АРХИВА: Нова аудиоснимка од Косово ќе ја открие вистината за Диво Насеље: Високи политички функционери ја договарале кумановската војна

by Fokus

Текстот е објавен на 13 ноември, 2015 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1049

Пишува: Љубиша АРСИЌ

Адвокатите на обвинетите во судското досие „Кумановска акција“ сакаат писмено да ја известат специјалната обвинителка Катица Јанева за пропустите на Јавното обвинителство при истрагата за настанот. Деновиве тие ќе одлучат какви аргументи ќе користат за да ги анимираат специјалните обвинители во обид да ги натераат тие да го преземат случајот и одново да го истражат, без да се повредуваат правата на притворените, колку и да се тие одговорни за пукањето и смртта на полицајците.

Иако адвокатите знаат дека ингеренциите на Специјалното обвинителство се ограничени и се однесуваат на кривични дела кои произлегуваат од незаконското прислушување, тие се, сепак, уверени дека предметот може да се пренесе затоа што една аудиоснимка на која се слушаат гласовите на еден од водачите на групата, Мирсад Ндрецај и агентот на македонската Агенција за разузнавање Ш.М. медиумите веќе ја објавија. Потоа беше објавена и аудиоснимка на која според тврдењето на медиумите на албански јазик се слуша гласот на Сулејман Осман, командант Суља, уапсен во кумановската акција, кој подоцна им избега на полицајците во близина на селото Брест, каде што бил одведен да посочи склад со оружје на вооружената група. Тој на снимката зборува како припадник на вооружената група и тврди дека Али Ахмети бил посредник помеѓу полицијата и терористите и дека на крајот тие ѝ се предале на полицијата, иако им било ветено дека ќе бидат предадени на претставници на ОБСЕ. Оваа индиција секако дека може да се истражи, исто како и тонскиот запис за инволвираноста на припадникот на Агенцијата за разузнавање.

Но, семејствата тврдат дека имаат и други тонски и видео материјали поврзани со акцијата кои многу подиректно откриваат кој стои зад целата операција и зошто кумановската војна некому била неопходна. Ќе ги објавеле, ако Јанева го преземе предметот. Сега не им веруваат на институциите. Дека снимките постојат, известени се и адвокатите на притворените. Наводно преку снимките се откривало како е формирана групата, како се одредувале нејзините активности, како се финансирале и какви релации имале со одредени функционери, политичари и разузнавачи? Дури, велат дека на снимките се слушаат гласови на познати актуелни политички фигури од Косово и од Македонија.

Но, со оглед дека ваквите снимки се направени од поединци, пред сѐ од членови на вооружената група, иако има информации дека содржината на разговорите е сериозна и отвора сосема нова димензија за кумановската вистина, тешко е да се поверува оти специјалната обвинителка Јанева ќе има овластување да го преземе предметот, освен ако во материјалите на опозицијата не се појави снимка, која може да посочи на активности на групата, која почнала со подготовки и извршила неколку напади уште во 2014-та.

Но, ако не успее проектот со Јанева, тогаш семејствата и адвокатите ќе немаат друг излез, освен записите да ги поделат со судот во процесот што претстои, а во кој 29 членови на групата се обвинети за тероризам. Истовремено, снимките може да се споделат и со јавноста за да се слушне другата, поинаква верзија за Куманово.

ПЕТМИНА МАКЕДОНСКИ АГЕНТИ КОНТАКТИРАЛЕ СО ВООРУЖЕНАТА ГРУПА

Но, ако е сѐ уште непознато дали постојат аудиоснимки од прислушуваните материјали поврзани со терористичката група, тогаш е сигурно дека постојат транскрипти и снимки од комуникацијата на вооружените од јануари до мај годинава. Станува збор за законски покриено прислушување. Се поставува прашањето – зошто порано групата не била спречена ако пет месеци била следена? А токму тие разговори, чија содржина не смее јавно да се објавува и при нивното презентирање како докази во постапката јавноста ќе биде отстранета од судница, кријат со кого точно контактирале лидерите Ндрецај и Ризај, кои биле убиени откако претходно се уапсени, како што тврдат нивните семејства, но и другите членови на групата, како командантите Соколи или Малишева, кои се во притвор.

Извори од обвинителството откриваат дека во списокот телефонски броеви со кои контактирале вооружените имало и броеви на повеќемина агенти на македонските служби. Но биле регистрирани и контакти со политичари. Дали сега тие разговори ќе се користат како докази? Дали судскиот процес ќе ја отвори и таа димензија – со кого комуницирале вооружените и од кого имале финансиска и политичка закрила? Транскриптите биле на илјадници страници, а следени се десетици телефонски броеви.

Она што ни го пренесуваат изворите од истрагата е дека најмалку петмина агенти на македонските служби имале некаква комуникација со вооружените. Истото го правеле и косовските служби. Дури, според броевите, биле препознаени имињата на агентите. Иако нашите извори ги споменуваат, сепак не можеме да ги објавиме затоа што „Фокус“ не располага со писмен доказ, а транскриптите се забранети за објавување. Така што, ова останува да го откријат истражните органи и да проценат каква е одговорноста на оние што контактирале со групата, односно што зборувале и за што се договарале. И на крајот, дали може да се покрене одговорност за агентите или за нивните претпоставени?

Дури, коментираат упатените, некои од агентите за кои се знае дека имале контакт со вооружените биле повикани во Јавното обвинителство. Зошто, не знае никој. Институцијата е целосно затворена за „Фокус“, па така нашите прашања во врска и со оваа тема беа премолчени, како и многу претходни. Ако се посочи вина кај агентите, тогаш ќе може да се дознае во чие име настапувале – лично или со наредба од повисоките структури. Каква била нивната улога, помеѓу кого посредувале и што менаџирале? Но, семејствата и адвокатите не очекуваат дека во процесот што претстои ова ќе биде можно, затоа што државата ќе направи сѐ за да ги заштити агентите. Тоа им е уште еден аргумент зошто Јанева треба да се позанимава со кумановската акција – за да не се премолчат и да не се искриват некои факти.

Семејствата од Косово, пак, пренесуваат дека поседуваат аудиозапис, и тоа од неколку часа. Тврдат дека имало многу состаноци на групата со припадници на безбедносните служби, пред сѐ, во Урошевац. Некои разговори, во кои се споменуваат караулата во Гошинце и плановите за Куманово, откриваат инволвираност на политички личности во целата операција. Таа снимка, според нашите извори, ја поседува едно од семејствата чиј роднина е на листата притворени и обвинети за акцијата. Содржината наводно ја крие целата вистина. Тоа значи дека роднините ќе мора да најдат начин да ја прикажат оваа скриена страна од кумановската вистина. Дали и колку таквите снимки ќе можат да ја насочат истрагата кон повисоки политички функционери, навистина е тешко да се одговори. Но, со вакво однесување на Јавното обвинителство, тешко дека нешто ќе се промени, особено ако ловот се насочи кон актуелни функционери и разузнавачи.

Сепак, постојат два елемента според кои истрагата може да еволуира – телефонските контакти на вооружената група и аудиоснимките од нивните состаноци со релевантни политичари.

КОГА ТОЧНО СЕ УБИЕНИ НДРЕЦАЈ И РИЗАЈ, И ОД КОЈА ДАЛЕЧИНА Е ПУКАНО ВО НИВ?

Дека е извесно оти постои вмешаност на политичко-безбедносните елити во кумановската акција потврдува и сознанието на семејствата на ликвидираните Ндрецај и Ризај, кои за „Фокус“ пренесоа дека на водачите на групата им биле ветени два милиона евра, од кои 500 илјади им биле исплатени веднаш. Понатаму, дека тие двајца поседувале информации за злодела извршени од косовски функционери, па постоела можност да се појават во улога на сведоци пред Специјалниот суд во Приштина. Дека високи кругови им ветувале на вооружените оти со месеци ќе дејствуваат на терен за да одржуваат тензии и дека нема да има напад врз нив од полицијата. Дека парите наменети за групата оделе од Косово преку македонски играчи.

Ваквите, но и други сознанија на семејствата, неопходно е да се проверат затоа што само така судот ќе може да има јасна слика за целото сценарио. На ист начин, како што преку проверка на телефонските разговори и аудиоснимките може да се откријат заговорниците на хорор филмот. Тоа не значи дека обвинетите ќе бидат амнестирани од одговорност затоа што е јасно дека се извршители на кривични дела – пукале и усмртиле полицајци, но зошто да не се откријат режисерите на кризата? Зошто да не се дознае кој манипулирал со групата, кој што им ветувал, зошто и кому плаќал?

А токму парите што им ги ветиле функционерите и разузнавачите како награда, но и информациите кои ги имале Ндрецај и Ризај за многумина инволвирани во операцијата, се причина за нивна егзекуција, се сомнежите на нивните роднини. Тие за „Фокус“ тврдеа дека со сигурност знаат оти четворица од вооружените, меѓу кои Ндрецај и Ризај се предале, а отпосле биле ликвидирани. Ги препознаваат на видеата и на фотографиите од приведувањата откако стивнаа деноноќните пукотници во Дива населба.

Во полза на нивното тврдење оди и јавниот настап на Сулејман Осман, командант Суља. Тој е од селото Брест и откако и избега на македонската полиција, заминал на Косово. Во една емисија на косовски ТВ медиум, тој посочи дека, освен што Ахмети знаел за целата операција, дека и водачот Ндрецај бил жив по акцијата. Тој лично успеал да го види и забележал дека е само ранет во левата нога. Потврда на неговата изјава од пред неколку месеци е извештајот од обдукцијата на телата на загинатите терористи.

Во извештајот за обдукцијата на телото на Ндрецај, кој е дел од доказниот материјал кој Јавното обвинителство го достави до обвинетите и до адвокатите, се наведува токму раната од огнено оружје на ногата за која претходно зборува Осман. Но, таму се нотирани и други прострелни рани кои најверојатно биле смртоносни за Ндрецај, а кои Осман не можел да ги забележи кога го видел приведениот водач на групата. Неколку куршуми, според обдукцијата, завршиле и во Бег Ризај. Но, она што дополнително отвора сомнеж кај адвокатите е фактот дека нема податок кога настапила смртта кај нив двајцата, односно изоставено е точното време, исто како што не е наведено од колкава далечина е пукано во Ндрецај и Ризај. Дополнително, и Лирим Красниќи, еден од обвинетите, соочен со судски процес, тврди дека го видел Ндрецај приведен од полицијата. Други обвинети, пак, го виделе и слушнале Ризај како извикува „УЧК“ додека полицајците го приведуваат. Адвокатите ќе инсистираат да се утврдат овие детали затоа што тоа ќе им овозможи да ја протнат во судница поинаквата верзија за настанот, паралелно со обидот да докажат дека не постои делото тероризам, односно дека полицијата прва извршила напад, а не групата, како што се тврди во обвинителниот акт.

– Без да ја прејудицираме одлуката на Советот за оцена на обвинителниот акт, доколку тој влезе во правна сила, во текот на главната расправа, оспорувањето на правната квалификација за предметниот настан ќе биде главна цел на одбраната, се разбира, не запоставувајќи ги и другите околности за кои се зборува во јавноста. Неспорно е дека на снимките во медиумите видовме срушени домови, слушнавме истрели, имаше човечки жртви, но она што е дадено како опис во обвинителниот акт, како за лицата кои се товарат како активни субјекти, така и за зачетоците, мотивите, како и целокупната динамика и тек на овие настани, во овој момент е за жал, многу далеку од целата вистина, анализира адвокатката Артене Исеини.

Сега адвокатите најавуваат дека преку судот ќе побараат да им се достават резултатите од обдукцијата на мртвите направена на Косово, каде што беа погребани телата, за да може да се споредат со тие во Скопје.

Инаку, Сулејман Осман од Брест, одговорен за нападот на караулата во Гошинце, како и за учество во вооружената група во Куманово го нема во обвинителниот акт. Тој е издвоен и може да му се покрене обвинение кога ќе биде приведен. Веќе некои информации зборуваат дека тој е уапсен од косовската полиција и дека е притворен.

СВЕДОЦИТЕ ЌЕ ИМААТ ГЛАВНА УЛОГА ВО ПРОЦЕСОТ

Со оглед дека семејствата на терористите имаат докази, знаат информации за групата, за нејзиното дејствување, за местенките и за одмаздите, тие ќе се појават во судница како сведоци. Адвокатскиот тим го подготвува списокот, но извесно е дека многумина од роднините од Косово ќе се појават да изнесат поинаква верзија за случајот. Се очекува од нив да се слушнат имиња со кого се среќавале вооружените, колку пари биле во прашање, каква им била целта на дејствувањето? Се очекува да ја искористат шансата и да ја пласираат и аудиоснимката со која располагаат.

Понатаму, како сведок ќе биде предложен агентот Ш.М., чиј глас, како што тврдеа медиумите на албански јазик, се слуша на една аудиоснимка како зборува со вооружените и како ја оправдува терористичката операција во Гошинце. Тој може да открие кои други агенти знаеле и соработувале со групата, иако не е исклучено како сведоци да бидат предложени и другите агенти кои се појавуваат низ материјалите како можни соработници на вооружената група или, пак, како нивни посредници. Командант Малишева преку адвокатите инсистирал за сведок да биде повикан и Али Ахмети, кој, според него, наводно многу знаел за акцијата и за начинот како е изведена и платена.

Од другата страна, пак, Јавното обвинителство предлага долга листа со сведоци, околу 80. Педесетина од нив се заштитени и се водат под број. Медиумите веќе објавија дека меѓу заштитените се и повредените полицајци во акцијата. Тие се означени со псевдоними „Ц“ или „УПС“ и дополнително со бројка. На листата со заштитени има и четворица сведоци кои не се меѓу повредените. За нив е непознато дали се полицајци учесници во акцијата, агенти или, пак, воопшто не се од безбедносните служби, но имаат сознанија за групата или за акцијата. Не се знае на кои околности ќе сведочат овие сведоци.

Во списокот на другите сведоци, Јавното обвинителство предлага луѓе кои се во роднинска врска со загинатите полицајци, но и жители на улицата на која се одвиваше крвавата драма. Најверојатно некои од жителите ќе сведочат дека ги изнајмиле куќите на вооружената група, дека низ дворовите забележувале униформирани и вооружени лица, дека се складирало оружје.

Факт е дека двете страни ќе имаат силни, информирани сведоци. Нивната бројност која ќе надмине 150 лица, навестува маратонски судски процес. Но, она што ја комплицира ситуацијата е што и адвокатите сакаат како сведоци да ги предложат повредените полицајци. Голем дел од нив сигурно се поклопуваат со заштитените сведоци на обвинителството. За ова веќе се почнати консултации за да се изнајде решение.

На крајот, низ безбедносните кругови почна да се зборува, а за тоа знаат и семејствата од Косово, дека еден од клучните состаноци за кумановската акција се одвивал на Водно. Кој бил присутен и што е договорено, семејствата ќе откријат кога ќе имаат шанса и заштита.

Рамка

ИСЕИНИ: ИСТРАГАТА Е ПРИСТРАСНА

Во моментов течат роковите за приговор на адвокатите на обвинителниот акт. Актот ги третира обвинетите како да молчеле и не се изјасниле, иако нивните адвокати пренесуваат дека сите до еден ќе зборуваат, само прво побарале проверка од лекари на нивната здравствена состојба и презентација на доказите за да можат да се подготват. Во ситуација кога не им ги покажува доказите, а не им помага да се прегледаат, обвинителството не смее да тврди дека обвинетите се бранеле со молчење. Дека постапката е прекршена, а со тоа истрагата е доведена во прашање, коментира адвокатката Исеини. Таа во дописот до „Фокус“ наведува:

– Согласно одредбата од чл. 70 од Законот за кривичната постапка, во која се дефинирани основните права на обвинетиот, истиот има право на увид во списите и да биде запознаен со доказите против него и во негова корист. Ова право на осомничените на кои сме бранители, им беше оневозможено да го остварат. Согласно истата одредба, основно право на осомничените е правото на изнесување на одбрана. И ова основно, најважно нивно право им беше ускратено. Воопшто, согласно законските права и обврски не реагираше ниту Судијата на претходна постапка, кој требаше да одлучи за ова нивно право, иако беа испратени повеќе поднесоци, барања и ургенции и иако кај повеќе од осомничените, токму како резултат на нивното физичко малтретирање при лишувањето од слобода беше неопходно преземање на соодветни мерки.

Ваквото постапување на обвинителството за адвокатите претставува незаконие и предизвикува целосна недоверба во институциите.

Поврзани новости