнало на шприц кој бил фрлен, по што добило инфекција.

Тоа е само еден од многубројните примери. Пред неколку години во неделникот „Глобус“ беше објавен и уште поморбиден настан, а тоа е случајот со ампутираното стапало пронајдено на гостиварското сметиште. Според пишувањата на весникот, за овој случај се водела и истрага, а прва на листата на виновници била Гостиварската општа болница и јавното комунално претпријатие. Но, сепак, и покрај поведената истрага, на крајот никој не одговарал.

Според прописите, сите јавни здравствени установи, односно 112 вкупно на број го собираат медицинскиот отпад и во вреќи го пренесуваат во специјални контејнери, од каде што фирми кои работата ја добиваат на тендери, понатаму се грижат за неговото отстранување и уништување. За клиниките, пак, задолжена е Службата за заеднички работи, преку која се склучуваат договорите за оваа работа.

Но, како и се во државата, така и овде се прави бизнис и се вртат милионски сум, само муабетот е кој ќе го лапне тендерот.

ТЕНДЕРИ НА АНГРО

Според податоците на Министерството за животна средина и просторно планирање, во моментов само пет фирми поседуваат лиценци за собирање и транспорт на медицински отпад.

Една од нив, која има бизнис-соработка со повеќето болници е битолската компанија „Еко Клуб“. Инаку, таа не е задолжена само за отстранување на медицинскиот отпад и не соработува само со јавните здравствени установи, тука се декларира како приватна комунална компанија задолжена и за еколошки услуги. Компанијата има бизнис-соработка и со многу од државните институции за одржување хигиена на улиците, на деловните објекти, за комунални услуги, за косење трева, расчистување грмушки, сечење дрвја… Карактеристично за фирмата е што нејзината работа се зголемува од 2012 година наваму, односно во периодот кога „вмровците“ ја имаа забетонирано  власта.

„Фокус“ ги изброја тендерите кои оваа битолска компанија ги добила во последните шест години, односно тоа е периодот од кога „Еко Клуб“ почнува да доминира на пазарот и се вбројува меѓу фирмите кои добиваат најмногу од бизнис колачот. Во рок од шест години оваа фирма добива повеќе од 90 тендери и тоа со повеќето болници во градовите низ Македонија, како и со државните институции.

Според објавените податоци на веб страницата на Бирото за јавни набавки, последен договор битолската компанија склучила со Болницата за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ од Скопје. Договорот е склучен на 18 април 2018 година, а фирмата се појавува како единствен понудувач. Податоците покажуваат дека предмет на договорот е собирање, транспорт и согорување на медицински отпад, а целата бизнис зделка изнесува 35.133 евра.

За отстранување и согорување медицински отпад, исто така на почетокот на годинава, компанијата склучила договор и со прилепската болница, кој од тоа што успеавме да го забележиме , не е прв договор за соработка помеѓу двете институции. Договорот бил склучен на 18 јануари 2018 година, а и во овој случај победничката фирма се појавила како единствен понудувач на тендерот. Вредноста на целиот договор изнесува речиси 47 илјади евра.

Уште еден договор, но овојпат за набавка на услуги за подигање на опасен медицински отпад, „Еко Клуб“ случила и со Клиничката болница во Битола. Според податоците на БЈБ, на тендерот учествувале две фирми, а победничката фирма ја дала најниската понуда. Договорот е склучен на 18 септември 2017 година во вредност од 40 илјади евра. Потешка бизнис зделка за подигнување, транспорт и уништување на медицински отпад со битолската компанија направила охридската Општа болница. Податоците покажуваат дека на тендерот „Еко Клуб“ била единствен понудувач, а договорот бил склучен на 18 февруари 2017 година во вредност од 45 илјади евра. Две години порано, на 20 септември 2016 година битолската компанија склучува договор и со тетовската Клиничка болница, чија бизнис зделка изнесува 21.833 евра.

Од 2015 година наваму, кога со битолската болница управуваше директор од претходната владејачка гарнитура, компанијата за отстранување и уништување на медицински отпад почнува да ги добива тендерите, па така, во рок од три години само од таму ќарила повеќе од 90 илјади евра.

Како што нагло почна да ѝ се зголемува работата (на веб-страницата на Бирото за јавни набавки можат да се забележат само четири тендери во 2012 година) така, за една година, во 2013, фирмата добива 21 тендер, додека во 2014 година успева да направи 34 бизнис-зделки.

ПОЧЕСНИОТ КОНЗУЛ УСПЕШЕН И ВО БИЗНИСОТ

 Но, која е фирмата која толку години успешно опстојува на бизнис-пазарот со медицински отпад? Според податоците од Централниот регистар, компанијата е основана на 26 септември 1990 година, што значи дека има работно искуство од 28 години. На документите како нејзин сопственик фигурира Сашо Јанакиевски од Битола, кој истовремено е и овластено лице на фирмата. А од тоа што може да се забележи, компанијата располага со неколку подружници и тоа во Куманово, Тетово, Скопје и уште неколку во Битола.

Нејзиниот сопственик Јанакиевски, на јавноста ѝ е познат како еден од двајцата почесни конзули на Унгарија во Битола, кој на оваа функција доаѓа во 2012 година, кога во Градот на конзулите се отвора почесен конзулат. Според законот за надворешни работи, државата со која РМ има дипломатски или конзуларни односи може да именува почесен конзуларен функционер. На крајот, согласноста за именување почесен конзул ја дава владата, а во случајот со битолскиот бизнисмен зелено светло дала владата на Никола Груевски.

Од тој момент, бизнисот на Јанакиевски почнува да се зголемува, па така, негови клиенти се и државните институции. Тие склучуваат договори со општини, факултети, Царинската управа, Затворот Идризово…

Според податоците од Бирото за јавни набавки, потешка бизнис зделка битолската компанија направила со Јавното претпријатие за државни патишта. Податоците покажуваат дека договорот е склучен на 10 јули 2017 година за косење трева и плевел, расчистување грмушки, кастрење гранки и сечење дрвја, а на тендерот учествувале дури седум фирми, што значи дека победничката компанија ја дала најниската понуда. Вредноста на склучениот договор изнесува 575.609 евра.

Уште еден договор со истото претпријатие е склучен една година порано, на 12 мај 2016 година, во вредност од 191.869 евра. Со општина Центар, пак, која во тој период ја раководи Андреј Жерновски, битолската компанија склучува договор за одржување хигиена на улиците, пешачките премини, тротоарите, на велосипедски трки… Според БЈБ, на тендерот фирмата се појавува како единствен понудувач, а вредноста на целиот договор изнесува 146.341 евро.

За одржување хигиена на граничните премини, компанијата „Еко Клуб“ склучува договор со Царинската управа на РМ во вредност од 186.486 евра. Договорот е потпишан на 25 ноември 2015 година, а на тендерот учествувале дури 10 компании, од кои пресудна за склучување зделка била најниската цена што ја понудила победничката фирма.

Но, да се вратиме на транспортот на медицинскиот отпад, кој на пример, во битолската Клиничка болница го изведува компанијата „Еко Клуб“. Како што не информираа од болницата, според процедурата, целата постапка оди преку тендер на кој се избира најниската понуда.

– Ние како здравствена установа немаме печки во кои би го согорувале медицинскиот отпад и на тендер избираме фирма која ќе се погрижи за тоа. Отпадот од страна на нашите вработени се става во посебни контејнери, а фирмата го подигнува двапати дневно од кај нас – тврди во изјава за „Фокус“, доктор Зоран Лазаров, директор на битолската болница.

ПЕТ ФИРМИ ПОСЕДУВААТ ЛИЦЕНЦИ ЗА МЕДИЦИНСКИ ОТПАД

Инаку, државата, главно преку Министерството за животна средина го регулира издавањето на лиценците кои ги добиваат фирмите за транспорт на медицински, опасен и комунален отпад.

Според регистарот од министерството, лиценци за транспортирање и уништување на отпад имаат 22 компании, од кои во моментов само пет фирми поседуваат дозволи за собирање и транспорт на медицински отпад.

Во моментов две правни лица имаат дозволи за третман на медицински отпад  – „Дрисла“ за горење на медицински отпад и „Еко Клуб“ за автоклавирање на медицински отпад, двете во Скопје.
Постапките за добивање на дозволите (едната е дозвола за собирање и транспорт на опасен отпад, а другата е дозвола за складирање, третман и/или преработка на опасен отпад) се регулирани со правилници и истите се достапни исто така на веб страницата
– се наведува во одговорот од Министерството за животна средина.

Меѓу компаниите кои поседуваат лиценци е „Дрисла“, околу која имаше доста контроверзи за согорувањето на медицинскиот отпад. Градоначалникот Петре Шилегов пред речиси два месеци најави дека во функција е новиот филтер на печката за согорување медицински отпад на депонијата.

Потоа, тука е и компанијата „Сити Логистик“ и „Еко Медикал ДООЕЛ“. Освен овие фирми, според регистарот на министерството, лиценца поседува и Здравствениот дом Куманово.

ЈАНАКИЕВСКИ ГРАДЕШЕ ЛОГИСТИЧКИ ЦЕНТАР ЗА УНГАРСКИ ПРОИЗВОДИ

Во јуни 2016 година, во скопската населба Илинден беше поставен камен-темелник на нова инвестиција на компанијата „Еко Клуб“, која почна да го гради првиот логистички центар за унгарски производи во Македонија. Камен темелникот, пред поголем број граѓани и стопанственици го поставија градоначалникот на општината, Жика Стојановски, амбасадорот на Унгарија во нашата земја, Јозеф Бенце и сопственикот на компанијата „Еко Клуб“, Сашо Јанакиевски.

Вкупната инвестиција во првиот логистички центар за унгарски производи во Македонија, според инвеститорот, ќе изнесува 1,5 милиони евра и ќе овозможи отворање 80 нови работни места.

Во моментот не располагаме со информации до каде е стигната изградбата на овој центар, но неговата намена треба да биде за привремено складирање на унгарските производи, кои што ќе транзитираат низ Македонија во околните земји.

„ЕКО КЛУБ“ НЕ ОДГОВОРИ НА ПРАШАЊАТА НА „ФОКУС“

 „Фокус“ испрати неколку прашања на службениот мејл на фирмата со која раководи Јанакиевски, но до затворањето на овој број од неделникот од таму не добивме одговор. Од фирмата побаравме да ни објаснат на колку тендери годишно ниво учествуваат, а колку добиваат и каква е процедурата за добивање лиценца за работа.

Поврзани новости