Tекстот е објавен на 19 јули 2019 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1241
Структури во владејачката коалиција се презаситени од скандалите кои секојдневно ја тресат власта, па се зголемува бројот на поединци кои сметаат дека е време Заев да поднесе оставка и да се повлече од СДСМ. Прашање е како СДСМ ќе се справи со последната афера и колку ќе може да ги преброди овие турбуленции. Од истрагата на Обвинителството за организиран криминал и корупција и од тоа колку СДСМ е подготвено да пушти низ вода инкриминирани структури во партијата, ќе зависи и тоа дали премиерот Зоран Заев ќе ја сочува владата
Пишувала Маја ВАСЕВА ТРАЈКОВА
Трите прашања што ќе бидат ставени на маса на идната лидерска средба ќе ја дефинираат и иднината на државата. По оставката на Катица Јанева, партиите ќе мора да се договорат за Законот за јавно обвинителство, кој треба да го трансформира СЈО, иако тука копјата најмногу се кршат. Партиите ќе мора да се договорат за Изборниот законик и за спроведување на пописот, кој конечно ќе треба да нѐ преброи, а ВМРО-ДПМНЕ сега ја наметнува идејата и за предвремени парламентарни избори.
Но, аферата што ја стресе власта се заканува да го промени распоредот на нештата во земјава. Прашање е како СДСМ ќе се справи со оваа афера и колку ќе може да ги преброди овие турбуленции. Од истрагата на Обвинителството за организиран криминал и корупција и од тоа колку СДСМ е подготвено да пушти низ вода инкриминирани структури во партијата, ќе зависи и тоа дали премиерот Зоран Заев ќе ја сочува владата.
Што се однесува до мандатот на Катица Јанева, тој заврши на сличен начин како што и почна. Пред четири години партиите исто така се натегаа на лидерски средби, интервенираа високи функционери на ЕУ, се вмешаа странски амбасадори, и се тресеше Водно за да се роди Пржинскиот договор. Но, тогаш се правеа сизифовски напори за да се симне од власт Никола Груевски и да се турне неговиот длабоко всаден криминален режим.
Но, политичката криза тогаш прераснуваше во сериозна дестабилизација на општеството. Наспроти тоа, лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, денес вели дека нема да излегува на улица и да предизвикува немири, но нели е веќе криза одбивањето да се седне на маса, поставувањето невозможни услови за СЈО и најавите дека ќе го бојкотира пописот? Што научивме за овие четири години?
ПРЕДВРЕМЕНИТЕ ИЗБОРИ НАПРОЛЕТ И ДАЛИ ЗАЕВ ЌЕ ГИ ДОЧЕКА?
Слабиот резултат во првиот круг на претседателските избори социјалдемократите мислеа ќе го надминат со „метлата“, која требаше да ја растовари власта од неуспешните, компромитираните, мрзеливите и арогантните функционери, но и да ги амортизира критиките и незадоволството од јавноста. Иако реконструкцијата сама по себе беше неуспешна и козметичка, сепак СДСМ се сопна на поголем камен. Власта сега ја тресе афера која се протега високо во хиерархијата на СДСМ, а се заканува да ја разниша и фотелјата на Заев.
Поради тоа, ВМРО-ДПМНЕ сѐ погласно инсистира да се одржат предвремени парламентарни избори. Со оглед на тоа што Македонија до крајот на годинава ја очекува датум за почеток на преговори со ЕУ, како и полноправно членство во НАТО, сѐ поизвесно е тие предвремени избори да се одржат напролет.
Мицкоски како изборен месец јавно го предложи април. Од СДСМ, пак, велат дека не бегаат од избори, но сложни се дека треба да се одржат по Нова година.
– Нема логика избори да се одржат пред Нова година. Не бегаме од избори, но сега сме во исчекување на датум од ЕУ, а во декември стануваме официјално НАТО членка, па затоа е неизводливо. Дали ќе има предвремени следната година зависи од расположението, но има атмосфера за такво нешто – вели пратеникот на СДСМ, Мухамед Зекири.
Според него, аферата „Рекет“ може само позитивно да влијае на рејтингот на СДСМ поради тоа што, вели Зекири, покажува неселективност на истражните органи и дека за разлика од порано, повеќе нема недопирливи.
– Сметам дека оваа афера може само позитивно да влијае, затоа што покажува одлучност дека сите што се огрешиле треба да одговараат. Секој кој е инволвиран треба да одговара и да се соочи со органите на прогонот. Со ова покажуваме волја и желба да се расчисти криминалот. Сум кажал и претходно, мој брат да е вмешан во некаков криминал, ќе повикам да си одговара, затоа што никој не смее да биде над законот, порачува тој.
Структури во владејачката коалиција се презаситени од скандалите кои секојдневно ја тресат власта, па се зголемува бројот на поединци кои сметаат дека е време Заев да си поднесе оставка и да се повлече од СДСМ. Последната афера, во која е вмешана дури и специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, го разочара и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој категорично порача дека е против селективна правда.
Скандалот со изнуда и рекет на осомничени во предмети на СЈО, се очекува да има подалекусежни последици имајќи предвид дека СЈО беше бедемот на борбата против криминалот. Ова обвинителство требаше да ги предводи напорите за воспоставување правна држава како излез од корумпираната мрежа која го држеше во заложништво државниот апарат.
Надежите дека нешто ќе се смени се распрснаа како меур од сапуница истиот момент кога Јанева беше спомената дека е инволвирана во скандалот. Заев наместо да се огради, застана зад неа и рече дека ја поддржува „како личност“, се додека не се покаже дека е виновна.
Оваа изјава сериозно може да го наруши угледот на Заев, особено имајќи ги предвид шпекулациите дека аферата се протега високо во врвот на СДСМ. Освен тоа, на Заев му висат над глава и предвремените избори, па се поставува прашањето дали ќе ги дочека.
МИЦКОСКИ СЕ ИНАЕТИ, АМА МУ СЕ МОЖЕ
И по сево ова, Заев треба да го моли Мицкоски да седнат на маса и да се договорат за СЈО, пописот и за Изборниот законик. Првиот опозиционер, со манир на дива, поставува услови, па вели дека лидерската средба е беспредметна затоа што однапред знае дека лидерите ништо нема да се договорат. Мицкоски тврди дека ставовите се дијаметрално спротивни.
– На понудата за избори, Заев одговори со прогон врз сегашни актуелни и поранешни функционери. Имаме дијаметрално спротивни ставови. Како да имаме средба? – гласеше дел од изјавата на Мицкоски на пресот каде повика приведување на Катица Јанева.
Од ВМРО-ДПМНЕ меѓу редови велат дека немаат намера да преговараат за што било, сѐ додека не се реши прашањето за СЈО и постапките што ги води.
Портпаролот на партијата, Наум Стоилковски, вели дека прашањето за попис и Изборен законик е дефокусирање на јавноста.
– Колку што го слушнав претседателот (Мицкоски) и го кажа тоа јавно, за сите прашања за кои на Заев сега му текнува да разговара како дефокус на јавноста, е разговарано и постојат дијаметрално спротивни ставови и никаква допирна основа врз која може да се седне и да се разговара на лидерско ниво. Заев во овие моменти предлага и прашања кои се тотален дефокус и немаат врска со интегративните процеси како што е пописот и Изборниот законик. Македонија ќе ја изгуби оваа шанса за добивање датум заради лагите на Заев, второ, заради криминогеното делување на Заев, трето заради неговата комплетна отсутност од реалноста, вели Стоилковски.
На прашање дали договорот за СЈО е услов да се седне да се разговара и за другите теми, бидејќи Заев веќе прифати дека е подготвен да разговара и за предвремени избори, Стоилковски одговара:
– Македонија треба да работи за да се исполнат условите за добивање датум, но наместо тоа, Заев се занимава со пазарско калкулантство и со теми за дефокус од реалноста, а тоа е криминалот и рекетарството врз грбот на реалната економија и врз реалните реформи.
Според дел од познавачите, ова во превод значи дека Мицкоски одбива средба за попис и Изборен законик сѐ додека СДСМ не ги прифати барањата да се стопираат истрагите против функционерите на ВМРО-ДПМНЕ. Во оваа насока оди и изјавата на министерката за правда, Рената Дескоска, која неодамна изјави дека преговорите меѓу работните групи се заглавени на членот 105 од предложениот Закон за јавно обвинителство, член кој се однесува на постапките на СЈО што се во фаза на истрага.
Реформистот на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Богојески, смета дека целта на Мицкоски е да се суспендираат истрагите на СЈО за да се спасат поранешни и сегашни функционери на партијата од кривичен прогон.
– Преговорите за СЈО се водат на несовесен начин и ги води лице под истрага од самото тоа СЈО, што е крајно несоодветно. Неможејќи да се најде компромис меѓу потребите на граѓаните на Македонија за правна држава и потребите на Никола Груевски за забошотување на истрагите на СЈО, доаѓаме до ситуација ВМРО-ДПМНЕ да не може да гради издржани политики, туку дејствува во заложништво на Груевски. Под нормални политики подразбирам ВМРО-ДПМНЕ да понуди формирање ново СЈО, кое ќе биде стопати посилно од актуелното, вели Богојески.
И Зекири вели дека работните групи меѓу двете партии не можат да се договорат поради невозможните барања на Мицкоски, да се поништат истрагите на СЈО.
– Не можеш да се разбереш со Мицкоски. Најголем проблем му е тоа што не сака да продолжат предметите. Мицкоски е изгубен во простор. Нема логика тоа што го зборува. Прво бара Јанева да се притвори, а потоа како услови поставува предвремени избори. Па за каква правда зборуваме? Мицкоски е лицемер невиден и покажува дека лидер и понатаму е Груевски кој се уште ја диригира партијата, вели Зекири.
СЕКОЈ СО СВОЈА ЖЕЛБА ЗА ИЗБОРЕН МОДЕЛ
Без разлика дали партиите ќе се договорат за предвремени избори, прашањето за изборниот модел ќе биде предмет на дискусија во периодот што следи. Повторно се отвора дебата за една изборна единица или за намалување на изборните единици од шест на три. Овојпат темата се отвори откако претседателот, Стево Пендаровски, ја прифати иницијативата на неколку политички партии за реформа на изборниот модел со намалување на изборните единици и отворени листи.
Како што рекоа од кабинетот на претседателот, само на овој начин граѓаните ќе имаат можност да избираат не само политички партии, туку и поединечни кандидати.
„Во Република Северна Македонија треба да има помал број на изборни единици, без праг или со минимален праг на потребни гласови, а во функција на проширување на политичкото претставување во Собранието“, соопштија од таму.
Моделот на една изборна единица е поддржан од продемократските струи бидејќи ќе придонесе за поголема разновидност во парламентот, но и ќе ја прераспредели политичката моќ од двата центри во ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, кон останатите партии. Освен тоа, Владата би била похетерогена и би имала повеќе слух за различните општествени групи, што значи и поголем демократски капацитет.
Сепак, секоја партија е со различна желба за изборниот модел. Од СДСМ велат дека се отворени за оваа идеја и покрај тоа што може да останат покуси за неколку пратеници.
– Ние сме спремни за една изборна единица, но не верувам дека се и останатите политички партии, како ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ. Мицкоски и за оваа работа молчи и не кажува која е неговата опција, но верувам дека не е за една изборна единица, вели Зекири.
Големите партии, сепак, стравуваат дека со ваквиот изборен модел ќе го изгубат монополот врз гласачкото тело.
И покрај тоа, од ДУИ велат дека не е важен бројот на изборни единици туку изборниот процес. Интегративците на Али Ахмети велат дека немаат проблем ниту со една, ниту со три или шест изборни единици, се додека изборниот процес се спроведува согласно европските стандарди.
Моделот со три изборни единици го фаворизира албанската опозиција, додека, пак, Алијансата за Албанците на Зијадин Села, кој в петок ќе седне на маса со Заев и со Ахмети, предлага модел кој опфаќа осум изборни единици.
Од БЕСА, пак, сметаат дека бројот на изборните единици треба да се намали од актуелните шест на три и да се примени моделот на отворени листи.
МИЦКОСКИ ЌЕ ТРЕБА ДА ИЗБИРА ИЛИ ВЛАСТ ИЛИ ГРУЕВСКИ
Опозициската партија ќе го менува статутот и ќе се ребрендира во партија која наводно раскрстила со своето минато. Претседателот Христијан Мицкоски планира со промена на статутот да му ја одземе титулата почесен претседател на осудениот екс премиер во бегство, Никола Груевски. Со ова Мицкоски пред јавноста и меѓународната заедница сака да покаже дека партијата се ослободила од влијанието на Груевски и расчистила со своето криминално минато. Но, според познавачите, Груевски и понатаму ги држи конците. Наводно, тој и понатаму лобира во корист на партијата пред ЕПП.
ВМРО-ДПМНЕ ВОДИ НА АНКЕТИТЕ
Доколку утре има парламентарни избори, повеќето граѓани би гласале за ВМРО-ДПМНЕ, покажува последната анкета на агенцијата „Маркет вижн“.
На прашањето доколку утре се одржат парламентарни избори за кого би гласале, за ВМРО-ДПМНЕ се определиле 12,3 отсто, за СДСМ 10,8 отсто, за ДУИ 2,1 отсто, за Алијансата за Албанците 1,7 отсто, а за Алтернатива 0,1 отсто.
Притоа, анкетата покажува дека Заев има поголема поддршка кај граѓаните, отколку Мицкоски. Анкетираните ја оценувале и работата на партиските лидери, при што Зоран Заев има највисока оценка 4,59, Али Ахмети има 4,24, Билал Касами 4,33, Христијан Мицкоски 4,20, а Зијадин Села 4,00.
На прашањето „Општо гледано, Македонија се движи во добра или во погрешна насока?“, 57,6 отсто од анкетираните одговориле дека се движи во погрешна насока, а 30,1 проценти во добра насока.
ЗАЕВ: ЗНАМ ДЕКА ЌЕ ПОБЕДАМ НА СЛЕДНИТЕ ИЗБОРИ
Премиерот Зоран Заев, и покрај анкетите кои не одат во негов прилог, е уверен дека ќе победи на следните избори, без разлика дали се предвремени или редовни. Тој додаде дека е подготвен да разговара и за она што Мицкоски го бара, односно предвремени избори.
– Не мора со Мицкоски да се договориме за некои прашања, но треба да разговараме. На земјава ѝ треба попис како леб, за економски параметри, за децентрализацијата, за рамномерната распределба по региони, за креирање здравствени и културни политики. Не можете да избегате од овие прашања. Треба и за Изборниот законик да се договориме, не можеме да зборуваме за предвремени избори, а да не се договориме прво за Изборен законик. Немам намера да исполнувам желби за предвремени избори, иако знам дека ќе победам и сум убеден во тоа,рече Заев додавајќи дека Мицкоски нема шанси пред „успешна Влада која ја внела Македонија во НАТО и која почнала преговори со ЕУ“.
АРСОВСКИ: АКО СЕ ДОКАЖЕ ВМЕШАНОСТ НА ЈАНЕВА, ПРИТИСОКОТ ЌЕ ПАДНЕ НА ЗАЕВ
Политичкиот аналитичар Петар Арсовски, смета дека аферата „Рекет“ сега засега нема капацитет да ја разниша власта, затоа што се работи за истражна постапка, односно немало обиди аферата да се прикрие. Сепак, додава, ако се докаже вмешаност на Јанева, тогаш притисокот ќе се пренасочи на Заев, кој денес рече дека стои зад специјалната јавна обвинителка.
– Ако се покаже дека Јанева е вмешана, тогаш на Заев ќе падне посериозен политички притисок затоа што ја штител, вели Арсовски.
Според него, нема основ во овој момент да се разговара за предвремени избори поради битните одлуки за интеграциите кои треба да се донесат до крајот на годинава.