Текстот е објавен на 9 октомври, 2020 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1305
Како министерот, од човек со неколку афери со милионски суми на тендери и кој чекаше да биде сменет од министерската позиција, одеднаш стана главна политичка ѕвезда во државава? За предвремените парламентарни избори, кои требаше да се одржат на 12 април, иако се шпекулираше дека Филипче ќе биде носител на листа, неговото име не се најде на пратеничките листи. Како оправдување за тоа, лидерот Заев, во една емисија, истакна дека причината не се скандалите што излегоа во јавноста, туку короната, на која треба актуелниот министер да се посвети
Пишува Ирена МУЛАЧКА
При средината на декември, 2017 година, во лекарската фела почнаа да се вртат муабети дека неврохирургот Венко Филипче ќе биде новиот министер за здравство. На само еден час пред и официјално во влада да му биде соопштена веста дека тој ќе управува со овој сектор, „Фокус“ ја објави информацијата дека новиот министер за време на „владеењето“ на ВМРО-ДПМНЕ беше дел од професорскиот контрапленум, предводен од професорката Тања Каракамишева, како и тогашниот претседател на Советот на Општина Аеродром, од редовите на истата партија, Виктор Камиловски.
Иако не му одеше во прилог тоа што веста беше објавена толку кратко време пред неговото назначување, сепак тој најљубезно на телефон објасни која е причината и зошто се нашол на тој список.
Познато беше дека во владиниот кабинет, тој го советуваше премиерот Зоран Заев за здравствената политика, но, исто така, беше познато и наголемо се ширеа муабети дека беше советник и на поранешниот министер за здравство Никола Тодоров.
На изненадување на сите, но очигледно не и на луѓето блиски до Заев, Филипче го презеде ресорот здравство и во изјава за „Фокус“ се правдаше дека бил изманипулиран што потпишува, па така се нашол на листата од 30 професори-контрапленумци.
Тој во текот на десетгодишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ секогаш се држеше надвор од политичките случувања и ниту еднаш јавно, како повеќето негови колеги, не се спротивстави на лошите здравствени реформи на поранешната власт.
Исто така, Филипче не беше некој партиски човек кој виси по штабови, па затоа и беше чудно како се најде на таа позиција. Иако, многу очигледно е дека секогаш седи на две столчиња. За секој случај. Сепак, Заев најдобро знае што беше пресудно да го удостои со министерско столче.
Актуелниот министер по професија е неврохирург и надалеку познат по својата стручност, но затоа пак не толку познат по менаџерските способности. И по три и пол години уште останува нејасно која е причината што Филипче се најде на министерската фотелја, а слободно можеме да кажеме „благодарение“ на Ковид 19 си ја забетонира позицијата за уште еден мандат во владиниот кабинет на Заев.
При неговиот прв избор за министер, тој беше дочекан на нож од повеќето граѓани и негови колеги, па социјалните мрежи вриеја од негативни коментари. Иако никогаш јавно не ја споделувал својата партиска определба, тој беше доживуван како поблизок до вмровците, со оглед на тоа што никогаш не се спротивстави на лошите политики во здравството на владата на Никола Груевски.
Но, затоа, пак, неговиот втор избор беше дочекан на пиедестал од граѓаните, кои сметаат дека тој е главниот „спасител“ од опасниот непријател – корона вирусот?
ПАНДЕМИЈАТА МУ ДАВА ВТОРА ШАНСА
Како министерот Филипче од човек со неколку афери со милионски суми на тендери и кој чекаше да биде сменет од министерската позиција, одеднаш стана главна политичка ѕвезда во државата? Министерот со првото стапнување на функција набрзина ја раздрма новата влада со неколку скандали, која по цунамито од Груевски вети правда и еднакво општество за сите.
Дури и откако падна одлука за предвремени парламентарни избори, кои требаше да се одржат на 12 април, името на Филипче иако се шпекулираше како носител на листа, воопшто не се најде на пратеничките листи. Како оправдување за тоа, лидерот Заев, во една дебатна емисија, истакна дека причината не се скандалите што излегоа во јавноста, туку короната за која актуелниот министер треба да се посвети.
Но, сепак, Ковид 19 му даде втора шанса. На 26 февруари годинава одекна веста дека во Северна Македонија се појавил првиот случај на заразен од опасниот и смртоносен вирус, кој коси низ целиот свет. Тоа беше шок за сите, па, нормално, актуелниот министер со тогашниот технички премиер Оливер Спасовски на официјална прес-конференција во владата ја соопштија страшната вест. Тие информираа како вирусот дошол во земјава од Италија, дека жена е првата заразена и оттука почна сѐ, па и славата на неврохирургот.
Додека во дел низ земјите во светот секојдневно се броеја жртвите, министерот се појавуваше на две редовни прес-конференции во текот на денот, каде што со смирен тон, кој во тој момент им беше потребен на сите позади телевизиските екрани, поднесуваше детален извештај за состојбата со Ковид 19. На тој начин и со неговата смиреност, во тој страшен момент успеа да ги освои симпатиите кај повеќето граѓани. Поточно, сите го чекаа него за да се смират.
Во рок од само две недели, короната продолжи жестоко да напаѓа и по предлог на Комисијата за заразни болести, а со одлука на владата се стави клуч на детските градинки, училиштата, студентските домови, угостителските објекти, а се затворија и границите.
Филипче, пак, продолжуваше со истото темпо на известување, па неговите приврзаници формираа и фан група на социјалните медиуми и само ако некој од новинарите ја прокоментираше работата на актуелниот министер или, пак, кажеше дека нешто не функционира во здравството, веднаш беше ставен на отстрел.
Предвремените парламентарни избори отидоа во втор план, односно се одложија и сѐ во државата се прилагоди на опасната зараза, која демнеше од сите страни. Сепак, мораме да нагласиме дека тогаш бројките се движеа од 20 до 60 заразени и само во еден ден имаше 107 заболени, што се сметаше за рекорд.
Како и да е, цела држава беше под клуч, карантини од по неколку дена, полициски часови, никој не смееше да мрдне од дома. А, Македончето, според досегашните искуства, нели мора да го држиш под клуч за да не се зарази. Барем, повеќето.
Но, како што се приближуваа рундите на преговори околу новиот термин за предвремените парламентарни избори, така лека-полека една по една почнаа да се олабавуваат и рестриктивните мерки, а бројките на заразени да се покачуваат. Речиси, сѐ почна нормално да функционира, а ние стигнавме до бројка од 245 заразени во еден ден и над 800 вкупно починати досега.
Сепак, сега ги нема секојдневните пресови на министерот за здравство, освен што редовно стигнуваат деталните извештаи од ресорното Министерство, но затоа, пак, по изборите на 5 јули доби забетониран уште еден четиригодишен мандат, што нормално сега не беше изненадување за никој.
Факт е дека корона вирусот сите нѐ стави пред нови предизвици, но актуелниот министер се стави во улога на месија, па дојде до заклучок дека новинарите единствено треба да известуваат за бројките на заразени и починати, но не и да се занимаваат со проблемите во јавното здравство, поточно со тендерите, со работата на болниците, дали има доволно здравствени капацитети, какви тестови се користат, дали се точни, зошто толку многу луѓе умираат, оти сето тоа би значело дека се крева паника и се плаши народот.
Е па, работата на новинарите не е да фалат, туку и да критикуваат, да бидат коректор на тие што ја имаат моќта. А, на министерот Филипче славата му ја зголеми и моќта.
КОЈ Е ВСУШНОСТ ВЕНКО ФИЛИПЧЕ?
За разлика од своите колеги, кај кои уште од прва може да се забележи доза арогантност, суета и самобендисаност, тоа нема од прва да го забележите кај актуелниот министер за здравство. Тој може да се опише како шармантен и харизматичен скопски шмекер, кој навидум настапува наивно, со одредена доза на иронија.
Првиот човек во здравството секогаш и во секое време е спремен со новинарите да седне на кафе-муабет и да објасни што и како сработил, па затоа и секогаш ги добива првите позитивни коментари како отворен и транспарентен министер.
Но, зад неговата маска, честопати на површина се појавува неговата скриена суета, дрскост и иронија, ако некој се осмели да ја критикува неговата работа. Тогаш, од тој смирен министер пред телевизиските екрани, кој ги освои симпатиите на бабите, дедовците, мајките и татковците, одеднаш се појавува човек со повишен тон, видно изнервиран и лут што нема никаква споредба со тој кој пред кратко време давал изјава на телевизија.
Сличен став за неговиот карактер имаат и неговите блиски соработници, тврдејќи дека тој сака да ја контролира целата ситуација и не слуша никој од страна за каков било совет. Па така, уште на почетокот од неговото прво министерување, со брзина на светлината го напушти неговиот шеф на кабинет, кој кратко и јасно одговори на нашите прашања, дека се повлекува бидејќи се разидуваат во ставовите со првиот човек како да се водат здравствените политики во државата.
На Филипче не му одеше во прилог јавноста да биде информирана, па нормално се налути. Дел од неговите соработници тврдат дека тој одлучува на своја рака за што било и не го интересира што мислат другите за тоа, а да не зборуваме околу нивните ставови за тоа што сѐ сработил во овие три и пол години.
Но, тоа што мораме да му го признаеме е дека секогаш е тука кога во медиумите ќе излезе информација дека некој пациент има потреба од здравствена помош. Во таква ситуација, тој крева телефон, нормално со моќта што ја поседува им го спасил животот на многу деца и луѓе, кои реално имаат потреба од здравствена заштита, а на многу од нив животот им висел на конец.
Филипче со неговото доаѓање во Министерството за здравство си донесе своја екипа блиски соработници, кои се негови верни сенки, а слободно можеме да кажеме и дека користат совршени пиар-техники, па така редовно имејловите ни се претрупани со секојдневните активности на министерот и неговиот тим. Поточно, кога и да отвориш имејл, те бомбардираат десетици имејлови поврзани со неговите министерски обврски.
Тој е еден од луѓето што сака сѐ да држи под контрола, па така редовно најавува нови проекти, реформи, објавува фотографии од реновирани одделенија на болници, а, сѐ на сѐ, кога ќе се погледне што е сработено, ништо не е мрднато од мртва точка.
Инаку, првиот човек во здравството потекнува од семејство на познати лекари, а неговиот татко Илија, исто така, беше министер за здравство во владата на Бранко Црвенковски од 1994 до 1997 година, кога и поднесе оставка. За време на неговото министерување се случи голема афера со препакување на лекови со поминат рок, но немаше завршница, па сѐ остана во сферата на шпекулациите.
ТЕНДЕРСКИ СКАНДАЛИ
Откако неврохирургот и официјално ја презеде функцијата, тој стартуваше мошне амбициозно, секојдневно набројувајќи нови проекти кои ќе го кренат македонското здравство од дното. Упорно тврдеше дека не бил никаков советник на екс министерот, туку дека Тодоров го злоупотребил само неговото име. Пред три години во интервју за „Фокус“, како од пушка, „пукаше“ што сѐ ќе направи во јавното здравство, дека за една година на пациентите ќе им се врати довербата во македонскиот здравствен систем.
Единствено нешто на што експресно реагираше министерот беа само апелите за помош на децата на кои им беа потребни пари за лекување во странство. Тој веднаш реагираше до надлежните институции со цел да се спаси животот на едно болно дете. Но, затоа, пак, сѐ друго остана само празно ветување.
Доволна е само една прошетка по јавните здравствени установи низ државата да се види дека ништо не е променето. Дел од директорите само ги запоседнаа фотелјите и се однесуваат како каубојци, кои ја презеле власта во свои раце. Имаат зелено светло од министерот и ги забораваат првичните причини зошто се поставени на тоа место.
Откако Филипче седна на министерската фотелја, во јавноста „пукнаа“ скандали за речиси сите тендери што беа спроведени преку Министерството за здравство, со милионски суми, меѓу кои тендерот за набавка на биохемиски реагенси, потоа тендерот за набавка на вакцини, како и тендерот за набавка на инсулини.
Откако тендерите дојдоа во „мода“, наводно со цел постапката да биде транспарентна, тогаш на површина излегоа компаниите што најмногу ќарија од бизнис-колачот, иако се различни, во зависност од тоа кој е на власт. Секоја власт, нели, си има свои фирми миленички, па така и новата, чие министерство го предводи Филипче.
Само една година по неговото назначување „пукна“ скандалот со 35-милионскиот тендер за набавка на биохемиски реагенси, за која тогаш Филипче ни тврдеше дека нема ни „к“ од криминал. Сомневањата што се крие зад оваа бизнис-зделка се зголемија откако излезе информацијата дека на тендерот конкурирала само една компанија стара само четири месеци.
Тоа што беше симптоматично во целата приказна е што целата тендерска спецификација беше направена така што на неа да се пријави само една фирма. Тендерот тежок 35 милиони евра се најде под истрага на јавното обвинителство, но, како и по традиција, досега нема никаква разрешница.Тука беше и тендерот за вакцините тежок 10 милиони евра, како и тендерот за инсулин, бизнис-зделка вредна 25 милиони евра.
Пред само шест месеци се појави и аферата Шпанско село 2 на Водно, за која на прес-конференција, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски обвини дека министерот за здравство, заедно со сопругата, нејзините родители и газдата на фирмата „Синерџи“ – Горан Филипов се сосопственици на 11 катастарски парцели во Нерези, со вкупна површина од 13.506 квадратни метри.
Стоилковски велеше дека согласно урбанистичкиот план, за споменатите локации е предвидена намена А4, односно привремено сместување, а дека Филипче и останатите градат семејна куќа.
„Под привремено сместување се подразбира градби на хотели, мотели, викендички, старски домови и други објекти за привремено сместување. Ова, пак, е дијаметрално спротивно со истакнатата табла пред објектот што се гради и на која стои дека се гради семејна куќа. За семејна куќа треба да стои намена А1“, тврдеше тогаш Стоилковски.
Опозицијата тврди дека министерот и сопственикот на „Синерџи“, Филипов, со години споделуваат заеднички имоти, влегуваат во заеднички инвестиции, а Филипче му одобрува тендери. Во целиот овој скандал, опозиционерите го вмешаа и сегашниот нов заменик-министер за здравство Илир Хасани, кој веднаш демантираше.
Откако пред неколку дена во јавноста излезе деталниот извештај за заразени 243 во едно деноноќие, вмровците најавија дека размислуваат за интерпелација на старо-новиот министер.
Да не заборавиме дека сега на министерот му се заканува нов бран на заминување на лекари и медицински персонал од јавните здравствени установи. Само во време на корона кризата, според нашите информации, шест медицински сестри си заминале од Градската болница „8 Септември“, четири од Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување, лекари и медицински персонал од Детската клиника…
Здравствените работници не можат повеќе да ги поднесат условите во кои работат, иако првиот човек во здравството ветуваше „реформирање“ на веќе урнисаниот здравствен систем од претходната власт. Но, еве, поминаа четири години, сега товарот не може да го префрла на други.
Рамка1:
ЧЕТИРИ ГОДИНИ СЕ ЧЕКА ЗА РЕВИЗИЈА НА МЕДИЦИНСКАТА ОПРЕМА ОД 100 МИЛИОНИ ЕВРА
За време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, еден од најголемите скандали, кој тогашните опозиционери го нарекуваа пералница на пари, беше грандиозниот проект за медицинска опрема тежок вртоглави 100 милиони евра. Тоа што е уште пострашно во целата приказна е токму тие кои пред една година беа најгласни за овој, како што тврдеа, криминален проект, сега уста не отвораат на оваа тема.
Повеќе од четири години не се прави никаква ревизија за да се види дали набавените медицински апарати се преплатени и за колку пари. Филипче во интервју за „Фокус“ ветуваше дека ќе се разгледаат сите документи и ќе се реши тој страшен скандал, но досега останаа само неговите празни ветувања.
Рамка2:
НЕ СЕ ПОЈАВИ НА ШТРАЈКОТ НА ЛЕКАРИТЕ ВО 2012
Пред точно осум години, првото будење на јавноста против политиките на вмровците беше во 2012 година, кога повеќе од 1.200 лекари-специјалисти се кренаа на масовен штрајк против проектот плаќање по успешност, кој траеше повеќе од 50 дена на екстремно ниски температури.
Во тој период, познати беа имињата на сите лекари, кои јавно се спротивставија на лошите здравствени политики на тогашниот министер за здравство Тодоров. Сите тие беа ставени на „ѕидот на срамот“ како предавници што се осмелиле да го кренат својот глас против Груевски.
Дел од нив беа нарекувани шпиони, па ги поврзуваа со политиките на тогашната опозициска партија СДСМ, беа казнувани и добиваа закани за откази. А, дел од нив само неколку месеци по завршувањето на лекарскиот штрајк завршија зад решетки за новодно земање пари за инвалидски пензии. Таков беше случајот со тогашниот предводник на штрајкот и екс претседател на Самостојниот синдикат на скопските клиники, доктор Дејан Ставриќ.
Сегашниот министер не се појави на ниту еден од протестите со своите колеги, ниту, пак, им даде поддршка, иако откако стана функционер, тврдеше дека во тој период бил на едукација во Швајцарија.
Рамка3:
СТАНОВИ И КУЌИ – АНКЕТНИОТ ЛИСТ НА ФИЛИПЧЕ
„Фокус“ го прочешла и анкетниот лист на министерот за здравствo објавен на страната на Антикорупциската комисија, кој не претрпел никакви промени откако стапил на функција.
Според објавените податоци, првиот човек во здравството располага со стан, кој се води како заеднички имот во вредност 48.780 евра. Потоа, во неговиот анкетен лист може да се забележи дека располага со куќа како личен имот во вредност од 45.268 евра.
Исто така, тој има уште еден стан на негово име од 130 квадратни метри во Скопје, кој чини 126.829 евра. Во анкетниот лист навел и дека неговата сопруга вози „мазда“, додека тој управува со „мерцедес бенц“.
Рамка 4:
ИЗГРАДБА НА КЛИНИЧКИ ЦЕНТАР ЗА ОКОЛУ 450 МИЛИОНИ ЕВРА
Изградбата на скопскиот Клинички центар е вечно ветување на сите партии во предизборниот период или кога ќе дојдат на власт. Цело време се зборува за локацијата, сумите на пари, а камен-темелникот никако да се удри.
Неколку дена пред заминување од власт, екс министерот Тодоров заедно со Груевски потпишаа договор за изградба на Клинички за 72 милиони евра. Но, тоа пропадна.
Откако СДСМ дојде на власт, пак, почнаа со нови ветувања, но овојпат тој ќе се гради во Ѓорче Петров, а проценката е дека ќе чини околу 450 милиони евра.