(АРХИВА) Ниту една пријава на ДКСК за кривично гонење не заврши со обвинение, а камоли со пресуда!

by Фокус

Текстот е објавен на 29 септември 2022 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1408.

Откако струшкиот градоначалник Рамиз Мерко осамна на „црната листа“ на САД, претседателката на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска потсети на иницијативата за кривично гонење што ја покренаа за набавката на возила од страна на Општина Струга во време на финансиска нестабилност, која всушност никогаш не доби епилог, исто како и нивната претставка до Судскиот совет, бидејќи струшкиот суд дозволил поголем лимит за да може општината да набави и луксузно „ауди“ од 67 илјади евра за потребите на Мерко.

Како што неодамна пишуваше „Фокус“, ова е само една од многуте иницијативи на ДКСК која заглавила во обвинителството и никогаш не стасала до суд. Според официјалните податоци што ги обезбедивме, во последните 3 години овој состав на реформирана ДКСК поднела вкупно 25 иницијативи за кривично гонење на сегашни и поранешни јавни функционери, при што голем дел од овие пријави се веќе отфрлени од страна на Јавното обвинителство. За еден дел од нив, пак, сѐ уште се водат предистражни постапки.

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Од изборот на актуелниот состав во 2019 година, Државната комисија за спречување корупција и судир на интереси досега поднела вкупно 25 иницијативи до Јавното обвинителство за кривично гонење поранешни и сегашни јавни функционери, но ниту една од нив не резултирала со обвинение пред суд, покажуваат информациите до кои дојде „Фокус“.

Согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, побаравме податоци колку иницијативи за кривично гонење до Обвинителството се поднесени од страна на актуелната Антикорупциска комисија, која, со новиот Закон за спречување корупција и судир на интереси, пред 3 години доби засилени овластувања и надлежности?

Во одговорот што го добивме од антикорупционерите се содржат информации за природата на иницијативите, но не и за идентитетот на опфатените лица и субјекти. Причината е едноставна – овие постапки никогаш не стигнале до пресуда, па на овој начин се почитува принципот за пресумпција на невиност. Нели, секој е невин додека не се докаже спротивното.

Сепак, врз основа на податоците што ги обезбедивме, како и врз основа на медиумските известувања, може да се заклучи или макар претпостави за кого се однесувале овие иницијативи за кривично гонење, кои надлежните обвинителства во голем дел веќе ги отфрлиле. За некои од нив, како што тврди ДКСК, не добиле никакви повратни информации од ЈО.

Откако републичкото јавно обвинителство го препрати нашето барање до месните обвинителства, само едно (ОЈО Гевгелија) ни го откри идентитетот на лицата за кои постапувале по иницијатива од антикорупционерите. Притоа, најголем дел од овие пријави завршиле кај скопското обвинителство и кај обвинителството за гонење организиран криминал, кои за одредени иницијативи сѐ уште постапуваат во предистражна постапка.

И во одговорот од обвинителството за организиран криминал и гонење корупција нема конкретни податоци за лица и субјекти, бидејќи таканаречениот тест на штетност покажал дека во спротивно би се загрозила приватноста на лицата, нивниот личен и семеен живот итн. Уште пооскуден извештај добивме од скопското обвинителство, со оглед дека во него има повеќе гола статистика отколку суштински информации.

Во секој случај, сознанијата со кои располагаме, повеќе од јасно говорат дека актуелни и поранешни градоначалници, владини секретари, директори, министер, се само дел од функционерите за кои Комисијата побарала кривично гонење, претежно за злоупотреба на службена положба и овластувања и несовесно работење. Но, за ниту еден од нив засега нема кривична одговорност, бидејќи постапките не дотуркале подалеку од предистрага во обвинителството.

ДОДЕКА ТРАЕ ПРЕДИСТРАГА, ДОБИ НОВА ФУНКЦИЈА

Земено по години, во 2019 година, ДКСК до ЈО поднела 9 иницијативи за кривично гонење. Две од нив се однесуваат на еден ист случај, односно на ректорот на универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, Никола Јанкуловски, кој, според пријавата на ДКСК, незаконски добил јавни средства во износ од околу 2 и пол милиони денари.

Поточно, според антикорупционерите, тој истовремено земал плата и од УКИМ и од матичната Клиника за дигестивна хирургија, иако, наведуваат тие, работното место на Клиниката требало да му биде во мирување. Сепак, скопското обвинителство одлучи да ја отфрли оваа иницијатива, оценувајќи дека Јанкуловски за ректорскиот ангажман добивал надоместок, кој не може да се третира како плата.

Во членот 97 од Законот за високо образование е дефинирано дека ректорот е раководен орган, треба да е редовен професор и се избира на слободни, непосредни и тајни избори од страна на членовите на наставно-научните, научните и наставничките совети на единиците (факултети и научни институти) – од што јасно произлегува дека не сум избрано и именувано лице.

Второ, високообразовната, научноистражувачката и здравствената дејност на Медицинскиот факултет, каде што сум вработен како редовен професор по хирургија, се вршат како функционална целина, што резултираше со воспоставување истовремен двоен работен однос на здравствените работници од универзитетските клиники, кои се избрани на Медицинскиот факултет – изјави тогаш Јанкуловски за „Фокус“.

Речиси истовремено, како што нѐ известија од ДКСК, од таму побарале кривично гонење и за директор на Државен студентски дом за злоупотреба на службена положба и несовесно работење, без да наведат за кого се работи. Меѓутоа, тогаш на оваа позиција е Дарио Николовски, кој е на чело на институцијата од 2018 до 2020 година.

Според ДКСК, тој како директор на ДСД, при вршење на должноста, „не обезбедил законито користење и заштита на средствата во сопственост на јавната установи“. Тоа, како што наведуваат антикорупционерите, придонело кон недомаќинско располагање со имотот и сметката на институцијата.

Во врска со тоа, антикорупционерите велат дека добиле известување од обвинителството дека се постапува од страна на обвинителството за организиран криминал и гонење корупција. Во одговорот што го добивме од ова обвинителство, пак, стои дека се „прибираат податоци од други институции со цел утврдување на фактичката состојба“.

Од поднесувањето на иницијативата поминаа 3 години, а во меѓувреме Николовски стана директор на Агенцијата за енергетика. Порано, тој беше директор на Агенцијата за странски инвестиции и советник во Општина Гази Баба од редовите на СДСМ. Во изминатиот период, дел од медиумите пишуваа дека неговиот брат се вработил во МВР…

НИШТО СПОРНО ВО НАБАВКАТА НА АВТОМОБИЛИ СРЕДЕ КРИЗА

Од 2019 година датира уште една антикорупциска иницијатива, во однос на која, исто така, постапувало обвинителство за организиран криминал. Меѓутоа, во овој случај обвинителството донело одлука во текот на ланската година, кога одлучило да ја отфрли пријавата за кривично гонење вработени во Државната изборна комисија и службени лица.

Станува збор за предмет отворен поради индиции за незаконски тендерски постапки за печатење доверлив изборен материјал и за избирачки список во периодот од 2016 до 2019 година, кога всушност се одржаа претседателски, парламентарни и локални избори, како и референдумот за Преспанскиот договор.

Инаку, сомнежите на антикорупционерите потекнуваа од фактот што не се организирале отворени повици, туку постојано се прибегнувало кон непосредно договарање, а „победувала“ битолската „Киро Дандаро“. Во процесот на преговарање секогаш била повикувана и печатницата „Европа 92“ од Кочани, иако нејзиниот сопственик бил член на бордот директори на битолската печатница.

Наспроти тоа, ДИК се правдаше дека роковите биле кратки и дека не останувало доволно време да се објавуваат тендери. Иако, според ДКСК, овие постапки во „4 очи“ не биле спроведени законски, обвинителството донело негативна јавно-обвинителска одлука, откако претходно било побарано вештачење и бил обезбеден вешт наод и мислење.

Во истата година, Антикорупциската комисија сериозно работеше на уште неколку актуелни случаи во јавноста, како на пример контроверзната набавка на службена возила од страна на градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, кој, во време кога општината беше задолжена, потроши 114 илјади евра за набавка на 4 автомобили, меѓу кои беше и луксузниот „ауди А6“, вреден речиси 67 илјади евра.

Не е срамота градоначалник да седи по патиштата? „Шкодата“ ќе оди со помала брзина и не е тоа тоа. И што има тука проблем? Видете го колку е убаво. Па, каков градоначалник ви се гледам јас, ќе одам со „фиќо“? Стотина автомобили „мерцедеси“, „ауди“, јас со „опел вектра“. Па, не вреди градоначалник со скинати алишта и со стар автомобил. Не сум пишман, може требаше да земам уште поубаво возило – говореше тогаш Мерко.

Откако ДКСК поднесе иницијатива за кривично гонење на Мерко за злоупотреба на службена положба и несовесно работење во службата, таа го мина патот од скопското до струшкото обвинителство, за на крајот да заврши во обвинителството за организиран криминал, кое, по спроведена предистражна постапка, ја отфрлило иницијативата.

НАДГРАДЕНИ ПЛАТФОРМИ ВО СПОМЕНИК НА ПРИРОДАТА

Вториот актуелен случај во јавноста од тоа време беше Матка. Уште пред 3 години, Комисијата побара обвинителството кривично да го гони тогашниот и сегашен градоначалник на Сарај, Блерим Беџети, заедно со општински службеници, бидејќи не презеле дејства и не донеле соодветни управни акти во постапките што се вовеле за легализација на објекти и платформи кај кањонот.

Со одолжувањето на постапките, според Комисијата, Општината им овозможила на газдите на ресторанот и на платформите, кои поседуваат и пловни објекти за превоз на туристи, да вршат стопанска дејност и да остваруваат противправна имотна корист. Додека нелегално остварувале профит, наведува ДКСК, тие го загрозиле заштитениот режим, како и постојната флора и фауна во ова подрачје.

На барање на Комисијата, контрола извршил Државниот управен инспекторат, кој утврдил недоследности во барањата за легализација, несоодветно евидентирање на документацијата во секторот за урбанизам, а се нотирал и фактот што градежен инспектор било лице без потребното образование, имајќи предвид дека бил машински инженер.

Арно ама, скопското јавно обвинителство донело одлука за отфрлање на кривичната пријава, со образложение дека пријавените кривични дела не се дела што се гонат по службена должност. Во известувањето до ДКСК, од ЈО велат дека Општина Сарај на чело со Беџети целосно постапил во однос на укажувањата на Инспекторатот и по насоките од вонредниот инспекциски надзор.

Имено, обвинителството наведува дека Општина Сарај ги отфрлило речиси сите барања за легализација по што предметите се префрлиле на други повисоки управни инстанци. Истовремено, се нотира дека општината на тендер барала компанија што ќе ги урне дивоградбите, но ниту една градежна компанија не се пријавила на тендерската постапка.

Згора на тоа, ЈО предочило дека во делот со вршење стопанска дејност не била надлежна општината, туку Министерството за животна средина, кое, за волја на вистината, издавало решенија кон субјектите за забрана за превоз на патници. Арно ама, од тогаш до денес, ниту една платформа не е урната, ниту има забрана за превоз на патници.

Напротив, ресторанот и платформите работат во полна кондиција, возниот парк во езерото Матка е сѐ побогат, а донесувањето на Законот со кој кањонот Матка би се прогласил за споменик на природата, со детални утврдени заштитни зони, сѐ уште не е донесен, и покрај тоа што за него во јавноста се зборува веќе 3 години.

ВИСОКОКАТНИЦИ СЕ ГРАДАТ, А ВИСИ ДУП-ОТ

По плодната 2019, следува послаба 2020 година за Антикорупциската комисија, во поглед на иницијативите за кривично гонење. Конкретно, оваа година се регистрирани само 2 вакви пријави до Јавното обвинителство. И во двата случаи, како што информираат од ДКСК, ЈО не доставило повратни информации за постапувањето за предметната иницијатива.

Првиот случај е за директор на јавно претпријатие, кој го пречекорил службеното овластување, без да се наведе за кое претпријатие се работи. Мошне поинтересен е вториот случај, во чии рамки опфатени се водечките луѓе на политичка партија, кои, според антикорупционерите, злоупотребиле средства за финансирање кампања за парламентарните избори во 2020 година. Но, нема информации за која партија станува збор.

Веќе во следната 2021 година, Комисијата повторно работи со засилено темпо, па доставува 7 иницијативи за кривично гонење. Една од нив се однесува за изградбата на висококатници на паркингот спроти „Холидеј ин“, што веќе почна да се реализира, и покрај големиот отпор од еколошките граѓански организации и дел од стручната фела.

Лани, Комисијата побара кривично да одговараат поранешните градоначалници на Центар Владимир Тодоровиќ и Андреј Жерновски, во пакет со општинските раководители за урбанизам и планерите, поради тоа што допуштиле да се донесе деталниот урбанистички план „Голем ринг“, кој го опфаќа и делот спроти „Холидеј ин“, спротивно на насоките и параметрите од Генералниот урбанистички план.

Она што се проблематизира од ДКСК е тоа што во постапката за изменување и дополнување на ДУП „Голем ринг“ за 2012-2017 година, споменатите лица ја злоупотребиле својата службена положба и ги пречекориле границите на службеното овластување, постапувајќи спротивно на Законот за просторно и урбанистичко планирање, со што прибавиле значителна имотна корист за сопствениците на градежната парцела.

Ова е еден од случаите каде што постапувањето е во тек. Предметот е во рацете на обвинителството за организиран криминал, каде што се води предистражна постапка, во чии рамки се преземаат повеќе дејства. Во тој правец, од страна на МВР и надлежните сектори доставена е документација и издадена е наредба за градежно и архитектонско-урбанистичко вештачење, со цел утврдување на фактичката состојба.

Во тој период, ДКСК побара кривична одговорност и за министерот за култура во периодот 2019-2020 година, Хисни Исмаили поради неправилно доделување средства на годишните конкурси за финансирање проекти од национален интерес. Од Комисијата велат дека немаат повратни информации за случајот со Исмаили, кој денес е пратеник и чека да биде избран за потпретседател на Собранието.

ИСПЛАТА НА ОПШТИНСКИ ПАРИ БЕЗ ПОКРИТИЕ

Во текот на ланската година, пак, ДКСК поднела уште неколку иницијативи за кривично гонење. Според податоците што ни ги доставија, една од нив е во предистражна постапка кај скопското обвинителство. Станува збор за пријава против службени лица во МВР и луѓе поврзани со автошкола, кои овозможиле полагање возачки испити спротивно на правилата и прописите за безбедност во сообраќајот.

Исто така, предистражна постапка во обвинителството за организиран криминал моментално се води по иницијативата против веќе поранешниот директор на МКЦ, Русе Арсов, кој, според ДКСК, спротивно од Законот за јавни набавки склучил договор со компанија за организација на дочек на Нова година во 2020 година. Веднаш потоа, Арсов беше разрешен од функцијата.

Понатаму, ДКСК во тој период покренала иницијатива и против вработени во Агенцијата за катастар на недвижности, кои, според наводите во пријавата, преку злоупотреба на положбата, овозможувајќи располагање со имот и запишување товари во корист на трети лица, овозможиле имотна корист за правно лице што сега е во стечај, на штета на физички лица, кои со оваа компанија имале склучено преддоговори за градба. Засега, нема никаков епилог.

За две иницијативи што се однесуваат на градоначалници и в.д. директори, пак, ДКСК нема никакви повратни информации од ЈО. Едната од нив е против градоначалник, кој незаконски разрешил директорка и именувал нова во пресрет на ланските локални избори. Надлежен за овој предмет било тетовското обвинителство, но не добивме информации за кој градоначалник и директор се работи.

Втората, иницијатива, пак, е против градоначалник и в.д. директор на јавно претпријатие, кои спровеле вработување и именување директор во незаконски постапки. Од ДКСК посочуваат дека иницијативата е поднесена до обвинителството во Гевгелија, од каде што, пак, ни потврдија дека се води една предистражна постапка против поранешниот градоначалник на Гевгелија Сашо Поцков и уште две лица – екс директорот на гевгелиски „Комуналец“, Златко Зумров, и советникот Миле Атанасов.

Антикорупциската комисија продолжи да „гони“ градоначалници и во тековната 2022 година, кога поднесе 10 иницијативи за кривичен прогон, а една од нив е за градоначалникот на Студеничани, Азем Садику. Врз основа не неповолниот ревизорски извештај, антикорупционерите констатираа дека општината исплатила кон набавувачи над 2 милиони денари без покритие. За овој случај, обвинителството со обратило до надлежните сектори во МВР, со цел обезбедување документација.

ХОНОРАРИ ОД ПОВЕЌЕ ИНСТИТУЦИИ И ОПШТИНИ

Истовремено, ДКСК побара кривичен прогон и за поранешниот градоначалник на Гази Баба, Борис Георгиевски. Неговиот грев, според Комисијата, е што дозволил изградба на дивоградба. Станува збор за салонот на „Волво“ во кругот на „Електроелемент“, кој, според наводите на антикорупционерите, е изграден пред да се изгласа маркичката и да се издаде одобрение. Се разбира, тој ги отфрли наводите.

Додека за овој случај предистрага води Обвинителството за организиран криминал, Георгиевски веќе најде нова работа по поразот на изборите. Како што обелодени опозицијата, тој се вработил во МВР како главен инспектор за идентификација на ДНК, заедно со други кандидати за градоначалници на СДСМ што загубија на изборите.

Откако „Фокус“ ја објави сторијата за хонорарите што ТВ презентерката што се споменуваше за можен конзул во Њујорк, Бесмира Ејупи, ги добила од Државното правобранителство и 4 општини, предмет отвори и ДКСК, која побара и кривично гонење против веќе поранешниот државен правобранител Фехми Стафа и градоначалниците на Чаир, Сарај, Петровец, Брвеница, бидејќи ѝ овозможиле на Ејупи да прибави имотна корист без законски основ.

Сите овие иницијативи, обвинителството за организирал криминал ги проследи до скопското обвинителство, бидејќи наводите се однесуваа на делото несовесно работење. А, една од иницијативите е проследена и до тетовското обвинителство, кое веќе донело одлука за отфрлање, со образложение дека немало повреда на формален пропис и злоупотреба на дискрециските овластувања.

Воедно, ДКСК побара кривично гонење за незаконска исплата на хонорари во вредност од 2,5 милиони евра и против поранешните владини секретари Драги Рашковски и Мухамед Зеќири, кои, како што е познато, веќе се соочуваат со правдата. За Рашковски е поднесено обвинение за незаконска набавка на софтвер, додека против Зеќири се води истрага за незаконска набавка на физибилити-студија.

Токму гонењето на некогашните владини генсеци, обвинителството, пред сѐ Вилма Русковска, ги користеше како аргумент за неселективна борба против криминалот и корупцијата. Во меѓувреме, Русковска доби суспензија од републичкиот обвинител Љубомир Јовески, кој, пак, чека трансфер во Уставниот суд. Којзнае, можеби некои нови фронтмени во обвинителството ќе имаат повеќе слух за антикорупциските иницијативи, кои засега служат само за анимирање на јавноста.

Злосторничко здружување
ТРОЈЦА ГРАДОНАЧАЛНИЦИ „ФАТИЛЕ“ РАБОТА СО ПРИВАТНА ФИРМА

Антикорупциската комисија годинава побарала кривичен прогон за тројца поранешни градоначалници и службени лица, но не за типичните дела за злоупотреба на службена положба и несовесно работење, туку за злосторничко здружување.

Имено, во иницијативата во Јавното обвинителство нема повеќе информации за кои лица станува збор, туку стои само дека опфатен е и управител на приватна компанија.

Од ДКСК велат дека немаат повратни информации од обвинителството за организиран криминал.

Судир на интереси
ВРАБОТУВАЊЕ НА БЛИСКИ ЛИЦА ВО СПОРНА ПРОЦЕДУРА

Покрај иницијативи за кривично гонење за злоупотреба на службена положба, несовесно работење и слично, антикорупционерите од 2019 година досега поднеле и неколку иницијативи за прогон поради постоење судир на интереси.

Според податоците што ги добивме, ДКСК утврдила дека градоначалник потпишувал акти за вработување на близок роднина, но прилепското обвинителство ја отфрлило иницијативата, бидејќи пријавените кривични дела не се гонат по службена должност.

Друг градоначалник, заедно со членови на општинската администрација, пак, според Комисијата, не презеле дејства за ставање во мирување на работно место на избран советник. Но, и оваа иницијатива била отфрлена од надлежното скопско обвинителство.

Исто така, антикорупционерите побарале гонење и на судија во кривичен суд, претседател на комисија за избор на судски службеник и судски службеник, бидејќи, според нив, тие неправилно потпишувале акти за избор на судски службеник. Арно ама, настанала застареност на кривичното дело…

Отфрлени иницијативи и тековно постапување
СЕ ПРИБИРААТ ПОДАТОЦИ ОД НАДЛЕЖНИ ИНСТИТУЦИИ

Од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција велат дека, по пријави од Антикорупциската комисија, во 2019 година евидентирани се 2 предмета, кои биле препратени до скопското обвинителство.

Во 2020 година, пак, оформени се 7 предмети. Дел од нив се отстапени и за некои се донесени негативни одлуки, а дел, како што велат од таму, се однесувале за преземање дејства и проверка на имотна состојба на одредени лица.

Во 2021 година, во ова обвинителство оформени се 5 предмети по иницијативи на ДКСК, од кои една директна, две преку скопското обвинителство, а две биле поднесени до Финансиската полиција. За сите постапката е во тек, односно се прибираат податоци од други институции.

Во тековната 2022 година, во обвинителството се формирани 13 предмети, од кои за 2 веќе е донесена негативна одлука. Што се однесува до останатите, 3 се отстапени на месни обвинителства, а за другите, исто така, постапката е во тек.

Во одговорот што ни го доставија, не се откриваат податоци на лицата и субјектите, а на сличен начин постапија и од скопското јавно обвинителство, од каде што нѐ информираа дека овој 3-годишен период примиле 16 кривични пријави од страна на ДКСК.

Воедно, од таму посочуваат дека тие се однесуваат на кривичните дела злоупотреба на средства за финансирање на изборна кампања, злоупотреба на постапка за јавен повик, злоупотреба на службена положба, несовесно работење, примање награда за противзаконско влијание и фалсификување исправа.

Притоа, додаваат од таму, 6 пријави се отфрлени, за 7 се водат предистражни постапки, додека 2 се префрлени во обвинителството за организиран криминал.

Поврзани новости