Текстот е објавен на 14 септември, 2023 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1458
Пишувала: Ирена МУЛАЧКА
Пред точно четири години, поточно во 2018 година, скандал со крадење на лекови од болните од рак се случил и во Грција, кога полицијата разбила криминална банда, која ги крадела лековите и ги шверцувала во други европски земји, лишувајќи ги пациентите од лековите што живот значат.
Според тогашните објави на грчките медиуми, уапсени биле 21 лице на возраст од 22 до 70 години, меѓу кои и лекари и медицински сестри. Тие биле осомничени дека користеле фалсификувани рецепти, за да ги добијат лековите што подоцна ги испраќале во магацини во Италија, Германија и во Швајцарија и ги продавале по многу високи суми.
– Тие не беа водени од ништо друго, туку само од профит – тврдеше портпаролот на полицијата, Теодорос Хронопулос.
Повеќето лекови за болните од рак во Грција се достапни само преку болниците и се на државна сметка.
Според полицијата, бандата била активна од 2013 година и преку фиктивни медицински истории и измислени дијагнози ги препродавале лековите по тројно повисоки цени.
Вредноста на лековите што излегле од државата била проценета на 25 милиони евра, а штетата за државата изнесувала најмалку 13,7 милиони евра.
Само четири години подоцна, истата слика се преслика и во Македонија, па по написите на „Фокус“ се води предистражна постапка, во чии рамки се испитува кој на скопската Клиника за онкологија ги препродавал скапите биолошки лекови, колку луѓе се вмешани и како се одвивала целата разработена шема.
Дополнително, тоа што е уште пострашно е што на онколошката клиника се правеле и манипулации со терапиите на дел од болните пациенти, со што на некој начин се отвора и можноста за несовесно лекување.
Ќе оставиме на истражните органи до крај да ја разбијат шемата, а наше е да ги споделиме сите информации и документи што ги поседуваме, со цел да се стави крај на ваквите морбидни случувања.
ПОТРЕСНИ СВЕДОШТВА НА ПАЦИЕНТИ
По избивањето на скандалот на скопска Онкологија, лека-полека почнуваат да излегуваат страшните судбини на дел од пациентите што поминале цели патешествија на клиниката.
За еден пациент, кој е жртва на оваа подмолна болест, доволно е само да ја слушне дијагнозата за да „падне“ психички и тој и целото негово семејство, а тек кога ќе почне да ги преорува онколошките ходници соочен со хемотерапии, зрачења, биолошки терапии… И, што е најжално, повторно не се знае крајниот исход.
Мора да нагласиме дека болните од рак на Клиниката за онкологија завршуваат откако ќе се направат сите потребни испитувања и ќе се потврди страшната дијагноза.
Тогаш, во зависност од тоа за каков вид карцином се работи, се одредува доктор што ја одредува терапијата и го следи понатамошното лекување на пациентите. Тука веќе почнува голготата на болните, како со самата болест, така и со дел од лекарите и медицинскиот персонал.
Откако на површина излегоа сите случувања во оваа скопска клиника, со лавина реакции се јавија бројни пациенти, кои јавно споделија што сѐ поминале на Онкологија.
– Во 2020 година, татко ми се лекуваше од рак на бели дробови со метастази на мозокот на Онкологија. Баравме имунолошка терапија, без разлика колку ќе чини, но докторката нѐ убедуваше дека треба да фатиме врски кај директорот за да потпише да му да дадат, бидејќи имало листа на чекање.
Некако успеавме да дојдеме до потписот и наводно ја примаше, но за кратко време го изгубивме. Да не зборувам дека докторката цело време добиваше кеш на рака со цел подобар третман. Еден живот изгубивме и многу други околу него се уништија. Се надевам дека ова ќе се истера до крај – раскажува за „Фокус“, ќерката на починатиот пациент.
Сепак, таа не е единствената што сподели што се случувало на клиниката, каков лош третман имале пациенти од лекари поединци и медицински персонал и, како што објаснуваат, таму не постои трошка емпатија и човечност кон никој.
Уште еден пострашен случај на пациент, кој починал на 49 години поради погрешно лекување на скопска Онкологија.
– Имаше болка во грлото и нѐ испратија итно во Скопје на Клиника за уво, нос и грло. Го прегледаа, зедоа примероци од грлото и испратија на испитување. Ги зедовме резултатите, но нешто им беше сомнително и нѐ испратија пак на снимање грло, врат и бели дробови.
Исто пак му зедоа примерок од грлото да се испита. Ни го дадоа цедето со резултатите, но без да забележат дека цедето е на човек со исто име и презиме, но со различна година на раѓање. Тука почна хоророт – раскажува роднина на сега веќе починатиот пациент.
Таа додава дека ги упатиле на Онкологија за врат, но докторката им рекла дека не се за таму, туку треба да отидат на Одделот за бели дробови.
– Му пропишаа хемотерапии 4 циклуси, по две. Ги прими сите, но кога отидовме кај друга докторка, таа ни кажа дека резултатите не се негови и дека погрешно бил лекуван. Тука настана паника. Тие го лекуваат од карцином на бели дробови, а тој има само на грлото.
Му ослабна крвта, почнаа да му паѓаат тромбоцитите и почина. Сакав ова да го споделам, за да не поминуваат и други низ овој хорор. Се издававме пари, трчање, испитувања и на крај и без него останавме – ја раскажува за „Фокус“ потресната приказна роднина на починатиот пациент.
НАГРАДЕНИ“ ОДДЕЛЕНСКИ СЕСТРИ
Но, сега повторно да се навратиме на криминалната разработена шема, за која, како што објавивме, „Фокус“ располага со имињата и презимињата на повеќе од 15 вработени на клиниката што учествуваат во крадењето и изнесувањето на лековите од болницата.
Но, сепак, не е наше да ги соопштиме нивните имиња, туку тоа ќе го оставиме на надлежните институции, кои во моментов водат предистражна постапка.
На клиниката постојат 14 оддели, но најзасегнат во оваа разработена шема е Одделот дојка. Поранешно раководство на клиниката, медицинскиот и економскиот директор имале преголема слобода во однос на работата, во периодот додека „владееле“ со болницата.
Со воведувањето на скапата биолошка терапија, пациентите со медицинските истории во рацете чекале за потпис кај тогашниот директор Нино Васев, бидејќи без негов амин не можеле да ја добијат.
Сега, се сменети правилата, па новата директорка Виолета Клисаровска е изземена од тој потпис и за тоа одлучува Онколошки конзилиум од 12 лекари.
Исто така, поранешен медицински директор располагал со две простории, кои постојано биле под клуч, а едната од нив била позната и како студиска просторија. Дури во ходникот кај овие простории имало поставено и фолии, за да не се гледа внатре.
Во моментов, според нашите информации, тие простории не се користат и е забрането пациенти таму да примаат терапија, како досега, туку мора сите во дневна болница.
Со оглед на тоа што дневната болница е поделена на два дела, на Одделот имало одделенски сестри, кои останувале прекувремено, доаѓале и за викенди, кога не се на работа за наводно да „средуваат“ медицински истории, кои не успевале да ги средат во работните денови.
Целата оваа организирана шема не би поминала и без фармацевт, кој работи на клиниката и исто така има функција.
Според нашите доброупатени извори, во мрежата се вплеткани шалтерски работници, секретарки, благајници, возачи и чувар, кој воопшто не работи на скопска Онкологија, туку во еден од здравствените домови во Скопје.
Голем удел во целата оваа мрежа имаат и косовските пациенти, кои доаѓале да се лекуваат на клиниката, а кои како што нѐ информираа имале посебен третман.
Според нашите извори, тие доаѓаат на клиниката како пациенти, кои мора да си го платат и лекот и лекувањето на приватно, а парите, наместо во буџетот на клиниката, завршувале на рака, кај тие што ги донеле како пациенти преку врски.
На нивно име се отворале фиктивни истории од веќе починати пациенти и третманот на лекувањето продолжувал на тој начин.
Какви сѐ манипулации се правеле на клиниката покажува и случајот со службените возила, кои се користеле за приватни цели. Во 2010 година, клиниката добила возило на подарок, кое на вратите било обележано дека е службено возило.
Но, во 2019 година, сите ознаки и буквите дека возилото е службено исчезнале и веќе од тогаш во наредниот период по работното време, тоа не било вратено на клиниката.
Со оглед на последните случувања на Онкологија, по толку време, вработени повторно го забележале службениот автомобил вратен на паркингот.
Уште една од работите што ја прелила чашата кај дел од вработените е начинот на кој биле исплаќани за време на ковид-пандемијата, кога добиле пари од страна на Министерството за здравство.
Во екот на најстрашната пандемија во светот, која ја зафати и Македонија, од Онкологија работеле 23 вработени на кои требало да им се исплатат по 30.000 денари. Од сите нив, пари биле исплатени само на петмина, додека никој од останатите не добил ни денар.
Според информациите од дел од вработените, не им се плаќале вишок часовите што ги имале секој месец, за што се покренати и тужби против клиниката. Исто така, Онкологија се соочува и со бројни тужби и од страна на набавувачите.
Инаку, постои одредена група во болницата, која била блиска на поранешни директори, па добивале и многу поголеми плати без разлика на тоа што работат. Сумите се движеле од 50 до 90 илјади денари.
ФИКТИВНИ ИСТОРИИ НА ПОЧИНАТИ
Веќе две недели по откривањето на скандалот Онкологија, атмосферата на клиниката е тензична, а дел од вработените се исплашени, работат под стрес и притисок што ќе се случува понатаму.
Во системот на болницата постојат и повеќе фиктивни истории, со чии имиња располага „Фокус“. Меѓу нив е и Т.М., кој починал уште во 2014 година, но до 2022 година сѐ уште фигурирал како онколошки пациент на клиниката.
На таа листа влегува и сопругата на С.А., која, исто така, имала фиктивна историја, а имало и пациент на одделот гастро, кој починал во 2016 година, но години подоцна на негово име се давале имуно терапии.
Сепак, во системот на Онкологија, како онколошки пациент завршила и мајката на поранешниот економски директор, кој доаѓа од редовите на ДУИ, Нехат Нухи.
Според документите, мајката на екс економскиот директор на клиниката била заведена со дијагноза рак на бели дробови, за подоцна во истиот тој систем да заврши со дијагноза анемија. Таа не боледувала од никаков вид карцином, иако во историјата пишува дека „имала“ рак на белите дробови, ниту, пак, примала онколошка терапија.
Тогаш, останува нејасно која е причината зошто била заведена со ваква страшна дијагноза?
Нухи, пред неколку недели, во редакцијата на „Фокус“ донесе демант, тврдејќи дека тоа не е точно и дека неговата мајка за време на ковид-пандемијата била на клиниката, но не боледувала од карцином.
„На најгруб и најнеетичен начин, за каква било пресметка, ја мешате и споменувате и мојата мајка, наведувајќи дека сум и измислил некаква онколошка болест за на нејзино име да крадам и препродавам скапи лекови за онколошки болни, нешто што, не само што не е вистина, туку е и спротивно на традицијата на секое семејство во Македонија, кое никогаш не би се повикало на болест на член на семејство, за каков било интерес, па на крај и од суеверни причини, за да не повика злото!
Точно е дека мајка ми била неколку денови хоспитализирана на Клиниката за онкологија и радиотерапија, но не заради онколошка болест и лекување, туку заради немање капацитет во соодветна болница заради ковид-кризата и пренатрупаноста во сите болнички капацитети на универзитетските клиники „Мајка Тереза“, се наведуваше во демантот од Нухи.
Тој во интервју за телевизијата Клан рече дека овој третман бил дозволен од тогашниот медицински директор, доктор Нино Васев.
Актуелната директорка Клисаровска, во моментот преземала безбедносни мерки, за да може барем на некој начин да се спречи да не се изнесуваат лекови од клиниката.
Таа на една од прес-конференциите истакна дека откако таа е дојдена на функција, може да гарантира дека сите пациенти ја примаат соодветната терапија.
Како и да е, што и како се случувало на скопска Онкологија очекуваме одговорите да ги дадат истражните органи.
РАМКА
ОНКОЛОГИЈА „ДРМА“ И ВО СОСЕДНИТЕ ЗЕМЈИ
Веќе две недели Онкологија е главна тема во сите медиуми. Секој понеделник се одржуваат протести на дел од пациентите и семејства што изгубиле некој близок токму на оваа клиника.
Дури и медиумите во соседните земји известуваат за случувањата со препродажбата на лекови на клиниката, на која се лекуваат најтешкоболните пациенти.