Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски во интервју за „Канал 5“ објави дека унгарската компанија 4iG и официјално изразила интерес за влез на македонскиот пазар што, како што вели, ќе значи крај на дуополот на двата мобилни оператори во земјава и намалување на цените за мобилни услуги.
-Унгарската компанија официјално поднесе документи во Агенцијата за електронски комуникации и изразија интерес за трет мобилен оператор. Сега АЕК треба да ја води постапката и се надевам дека ќе оди во правилна насока и дека конечно овој дуопол кој што го имаме на пазарот на два оператори, кои што буквално ги цицаат македонските граѓани ќе биде разбиен и ќе може да имаме трет оператор кој што ќе понуди услуги за помалку пари, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Николоски во емисијата „Само Интервју”.
„Фокус“ во неделникот пишуваше дека не е јасна намерата на унгарскиот телекомуникациски оператор за влез на македонскиот пазар на мобилни и фиксни услуги. Имено, не е јасно дали тој ќе влезе како нов субјект или ќе купи некој од постоечките мрежни или виртуелни оператори? Не е јасно ниту дали овој проект е поврзан или условен со милијардата од Будимпешта?
Текстот е објавен на 15 август 2024 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.506.
Пишува: Орце КОСТОВ
Намерата на унгарскиот телекомуникациски оператор „4iG“ да влезе на пазарот на мобилни и фиксни услуги во Македонија ја разбранува јавноста, со оглед на тоа дека се работи за омилена компанија на Виктор Орбан, која патем има стратешко партнерство со кинеска компанија, што, пак, се коси со македонското законодавство.
Во исто време се влеа надеж кај граѓаните и бизнисот дека влезот на трет оператор ќе го урне дуполот на двата големи мрежни оператори на мобилни услуги, иако ниту од владата, ниту од унгарската компанија не беа јасни за што ќе се преговара во следниот период.
Односно, дали ќе се преговара за трет мрежен оператор, кој би влегол како нов субјект што ќе обезбедува мобилни мрежи и услуги, за купување на некој постоечки оператор, кој би се надградувал или, пак, за виртуелен мобилен оператор, кој ќе користи ресурси на двата телекомуникациски гиганти?
На претпоследната седница на владата, министерот за транспорт, Александар Николоски информираше дека е пристигнато официјално писмо за намери од унгарскиот телекомуникациски оператор „4iG групација“.
„4iG Групацијата изрази интерес за анализа на условите за влез на телекомуникациски пазар во Македонија и нудење услуги во мобилната и фиксната телефонија. Иницијативата е усогласена со стратегијата на „4iG Групацијата“ за проширување на своето присуство во земјите од Западен Балкан.
„4iG“ е вториот по големина телекомуникациски оператор во Унгарија и водечки ИТ систем интегратор, со растечко инвестициско портфолио во секторот на вселенска и одбранбена индустрија.
Во 2022 година, 4iG Групацијата се проширува на телекомуникациските пазари на Западен Балкан, воспоставувајќи значајни позиции во Црна Гора и Албанија преку лансирање на сопствениот телекомуникациски бренд – ONE“, пишува во соопштението објавено по владината седница.
Пред седницата на владата, Николоски објави дека остварил средба со извршниот директор на групацијата, Гелерт Жазаи.
Според Жазаи, дискусиите се фокусирале на поддршката на плановите за одржлив развој на Северна Македонија за 2030 година, проектите за комуникациска инфраструктура и ширењето на поврзувањето низ урбаните и руралните области на земјата.
– Ние сме желни да придонесеме во телекомуникацискиот сектор во Македонија и да поттикнеме позитивни промени преку технологијата. За да ја истакнеме нашата амбиција да влеземе на телекомуникацискиот пазар во Северна Македонија, во следните неколку недели ќе почнеме да работиме со владата за да ја формализираме нашата посветеност и дополнително да го детализираме овој однос – истакна Жазаи.
ОМИЛЕНА КОМПАНИЈА НА ОРБАН
Истражувањата на дел од унгарските медиуми ја врзуваат оваа компанија директно со премиерот Орбан, кој важи за добар пријател и на македонскиот премиер Христијан Мицкоски.
Според унгарскиот медиум „Директ36“, кој разоткрива злоупотреба на моќ и влијанија, како и корупција, „4iG“ е компанија, која бргу се шири со многу силна владина поддршка.
Според медиумот, владата на Орбан, не само што тајно ѝ помогнала на компанијата во аквизициите со кои се позиционира на унгарскиот пазар, туку на оваа компанија ѝ обезбедила повеќе од 70 милијарди форинти државни инвестиции.
Затскриената државна помош се претпоставува дека тежи околу 190 милиони евра и токму поради таа поддршка, во изминатите неколку години компанијата прераснала од средна по големина ИТ-компанија во една од најголемите унгарски корпорации, што, според истражувањата на унгарските новинари, се должи, пред сѐ на наклонетоста на Орбан и блискиот круг луѓе околу него.
Според унгарските новинари, 4iG не е поврзан со владата на Орбан само преку финансиски врски, туку e тесно поврзана и со регионалните амбиции за моќ на Орбан, за кого Западен Балкан треба да биде под унгарска сфера на влијание, па затоа компанијата почнала да се шири и во Западен Балкан.
Партнерството меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Орбан беше потврдено со специјална економска соработка во вид на рамковен договор, која ќе опфати неколку заеми со поволна каматна стапка за македонската влада и домашната економија, од кои првиот изнесува 500 милиони евра, а се најавува заем од уште толку.
Дали влезот на оваа компанија на македонскиот пазар бил некаков услов за најавуваната милијарда од Унгарија, не е познато. Антикорупционерот Благоја Пандовски вели дека целиот процес на договарање за нов мобилен оператор треба институциите будно да го следат.
– Самиот процес на доаѓање на овој оператор, начинот на кој се договара, дали има некои лични интереси или итн., во овој момент не можеме да го коментираме. Но, самиот овој процес би требало да биде под будно око на јавноста, а особено на некои институции што се директно надлежни за испитување на овие работи, можеби Државната комисија за спречување корупција и Државниот завод за ревизија – рече Пандовски за „ТВ 24“.
Основана како Freesoft во 1990 година, 4iG на берзата во Будимпешта обезбедува голем број ИТ услуги, вклучувајќи развој на софтвер, управувани услуги и сајбер-безбедност, како и понуди за управување со центри за податоци и „облак“.
Во последната година, компанијата се прошири во нови области, основајќи своја сателитска фирма и купувајќи локални сателитски и телекомуникациски фирми. Во 2022 година, 4iG Групацијата се проширува на телекомуникациските пазари на Западен Балкан, воспоставувајќи значајни позиции во Црна Гора и во Албанија преку лансирање на сопствениот телекомуникациски бренд – ONE.
Под брендот – ONE, подружниците на 4iG во Западен Балкан прават значителна трансформација, и со тоа станува водечки бренд на пазарот на 5Г мобилни услуги во Црна Гора, додека ОNE – Албанија формирана преку консолидирање на албанските телекомуникациски компании станува врвен телекомуникациски провајдер во земјата.
Покрај тековните инвестиции, 4iG Групацијата, во соработка со Телеком Египет, планира и инсталација на подводен кабел за пренос на податоци со висок капацитет за поврзување на Египет и Албанија. Овој проект може да донесе дополнителни придобивки за Македонија преку зајакнување на дигиталниот и економски раст на земјата.
ТРЕТ МРЕЖЕН ОПЕРАТОР
Во соопштението на владата за писмото со намери на операторот 4iG од Унгарија се вели дека ова е во интерес на ставот за зголемување на конкуренцијата и за намалување на цените на услугите во мобилната и во фиксната телефонија.
Унгарската компанија во регионов има инвестирано во Албанија и во Црна Гора преку купување оператори што веќе функционирале во тие држави, но во писмото со намери не се спомнува вистинската намера на идниот инвеститор – дали ќе купува веќе постоечки оператор или ќе формира целосно нов субјект?
Агенцијата за електронски комуникации како регулатор располага со истите информации што кружат во јавноста и информациите што ги следат во медиумите. Од таму за „Фокус“ велат дека не е пристигнато никакво официјално барање за интерес од ниту еден субјект.
Во согласност со Законот за електронски комуникации, со радиофреквенцискиот спектар на Македонија управува АЕК на објективен, транспарентен, недискриминаторски и пропорционален начин, а целата постапка за влез на оператор ја води АЕК.
– Имајќи ја предвид оваа одредба од ЗЕК, потребно е секој заинтересиран субјект што ќе користи радиофреквенции да се обрати до АЕК. Уште повеќе, пак, имајќи предвид дека во јавноста циркулираат информации за можен интерес за воспоставување на трет мрежен мобилен оператор во Македонија, кој, за да може да обезбедува мрежи/услуги, неминовно мора да користи радиофреквенции, повеќе од јасно е дека е потребно да се обрати до АЕК.
Согласно Планот за доделување и користење на радиофреквенциите, пропишано е дека радиофреквенциските опсези за копнено мобилна служба, односно тоа се опсезите во кои би требало да работи потенцијалниот оператор, се доделуваат во постапка на јавен тендер или постапка на јавен тендер со јавно наддавање.
Ваквиот вид постапка на доделување радиофреквенции е целосно пропишана во ЗЕК. Предуслов за почнување ваква постапка е АЕК по сопствена иницијатива или, пак, заинтересирана страна да поднесе барање до АЕК, со цел да се овозможи јавна расправа за сите заинтересирани страни во постапката – вели за „Фокус“, Игор Бојаџиев, советник на директорот за радиокомуникации и контрола и мониторинг на радиофреквенции.
Според официјалните информации од Агенцијата за електронски комуникации, во Македонија има 1 милион 950 илјади корисници на мобилна телефонија. Од нив 720 илјади користат припејд услуги, а нешто над 981 илјада се на постпејд.
На пазарот има два мрежни и четири виртуелни оператори, но граѓаните не почувствуваа промена во намалувањето на цените на услугите и покрај оваа бројка.
Ставот на АЕК е дека повеќе од потребен е трет мобилен оператор, со образложение дека 46, односно 47 отсто им е уделот на двата оператори во однос на корисниците.
КАМЕН НА СОПНУВАЊЕ
Унгарскиот телекомуникациски гигант има стратешко партнерство со кинески „Хуавеи“, и тоа може да биде „камен за сопнување“ при евентуален влез на македонскиот пазар оти Македонија уште пред три години донесе измени на Законот за електронски комуникации со кои се предвидува операторите да набавуваат опрема само од проверени и кредибилни набавувачи.
Нема одлука дали и во која форма „4iG“ ќе соработува со Македонија, но Министерството за транспорт за „Фокус“ објаснува дека, ако има оглас за трет мобилен оператор, ќе има услов компанијата да биде од Европската Унија и НАТО и да не користи спорна технологија.
„Сакаме да информираме дека сѐ уште нема одлука дали и во која форма телекомуникациската компанија 4iG ќе соработува со Македонија. Ако се распише оглас за трет мобилен оператор, еден од условите ќе биде операторот да потекнува од земја-членка на ЕУ и НАТО и тој да не користи кинеска, руска или друга технологија, туку одобрена технологија од НАТО“, велат за „Фокус“ од Министерството за транспорт.
Македонија, заедно со повеќе европски држави, е дел од иницијативата предводена од САД, со која се забранува инсталирање опрема на гиганти како „Хуавеи“ и „ЗТЕ“ поради сомневање дека податоците на граѓаните, неовластено завршуваат кај кинеската власт.
„Во Македонија, согласно последните Измени и дополнувања на ЗЕК од 2021, се предвиде изготвување на подзаконска регулатива која се однесува на безбедност во мрежите. Имено, во 2022 се донесоа двата подзаконски акти Методологија за процена на профилот на ризик на набавувачи и производители на мрежна опрема и Листа на критични компоненти и чувствителни делови на електронски комуникациски мрежи.
Со донесувањето на оваа подзаконска регулатива, покрај другото, на АЕК му се наметнаа и дополнителни обврски да прави детална проценка на профилот на ризик на национално ниво на сите релевантни набавувачи и производители на мрежна опрема кај операторите, а за операторите се наметнаа обврски за безбедно управување, работење и надзор на електронските комуникациски мрежи и за обезбедување различни набавувачи и производители на мрежна опрема.
Овие подзаконски акти се целосно изработени на основа на документот на Европска Унија EU Toolbox on 5G Cybersecurity и се целосно во линија со европската регулатива, која се однесува на безбедни мрежи. Треба да се напомене и дека од 2022 операторите во Македонија целосно ја имплементираат оваа регулатива. Имајќи го ова предвид, секој потенцијален нов оператор ќе мора да ги почитува законските прописи во Македонија“, потенцираат од АЕК.
Поради овие измени, најголемиот комуникациски оператор „Македонски телеком“, во кој државата има речиси 35 отсто удел, се откажа од намерата да купува опрема за 5Г од „Хуавеи“ и набави опрема вредна 45 милиони евра од „Ериксон“.
На опасноста од можно влегување на кинески „Хуавеи“ преку унгарски „4iG“ предупреди и поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши.
„Компанијата 4iG, со која нелегитимната влада разговара за нов мобилен оператор, има блиска соработка со кинеската „Хуавеи“ за нов клауд за собирање податоци. Ова е спротивно на интересите на нашите стратешки партнери, како и за критичната инфраструктура во земјата“, напиша Бектеши.
Нема информации дали некој ова ѝ го потенцирал на владата на Мицкоски, но познато е дека САД реагирале кај врвот на компанијата „4iG“ кон крајот на 2023 година по потпишувањето на меморандумот за стратешка соработка со „Хуавеи“.
Тогаш, директорот на „4iG“, Жазаи, рече дека неговата компанија и „Хуавеи“ сакаат да играат клучна улога во глобалната трка за брз пренос на податоци 5Г, а коментарите од Западот се само противење провајдерот да го прошири своето влијание во Европа.