Текстот е објавен на 26 јули 2019 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1242
Пишувала: Валентина ВУРМО
По осум дена бегање од реалноста, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева реши да го прекине својот молк, и да изусти нешто за истрагата „Рекет“, која и ја разниша специјалната фотелја.
На изненадување на јавноста, но не и на обвинителите, бидејќи дел од нив знаеле дека шефицата токму тој ден ќе ги посети, Јанева, како ништо да не се случило, се симна по скалите и застана пред објективите на камерите.
За разлика од останатите досегашни обраќања од пултот во СЈО, кога зад Јанева секогаш стоеја обвинителките Ленче Ристовска и Фатиме Фетаи, или пак целиот тим, сега шефицата стоеше сама. Оваа слика симболично ја дополни само едно шише вода „Пелистерка“, кое стоеше исправено пред Јанева.
Една недела претходно, од истото место, останатите обвинители едногласно порачаа дека СЈО не е само Катица. Со тоа што во вторникот ја оставија да стои сама, без да и го чуваат грбот, и потврдија дека биле сериозни.
ЈАНЕВА СЕ БРАНЕШЕ БЕЗ ПОДДРШКА ОД КОЛЕГИТЕ
Јанева прочита дека била чиста и дека не рекетирала, а не пропушти шанса и низ вода да го пушти Бојан Јовановски, иако до неодамна уживаше во неговото друштво. За нивната блискост и дружба сведочеа многубројните заеднички фотографии на социјалните мрежи.
Јанева се оправда дека како и многумина други, кои биле на државни позиции, се познавала со, како што рече, лицето Бојан Јовановски, но дека тоа не му давало за право да ја злоупотреби нејзината службена положба за да остварува одредени привилегии.
Откако обвинителката го прочита напишаното на два листа хартија, им заврте грб на новинарите и избега од нивните многубројни прашања.
Истото што им го прочита на новинарите, претходно им го кажала и на своите обвинители. Ги собрала на кафе, и пред нив се оправдала дека Боки ја злоупотребил. Обвинителите по објаснувањето буквално останале без зборови.
– Што да се каже на ова, беа нивните коментари.
Иако никој не и се спротивставил и не се осмелил да постави прашања, сепак повеќе од сигурно е дека и оние малкумина кои се крстеа во неа, веќе не го прават тоа. Во неофицијални разговори, признаваат дека се чувствуваат разочарано и искористено.
Јанева се оправда и дека свесно се сокрила, бидејќи не сакала да создаде впечаток дека прави притисок или дека се меша во истражните дејствија за случајот „Рекет“.
Ова е верзијата на Јанева, онаа пак за која се погласно се шпекулира, е дека таа исчезнала за да се договори стратегијата за нејзин спас.
Многу веројатно е дека тоа што го прекина боледувањето и се врати да шефува, може да значи дека добила гаранција дека истрагата нема да се прошири и за неа. Ќе го истера мандатот до 15 септември и потоа ќе се повлече во илегала.
Другата верзија, пак, е Јанева до крајот на мандатот да не се „чепка“, бидејќи тоа ќе значи и предвремен клуч за СЈО, бидејќи по закон, единствено таа има овластување да потпишува наредби, решенија, барања и слично. Дури и да овласти некој од обвинителите, за секоја одлука ќе мора да биде консултирана.
Ова би значело врзување на рацете на СЈО.
Јанева официјално сѐ уште не добила повик од колешката Вилма Русковска да се појави на распит, бидејќи најпрвин треба да ги проучи материјалите од вештачењето на нејзиниот мобилен телефон, како и видео и аудио снимките кои бизнисменот Орце Камчев ги снимил. Исто така, треба да ги сослуша и останатите сведоци, бизнисмени, кои деновиве се обратиле до Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција за да пријават рекет.
Обвинителката Русковска ја замолува јавноста за трпение, бидејќи, како што вели, истрагата ја води само неколку дена, а сите очекуваат експресно проширување.
– Не можам да кажам кои бизнисмени досега биле да сведочат, како и тоа што е најдено во телефонот на обвинителката. Исто така, сите очекуваат проширување на истрагата, а поминаа само неколку дена, вели Русковска, која бара трпение од јавноста.
И БИЗНИСМЕНОТ ГЛАВЧЕВ НА СВЕДОЧЕЊЕ КАЈ РУСКОВСКА
Иако Русковска не ги открива останатите бизнисмени кои освен Камчев досега пријавиле рекет, сепак „Фокус“ од доброупатени извори дознава дека и бизнисменот Томе Главчев бил да даде исказ. Бизнисменот Главчев, кој е од родниот крај на Јанева, Гевгелија, е еден од деветмината осомничени во истрагата на СЈО „Поштенска банка“. Во овој случај, од познатите ликови за пошироката јавност, е опфатен и поранешниот градоначалник на Кочани, Ратко Димитровски.
Оваа истрага СЈО ја отвори на 13 октомври 2018 година, а осомничените се гонеа за перење пари и злоупотреба на службената положба и овластување од 2001 до 2010 година, при што наводно ќариле околу 5 милиони евра.
На почетокот на 2001 година Љубчо Георгиевски, како претседател на Владата, Марјан Ѓорчев како вицепремиер и Никола Груевски како министер за финансии, со цел да го контролираат фактичкото функционирање на „Поштенска банка“, организирале во основањето на Банката, покрај „Македонска пошта“, која била во државна сопственост, да учествуваат и правни лица кои тие ги избрале – „Ноел Експорт импорт“ Гевгелија и печатницата „Европа 92“ Кочани.
На сопствениците на овие правни лица, на Томе Главчев и Ратко Димитровски, според обвинувањето на СЈО, им било кажано дека во основањето на банката нема да учествуваат со сопствени средства, туку со пари кои ќе ги обезбедат од кредити. Планот бил основањето на „Поштенска банка“ да не биде со средства на осомничените, туку со средства од други извори, што е спротивно на Законот за банки.
Иако СЈО за тројца од осомничените, меѓу кои и Главчев и Димитровски, бараше притвор, тврдејќи дека има сериозни сомнежи дека постои опасност да се влијае врз сведоците, сепак судијата на претходна постапка Сеад Реџепагиќ, не прифати. Беше донесена одлука само да им бидат одземени пасошите.
Иако СЈО на стартот на истрагата диктирало строгост, па инсистирало на притвор, за што и поднело жалба, набрзо шефицата Јанева омекнува, па по два-три месеци дава позитивно мислење за враќање на пасошот на Главчев, со образложение дека дава гаранција од еден милион евра, брифираат извори од СЈО.
Што кажал Главчев пред обвинителката Русковска засега се чува во тајност, но се шпекулира дека и тој пријавил рекет.
ДИРЕКТОРОТ НА МЕПСО, ВАСИЛЕВСКИ, КУПУВА СТАН ОД ОСОМНИЧЕНИОТ ГЛАВЧЕВ
Случајно или не, осомничениот Главчев и обвинителката Јанева, индиректно ги врзува и еден стан. По неполн месец од отворањето на истрагата за „Поштенска Банка“, на 2 ноември 2018 година, по барање на СЈО, Кривичниот суд го замрзнува имотот на Димитровски и Главчев, освен еден стан.
„Со мерката е обезбеден недвижен имот сопственост на правните лица Европа 92 ДООЕЛ Кочани и НОЕЛ експорт-импорт ДООЕЛ Гевгелија и имот на име на нивните сопственици, осомничените лица во истрагата, Ратко Димитровски и Томе Главчев. Воедно, обезбеден е и имот од други правни лица кај кои имаме сомневање дека се прелеала противправна имотна корист – ТУРИСТКО ДООЕЛ Кочани, БЕНТТОН ДООЕЛ експорт-импорт Гевгелија, НОЕЛ КОМПАНИ ДОО Гевгелија и НОЕЛ ПЛУС ДООЕЛ с.Стојаково-Богданци.
Со мерките на Судот се забранува отуѓување и располагање, а дејствијата се превземени со оглед на тоа што постои oпасност истиот имот да биде отуѓен до правосилно завршување на постапката, информираа тогаш од СЈО.
Иако самото обвинителство алармираше дека имотот е замрзнат за случајно да не се продаде, сепак, еден од становите во сопственост на осомничениот Главчев, односно на неговата компанија „Бенттон“, наводно со амин на обвинителката Јанева, останува нечепнат, односно не се бара негово замрзнување.
Овој стан на 31 октомври 2018 година добива нов сопственик, и тоа не било кој туку го купува актуелниот директор на МЕПСО, Сашо Василевски, за кого велат дека во тој период бил пријател со Јанева.
Според имотниот лист кој го поседува „Фокус“, станот кој веќе бил ставен под хипотека е во Скопје, со големина од 109 метри квадратни.
Василевски новиот стан го пријавил во анкетниот лист, но освен што посочил дека го купил за 80.000 евра, не навел каде се наоѓа станот и кога бил склучен купопродажниот договор.
Фокус“ се обиде да стапи во контакт со Василевски, но тој не одговараше на нашите телефонски повици. Не одговори ниту на нашата смс порака, со која го прашавме, дали не смета дека не е сомнително што купил стан од компанија на бизнисмен кој само пред неколку дена бил осомничен во истрага на СЈО, и тоа во период кога тој важеше за пријател на обвинителката Јанева? Одговор, до затворањето на овој број од неделникот, не добивме.
Станот не е единствената врска на Василевски со СЈО, за кој доколку Главчев пријавил, ќе треба да биде истражено како завршил во рацете на тогашниот пријател на Јанева.
Во ова обвинителство, од крајот на 2017 година, како стручен соработник е вработена и неговата ќерка.
ПАРИТЕ ЗА РЕКЕТ НЕ БИЛЕ ИЗВАДЕНИ ОД СМЕТКАТА НА КАМЧЕВ
Допрва ќе биде познато дали овој случај, „Поштенска Банка“, бил искористен за рекет, како што постои сомнеж дека за иста цел бил злоупотребен и случајот „Империја“.
Засега во истрагата за „Рекет“ се осомничени само две лица, и тоа Бојан Јовановски и Зоран Милевски – Кичеец, кои експресно завршија во притвор во „Шутка“. Обвинителството појасни дека осомничените се гонат за „Примање награда за противзаконито влијание“, а Јовановски плус и за кривичното дело „Перење пари и други приноси од казниво дело“.
Обвинителството на Русковска се алармираше откако бизнисменот Јордан Камчев пријавил дека му барале рекет од вкупно 8 милиони евра, од кои 1,5 милиони наводно биле исплатени.
Според податоците на обвинителството, сѐ почнало во ноември 2018 година, кога Јовановски, наводно искористувајќи ја својата блискост со јавен обвинител, во случајот Јанева, влијаел да се преземат мерки со кои ќе се олесни положбата на Камчев, како осомничен во случајот „Империја“. Улогата на Кичеец, пак, била да договара средби на Јовановски со Камчев и со неговата сопруга. Средбите се одржувале на повеќе локации, односно во домовите на Камчев и на Јовановски.
Дел од овие средби биле снимени од Камчев, а сега овие снимки се во рацете на Русковска. Наводно, Јовановски и Кичеец го уверувале Камчев и сопругата во влијанието што Боки го имал кај Јанева, па бидејќи биле доста убедливи, според обвинителството, во два наврати, бизнисменот им исплатил 1,5 милион евра. Иако во јавноста се тврдеше дека Камчев овие пари ги извадил од сопствената сметка, сепак дознаваме дека тоа не е точно, и дека само дел од нив, и тоа помала сума, е подигната од сметките на две лица со кои е во роднинска врска. Тогаш наводно финансиското разузнавање испратило абер во СЈО, но никој особено не се потресол од оваа информација. Можеби единствено, некој се израдувал!
Првичниот договор наводно бил Камчев за „услугата“ да исплати 8 милиони евра за запирање на истрагата против него, а доколку не можело да се запре истрагата, да се најдат барем олеснителни околности, услуга што требало да ја плати „само“ 5 милиони евра.
И на прва, иако сѐ тргнало подмачкано, набргу тиквата пукнала, односно во април 2019 година, Јовановски и Кичеец се посомневале дека Камчев може да „пропее“, односно сѐ да разоткрие, поради што и средбите запреле.
За десетина дена тоа и се случило. Камчев или сведокот, како што го нарекува обвинителката Русковска, се појавил во обвинителството и ја раскажал својата верзија на приказната. Обвинителството му поклонило верба, па врз основа на вербалните, но и материјалните докази, односно видео и аудиоснимки, ги ставиле под око Јовановски и Кичеец.
ОБВИНИТЕЛИ ОД СЈО ЌЕ СВЕДОЧАТ ПРОТИВ ШЕФИЦАТА
Дали обвинителката Јанева свесно била дел од случајот „Рекет“ или нејзиното име било само злоупотребено, е тестот што треба да го реши Русковска. Сепак, она што во никој случај не смее да се занемари е тоа што случајот „Империја“ го следеа низа нелогичности, за кои „Фокус“ веќе пишуваше.
Овој предмет, од крајот на 2018 година е во рацете на обвинителката Лиле Стефанова, откако го презеде од редовното обвинителство, а по најдени „бомби“ кои ја разоткриваат децениската „Империја“ на Камчев, но и екс директорот на УБК, Сашо Мијалков, бизнисменот Цветан Панделевски и уште неколкумина нивни соработници.
Сите тогаш ѝ честитаа на Јанева за храброста да ги уапси дотогаш недопирливите, но првиот впечаток набргу беше извалкан. Поточно, Јанева најпрвин го убедуваше судот дека осомничените мора да завршат во притвор, а потоа додека истрагата беше во најчувствителната фаза, односно сведоците се охрабруваа да соработуваат, бараше од судот осомничените да ги пушти во домашен притвор?!
Иако многумина ја прозиваа обвинителката Стефанова, сепак, сите одлуки се донесени и потпишани лично од Јанева, и тоа без консултација на својата колешка.
Одлуката Камчев од истражниот затвор „Скопје“ да замине во домашен притвор, а потоа и да му се даде дозвола за привремен пасош, се лични одлуки на Јанева. Периодот, пак, кога се носени се совпаѓа со „дилот“ кој го прават Камчев и Јовановски.
Како што веќе пишуваше „Фокус“, повикувајќи се на инсајдерски информации од СЈО, ваквата одлука на Јанева од нејзините подредени колеги била дочекана со разочарување и неверување. Против била и обвинителката Стефанова, која го водела предметот, но шефицата не го есапела нејзиното мислење, па сама одлучила дека е време затворската капија да се отвори за Камчев. Таа на колегиум пред сите соопштила дека Камчев ќе даде 3,5 милиони евра гаранција, но тоа не се случило.
Како втор шок доаѓа одлуката на Јанева, на почетокот на јуни, да му даде привремен пасош на осомничениот бизнисмен. Како што дознаваме, оваа одлука, исто како и претходната, ја донела без знаење на обвинителката Стефанова, која била на боледување.
Привремен пасош, по даденото зелено светло од Јанева, доби и уште еден од осомничените во „Империја“, односно бизнисменот Цветан Панделевски. Стефанова, како што дознаваме, се противела и на оваа одлука, и таа на адвокатите им велела дека не дава согласност, но веќе во другата канцеларија, таквата согласност била потпишана.
Освен за Камчев, во СЈО се шепоти дека Јанева истовремено го сменила и третманот кон Панделевски.
Дел од обвинителите со кои разговаравме, засега само неофицијално коментираат дека најпрвин мислеле дека шефицата се соочува со политички притисоци и дека се прават одредени калкулации со предметите за некакви повисоки државни цели, но веќе кон април, добиле сомнежи дека сепак зајакот се крие во нешто друго.
Затоа се очекува дел од нив да бидат повикани во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција и да сведочат. Дури тогаш сите карти ќе се отворат. Односно, ќе стане јасно дали Јанева навистина била злоупотребена од Боки, или таа ги злоупотребила сите останати обвинители и тимот на истражители и стручни соработници, од кои поголемиот дел искрено влегоа и дадоа огромна жртва во борбата со криминалот.
Тие се првите кои треба да почнат да извикуваат „Нема правда, нема мир“!