(АРХИВА) Ниту се доградува, ниту се урива: Дивоградбата „Мајка Тереза“ ќе „стопи“ уште милион евра од буџетот!

Во елаборатот изготвен од работната група за евалуација се наведува дека при реализација на споменикот е прекршен Уставот, како и низа законски предвидени процедури. Членовите на работната група заклучиле дека над 5,5 милиони евра буџетски пари се злоупотребени за бесправно градење на објектот. Тие предлагаат прекин на работите, поништување на договорот со изведувачот и демонтирање.

by Фокус

Текстот е објавен на 21 октомври 2021 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.359.

Новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ најавува дека ќе го доврши споменикот „Мајка Тереза“ во строгиот центар на Скопје, откако претходната гарнитура на СДСМ ниту го догради, ниту го урна. Дека станува збор за класична дивоградба која треба да се демонтира, утврди работната група за „Скопје 2014“, пишуваше „Фокус“ пред 3 години. Но, во меѓувреме, изведувачот „Бетон-Скопје“ го тужеше Министерството за култура како инвеститор за побарување од 62 милиони денари, токму за овој објект. Иако при неговата реализација се прекршени низа законски прописи, сепак, надлежните не покренуваа постапка за отстранување.

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Во непосредна близина на централниот скопски плоштад, буквално сред улица, веќе неколку години зјае недоградениот објект „Мајка Тереза“, кој веќе поодамна е прогласен за дивоградба.

Првично, ова спомен-обележје беше најавено дека ќе го гради индискиот бизнисмен Субрата Рој, чијашто компанија „Сахара Глобал“ доби на подарок градежна парцела од 620 квадратни метри на плоштадот „Македонија“.

Меѓутоа, по апсењето на индискиот бизнисмен, тогашниот премиер Никола Груевски, на партискиот конгрес во Куманово, најави дека споменикот ќе се гради од државниот буџет, со што требало да се заокружи проектот „Скопје 2014“.

Така, за изработка на споменикот што требаше да го надмине и „Александар Македонски“ во висина, стана надлежно Министерството за култура, тогаш предводено од Елизабета Канческа-Милевска, така што во документите вој споменик се именуваше како „објект со скулптурална композиција“.

Во меѓувреме, беше изработен основниот проект за објектот од страна на „Градежниот институт Македонија“, додека идејното решение беше производ на склупторите Валентина Стевановска и Кирил Мукаетов.

Во својство на инвеститор, Министерството на конкурс ја избра скопската градежна компанија „Бетон-Скопје“ како изведувач на работите, со која склучи договор вреден над 5,5 милиони евра.

Сепак, додека надлежните институции си ја префрлуваат одговорноста кој е надлежен да се справи со објектот, тој се уште генерира потенцијални штети врз буџетот, со оглед дека изведувачот по судски пат бара ненаплатени побарување од инвеститорот.

Покрај тоа, компанијата што се поврзува со еден од најбогатите македонски бизнисмени, Минчо Јорданов, која за време на „преродбата“ работеше голем дел од јавно спонзорираните објекти, побарува буџетски средства од повеќе јавни органи.

ХРОНОЛОГИЈА НА ОДЛУКИ И АКТИ

Како течеше целата постапка на изведба на споменикот?

На владина седница во 2012 година, тогашната министерка за култура Канческа-Милевска информирала за иницијатива доставена од граѓанската организација „Скопјанката Мајка Тереза“, по што се објави конкурс за идејно решение.

Заедно со одлуката за изградба на објектот донесена од Владата, објектот, со одлука на Советот на Општина Центар, бил координирано вметнат како површина за градење и во Деталниот урбанистички план за централно градско подрачје Скопје – Мал Ринг.

Временски, оваа постапка за промена на ДУП-от се изведува за помалку од еден месец, што практично е премал период за реална промена на било каков ДУП. Сепак, општинскиот совет во Центар експресно донесе одлука за промена на планот, со што се формира градежна парцела обележана како Г.П. 5.2.3.

Всушност, оваа градежна парцела е формирана среде коридорот на улицата Орце Николов, со површина од 680 квадратни метри. Притоа, не е обележана класа на намена, но во текстуалниот дел од планот за парцелата стои дека се планираат фонтата со споменик, склуптури и спомен-обележја.

Во втората половина на 2014 година, пак, Владата му наложува на Министерството за култура да го раскине договорот со „Сахара Глобал“ на Рој за пренесување на правото на градење на објектот.

Воедно, Владата му наложува Министерството да ја продолжи изградбата преку тендерска постапка за јавна набавка во периодот до 2017 година, откако претходно ќе нарача проект согласно идејното решение.

На крајот на 2015 година, Министерството за транспорт и врски, тогаш на чело со Миле Јанакиевски, му издава на Министерството за култура одобрение на објектот во централното градско подрачје, поточно на катастарската парцела број 13794/5, катастарска општина Центар 1.

Неколку дена претходно, Министерството за култура, во улога на инвеститор, склучило договор со скопски „Бетон“ на Јорданов за изведба на објектот вреден над 342 милиони денари, или над 5,5 милиони евра.

КРШЕЊЕ НА УСТАВ И НИЗА ЗАКОНИ

Впрочем, објектот со одредена динамика се градеше се до политичките промени после парламентарните во 2016 година, после кои СДСМ на чело со Зоран Заев ја презеде власта од ВМРО-ДПМНЕ, за време на чие децениско владеење се реализираше „Скопје 2014“.

И, веднаш после формирањето на новата влада, со решение на новоизбраниот министер за култура Роберт Алоѓозоски од СДСМ (актуелен национален координатор за развој на културата) беше формирана работна група за изработна на Анализа за реализацијата и последиците од таканаречениот проект „Скопје 2014“.

Набрзо по формирањето, оваа работна група координирана од универзитетскиот професор Мирослав Грчев, и плус составена од Донка Барџиева, Никола Наумоски, Златко Теодосиевски, Мартин Пановски и Гетоар Абдурамани, се зафати со работа со фокус на неколку позначајни споменици, меѓу кои беше и спомен-обележјето „Мајка Тереза“.

Во елаборатот изготвен од работната група за евалуација на сите релевантни аспекти за овој објект се наведува дека при негова реализација е прекршен Уставот, како и низа законски предвидени процедури.

Поточно, во елаборатот што го поседуваме стои дека одлуката за изградба на објектот не смеело да се донесе од страна на Владата, бидејќи се работи за меморијален споменик, за што, според Законот за меморијални споменици и спомен-обележја (член 5), единствено надлежно е Собранието.

Освен  што на тој начин извршила упад во законодавната власт, исто така, работната група утврдила дека Владата се замешала и во надлежностите на локалната самоуправа, со тоа што на „Илинденска“ била донесена одлуката за локацијата и габаритот на објектот, наместо тоа да се прави на локално ниво преку учество на граѓаните.

Покрај тоа, експертите утврдиле и прекршување на Законот за просторно и урбанистичко планирање, од причина што, според нив, градежната парцела за објектот, односно парцелизираното градежно земјиштето за поединечна употреба е утврдено во рамки на градежно земјиште за општа употреба наменето исклучиво за сообраќај.

На крајот, работната група во елаборатот навела дека, меѓу останатото, е прекршен и Законот за буџет и Законот за спроведување на буџет. Во него се наведува дека финансирањето на објектот е по пат на ненаменско  планирање и трошење на наменски средства за дејностите во културата и заштитата.

ДЕМОНТАЖА НА ОБЈЕКТОТ

Врз основа на сето тоа, членовите на работната група заклучиле дека над 5,5 милиони евра буџетски пари се злоупотребени за бесправно градење на објект без законска надлежност. Затоа, тие предлагаат мерки за справување со ваквата ситуација.

Во таа насока, се предвидува прекин на работите, поништување на договорот со изведувачот и демонтирање на веќе изградениот објект. За таа цел, се упатува тоа да го стори изведувачот, или во спротивно, доколку одбие, тоа останува обврска на Министерството како инвеститор.

Арно ама, ништо од тоа не е направено. Оттогаш до денес, објектот се уште си стои на лице место. Додуша, тој никогаш не беше финализиран до крај, меѓутоа никој – ниту инвеститорот (Миистерство за култура) ниту изведувачот (Бетон) – не го отстранил, како што се посочува со елаборатот.

Имено, за уривање на објекти вообичаено е надлежна инспекцијата во рамки на општината, која патем за него издава одобрение за градење. Меѓутоа, тоа за важи за објекти од втора категорија, додека „Мајка Тереза“ се третира како спомен обележје и спаѓа во прва категорија објекти.

А, за нив одобрение за градба издава Министерството за транспорт и врски. Како што ни изјави министерот Благој Бочварски,  Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам (ДИГУ), под капа на ресорното министерство, е надлежен да изврши инспекциски надзор дали се гради согласно одобрението и може да донесе решение за рушење, ама по барање на инвеститорот.

Со други зборови, поништување на одобрението треба да побара Министерството за култура како инвеститор, по што може да постапува ДИГУ, доколку, се разбира има основ за поништување на одобрението. Сепак, такво нешто досега ниту е побарано, а камоли направено.

Во меѓувреме, изведувачот „Бетон“ поднесе тужба до инвеститорот Министерство за култура со која побарува скоро 62 милиони денари или еден милион евра, ни потврдија од скопскиот граѓански суд. Неофицијално, тужбата се однесува за неисплатени средства токму по договорот за изградба на „Мајка Тереза“.

Но, официјална потврда не добивме ниту од компанијата ниту од институцијата. Во секој случај, тоа значи дека овој објект, наместо да биде отстранет по пат на спогодба меѓу инвеститорот и изведувачот, или, пак, да се отстрани од страна на Државниот инспекторат по барање на Министерството, тој се уште претставува потенцијално буџетско отповарување.

 

Влада на РСМ
СЕ ВОДАТ ПОСТАПКИ ПРЕД НАДЛЕЖНА ИНСТИТУЦИЈА

Дека во елаборатите изготвени од работната група за „Скопје 2014“ е посочено дека постојат неспорни докази и дека прекршени биле низа закони што ја уредуваат материјата на подигање на споменици, законите за буџет и јавните набавки, како и законите за просторно и урбанистичко планирање и градење, потврдуваат и од Владата.

За постапката за поништување на издадени акти од надлежен орган се постапува согласно одредбите од Законот за општа управна постапка. За секој објект или споменик се води постапка пред надлежна институција, суд или обвинителство. Како завршуваат правните постапки, така се постапува и соодветно јавноста е информирана од надлежните институции“, ни одговорија од Илинденска.

Во тој контекст, од таму велат дека досега ефектуирање на елаборатите имало во случајот со отстранување на споменикот на А. Лазов Јанев – Ќосето, како и како и со стопирањето со Мајка Тереза. Арно ама, во елаборатот се бараше негово демонтирање и ослободување на улиците, што се уште не е сторено.

Наспроти тоа, од Владата неодамна одлучија да се распише јавен конкурс за пренамена на објектот, со образложение дека уривањето е прескапо. Во однос на тоа, пак, се спротивстави градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, кој изјави дека споменикот треба да се урне зашто е дивоградба. Засега, се уште е непозната судбината на објектот.

 

Основен суд Скопје – 2
АД „БЕТОН“ ГИ ТУЖИ И ЦЕНТАР И ПИУК

Споменикот „Мајка Тереза“ не е единствениот објект финансиран со јавни средства за кој „Бетон“ сака да наплати по судски пат.

Според информациите од надлежниот суд, компанијата поднела тужби и до Општина Центар и до ЈП за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор за побарувања од 1,5 и 7,1 милиони денари.

Во однос на овие тужби, се уште актуелниот градоначалник на Центар Саша Богдановиќ вели дека досега не им стигнал допис за да може да се произнесат.

Првиот човек на ПУИК, Кристијан Трајковски, пак, изјави дека се работи за побарување по основ на камати за изградбата на стадионот.

За време на криза, ние како ново раководство им го плативме цел главен доспеан долг на „Бетон“, а сега ни бараат и камати од 7 милиони денари. Но, ќе спориме на суд и ќе се бориме да не ги платиме каматите – вели Трајковски.

Поврзани новости