Текстот е објавен на 17 ноември 2021 година, во неделникот Фокус во бројот 1.363.
Пишува: Валентина ВУРМО
Додека сите беа во исчекување на денот „Д“, 11 ноември, кога во Собранието требаше се одлучи дали владата ќе падне или не, вниманието за момент го украде една акција на Управата за финансиска полиција.
Поточно, изутрината осамна информација дека бил извршен претрес во стан на татко на пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Јован Јаулески.
И додека јавноста се обидуваше да ги склопи коцките, од Управата за финансиска полиција се оправдаа дека целта не им бил татко на пратеник, па за тоа да го темпираат терминот за претресот, туку упаднале кај вработен во ЕВН Електрани, и тоа поради предистрага за сомнителни трансакции.
Оперативните информации на истражителите биле дека во станот живее раководител вработен во ЕВН, а утринското скокање на нозе во 5 часот наутро, му дошло како гратис будење на синот пратеник, кој решил да преноќи кај своите родители, бидејќи формално престојувал на сосема друга адреса.
Но, овој детаљ е можеби и најспоредниот во приказната. Она што е важно е дека предметот, кој сѐ уште е во најрана фаза, односно предистрага, засега има два тека.
Едниот, кој е опиплив, е дека се истражува продажба на десетина ниви во Делчевско, за багателни цени, кои, пак, за неколку дена експресно се препродаваат за екстремно висока цена, кој носи 1,6 милиони евра ќар.
Другиот тек, кој засега е само фиктивен, е дека со овие пари наводно се финансирала ВМРО-ДПМНЕ, за изборната кампања за локалните избори.
Сомнежите се сериозни, но, за жал, или за нечија среќа, тие досега се недокажани, а речиси и да не постои шанса тоа да биде сторено.
КУПИЛЕ НИВИ ЗА 30.000 ЕВРА, ГИ ПРЕПРОДАЛЕ ЗА 1,6 МИЛИОН ЕВРА
Но, да почнеме од почеток. Истражните органи на почетокот на октомври, или две недели пред првиот круг на локалните избори, се алармираат дека во Делчевско се случила препродажба на десетина ниви, на вкупна површина од 150.000 квадратни метри, за кои биле платени од 20.000 до 30.000 евра, а потоа експресно биле препродадени за неверојатни 1,6 милион евра.
Според извори на „Фокус“, првиот аларм светнал во Општина Делчево, кога дошло на ред да се плати данокот. Па, така се фатиле за глава кога за имот, на кој пазарната цена му била 2-3 милиони денари, бил продаден за над 95 милиони денари.
Од општината решиле милионската нелогичност, сметана во евра, да ја пријават кај министерот што се залага за борба против корупција, односно кај вицепремиерот Љупчо Николовски.
Од неговиот кабинет ни ја потврдија информацијата.
-Претставката за случајот за сомнителен пренос на недвижен имот на ЕВН до кабинетот на вицепремиерот Љупчо Николовски пристигна на почетокот на месец октомври од страна на Општина Делчево. Се работи за препродавање земјиште преку сомнителни трансакции на парични средства меѓу ЕВН Електрани Македонија ДООЕЛ Скопје и повеќе физички лица.
Претставката беше детално разгледана, при што доставените материјали укажуваа на постоење индиции на незаконитости и проневери во милионски суми од организирани групи, ни одговорија од кабинетот на Николовски.
Оттаму додаваат дека сите документи биле предадени на надлежните институции.
-Со цел понатамошно постапување, целокупниот материјал што пристигна до мојот кабинет беше веднаш доставен до надлежните институции, во случајот Управата за финансиска полиција.
Борбата против корупцијата и криминалот е процес што бара максимална вклученост и координираност со сите надлежни институции, очекувам ефикасна истрага и брза разрешница на случајот, вели Николовски.
ВМЕШАНИ БОДИГАРД НА МИЦКОСКИ И ПОРАНЕШЕН СОВЕТНИК
Како што неофицијално дознава „Фокус“ од доброупатени извори, во сомнителната купопродажба се вклучени неколкумина, од кои повеќето, за волја на вистината, се блиски до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Поточно, тројца делчевци, поранешен општински советник од ВМРО-ДПМНЕ, бодигард од обезбедувањето на Мицкоски и неговата сопруга, на почетокот на септември окрупнуваат и „купуваат“ десетина ниви, распослани на дури 50 катастарски парцели, во кои увид има „Фокус“, а во местата викани Дестански бавчи, Долги ливади, Витковец…, кои биле во сопственост на неколкумина жители на Делчево.
Засега е нејасно како, но купувачите ги убедуваат сопствениците да им ги подарат нивите, со склучени договори за подарок, а во кеш им исплатиле вкупна сума од 20.000 до 30.000 евра, или за квадрат земја добиле по половина евро.
За неполни десетина дена, пак, новите сопственици успеваат земјиштето да ѝ го продадат на компанијата ЕВН Електрани, која имала потреба од вакви ниви за да постави фотоволтаици. Тие, пак, зделката ја склучиле со наплаќање на 18 до 20 евра за квадрат.
Истрагата допрва треба да покаже дали промената на сопствениците воопшто била запишана во Катастар, бидејќи се одвивала многу бргу, но она што е многу поважно е дека продажбата во ЕВН поминува мазно, без некој да реагира за цената.
Според сознанија од предистрагата, линкот од тројката делчевци до купувачите во ЕВН, бил лик кој повторно важи за познаник на Мицкоски, односно за човек од доверба.
Како што дознаваме, понудата за земјиштето површно го поминува Управниот одбор на ЕВН, а Надзорниот одбор ја одобрува купопродажбата, без да се посомневаат за можна измама.
Тука се допира и до вработените во ЕВН Електрани, од кои едниот важи за близок до најголемата опозициска партија, во која извршувал неколку функции, како и син на поранешен градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Откако продажбата е аминувана, парите легнуваат на сметките на тројката од Делчево. Но, наместо аматерски да ги извадат парите, како што дознаваме, дел од нив ги пренасочува кон повеќе сметки, како позајмици, а само еден дел е изваден во кеш.
Докази, пак, дека овие пари на крајот завршиле во партиската каса на ВМРО-ДПМНЕ засега не постојат, иако тука е сомнежот на истражните органи, бидејќи се вмешани блиски луѓе до Мицкоски.
Токму затоа и истрагата засега е насочена кон кривичните дела „Злоупотреба на службената положба и овластување“ и „Помагање“, а не и за кривичното дело „Незаконско финансирање на политичка партија“.
ЗАСЕГА НЕМА ДОКАЗИ ЗА НЕЛЕГАЛНО ФИНАНСИРАЊЕ
За ова директно обвинија и од СДСМ, односно пратеничката Славјанка Петровска на прес-конференција истакна дека блиски до Мицкоски биле вмешани во нелегално финансирање на партијата, меѓу кои, членови на обезбедувањето на лидерот на партијата, како и функционери на ВМРО-ДПМНЕ.
-Јавноста е запознаена дека Управата за финансиска полиција има отворено предистрага за нелегално финансирање политичка партија. Станува збор за голем скандал.
Според јавно објавените информации, преку препродажба на ниви по десеткратно повисока цена обезбедени се милионски средства, на нелегален, криминален начин. Постои основано сомневање дека на крајот овие црни пари завршиле во Белиот дворец, изјави Петровска.
Таа праша и дали во овој скандал на нелегално финансирање биле вмешани и лица блиски до Мицкоски.
-Дали меѓу тие лица се и членови на обезбедувањето на Мицкоски и функционери на ВМРО-ДПМНЕ? Очекуваме одговори и од Мицкоски: каква е неговата поврзаност со овој скандал?, праша пратеничката.
Но, на прашањето од „Фокус“ до СДСМ, како според нив ќе се докаже нелегалното финансирање, кога засега нема докази во таа насока, оттаму посочуваат дека тие не се истражен орган и дека само споделиле своите сомнежи, а надлежните институции треба да го расчистат случајот во целост.
Од Управата, пак, засега споделуваат малку информации, бидејќи предистрагите се тајни.
-Управата за финансиска полиција, во координација со Основното јавно обвинителство Скопје врши проверки во рамки на предистражна постапка, а по претходно добиени сознанија за извршени сомнителните трансакции на парични средства помеѓу ЕВН ЕЛЕКТРАНИ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Скопје и повеќе физички лица, соопштија од Управата.
КАКО БИЛА ПРОБИЕНА АКЦИЈАТА?
Осомничените веќе биле повикани на разговор и дел од нив тврделе дека не се познавале меѓусебно, но, како што дознаваме, фотографиите, имејл-комуникацијата и листинзите од мобилните телефони го докажуваат токму спротивното.
Исто така, од сигурни извори дознаваме дека акцијата била пробиена, односно осомничените еден ден претходно ги замениле своите телефони со нови.
Иако предметот е во рана фаза на истражување, сепак, не се очекува допрва да се приберат значајни докази, особено околноста со незаконското финансирање на партијата.
Но, сепак, уште сега е познато дека ова не е единствениот ваков случај.
„Фокус“ дознава дека биле забележани уште неколку сомнителни трансакции, и тоа по речиси идентично сценарио. Неофицијално, ЕВН Електрани купила уште земјишта, но како продавачи, наместо физички лица, се јавуваат приватни фирми.
До каде и до кого ќе допрат овие истраги останува да покаже времето, но уште сега е јасно дека сомнежите за нелегално партиско финансирање без докази не се доволни пред суд за да се докаже нечија вина.
За црни пари во изборната кампања обвини и премиерот Зоран Заев.
–Беа видливи многу пари кај опозицијата дојдени од надвор од политички и економски причини, а дел од големите пари ги добија и од домашни бизнисмени заради идни лични финансиски интереси и планови. Жалам што сите овие пари се значајна причина за ваквиот резултат на изборите“, рече Заев.
Доколку Заев ова го кажеше од позиција на опозиција, ќе беше разбирливо. Но, додека си премиер, а го обвинуваш конкурентот кој е во опозиција за црни пари, тогаш логично се поставува прашањето, зошто надлежните институции не го запреле?
Вака излегува дека сите знаеле за црните куферчиња и дозволиле да им поминат пред очи! Не рекол народот за џабе: „Што си посеал, тоа ќе си жнееш“!
ВМРО-ДПМНЕ: СЕКОЈ ШТО СЕ ОГРЕШИЛ ПРЕД ЗАКОНОТ ТРЕБА ДА ОДГОВАРА
За обвинувањата од СДСМ, дека во последната акција на Управата за финансиска полиција, се вмешани луѓе блиски до лидерот Мицкоски, а парите наводно се користеле за финансирање на партијата, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека СДСМ не е истражен орган, туку политичка партија.
–Само ако СДСМ е претворена во истражен орган од политичка партија би можела да има информации од предистрага, како што ми го поставивте прашањето.
Ние такви информации немаме, но во секој случај, секој што се огрешил пред законот треба да се најде пред лицето на правдата, вклучително и криминалната банда со државни функции заштитена од Зоран Заев, кои ја девастираат Македонија, држава во која снемува струја поради камиони на бате, а за пеплосување на 14 пациенти во болница обвинија кабел, ни изјави Наум Стоилковски, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.