(АРХИВА) Нов напад, исто место, иста мета -дали нападот врз Штекли е поврзан со прегрупирањето во подземјето на релација Грчец – Барон?

by fokus

Текстот е објавен на 9 септември 2023 година во неделникот „Фокус“ со број 1457

Нов напад, иста мета, исто место, но овој пат Раде Трајковски – Штекли е ранет. Тој во август остана неповреден во нападот што се случи во „Ист гејт“, делумно и поради тоа што се водел во блиндирано возило. Сепак, пукањето од страна на засега непознати лица, чие возило потоа е најдено запалено кај езерото Треска, се толкува како порака што одредена криминална група сака да ја испрати. Штекли не се поврзува со последните мафијашки убиства, но многу индиции водат кон новокомпонираната група „Барон“

Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Додека американскиот заменик помошник државен секретар Габриел Ескобар беше во Скопје, во обид да ја поттурне процедурата за носење на уставните измени, освен политичката непомирливост, сигурно слушна и за мафијашки напад во центарот на Скопје среде бел ден.

Во трговскиот центар „Ист гејт“, каде што има огромен број камери, беше нападнат Раде Трајковски-Штекли. За среќа, немаше повредени или мртви, но овој напад се толкува како уште една порака што си ја испраќа македонското подземје меѓу себе.

Две маскирани лица, со фантомки на главите, вооружени со пиштоли со придушувачи и автоматски пушки, пукаа кон Штекли во подземните гаражи, во трговскиот центар.

Пукањето се случи пет минути пред 16 часот, а напаѓачите излегле од автомобил „ауди А4“ караван со странски регистарски ознаки.

Пукале кон Штекли, кој си одел од вежбање од теретаната што се наоѓа во Трговскиот. Пукале, но не успеале да го повредат, бидејќи, неофицијално, бил во блиндирано возило.

Возилото со кое се превезувале напаѓачите, пак, идентично како и во другите криминални пресметки што се случија во изминативе месеци, беше најдено запалено кај езерото Треска кон Грчец.

Министерството за внатрешни работи излезе само со штури информации за инцидентот.

„Едно лице, кое било со патничко возило „ауди“, пукало кон Р.Т. (39) од Скопје, но не го погодило. Во возилото од кое се пукало, според пријавеното, имало уште едно лице. Повредени лица нема. Известен е јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, соопшти МВР.

Обвинителството, пак, веднаш ги побарало снимките од видеонадзорот во „Ист гејт“ и неговата непосредна околина.

„Издадени се повеќе наредби со цел идентификација на сторителите, издадена е наредба за обезбедување снимки од видеонадзор на повеќе локации во и надвор од трговскиот центар.

Предмет на вештачење и проверки е и возилото што беше пронајдено опожарено. Се преземаат и други дејствија за расчистување на настанот и мотивите“, рекоа од обвинителството.

Но, десет дена се „премалку“ за истражните органи да ги откријат сторителите на нападот.

Кога се случи нападот во „Ист гејт“, Штекли веднаш се поврза со истрагата за убиството на младиот фудбалер Мартин Јанушев, кое се случи во 2017 година кај „Ред кафе“ на улицата Владимир Комаров, во скопската населба Аеродром.

Како што објавуваа медиумите непосредно по убиството, Јанушев бил повикан од осомничениот за убиството, Филип Секуловски Кобра, и добил порака – „дојди да се пресметаме“.

УБИСТВОТО НА ЈАНУШЕВ

Мартин го зел пиштолот на татко му, вработен во МВР, и излегол од зграда, но Секуловски бил побрз од него и испукал пет куршуми. Кобра, всушност, кога се случи убиството, бил на викенд од затворот каде што издржувал казна за трговија со дрога.

Но, она што го поврзуваше Штекли со убиството беше тоа што Кобра наводно пред убиството се сретнал токму со Штекли, кој баш на тој ден објавил фотографија од Белград, каде што бил за време на убиството.

Секуловски беше уапсен и осуден по две години бегство, а Штекли никогаш не беше обвинет и не беше докажана неговата поврзаност со ова убиство.

Инаку, двајцата се поврзуваа со Агенцијата за обезбедување „Омерта секјурити“, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја обвинуваше власта дека го штити убиецот на Јанушев, како и нарачателот.

Како што објавуваше тогаш опозицијата, Агенцијата била формирана 20 дена по формирањето на владата и била поврзана со тогашниот премиер и тогашната влада на чело со Зоран Заев.

– Што е помалку вредно убиството на младиот Јанушев од она на Мартин Нешковски, и дали е вистина дека и убиецот и нарачателот се на безбедно во Белград, и уживаат во неказнивоста само затоа што се блиски на агенцијата за обезбедување „Омерта“.

По само неколку месеци, голем број локали низ градов добија налепници со логото на Агенцијата за обезбедување „Омерта“. Секому му е јасно, зошто е формирана агенцијата. Целата јавност знае што прават изминативе месеци. Целата јавност знае, само Заев и Спасовски, молчат – обвинуваа тогаш од опозицијата.

Но, оваа Агенција за обезбедување не работеше долго, отворена беше во 2017 година, а избришана е од Централниот регистар во февруари 2020 година. Омерта, всушност, на италијански значело завет за молчење, израз што го користела мафијата како гаранција дека никој нема да соработува со полицијата и со органите на прогонот.

Во септември 2021 година, откако веќе беше затворена Агенцијата, Штекли беше уапсен во Белград. Тој се бараше со меѓународна потерница, но не за убиството на Јанушев, туку за напад за кој бил осуден на шест месеци затвор.

Од судските одлуки што се јавно објавени на веб-страницата на Кривичниот суд, може да се најде пресуда од 2017 година, во која лице, чие име се совпаѓа со името и презимето на Штекли, е осудено на шест месеци затвор за напад што се случил во 2013 година на булеварот Партизански одреди пред кафе-бар во трговскиот центар „Буњаковец“.

ЕКСТРАДИРАН ЗА НАПАД

Трајковски и уште едно лице, по расправија, нападнале скопјанец со тупаници, го изнеле на сила од кафе-барот и на плочникот го удирале со тупаници и клоци во пределот на главата и телото.

Оштетениот паднал во бессознание, добил потрес на мозокот, повреди на главата и телото, скршеници на носот и по целото тело.

Овој настан се совпаѓа и со казната затвор и со кривичното дело за кое Трајковски се барал со потерница. Оваа првостепена пресуда е донесена непосредно пред да се случи убиството и најверојатно не била правосилна кога Штекли заминал во Белград.

Во судскиот регистер на пресуди може да се најдат и уште две одлуки, односно пресуди за лице чие име и презиме, исто така, се совпаѓаат со името и презимето на Штекли.

Едната е донесена во 2018 година, кога Трајковски бил во бегство. Тој во отсуство е осуден на две години затвор, исто така за напад сличен на претходниот.

Трајковски, пак, со друго лице нападнале гостин во кафулето „Барбакан“. Без причина почнал да го тегне оштетениот за рака, го изнел надвор од објектот и почнал да го удира со тупаници во пределот на вилицата и лицето, а во нападот му помогнало уште едно лице.

Сепак, минатата година на Трајковски му се судело повторно откако бил екстрадиран, признал вина и е осуден на условна казна.

Иако Штекли во Белград беше уапсен во 2021 година, во Македонија беше екстрадиран во февруари 2022 година и беше пренесен во истражниот затвор во Шутка на издржување на затворската казна.

Но, освен од Белград, Штекли беше екстрадиран и од Атина во 2011 година, но не во Македонија, туку во Италија.

Тој и Христијан Илиевски се двајцата македонски државјани вмешани во мегаскандалот со наместени резултати во италијанската најсилна фудбалска лига – Калчо.

Илиевски сам се предаде на италијанските власти, а Трајковски беше  екстрадиран и двајцата сведочеа во судскиот процес.

СЀ ВОДИ КОН „БАРОН“

 Името на Штекли во последните години не се споменуваше многу често по медиумите, освен кога беше уапсен и екстрадиран. Неговото име не се споменуваше ниту во последните мафијашки пресметки, кои почнаа со убиството на Јетон Кривањева – Жила и Енес Исеинов-Љаци од криминалната група „Дуќанџик“.

Со двојното убиство во „Шиша бар“ под скопско Кале почна ново прегрупирање во скопското подземје.

Брзо по двојното убиство, во Приштина беше убиен Бљерим Даци, македонски државјанин од Чаир, а неговото безживотно тело беше најдено во автомобил.

На околу еден километар од убиството беше најден запален автомобил со германска регистрација. Косовските медиуми тогаш објавија дека Даци бил осомничен токму за убиството во „Шиша бар“.

Според официјалните документи, семејното презиме на Бљерим е Даци, а го сменил во Шабани, откако издржал 18 месеци затвор во Пакистан како припадник на Ал каеда.

Еден месец по убиството во Приштина, во апартман во Ханиоти, на Халкидики убиен беше и неформалниот водач на „Дуќанџик“, триесет и деветгодишниот Орхан Ибраими-Оки.

Со убиството на Оки, криминалната група „Дуќанџик“ остана обезглавена. Токму оваа група беше главна во подземјето во постојана ривалска битка со другата група „Беланоца“.

Двете групи, како што пишуваше „Фокус“, во серија текстови, кои биле „едно“, се закрвиле по убиството на Агим Шерифи, кој заедно со Џељаљ Ајети воделе моќна нарко-мрежа, која се занимавала и со рекет, и со лихва.

Пресметката до истребување меѓу двете главни групи трае со децении. „Дуќанџиќ“ како да ја изгуби моќта, но и ривалската „Беланоца“, но и двете не се предаваат. Нивната меѓусебна одмазда како сѐ уште да трае преку други помали групи.

Единствениот жив лидер на „Беланоца“, Фатљум Ајети-Тоте е во притвор, но е поблизок до новите криминални групи што се создаваат и што сега доминираат.

Она што го поврзува нападот на Штекли и сите овие мафијашки пресметки за краток период е групата „Барон“. Оваа група е релативно нова и се „брендирала“ според кафуле што се наоѓа во Чаир.

Во неа членуваат повратници од боиштата во Сирија, истренирани борци, кои се борат да земат дел од криминалниот пазар. Според извори што се добро запознати со она што се случува во подземјето, блиндираниот џип со кој се заштитил Штекли, му припаѓал на кланот „Беланоца“, претходно го возеле и Џељал Ајети и неговиот убиен брат Наим Ајети.

Според нашите извори, „новите дечки“ од „Барон“ сакаа да ја заземат територијата на „Дуќанџик“ и цело време има некој детаљ што ги поврзува со Тоте.

Според неофицијални и непотврдени информации, Даци, кој беше убиен во Приштина, е поврзан со последниот приведен за двојното убиство со иницијали Г.М.

Според информациите на „Фокус“, станува збор за Гани Марку, кој исто како и Даци го сменил презимето, односно претходно се презивал Туша. И тој се барал со меѓународна потерница и е повратник од боиштата во Сирија, поточно припадник на групата Ал Нусра.

Нашите доброупатени извори велат дека Единицата за специјални задачи „Тигар“ го уапсила Марку или Туша во куќата што се наоѓала до куќата на Тоте, односно таму избегал од домот на Тоте.

ПОВРЗАНОСТ СО „БЕЛАНОЦА“

Од официјалните и неофицијалните информации може да се заклучи дека осомничени за убиството во „Шиша бар“ се припадници на групата „Барон“, чиј лидер Јусуф Аќифи може да се види фотографиран со Фатљум Ајети-Тоте, водачот на ривалската „Беланоца“, кој заврши во притвор петнаесет дена откако се случи двојното убиство во „Шиша бар“.

Сегашното прегрупирање меѓу криминалните групи не е ново, вакво потреси имало и по убиството на Наим Ајети, кога доаѓа до превласт и прегрупирање во подземјето. Групата „Дуќанџик“ ја презема контролата, пружаат „заштита“ на казината и рестораните.

Во меѓувреме, склопуваат пакт со групата „Грчец“, предводена од Муареми Шеваљ, чии членови беа гонети во полициската акција „Планина“ за трговија со дрога и други кривични дела.

Сепак, Шеваљ останат недопрен. Во тој период излегуваа снимки како се забавува во Шпанија, во друштво на фудбалерот Лионел Меси. Легендите велат дека секогаш знаел навремено да се дистанцира поради информациите од добри дојавувачи.

Запаленото возило што беше најдено по нападот на Штекли беше најдено во близина на Грчец, на територијата под контрола на Муареми, а на Тик ток беше објавена одмаздничка порака од членови на „Дуќанџик“.

Неодамна беше приведен организаторот на трговија со дрога од селото Грчец, кој е дел од случајот „Планина“ по кого беше распишана и меѓународна потерница во 2021 година.

Засега не е расчистено ниту едно од овие мафијашки убиства, па бандите меѓусебе се пресметуваат кој да ги преземе милионските нелегални бизниси.

Поврзани новости