(АРХИВА) ОД ПОТЕНЦИЈАЛЕН РОБИЈАШ ДО ЧОВЕК ОД ДОВЕРБА: Три месеци министер во владата на Груевски бил прислушуван со судски налог!

by fokus

Текстот е објавен на 27 јуни 2019 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1238

Пишува: Валентина ВУРМО

Кога ќе се спомене аферата за масовното нелегално прислушување, која беше откриена во 2014 година, сите прстот го вперуваат во ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, и во неколку негови блиски соработници, заборавајќи на жолтите комбиња и странските служби со кои беше опседнат експремиерот Никола Груевски.

Сепак, и по пет години за Мијалков не постои судско пусулче, кое и официјално ќе потврди дека тој е мозокот на прислушувањето, односно сѐ уште нема ниту првостепена пресуда за „Таргет ‒ Тврдина“, а не е ниту на повидок во блиска иднина. За една година судење, досега беа презентирани само воведните зборови и сослушани се тројца сведоци од 100 предложени.

Од темпото со кое се движи предметот не е задоволно ниту СЈО, но и јавноста, бидејќи, и покрај неговата гломазност и тежина, сепак се очекуваше овој случај меѓу првите да добие судска завршница, бидејќи од тука тргна сè.

Како поминува времето аферата се разводнува, односно веќе одамна е намален првичниот шок. Дури ни во судницата на обвинетите не им е веќе непријатно кога се презентираат „бомбите“ и кога си го слушаат гласот, напротив, понекогаш и слатко се смеат.

Интересот, сепак, и понатаму успеваат да го задржат деталите за прислушувањето што во судница ги откриваат сведоците, а кои во екот на аферата биле дел од УБК. Наскоро ќе треба да сведочат и маркирачите, односно оние кои во системот ги вметнувале броевите што треба да се прислушуваат. Тие од прва рака ќе кажат кој наместо судски налог им давал обично ливче со број и колку пати го злоупотребиле системот.

МИЛЕ И ГОРДЕ МЕЃУ ПРВИТЕ НА СПИСОКОТ

Незаконското прислушување во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) почнало кон средината на 2007 година или една година откако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт.

Први на нишан биле неколку опозиционери и критички новинари, но набргу на списокот биле додадени и функционери од власта, и тоа најблиските соработници на тогашниот премиер Никола Груевски, министрите Миле Јанакиески и Гордана Јанкулоска. Репродуцерите, односно тие што ги симнувале на хартија разговорите, имале полни раце работа со Јанакиески, бидејќи му биле прислушувани двата мобилни телефона, кои активно ги користел.

Наредните месеци списокот постојано се дополнувал, односно се додавале нови броеви во системот за прислушување или, накратко речено, ситуацијата излегла од контрола. Се контролирале и политичките противници, на кои им го знаеле секој чекор однапред, но под контрола се држеле и своите, за навреме да дознаат доколку им работат зад грб.

Дека веќе не се знае кој кого прислушувал зборува и една анегдота, односно, кога оператор од УБК, тој што ги снима и слуша разговорите, наместо на инспектор од Управата му се јавил на таргетот (лице кое било прислушувано). Најверојатно толку многу пати му го гледал бројот, што и несвесно и од навика го меморирал и го свртел.

Како што неофицијално дознава „Фокус“ од добро упатени извори, имало и ситуација кога близок соработник на Груевски, покрај тоа што нелегално бил прислушуван, во еден период во 2010 година неговите комуникации биле следени и со судска наредба, бидејќи бил под истрага.

Според нашите информации, функционерот бил законски прислушуван во период од три месеци по барање на Обвинителството за организиран криминал и корупција, но никогаш не беше обвинет во предметот кој имаше и судска завршница. Нејасно е дали функционерот слободата ја купил давајќи завет дека безусловно ќе ѝ слугува на партијата, односно дали снимките биле искористени за да го притиснат и уценат.

Разликата меѓу нелегалните и легалните снимки е во тоа што оние со судски налог можат да се искористат како доказ во судска постапка.

Функционерот, кој по четири години од доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт бил земен на пик од своите, во тој период, случајно или не, барал и закрила кај тогашната опозиција, но откако неговата матична партија повторно ја освои власта, тој стана еден од најлојалните членови.

За разлика од овој поранешен функционер, чиј идентитет мораме да го чуваме во тајност, бидејќи против него никогаш не биле употребени материјалите добиени со употреба на ПИ-мерки, барем не во судска постапка, Мијалков и Груевски никогаш не биле таргети.

Засега и СЈО, но и сведоците, кои имале пристап до системот за прислушување, тврдат дека броевите на братучедите никогаш не биле ставени во машината, а нивниот глас го слушавме во „бомбите“ кога разговарале со соговорници кои биле прислушувани, односно се налепиле на нив. Уште една потврда дека биле привилегирани е тоа што никогаш не беше објавен разговор воден меѓу тогашниот премиер и првиот човек на УБК.

ГРУЕВСКИ И „БОМБИТЕ“ ОД УБК

Во јавноста никогаш не се расчисти дилемата дали Груевски  знаел за тајната операција и дали била со негов амин или, пак, братучедот му работел зад грб, но сепак почитувајќи ја неговата приватност. Како и да е, фактот што СЈО не го обвини како дел од злосторничката дружина го прави чист.

Анализирајќи ги деталите, на моменти се создава впечаток дека Груевски, сепак, знаел за прислушувањето, бидејќи бил претпазлив во разговорите. Па, така, кога со Јанкуловска зборува за набавката на луксузниот мерцедес, тој употребува шифри и не вели „мерцедес“, туку „она на М“.

Од друга страна, пак, кога Заев му кажува дека поседува снимки, тој не ни помислува дека истекле од УБК. Првата врата на која затропал била онаа на Управата, но не за да ги обвини за невнимание, туку да бара технички одговори од стручни лица за тоа кој можел да ги снима разговорите кои биле во рацете на Заев. На состанокот со Груевски биле неговиот братучед Мијалков, шефот на кабинет Мартин Протуѓер и Звонко Костовски.

Костовски, кој заедно со Ѓорѓи Лазаревски ја откри аферата, во суд раскажа дека кон крајот на септември 2014 година началникот во УБК Горан Грујевски го повикал во неговата канцеларија и му рекол дека ситуацијата е многу сериозна, дека лидерот на опозицијата бил кај премиерот и му соопштил дека поседува снимки од политичари, функционери и други лица. Иако добро знаел за нелегалното прислушување, сепак, ниту Грујевски првично не се сомневал дека снимките протекле од УБК бидејќи бил убеден дека никој од вработените не би се осмелил да ги разоткрие.

Сепак, за да ја исклучи и најмалата шанса, му рекол на Костовски да провери во системот дали некој експортирал вакви аудиоразговори од таргети што се надвор од сајтот во кој се судските наредби.

По проверката му реков дека вакви експорти на нашиот систем нема, има само експорти од делот што се однесува на судски наредби. Горан рече: „Почни да пребаруваш по сите јузери, изанализирај ги сите активности на корисници, независно дали станува збор за експорт, слушање или пишување“, појасни сведокот.

Околноста што Грујевски му дал наредба да провери дали бил направен експорт, односно симнување на разговори, покажува дека тој знаел за нелегалната активност. Доколку навистина не бил информиран, ќе му речел на Костовски да провери дали некој воопшто незаконски маркирал, т.е. ставил броеви во системот без судски налог.

За да не се открие себеси, а ни колегата Лазаревски, Костовски го навлекол Груевски на измислено сценарио, односно дека е можно прислушувањето да се врши со опрема надвор од УБК. За да звучи уверливо, ја искористил презентацијата на опрема за прислушување од израелската компанија „Реизон“, која била правена во Управата.

Па, така, му рекол дека постои уред со кој може да се снимаат 30 симултани разговори. Му појаснил дека овие уреди кои, всушност, се лаптопи, можат да се стават во возило и доволно е, на пример, да се доближат до Владата, или до партиското седиште и така да ги фатат разговорите на луѓето што се внатре.

Груевски наседнал на приказната, коментирајќи дека најверојатно така се направени снимките, и тоа од некоја странска служба, за тој да биде тргнат од власт, додавајќи: „Не верувам дека некој во Македонија би можел да поседува толкав снимен материјал за целиот тој период и ниту еднаш ништо да не биде објавено“.

Тогаш почнало да се нагаѓа чии служби би можеле да бидат вмешани, а прва на листата била ставена Грција.

МИЈАЛКОВ ЈА ВОСКРЕСНА ТЕЗАТА НА БРАТУЧЕДОТ

Најверојатно поради мувата на капата, началникот во УБК, Грујевски, не бил докрај убеден во сценариото, па почнал да се сомнева во Лазаревски, кој претходно си дал отказ за да не боде очи, и му рекол на Костовски да го провери. Тогаш почнала внатрешната истрага во УБК, во која се проверувале сите вработени во Одделот за оперативна техника.

Прво го откриле Лазаревски, па потоа како шок им дошло дека во изнесувањето на материјали е вмешан и Костовски. По нив, во ист кош ги ставија и Зоран Верушевски, неговата сопруга, како и Заев. Според сознанијата на „Фокус“, предметот „Пуч“ требало и да го „сруши“ и партиското седиште на СДСМ, но наводно немало судија кој ќе се дрзнел да потпише налог за претрес, па решиле кругот да се затвори тука.

Откако пропадна сценариото за „Пуч“ и прстот повторно се впери во Мијалков, сега и тој, како и Груевски, ја оживува верзијата на Костовски дека, сепак, прислушувањето се правело со мобилни станици, а не од системот на УБК. На едно од рочиштата, Мијалков го потсети Костовски дека заедно присуствувале на презентација на опрема за прислушување на израелска компанија, и тоа во неговата канцеларија во УБК. Појасни дека за презентација слушнале разговор на негов пријател, кој по случаен избор го уловила опремата од најблиската базна станица, наметнувајќи ја тезата дека некој друг прислушувал, а потоа му ги дал бомбите на Заев.

Мијалков не се откажуваше од тезата дека било можно нелегално да се прислушува и надвор од УБК, па рече дека добиле извештај од израелската компанија дека во Скопје во тој момент на терен работеле вакви уреди, односно дека некој друг нелегално прислушувал.

Костовски одговори дека при ваквото прислушување јасно се слуша разговорот на едниот соговорник, односно на оној кој е во близина на базната станица, а другиот соговорник се слуша лошо, а некогаш и воопшто не се слуша.

Додека кај системот во УБК квалитетот на разговорите на двајцата соговорници е одличен. Снимките што ние ги дадовме во СЈО, а тоа може да се провери, се со добар квалитет. Затоа тврдам дека овие снимки потекнуваат од системот во УБК, рече Костовски.

На дел од снимките кои се во СЈО е снимен и разговорот кој таргетот го води со директни соговорници во живо, пред оној на кој му ѕвони да ја крене слушалката. Ваква можност, според познавачите, има само системот во УБК.

ШОФЕРИ ПРАВЕЛЕ ТРАНСКРИПТИ

Нелегалното прислушување се случувало на четвртиот кат во зградата на Петтата управа, во кругот на МВР, каде што бил сместен системот за прислушување. Но, она што го открива Костовски, а што до неодамна беше непознато, е дека се прислушувало и од друга локација надвор од просториите на УБК.

Имено, како што раскажа Костовски, во стан во зградата кај Железничка, позната како „Парламентарка“, на петтиот кат биле сместени пет компјутери на кои исто така се прислушувало. Овие пет компјутери биле, всушност, работни станици на кои се ставале таргети, односно броевите на многу политичари, бизнисмени, новинари и други јавни личности и се прислушувале, а потоа се изработувале транскрипти од прислушуваните разговори.

Во истиот стан имало уште еден дополнителен, шести компјутер, кој бил поврзан со УБК, а служел за испраќање на изработените материјали. Овој компјутер бил во континуирана криптирана комуникација со тој од оперативната техника во Петтата управа, односно на компјутерот во УБК можеле да се преземаат материјали од компјутерот во „Парламентарка“.

Според сведочењата, по наредба на Грујевски, на истиот начин биле опремени уште неколку станови во Скопје. Овие места се чувале во голема тајност и за нив знаеле мал број вработени во УБК. Тие дејствувале како параполиција и биле дислоцирани подалеку од кругот на МВР, за да се одржи во тајност незаконското прислушување. Репродуцерите, кои правеле транскрипти од разговорите, според информации на „Фокус“, биле вработени во УБК, но како шофери или друг помошен персонал.

Оние кои надвор од УБК, од тајни локации ги обработувале податоците, ги правдале дека се на тајна задача. А тие, со слушалки на главата биле закачени на системот и прислушувале, па правеле транскрипти, вели нашиот извор.

Според нашиот добро упатен извор, во еден период дури и оперативците станале мрзливи, па наместо да излезат на терен и да соберат оперативни информации од терен, користеле податоци што ќе ги слушнеле од прислушуваните материјали, па пишувале дека се службени белешки од терен. Исто така, на овој начин и ќарувале, бидејќи земале пари од Управата за наводно да ги платат изворите, а всушност парите завршувале во нивниот џеб.

ПОСЛЕДНА СЛАМКА ЗА СПАС

Во своите сведочења Костовски и Лазаревски зборуваа и за мотивите за откривањето на аферата, односно како се осмелиле, и покрај сиот ризик да бидат откриени и фатени, да ги сочуваат „бомбите“.

Лазаревски тврдеше дека кога слушнал неврзани муабети од колеги, а од кои сфатил дека се прислушува, му пристапил на Костовски кој тогаш бил главен техничар за системот за прислушување и го прашал дали нелегално се прислушуваат и актуелните министри? Одговорот кој го добил бил: „Нема кој не се прислушува“.

Тогаш го замолил Костовски да собира докази за нелегалното прислушување, за некогаш да се искористат во судска постапка.

Клучниот момент за Звонко да се одлучи да зачува аудиодатотеки од нелегално прислушуваните разговори бил кога полицијата влезе во А1-телевизија.

Тоа беше пресвртниот момент дека сакаме да го направиме ова. Очигледно беше дека власта веќе е без контрола, појасни Лазаревски.

Костовски во своето сведочење, пак, рече дека сака да потенцира дека никој не ги плаќал за тоа што го направиле.

Никој не ни плаќал, туку ова го правевме за да собереме докази за она што се случувало од 2008 до 2013 година во МВР, односно за нелегалното следење на комуникациите, рече Костовски.

Првпат Костовски извлекол само смс-пораки при крајот на 2010 г. и ги снимил на дивиди. Сите дискови што ги добивал од Костовски, Лазаревски прво ги копирал на свој екстерен хард-диск, па потоа му ги предавал на Верушевски, кого решиле да го вклучат во тајната акција.

Иако Мијалков на едно од судењата ги праша сведоците зошто комплицирале, па наместо едноставно да ги изнесат на УСБ, материјалите ги режеле на цеде, Лазаревски појаснува дека планот бил, доколку некој го фатeл во ходникот додека ги изнесува материјалите да го скрши со рака цедето и да не може да се види што има на него, додека на УСБ веднаш ќе се откриела намерата.

Според СЈО, Мијалков бил организатор на групата и ги држел под контрола и надзор другите припадници на злосторничката дружина, а воедно имал и преглед на сите телефонски броеви кои биле таргети. Најблизок соработник, според Обвинителството, му бил Грујевски, кој ги проследувал неговите барања до Надица Николиќ, а во еден период и самиот прислушувал и им делел задачи и улоги на другите припадници на групата.

Николиќ, пак, до другите ги проследувала барањата на Мијалков и Грујевски. Другите обвинети Владимир Варелов, Маријан Шумуликовски, Силвана Златкова и Васил Исаковски правеле транскрипти од разговорите и му ги предавале на Грујевски.

Маркирачите, оние, пак, кои по наредба на Грујевски и Николиќ ги внесувале броевите за незаконско прислушување, допрва ќе се појават во судница, но не како обвинети, туку како сведоци.

Иако сите погледи се вперени кон Мијалков, сепак, во целиот случај има една нелогичност. Доколку прислушувањето го вршел тогашниот врв на УБК, значи и дека во своите приватни архиви имаат дел од „бомбите“, и тоа од тогашните опозиционери, а сегашни властодршци, кои први биле на пик. Затоа е нејасно како досега не истече ниту еден разговор кој ќе го возврати или барем ублажи ударот кон нив?

Една од теориите е дека можеби се чуваат како последна сламка за спас, односно за да се употребат како пазар за слобода. Така и двете страни ќе ги закопаат секирите, а народот како и секогаш ќе остане со прстот во уста.

Режијата и не е далеку од реализација, бидејќи веќе на сите им станува јасно дека правдата и правдината се недостижни, иако беа нудени и во специјално пакување!

ДОЛГИТЕ РАЗГОВОРИ НА НОВИНАРКАТА!?

Системот за прислушување во УБК бил наштелуван така што можел да сними разговор во траење од еден час, а потоа автоматски се прекинувал. Но, бидејќи една новинарка многу сакала да зборува на телефон и нејзините разговори честопати траеле повеќе од еден час, била донесено одлука да се направат измени, односно машината да прекине да снима, дури по еден час и 30 минути. Очигледно е дека разговорите на новинарката биле многу значајни за тогашната власт, поради што направиле и промени во системот.

 НА МИЈАЛКОВ МУ СЕ ЗАКАНУВА ДОЛГОГОДИШНА КАЗНА ЗАТВОР

Во случајот за нелегалното прислушување „Таргет ‒ Тврдина“, за Мијалков е поднесен обвинителен предлог со кој се гони за три кривични дела. Поточно, СЈО го обвинува за злосторничко здружување, за што е предвидена казна од една до пет години, за злоупотреба на службената положба, за што е пропишана казна од шест месеци до пет години, и за примање награда за противзаконито влијание, кое се казнува со една до три години.

 

Поврзани новости