(АРХИВА) Новачевски го „исцинкари“ Груевски и се извлече со условна казна, па продолжи успешно да плови во бизнис-водите!

И по седум години откога ВМРО-ДПМНЕ не е на власт, троецот Новачевски, Камчев и Самсоненко успешно пливаат на бизнис-пазарот. Првиот венчален кум на Груевски - Ристо Новачевски играше клучна улога во „Плацови на Водно“, со тоа што го предаде својот кумашин и се спаси со условна казна. Иако беше обвинет дека е вмешан во бизнисот со дијализата тежок половина милијарда евра, неговото име не можеше никаде да се сретне. Но, затоа со поранешната сопственичка на „Дијамед“, Вера Иванова, ги поврзуваат доста деловни зделки. За што станува збор?

by Fokus

Текстот е објавен на 15 февруари, 2024 година во неделникот „Фокус“ со број 1480

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Фигурираше во бројни фирми, ја имаше клучната улога преку компанија за купувањето на плацовите на Водно, заврши на обвинителна клупа, доби условна казна, но сѐ уште никој не го видел ликот на Ристо Новачевски, првиот венчален кум на поранешниот премиер од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Мистериозен лик, кој одигра клучна улога во многу бизнис-зделки, во период додека државата беше под палката на вмровците, но и ден денес никој од јавноста не знае ниту како изгледа, ниту кој е, всушност, Новачевски.

Тој, лани во март беше осуден на условна затворска казна за случајот „Плацови на Водно“, која беше потврдена и од Апелацискиот суд, а за што неговиот кумашин Груевски во отсуство доби девет години затвор.

„Фокус“ ја прочепка биографијата на Новачевски, па според тоа што откривме, тој има 52 години,  но зад себе има долгогодишна кариера, која од 2006 година наваму доживува вртоглав подем.

Тој, исто така, има долга историја во здравствениот сектор и фармацијата, а во неговата обемна биографија, објавена на интернет, може да се забележи дека е дипломиран економист и дека во периодот од 1998 година наваму сменил повеќе работни места. Околу неговото име се вртат многубројни функции и се споменува како член на повеќе управни одбори, но и како директор на компании.

Во 2006 година, Новачевски бил извршен директор на фармацевтската компанија „Кемофарм“, а само една година подоцна (кога веќе Груевски е премиер), станува извршен директор на Тутунскиот комбинат во Прилеп, каде што останува три години, до 2011 година.

Во меѓувреме, во 2010 година, станува застапник на јапонската групација „Нипро“ за југоисточна Европа, исто така во областа на медицината.

Освен тоа, кумот на Груевски од првиот брак бил неизвршен член на одборот директори на АД за стопанисување со деловен простор во државна сопственост, а во 2007 година, Антикорупциската комисија најави прекршочна пријава против него затоа што не го пријавил сопствениот имот.

Но, и сега ако се отвори официјалната страница на Антикорупциска комисија, каде што можат да се најдат анкетните листови на функционерите, името на Новачевски сѐ уште фигурира таму и сѐ уште како забелешка е наведено дека нема поднесено анкетен лист.

Првиот венчален кум на Груевски се спаси со условна казна и не заврши позади решетки, но затоа бизнисот продолжува да цвета.

НОВАЧЕВСКИ-КАМЧЕВ-САМСОНЕНКО

За првпат во јавноста, името на Новачевски се слушна кога одекнаа „бомбите“ на Бихаќка, кои во 2015 година почна да ги објавува тогашниот лидер на партијата, Зоран Заев.

Во аудиозаписите можеа да се слушнат разговори меѓу првите луѓе од тогашната  власт како договараат провизии и проценти во милиони евра, прават незаконски упади во тендерските постапки, договараат матни и коруптивни зделки, фаворизираат и местат фирми за да добијат тендери, поставуваат свои блиски луѓе за сопственици и управители, а на површина излегоа и имињата на анонимни ликови за кои првпат се слушна во јавноста.

Според досегашната практика, овие луѓе ретко се поставуваат на функции, се чуваат во анонимност, но затоа, пак, нивните имиња многу често фигурираат на документите на фирмите блиски до владејачката гарнитура, без разлика од која партија се, со што не се остава простор да се открие – кој е всушност вистинскиот сопственик и кој стои зад фирмите.

Прашањето кој е кумот на Груевски и колку фирми има на негово име се отвори откако Заев го обвини лично експремиерот дека по негов налог се менувале урбанистичките планови за да ги задоволи своите мегаломански апетити и да дојде до земјиште-плац на Водно.

Новачевски, во целата приказна се најде како сопственик на фирма во даночниот рај Белизе, преку која требало да се купат плацовите. Па така, кумот на Груевски, од тотален анонимус, доби публицитет на познат бизнисмен.

Во прислушуваните разговори, Заев објави дека фирмата „Сирах Инженеринг“, каде што се јавува како директор токму тој, поранешниот премиер планирал да купи земјиште од 11 илјади квадратни метри на Водно.

Според историјатот на промени, фирмата е основана на 26 септември, 2012 година, со почетен влог од 1,2 милиони евра, а седиштето се наоѓа на улицата Димо Хаџи Димов бр.38 во скопската населба Кисела Вода, на истата адреса каде што живее и Новачевски, кој во тоа време е управител на фирмата.

Како сопственик на „Сирах инженеринг“, беше фирма лоцирана во даночниот рај Белизе. Станува збор за „Сирах Лимитед“, компанија регистрирана на улицата „1 ½ Мајлс Нордерн Хајвеј“ (1 ½ Miles Northern Highway).

Откако скандалот изби на површина, во фирмата се случија брзи промени, фирмата добива нови сопственици, но и нови управители. Па, оттука доаѓаме до семејството Камчеви.

Според историјатот на промени од 12 август, 2015 година, на сопственичкото место доаѓа „Орка Холдинг“, но фирмата добива уште еден управител, поточно Кристина Камчева-Стојческа.

Но, тука не завршуваат промените. Само по неколку месеци, со новиот историјат на промени, нејзиното име се брише, а на управителското седнува нејзиниот брат Орце Камчев.

Според документите од Централниот регистар, истата компанија сега се води како Друштво за трговија, услуги, одмор и рекреација на пензионерите „Систина Лајф Кеар Центар“. Повторно има промени во сопствеништвото.

Како сопственици во 2016 година се водат уште две други фирми на Камчев, кои не ѝ се познати на јавноста. Едната е „Камчев Консалтинг“, додека другата е „Орка Фајнанс“.

Според последниот историјат на промени, три години подоцна, двете фирми се бришат од сопственичката структура, а како управител понатаму не фигурира Камчев, туку од 26 јуни 2019, на сопственичкото и на управителското столче седнува Ирина Самсоненко, сопруга на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко, познат како близок пријател и бизнис-партнер на Камчев, кои се најдоа на американската „црна листа“.

ПОВРЗАНОСТА НОВАЧЕВСКИ-ИВАНОВИ

Но, постепено да објасниме како дојдовме до Новачевски и неговата обемна бизнис-кариера.

„Фокус“, уште во далечната 2013 година почна да се занимава со оваа тема, кога приватната здравствена установа „Дијамед Македонија“, во тоа време во сопственост на Вера Иванова и „Орка Холдинг“ на Камчев, го добија стопанисувањето со Центрите за дијализа на бубрежно болните пациенти во наредните 20 години, поточно до 2034 година, со што влегоа во бизнис тежок рекордни половина милијарда евра.

Сепак, во тој период, Новачевски не постоеше никаде во приказната, но како што поминуваше времето, така полека почна да се расплетува клопчето.

Сепак, никој никогаш ниту се потруди, ниту, пак, направи анализа на кој начин баш тие две компании ја добија лиценцата за центрите за дијализа, со оглед на тоа што во тој период од игра беше исфрлен германскиот гигант „Фрезениус“.

Но, да почнеме по ред. Како прва и клучна компанија што влезе во бизнисот со дијализата е „Метрополитен“. Според документите од Централниот регистар, фирмата е основана на 24 јануари 1992 година, што значи дека на бизнис-пазарот опстојува речиси 32 години. Оваа компанија мора да ја споменеме бидејќи од неа почнува речиси сѐ.

Тие ја формираат „Дијамед“, компанија која речиси четири години е продадена на шведски „Диаверум Холдинг АБ“ и има четворица нови управители. Но, во периодот кога беше во рацете на Вера Иванова, тогаш ја доби и големата бизнис-зделка, па така на 31 јануари 2014 година го основа дијализниот центар „Дијамед Македонија“ со неколку подружници низ градовите во источна Македонија.

Во тој период, „Фокус“ се потруди да открие која е анонимната Иванова, со оглед на тоа што се знаеше дека за некој да добие таков бизнис, мора да е поврзан со луѓе од актуелната владејачка гарнитура.

По некое време, коцките почнаа да се поклопуваат, па така поврзаноста на Новачевски со Иванова излезе на површина преку уште една компанија, а тоа е фирмата „Метро Медикал“, чија приоритетна дејност е трговија со медицинска опрема и фармацевтски производи.

Според документите од Централниот регистар, станува збор за фирма основана на 26 февруари 2015 година, што значи дека на бизнис-пазарот опстојува речиси девет години.

Новачевски се води како сопственик, но и како управител на оваа компанија, додека, пак, како втор сопственик фигурира 26-годишниот Филип Иванов, кој, според адресата на живеење и презимето, е во блиски роднински врски со Иванова.

Податоците од Централниот регистар уште покажуваат дека „Метро Медикал“ е основана со почетен влог од 453.138 евра, а е лоцирана на улицата Јадранска магистрала бр. 100 во Бутел.

Но, мрежата на компании основана на истата адреса е поширока. Една од нив е и „Метромед“, која според документите, исто така, се наоѓа на улицата Јадранска магистрала бр. 100 во Бутел, но за разлика од другите компании, нејзината приоритетна дејност е маркетинг и консалтинг, односно дејности на советување во врска со работењето и останато управување.

Историјата на фирмата е позната, таа е основана пред речиси четири години, на 17 јули 2013 година, со паричен влог од 8.000 евра, а нејзин сопственик е фамозната Иванова. Во моментов, компанијата е во ликвидација и правно и деловно е неактивна.

Сепак, туку не застануваат бизнисите на семејството Иванови, па така истата адреса е лоцирана и компанијата „Дијамед Р.С. ДОО“ . Фирмата е основана пред 14 години, поточно на 19 септември 2011 година, со паричен влог од 631.104 евра и непаричен влог, поточно опрема во вредност од 6.552 евра.

Како нејзини сопственици се јавуваат повторно Филип Иванов и Изабела Иванова, која очигледно е во роднински врски со семејството Иванови, додека, пак, управител е познатата Вера Иванова.

Истата оваа компанија се појавува како сопственик во кавадаречката компанија „Сафари Македонија“, која се јавува како должник во УЈП.

ФИРМИ НА АНГРО

Листата на фирми со кои управува Новачевски е долга, а меѓу нив претежно можат да се најдат компании за трговија со медицинска опрема, за фармацевтски производи, за изградба на станбени и нестанбени згради, за трговија со садници со цвеќе, но има и такви што се поврзуваат со него, а неговото име не фигурира на ниту еден документ. На дел од фирмите, Новачевски се води како сопственик, додека на дел, како управител.

Сепак, постојат и фирми што прво биле управувани од него, што може да се види во историјатот на промени во Централниот регистар, за по некоја година комплетно да се смени целата раководна структура.

Покрај наведените компании со кои управувал Новачевски, постои уште една, чие име е непознато во јавноста, а станува збор за фирмата „Анџела Ристо“, каде што, исто така, според историјатот на промени од Централниот регистар, како сопственик првично се водел првиот венчален кум на Груевски.

Фирмата се занимава со трговија на мало со цвеќе, садници, семе, ѓубриво, домашни миленици и храна за нив во специјализирани продавници. Таа е регистрирана на 24 јануари, 1993 година, со почетен влог од 317.200 денари, што значи дека на пазарот опстојува речиси 33 години.

Покрај него, во сопственичката структура пред неколку години фигурираше и извесна Лена Самарџиевска, чие име и презиме е речиси идентично на името на неговата сестра, која работеше во кабинетот на Груевски како негова лична секретарка.

Таа во јавноста стана позната уште во 2010 година, откако тогаш опозицискиот СДСМ ја обвини дека била вработена во фирмата „Аналитико АИ“.

Сепак, со текот на годините се менуваат неколку сопственици и управители на фирмата, за веќе во 2019 година, откако почна полека да се отплеткува приказната, тој официјално повеќе не фигурира на хартија како сопственик, а компанијата го добива името „Анџела ДООЕЛ“, во која и како сопственик, и како управител се јавува извесна Анжелика Стојковска.

„Фокус“ испрати неколку прашања до дел од фирмите, но до затворањето на неделникот не добивме повратни одговори.

РАМКА 1

ВЕРА ИВАНОВА ЛАНИ ДОБИ УСЛОВНА КАЗНА

Во февруари 2023 година Вера Иванова е прогласена за виновна за случајот „Диамед“ поврзан со центрите за дијализа. Судијата Илија Трпков сметаше дека обвинетата Иванова учествувала на повикот за добивање лиценца за дијализа и ја добила, но не за вршење дејност, туку за да ја зголеми вредноста на нејзината фирма.

Иванова доби условна казна, а судот бараше и конфискација на износ во вредност од 3.275.000 евра од Иванова, а останатите средства ќе се конфискуваат од правно лице.

Обвинетата сторила кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување и кривично дело перење пари. Судот за одделните кривични дела утврди казна, и тоа за делото злоупотреба на службена положба и овластување – казна затвор од 1 година и 3 месеци.

За кривичното дело перење пари и утврдува казна затвор од 1 година и 3 месеци. За двете кривични дела се утврдува единствена казна затвор од две години, која нема да се изврши ако обвинетата во рок од пет години, сметано од денот на правосилноста на пресудата, не стори ново кривично дело – кажа лани судијата Трпков.

РАМКА 2

КУМОТ ГО РАЗОТКРИ КУМАШИНОТ ГРУЕВСКИ ЗА ПЛАЦОВИТЕ НА ВОДНО!

Во март, 2022 година, кумот на експремиерот Никола Груевски даваше своја одбрана во Кривичниот суд, како обвинет во случајот „Плацовите на Водно“. Тој, со својот исказ тогаш го потврди обвинението, односно дека Груевски имал таен имот, кој тој го купувал во негово име.

Тој раскажа од кога се познавал со екс премиерот.

Никола Груевски го познавам уште од средношколски денови, учевме заедно и станавме блиски пријатели. Тоа пријателство продолжи, па му станав венчален кум од првиот брак. По назначувањето на премиер, нашите средби се намалија, поради неговите обврски – истакна тогаш Ристо Новачевски.

Тој тврдеше дека во 2011 година добил повик од Груевски.

Кон средината на 2011 година ме повика во неговиот кабинет и ми рече дека сака да отвори градежна компанија во Македонија. А јас сум човек од доверба, па ме праша да бидам управител. Јас се согласив. Се работи за компанијата „Сирах и инженеринг“, која беше формирана како фирма ќерка на „Сирах лимитед“, офшор-компанија – истакна Новачевски.

Патем, појасни дека никогаш во животот не се занимавал со градежништво.

Го известив и Груевски дека не можам да ги бркам тие градежни работи. Тој ми рече дека јас сум само управител, а другите работи ќе ги води Алек Теранова. Ми даде контакт од Александар Ивановски (Алек Теранова) и ми кажа дека во иднина треба да го контактирам – истакна тогаш обвинетиот.

Тој откри и дека Груевски сакал да купи плац на Водно.

Ми кажа дека е заинтересиран, дека сака да земе некое земјиште на Водно, кое го нашол Алек и е на приватни сопственици. Го побарав Алек и се договоривме да се видиме. Ми ги побара моите генералии. Се видовме за некој ден.

Ја донесе документацијата, а јас лична карта. Ги потпишав документите и чекав повик да одиме на нотар. Отидовме и на нотар и кај адвокат за да завршиме. Ми се јави и ми кажа дека фирмата ќе има сметка во Стопанска банка Битола – истакна Новачевски.

Потоа следувало купувањето на парцелата.

Груевски ме информира дека треба да се купи земјиштето на Водно и дека целата работа ќе ја збрка Алек Теранова, со луѓето кои го продаваат, а јас само да го потпишам договорот. Ниту сум преговарал за цена, ниту сум ги знаеле луѓето. До ден денеска не знам каде се наоѓа земјиштето. Сите работи ги имаше истуркано Алек – истакна тогаш Новачевски.

Поврзани новости