Текстот е објавен на 27 октомври, 2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1151
Пишува: Александар ДИМИТРОВ
Македонија полека и макотрпно почнува да се гради за да биде нормална, слободна, демократска, правна, граѓанска, мултиетничка, развиена евроатлантска држава. А за тоа да биде, за почеток, неопходно е итно да се почне со клучните реформи од „Итните реформски приоритети“ врз основа на „Извештајот на Прибе“, но и со целосно исполнување на Договорите од Пржино (СЈО и расчистување со прислушувањето!). Ќе ни треба и силна поддршка и помош од НАТО, ЕУ, САД, Германија и другите наши меѓународни пријатели во остварувањето на овие витални интереси и потреби на нашата земја и македонските граѓани.
Реалноста станува пооптимистичка. Македонија не е веќе „заробена“ и киднапирана држава. Да се надеваме, и никогаш повеќе нема да биде. Оптимизмот значително порасна по локалните избори во кои ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот засега, но не за долго, лидер Никола Груевски, претрпеа тотален дебакл и пораз. Груевизмот е отфрлен и станува минато. Диктаторскиот режим на „фирерот“, сесрдно помаган и поддржуван од послушниот соучесник, сѐ уште претседателот д-р Ѓорге Иванов – го срушија граѓаните. А за целосно да се досруши, останува уште еден негов потпорен „столб“ – Хорхе. И на двајцата, речиси воопшто не им беше ниту до ЕУ, ниту до НАТО, ниту пак до решавање на спорот со името. Поради недемократската, авторитарна и тоталирана власт Македонија остана закопана самата во себе на балканските ветрометини, со крајно еродирана меѓународна позиција и углед.
За среќа, антинатовскиот, антиевропскиот и антиамериканскиот, но и недобрососедскиот филм во Македонија заврши. Во кој, Пастирот и Хорхе, „копијата верна на оригиналот“, ги имаа, кој поголемата, кој помалата – главните улоги. И двајцата глумеа национално-популистички патриоти, самопрогласувајќи се за единствени заштитници на името и на македонскиот идентитет.
ПРВИОТ МАНДАТ – ФИЈАСКО И ЕДНО ГОЛЕМО НИШТО!
Дојде од никаде, а многу веројатно, изгледа – и таму ќе заврши!
Кога во јануари 2009 година ВМРО-ДПМНЕ го „лансираше“ анонимниот и нехаризматичен професор на Правниот факултет Ѓорге Иванов за претседателски кандидат, го претставуваа како натпартиска и непартиска личност кој ќе ја довел Македонија до ЕУ и НАТО. Тие што поверуваа на оваа прикаска, гадно погрешија. Очигледно, доволно не го познаваа. Ја заборавија поговорката „Дај му на човек власт, ќе видиш колку вреди“. Тогаш, „непартискиот“ Иванов искрено им се заблагодари. На прашањето „Каква е разликата во владеењето на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ“?, како од пушка одговори: „Како што е разликата меѓу Сонце и Месечина“. Што сега ќе прави кога Месечината е на власт, а Сонцето му се помрачи – тој нека му ја мисли. Кога ич не мислеше кога требаше.
Првиот претседателски мандат на Иванов беше тотален „фијаско“ и фалименто – и за него и за Македонија. Едно големо ништо! Одбра, а поинаку и не можеше, не знаеше и не смееше, да биде послушен, безгласен и покорен претседател. Формално на врвот, а всушност длабоко долу во подножјето, бидејќи на врвот имаше место само за еден – за Груевски. Неговиот ментор, „газда“ и „Светец-заштитник“. Наместо „Татко на сите граѓани“, се претвори и прифати да биде послушно „Дете на Пастирот“.
Како меур од сапуница се распукаа сите негови ветувања. „Мојата политичка агенда е јасна и недвосмислена: Македонија членка на НАТО и на ЕУ, силна, почитувана и рамноправна, а нејзините граѓани горди, богати и среќни“. Напротив, и тој и шефот тивко ја (ре)дефинираа македонска надворешна политика и наместо во евроатлантските интеграции, којзнае каде сакаа да ја однесат. Хорхе уште во првиот мандат се испокара со сите и Македонија од сите ја оддалечи. Со Грција, која донекаде со право си го заслужи, но и со другите соседи. Ама, и НАТО, ЕУ, Обединетите нации, ОБСЕ, САД, Германија, Франција, Англија… му станаа објект на нервозно истурање на неговиот бес и фрустрации. Во духот на неговата мисла водилка „Гледај Русија, пиши Македонија“ тогаш се насетуваше, а последниве две-три години и се потврди, бриши НАТО и ЕУ.
СЛОБОДАТА И ДЕМОКРАТИЈАТА НЕ ЖИВЕАТ ОВДЕ!
Хорхе и овде беше во кавга со сите. Со опозицијата, со албанските партии, со новинарите, со граѓаните. Со сите што не му беа по ќеиф. Речиси воопшто не му беше гајле што се случува во македонската држава и општество. Сериозно се влошуваа човековите права и слободи. Се урниса демократијата, правната држава и владеењето на правото. Збор не кажа за „црниот понеделник“ (24 декември 2012) кога од Собранието насилно беа исфрлени пратениците на опозицијата и новинарите. Тоа беше првиот државен удар кој го направи власта на ВМРО-ДПМНЕ, по што во Македонија почна крајно сериозната политичка, демократска и економска криза. Длабоката поделеност на граѓаните, нивната сиромаштија, како и влошените меѓуетнички односи – тој воопшто не ги виде.
Збор не кажа за расфрлањето пари на граѓаните за контроверзниот проект „Скопје 2014“. Ниту за запирањето на пописот на населението. И за околу 900-те закони што власта ги донесе. На ниту еден Иванов не се осмели да се спротивстави, и покрај неуставноста или силните реакции на јавноста. А токму со тие закони, наместо реформирана станувавме „деформирана“ држава. И медиумските слободи постојано опаѓаа. Слободата и среќата на луѓето станаа мислена именка и забранета тема.
ХОРХЕ, ПРЕТСЕДАТЕЛ НА РЕЗИДЕНЦИЈАТА!
Во целиот прв мандат, а се потврди и во досегашниот втор мандат, Иванов беше само послушен претседател по мерка на Груевски. Вирееше во неговата сенка. Хорхе беше вистински независен. Од него, ама баш ништо не зависеше. Неискуството, незнаењето, кукавичлакот и неодлучноста вешто ги компензираше со апологетска и слепа послушност. Од „Еден претседател за сите“ многу брзо стана „Еден претседател за Груевски“. Покажа и докажа дека на Македонија воопшто не ѝ треба претседател. Иванов, петте години од првиот мандат, буквално ги преспа. Камо среќа да продолжеше да спие.
Да, да, Хорхе целосно се вклопи и доказ е на исправноста на Петеровиот принцип: „Секој се издига до нивото на сопствената неспособност“!
Но, тој не се дава. Се занесе дека е вистински лидер. Демек, „Луѓето сакаат да видат човек лидер кој може да води држава“. Се виде каде и на какво дереџе ја однесе! Самиот се прогласи за „Смарт пауер“. А остана заглавен во омилениот му лифт. Тргна да ја гради Македонија во височина, а и тој и Пастирот завршија во – бездна. Беспримерно самофалејќи се дека е рекордер во средби со светски државници, постојано нагласуваше дека тие му оддавале „признание“ за неговото лидерство. Кутриот. Стара мудрост е: „Човек не е она што мисли дека е, туку она што другите мислат за него“. И како го доживуваат.
Кај да одеше, најчесто на форуми, собираше почести кои во светот му ги укажувале. И, иако не бил фалбаџија, нескромно се фалеше дека е почесен професор и почесен доктор на науки на разно-разни, според него врвни светски универзитети и светски академии. И дека добивал бројни признанија, ордени, медали и награди од меѓународни институции и од цркви.
Како и неговиот ментор Пастирот, и Хорхе страдаше од „синдромот на невиност“. Редеа само победи и успеси, а сериозните тешкотии и неуспеси – го ставаа под тепих. Сите им беа виновни, само тие – невини. Со постојаните самопофалби за сопствената огромна улога и непроценлив придонес. Чесноста, одговорноста и отчетноста, се подразбираа.
БАРЕМ ПО „ХОРХИЗМИТЕ“ ОД „МУДРОТЕКАТА“ ЌЕ ГО ПАМТИМЕ!
Иванов е вистински „гаф-мајстор“. Многу често на секоја негова трапава и недоосмислена изјава, следуваа дообјаснувања и деманти, понекогаш и по два-три. Сѐ нешто погрешно бил разбран. Се редеа и скандали. Дури и куртоазните средби од нога по приеми или ходници, ги претставуваше како содржајни и значајни разговори. Пречесто и премногу, недолично се служеше со полувистини, подметнувања и „рекла-казала“ во настојувањето да ја оцрни опозицијата и да ја глорифицира власта.
Ама, барем воопшто не е точно дека Иванов ништо не направи за Македонија. Со него ептен ни беше и забавно и жално. Неговите премудри мисли и бисери, нѐ засмејуваа до солзи, а плачевме смеејќи се. Не само „разумниот компромис“, „шашавата космодиск демократија“, „намигнувањето со Обама“, Паљурци и Античка Македонија, или „погубниот синдром на сервилност“. И за „Московјаните кои зборувале на ист јазик како древните Македонци“. Не, Хорхе воопшто не е за потсмев. Ние сме за плачење. Жалосно, но вистинито.
И ВТОРИОТ МАНДАТ – ЕДНО ГОЛЕМО КАТАСТРОФАЛНО НИШТО!
Историјата секогаш се повторува. Првпат како трагедија, вторпат како фарса. Во Македонија, и едното и другото, често и заедно и истовремено.
Скриен и уплашен, до последен момент во стрес ги помина тешките премрежја дали ќе ја добие милоста на Груевски. И, пред три ипол години, тој беше повторно изгласан и прогласен за избран за старо-нов шеф на државата. Во постапка која никој – и овде кај нас, и во меѓународната заедница – освен Груевски и ВМРО-ДПМНЕ – не ја оцени за фер, демократска и слободна. Само тие двајцата, она што требаше да личи на избори, го прогласија за голема двојна победа. Им стана – Пирова победа! А „новата“ програма беше со слоган „Државата пред сѐ“. Жолчната кампања беше рутина за него, оти и не мораше многу да се напрега. Хорхе, најверојатно по команда „Не го оставајте сам, ќе ја уплеска“, постојано беше со „газдата“ и со некој од министрите. Сите биле „дрим-тимот Македонија“, во кој толку се самопонижи да биде статист.
Како и да е, со помош на изборни „трикови и маѓии“ кои подоцна со „Бомбите“ се разоткрија, Иванов го „победи“ политичкиот и морален победник, кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски, чиј слоган беше „Македонија заслужува претседател“, бидејќи Иванов не заслужува тоа да биде.
Хорхе како да се препозна и поверува во тоа што му беше напишано. Дека е вистинскиот кандидат кој и во наредните пет години најдостојно ќе ја претставува Македонија. Па уште и порача. Меѓу два мандата, „јас не земам здив, туку земам залет“. И толку се залета, што отиде во Вселената!
НЕЛЕГИТИМЕН И БОЈКОТИРАН ПРЕТСЕДАТЕЛ!
По фарсата наречена претседателски избори, Иванов стана нелегитимен и бојкотиран претседател. Не го признаваа ниту СДСМ, ниту ДУИ. За СДСМ тој е нелегитимен претседател бидејќи бил избран на криминални и фалсификувани избори. Државата во длабока криза, а тој само нем сведок. Плус, да имал барем малку човечка а не политичка доблест, ќе си поднел оставка кога бил потпишан Договорот од Пржино. И за ДУИ, делот од секоја власт, е нелегитимен претседател кој ја нема поддршката на втората по големина етничка заедница. Се разбира, и за мнозинството македонски граѓани тој нема легитимитет. Тие воопшто не го есапат.
Како што се усложнуваше политичката криза со „Бомбите“ кои тогаш лидерот на опозицијата Зоран Заев ги објавуваше, разоткривајќи го мега-скандалот „Прислушување“ на околу 26.000 граѓани, и Хорхе се повеќе стануваше и преплашен и дезориентиран. Тој страв се зголемуваше бидејќи и тој, помалку или повеќе, бил помагач и поддржувач на неуставното и незаконско, но и авторитарно, недемократско, криминално и коруптивно владеење на Груевски и Фамилијата. Тој заедно со врхушката на ВМРО-ДПМНЕ создаде диктаторски режим и мафијашко „злосторничко здружение“. Наместо да делува, тој се однесуваше – „Државата гори, Хорхе говори“. Се обраќаше во полупразното Собрание. Исто како и неговите говори. Своевидна „турли-тава“ од фрази и мудрувања.
Држеше претседателско-професорски „лекции“ и читаше „есејчиња“ за сѐ и сешто, само не за тоа што ѝ се случува на Македонија и ги мачи и загрижува слободољубивите и демократски македонски граѓани. Знак на политичко „слепило“. Без трошка самокритика и бегајќи од одговорност, продолжи да се однесува „како да не е од овде“. Како и пастирот, и тој делуваше „издишано“, или недоволно „напумпано“. Главно, остро ги напаѓаше лидерите на СДСМ и ДУИ Зоран Заев и Али Ахмети кои ја загрозиле „сувереноста и независноста“ на земјата. И тој, како и неговиот „шеф“, за сѐ го обвинуваше Заев. Плус, тврдеше дека е уплашен да не оди во затвор.
ИВАНОВ Е ГОЛЕМ „ДРЖАВНИК“, СИЛНО СЕ „ДРЖИ“ ЗА ГРУЕВСКИ!
За кого сега ќе се „држи“ Хорхе? За Заев? Таман работа!
Неговите говори станаа евтини и инфантилни прикаски. Во најдлабоката политичка криза, носителот на меѓународното претставување на државата во земјата и во странство – не успеа. Договорот од Пржино за него е како несакано дете. Чие е, нека си го чува! А кутриот Иванов, ништо не слушнал ниту за прислушувањето. Зборовите му изгубија секакво значење. Хорхе за сѐ „гласно молчи“ и „тивко грми“, бидејќи не му била важна личната кариера, туку иднината на Македонија. А самиот, си кажа: „Кој за што си го бива“. Точно е, „Човекот ја прави институцијата“, но и ја расипува. Ама, и „Институцијата не го прави човекот“.
Повеќето негови говори беа катастрофално штетни. За настаните во кумановското „Диво насеље“, за „славната“ му Аболиција кога сакаше да ги помилува злосторниците, неколкуте „Уставокршителни“ од „Мандатијадата“ и за серијата државни удари кои тој ги направи. Кога упорно не му го даваше, за на крајот да му го даде мандатот на Заев. И, конечно, она бесчувствително и во грч обраќање ноќта на „Крвавиот четврток“. Налудничаво осмислениот и морничав терористички „парламентарен пуч“, со обиди за убиства, за да се сруши уставниот поредок.
На сите им стана јасно зошто секое обраќање на Хорхе предизвикува повраќање. Таков е тој. Живее во виртуелен свет, скаран со реалноста. Со криење и пикање на главата како „ној во песок“. Зијанот му е преку гуша, ќарот ниту до колена! А умно си порачуваше „Да бидат свесни дека правдата ќе ги стигне. Никој нема да остане неказнет“. Независно што, како што кажа, македонската политика е оставена „на сурови луѓе кои безмилосно ќе газат и по трупови само за да останат на власт“.
Казната и него и „фирерот“ неминовно ги чека. Сега само се „препелкаат“ како „петлиња на буниште“. Огледалото на историјата тешко се крши! Без оглед што сега не било време за обвинување, туку за сплотеност и обединување. „Свилениот гајтан“ е исплетен. И Хорхе ќе мора конечно да го „исрка тоа што го дробел“. А премногу „дробеше“…
НЕМИНОВНО Е ЗАМИНУВАЊЕТО И НА ИВАНОВ!
Веќе и малите деца, овде и надвор, тоа го знаат. И на врапчињата им е јасно. По сѐ што ѝ направи на Македонија и на македонските граѓани, Иванов веќе не смее и не треба да остане претседател! Тоа го бара новото време. Во Македонија дојде животот во кој нема место за „безживотниот“ Хорхе. Со него, таков каков што е, не е можна никаква „инклузивна“ кохабитација. Како тој докажен антинатовец и антиевропеец ќе му помага на премиерот Заев за стратешките цели – членство во НАТО и почеток на преговори со ЕУ? Блокади уште може да прави. Па Хорхе на последните два самита на Алијансата не ни сакаше да оди, а ќе се гледал со Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг!? Како во Брисел ќе се среќава со претседатeлот на Европскиот совет Доналд Туск или со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Федерика Могерини, кога од Скопје ги истера и не сакаше да ги сослуша? Ќе сака ли со него да се сретне и еврокомесарот Јоханес Хан, кого тој „великодушно“ го упати на „Тврдокорните“? И, сега, како да му се верува?
КАКО ТОА ДА СЕ СЛУЧИ?
Релативно многу лесно и едноставно Хорхе може да си замине. Сѐ согласно Уставот и Кривичниот законик. Таму сѐ пишува. Само ќе треба или негова, или политичка волја и спремност на парламентарното мнозинство. Граѓаните тоа одамна го бараат и очекуваат.
Прво, Иванов да даде оставка. Тоа е најмалку веројатно, иако за него е политички најбезболно. Бидејќи тој постојано повикува да се жртвуваме исклучиво во интерес на Македонија, којзнае, можеби веќе благовремено ја напишал оставката? Ама не, тој си кажа „Власта и душата најтешко се испуштаат“.
Второ, во Собранието да отпочне постапка за негов импичмент за сѐ што правеше и не правеше. За непочитување на Уставот и на основните демократски принципи. Се разбира, тогаш кога во парлементот ќе има мнозинство и Уставниот суд ќе биде спремен. А ќе биде, за некој месец.
Трето, истрага на ОЈО, по што би следеле сериозни обвинувања и кривична одговорност за тешки дела. На пример, за неуставната и срамна Аболиција, за кршењето на Уставот со недавањето на мандатот и барањето услови. И за неговата и на Груевски инволвираност во „Крвавиот четврток“ и сериозните гласини дека како врховен командант требало да ја вади војската против граѓаните.
Е, ако се случи било која од овие варијанти, тогаш, зошто 2018 година да нема предвремени претседателски и парламентарни избори. Особено ако на следниот самит, во јули догодина, Македонија конечно стане 30 членка на НАТО.
Во спротивно, ќе го трпиме Хорхе уште година ипол. А потоа уште 10 години граѓаните ќе му даваат плата и ќе му плаќаат простории, возач, телохранители и советници. А самиот призна и зошто ги губел сите војни и битки. Не требало снага, туку ум!
Ако паметните секогаш попуштаат, будалите вечно ќе владеат!