(АРХИВА) Откако уривавме рекорди по невработеност, дојде време да увезуваме работна сила!

by Фокус

Текстот е објавен на 13 јули 2023 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1.449.

Македонија нема речиси никакви економски компаративни предности, освен евтината работна сила, која полека ја снемува. Затоа се бараат алтернативни решенија, како увозот на работници од помалку развиените држави. Според податоците што ги обезбеди „Фокус“, расте бројот на издадени дозволи за работници од странство во последните години. Но, растот би бил уште поголем ако се олеснат комплицираните бирократски процедури. Дури и да купиме уште десетина години преку преквалификации, не можеме ги избегнеме ефектите од стареењето на нашето население.

Пишувал: Дејан АЗЕСКИ

Фабрики излепени со џиновски натписи „бараме работници“, радио и интернет-реклами во кои се нудат разни повластувања за нискоквалификувани и неквалификувани кадри, агенции што посредуваат при вработување и буквално ловат од онаа малку преостаната работна сила.

Ова се само дел од состојбите во нашата економија, кои за сите нас што се сеќаваме на времето од пред само пет или десет години, просто звучат неверојатно. Македонија беше најлош пример во Европа, а можеби и пошироко со стапка на невработеност, која одеше и до 38 проценти.

И тогаш нормално се анализираше дека тие бројки не се реални, туку дека сивата економија придонесуваше луѓето просто да не сакаат да работат за ниски плати, туку да користат државно здравствено осигурување, а да се занимаваат, на пример, со шверц од Турција.

Но, колку и многу да имало вистински шверцери и препродавачи, тоа не го менува фактот дека постојано се зборуваше само за некакво сигурно вработување, а најголема услуга на светот беше некој да те вработи.

Во суштина, така и дојдовме до оваа фаза во која сме со огромната моќ на политичките партии и натрупаната администрација, како главен нус-производ.

ЕКОНОМСКИ КОЛАПС БЕЗ НОВА КРВ

Но, и на тоа очигледно мораше да му дојде крајот. Па, сега сме во фаза на соочување со суровата реалност, а таа изгледа вака.

Нашата држава нема речиси никакви економски компаративни предности, освен евтината работна сила, која повеќе од сигурно ја снемува. Ние сме географски далеку и инфраструктурно лошо поврзани од нашите главни пазари.

Со Германија, па дури и со Србија и Бугарија, сѐ уште немаме адекватно железничко поврзување. Карго-аеродромите се само проект на хартија, а визионерскиот проект за поевтинување на транспортот преку изградбата на канали со Србија и Грција буквално ни изгледа како Дизниленд.

Немаме домашни суровини или тие што ги имаме се во рацете на странци. Најважно од сѐ, немаме образовен систем што може да гарантира продукција на адекватни кадри за следните генерации.

Економски гледано, тоа значи дека сите инпути ни стануваат толку ретки и скапи, што нема шанси да произведеме доволно евтин и квалитетен производ што би бил конкурентен на пазарите во развиените држави. Затоа и навистина ни е неопходен увоз на работници со сите потенцијални негативности што ги носи тој.

Според податоците што ги доби „Фокус“ од Министерството за внатрешни работи, бројот на издадени дозволи за работници од странство во Република Северна Македонија континуирано се зголемува.

Па така, во 2020 година, тој изнесувал 2.595 дозволи. Во 2021 година, пак, има скок на 3.028 дозволи, додека во 2022 година издадени се 3.643 дозволи за работници. Но, проблемот е што законски оваа бројка не смее да оди на повеќе од 5.000, и тоа кадри што потекнуваат само од дефицитарни струки, кои ги нема во евиденцијата на нашата Агенција за вработување.

Сево ова им дава големи главоболки на домашните компании, кои не се решаваат за увоз на работна сила единствено поради овие бројни бирократски пречки.

Ангел Димитров од компанијата „Мода Свети Николе“ вели дека мака мачат со каков било оглас за работници што ќе го објават.

Едноставно чудна ситуација се создаде на домашниот пазар на труд, каде што официјално има стотина илјади невработени, а реално никој не се јавува на огласите за работа. Навистина некој треба да истражи како тие лица што примаат социјална помош, одбиваат разни понуди за работа и дали работат на црно – посочува Димитров.

Тој додава и дека согласно постоечките законски регулативи, мошне тешко е да се донесе работник од странство.

Прво, квотите се многу ниски, а и да успееме да влеземе во тие квоти, процедурата е долга. Почнува од дипломатско-конзуларните претставништва, па додека да стигнеш до МВР, кај нас треба многу документи. Има фирми што веќе тоа го прават и тука во Свети Николе и во другите градови. Оваа бројка сигурно многу би се зголемила ако се создадат законски олеснувања. Засега најмногу градежната индустрија ги користи овие работници – појаснува Димитров.

Веројатно, поучени од искуствата со другите држави од овој регион, конзорциумот „Бехтел и Енка“ однапред бараше законски измени што ќе им овозможат многу пофлексибилен увоз и користење на работната сила.

Официјално, првично требаше да се направи исклучок само за нив, а потоа проструи идејата дека тоа ќе се прошири и на другите домашни компании. Засега уште не се знае што точно од сето тоа ќе биде реализирано, но дефинитивно е јасно дека потреба од какви било работници има.

СЕКНУВААТ РЕЗЕРВИТЕ СО РАБОТНИЦИ

Статистички гледано, процентот на невработеност во нашата држава за првпат по многу децении е паднат под 10 отсто. Тоа во реални бројки значи дека имаме нешто повеќе од сто илјади активни баратели на работа во моментов, а и таа бројка многу рапидно се намалува.

Според извори од Агенцијата за вработување, во оваа цифра доминираат лица што се многу слабо квалификувани, а поради своите години, тешко прифаќаат повторно да влезат во процесите на формално или неформално образование.

Тоа се во најголем дел последните преостанати генерации од социјалистичките загубари, кои реално само чекаат да поминат уште година или две за да стигнат до пензија.

Нормално, во оваа бројка од стотина илјади луѓе има и млади лица, има и магистри, па дури и доктори на науки, но нивната бројка, не само што е мала, туку и станува збор за лица што имаат специфични образовни карактеристики без поширока примена.

На пример, професори по македонски или албански јазик, кои реално можат да работат само во некое училиште и за тоа чекаат да се пензионира некој постар колега.

Сепак, има и луѓе што се директно инволвирани во економијата, а мислат надвор од рамката. Според директорот на дирекцијата за ТИРЗ, Јован Деспотовски, постојат барем уште три потенцијални адреси во нашата држава од каде што може да се црпи работна сила.

Првата се приватните компании, кои во моментов се во фаза на модернизација и трансформација. Тие, со преминување кон посовремена технологија, природно ослободуваат вишок на квалификуван кадар, кој е добар и за странците, бидејќи веќе работел во приватниот сектор.

Второ, администрацијата е потенцијален извор на добри кадри, кои привлечени од зголемените плати во приватниот сектор, сигурно ќе почне некаква миграција.

Трето, нашите кои скоро се заминати во странство, во голем дел би сакале да се вратат назад за добра плата и услови за работа. Во иднина, покрај увозот на работна сила, треба да работиме и на искористување и на сите овие луѓе – смета Деспотовски.

И вицепремиерот за економија, Фатмир Битиќи, неодамна во јавноста ја коментираше оваа тема, особено поради информациите дека се зема неплатено отсуство од администрацијата за да се оди на сезонска работа во Хрватска и во Грција. Тој предложи токму овие луѓе, кога ќе се вратат од странство, да им бидат некако понудени на фирмите во приватниот сектор.

Сепак, засега сево ова се само идеи. Да потсетиме темата за работна сила е отворена веќе десетина години, но потребата никогаш не била драматична како сега.

 

ОПАСНОСТИ ПО БЕЗБЕДНОСТА И ДЕМОГРАФИЈАТА?

Секогаш кога ќе се спомене масовно доаѓање бегалци или економски мигранти, особено од понеразвиените држави, се отвора и прашањето околу долгорочните импликации од ваквите политики. Веројатно сите потајно во главата го имаме француското сценарио, кое сѐ повеќе и почесто го гледаме преку ТВ-екраните.

Но, овде првично треба да се разграничи дека и да се зголемат квотите за увоз на работници, тоа нема да бидат некои драстични бројки. Повторно ќе бидат неколку до десетина илјади луѓе, барем така е неофицијално најавено.

Второ, станува збор за луѓе што веќе се под договор со некои светски агенции и кои ги селат овие истите работници (претежно градежници) таму каде што има потреба. Засега, нема најавено доаѓање цели семејства од Индија, Бангладеш или од Непал.

Тие што имаат повеќе искуство, велат дека најголемиот интерес за останување во Македонија и повлекување на семејствата има кај работниците од Турција, кои и по менталитет и култура на живеење, облекување и исхрана ни се поблиски од Пакистанците и веројатно затоа многу полесно се пронаоѓаат тука.

Реалноста е дека дури и да го избегнеме увозот на работници во оваа фаза и да успееме да купиме уште десетина години преку преквалификациите, пак не би можеле да ги избегнеме ефектите од стареење на нашето население.

Тоа, како и во сите европски држави, на крај ќе бара дополнителна надворешна работна сила. Сакале или нејќеле, дали за 20 или за 50 години, и ние ќе бидеме Франција според процентот на странско население.

Поврзани новости