(АРХИВА) Никола Димитров – од ѕвезда на Трајковски до лажна надеж на тврдокорните

by Фокус

Текстот е објавен на 17 мај 2018 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1180.

Непосредно пред да ја напушти функцијата, поранешниот министер за надворешни работи и вицепремиер за евроинтеграции Никола Димитров привлече големо внимание во јавноста, откако почна да испорачува критики кон дел од довчерашните колеги на Илинденска во делот на надворешната политика, и пред се во контекст на спорот со Бугарија. Исто така, тој беше многу актуелен и прозиван пред неколку години, во време кога како шеф на дипломатијата имаше клучна улога во надминувањето на спорот за името со Грција, а на крај стави и потпис на Преспанскиот договор. Прочитајте го портретот за Димитров, објавен во Фокус во тој период.

Пишувал:
Зоран ДИМИТРОВСКИ

Гледаш ли, јас правам ѕвезди од моите соработници, ми рече претседателот Борис Трајковски во ноември 2001 година, мислејќи на Никола Димитров, кого неколку месеци претходно го беше именувал за амбасадор на Македонија во САД, потег што предизвика многу контроверзи во јавноста, пред се затоа што неговиот татко, Димитар Димитров, веќе беше амбасадор во Москва, па се сметаше оти станува збор за типично партиско-семејно приватизирање на македонската дипломатија.

Трајковски сакаше да ме направи љубоморен, зашто јас бев напишал колумна во која го нападнав неговиот потег – да именува млад и недоволно искусен човек (Димитров тогаш имаше само 29 години) за толку важна позиција во Вашингтон, во време кога САД имаа клучно влијание за разрешување на воената криза во Македонија. Но Борис беше одушевен од Никола, за него зборуваше во суперлативи. Немав причини да му се спротивставам, без оглед на моите забелешки, зашто Димитров и не беше особено познат, па од таква дистанца не можев да ги оценувам неговите способности.

Единствено можев да го имам предвид неговото кусо минато во МНР. Димитров стана заменик-министер за надворешни работи токму кога од истата таа позиција, Трајковски беше избран за претседател на Република Македонија (1999), па оттаму и нивното лично познанство. Но, како заменик министер, Никола не беше особено присутен во јавноста, а кога беше, говореше во дипломатски ракавици.

Како што ќе се покаже и подоцна, тоа е првата важна карактерна особина на Димитров, која до денешен ден го одржува во врвот на македонската дипломатија и политиката. Со своето однесување, изјавите што ги дава и потезите што ги влече, Никола не дозволува јавноста да се скандализира а тој да биде центарот на скандалот. Ако тоа, сепак, се случи, не избрзува со одлуки, не дава ексклузивни и драматични изјави, се обидува да исчезне од медиумските и политичките радари.

Откако ја напушти позицијата заменик-министер за надворешни работи, на која, пак, дојде благодарение на силното лобирање на неговото семејство во ВМРО-ДПМНЕ, младиот Никола влезе во Кабинетот на Трајковски, на позицијата советник за национална безбедност. Впрочем, и Трајковски и неговиот политички ментор во ВМРО-ДПМНЕ, Доста Димовска, во тоа време беа под силно влијание на екс министерот на СДСМ за внатрешни, подоцна и за надворешни работи, Љубомир Фрчкоски, а Димитров се сметаше за негов штитеник, академски пулен и надежен кадар во МНР. Од друга страна, иако никогаш не стана член на ВМРО-ДПМНЕ, партијата го сметаше за своја фиданка.

ЛОВЕЦ НА ФУНКЦИИ

Ете, токму таа партиска омнипотентност на Никола, ќе се појави како втора клучна особина која му овозможува да пие вода и на бунарот на ВМРО-ДПМНЕ и на чешмата на СДСМ, во зависност од тоа кај кого е моќта. Се разбира, има и зли јазици кои велат оти Димитров само ги избира идните победници и навреме им се приклучува од лукративни причини, за позиција, за функција, односно ги напушта губитниците кога ќе види дека нивниот брод почнал да тоне.

Но и таквата квалификација, доколку има вистина во неа, крие две негови важни особини. Нескриената амбиција да биде на врвот во политиката или во дипломатијата и усетот за плен, што го прави ловец на политички и дипломатски функции пар екселанс.

Третата карактерна црта на Димитров, која е поврзана со претходната, и го прави привлечен и за „десницата“ и за „левицата“, е создавањето аура за себе дека секогаш е на вистинската, праведната страна на историјата, наспроти владеачките елити кои политичкиот курс на Македонија го свртуваат кон историската бездна.

На пример, она што тогаш го вивна Никола меѓу ѕвездите, покрај натпартискиот имиџ и семејно-партиското лобирање, е умешноста да демонстрира дека е противник на погубните политики на владеачката елита и шампион на евроатлантскиот политички мејнстрим во моментот.

Во 1999 година тоа беше политиката на Владата на Љубчо Георгиевски за признавање на Тајван, торпедирана од тогашната опозиција, СДСМ. Никола тоа подоцна и го наведе како причина за оставката во МНР, иако стана заменик министер година и два месеци откако со Тајван беа воспоставени дипломатските односи. Како и да е, тајванската авантура беше оценета како исклучително штетна за Македонија, поради повлекувањето на УНПРОФОР и воениот судир со ОНА во 2001, а Димитров сакаше да се знае дека тој бил на вистинската страна.

Оттогаш наваму, Никола ја врви својата ѕвездена дипломатска и политичка патека вешто навигирајќи меѓу големите опасни политички комети. Одвреме – навреме се приближува до нивната орбита, за да се напои од силата, а потоа бега за да не го урне силната гравитација или за да не изгори од нивната светлина.

Таков беше случајот со Георгиевски кога Никола стана заменик министер, а потоа го напушти и си замина кај евроатлантистот Трајковски, таков беше случајот и со претседателот Бранко Црвенковски, кој на амбасадорот Димитров, иако избор на претходната противничка власт, му ја продолжи функцијата преговарач за името, на која тој дојде во 2003 година.

Но откако му заврши мандатот во Вашингтон (2006), а СДСМ веќе беше во опозиција, Димитров веднаш и се приклучи на Владата на Никола Груевски, станувајќи Национален координатор за НАТО. Се разбира, Груевски тогаш беше надежен политичар и економски реформатор, па оттаму придружувањето кон неговата ДПМНЕ изгледаше логично.

Но, на Димитров очигледно не му пречеше тоа што пастирот дојде на власт на бранот на неуспешниот националистички и антиалбански референдум против територијалната организација во 2004 година, обвинувајќи го СДСМ дека ја распродава територијата на Македонија. Дотолку повеќе што амбасадорот во Вашингтон во 2004 година го вкнижи во своите дипломатски успеси признавањето на Македонија од САД под уставното име, кое се случи ден пред референдумот, испраќајќи порака тој да не успее.

ПОЛИТИЧКИ ЗИХЕРАШ

Како и да е, политичката комета на Груевски беше во подем, а Димитров тоа не смееше да го пропушти. Затоа, пак, многу драматичен ќе биде раскинот кој се случи неколку години подоцна, во 2014 г., со човекот (Груевски) кој само ја набилда неговата дипломатска кариера – го испрати Димитров за специјален пратеник во Европската Унија, а потоа и за амбасадор во Холандија.

Којзнае што ќе се случеше, Владата на Груевски да му дозволеше на Никола да стане амбасадор во Берлин, откако му заврши мандатот во Хаг (2013). Впрочем, Груевски му беше благодарен на амбасадорот за неговиот придонес во одлуката на Меѓународниот суд на правдата во Хаг (Димитров беше застапник на државата), кој донесе пресуда дека Грција ја прекршила Времената спогодба, блокирајќи го нашиот прием во НАТО под референцата, на самитот во Букурешт 2008.

Таа одлука на судот нема да има никакво значење за напредокот на Македонија кон ЕУ и НАТО, напротив, во контекст на антиквизацијата на режимот на пастирот во Македонија, ќе биде дочекана на нож во Грција и игнорирана од Брисел и Вашингтон, но Димитров со неа ќе ја зацементира својата аура во друштвото на „патриотите“.

За жал, наместо договореното амбасадорско место во Германија, Груевски му ја понуди Москва. Упатените велат дека токму тоа е причината што Димитров му свртел грб на пастирот, но од одбивањето на амбасадорската позиција во Русија тој многу успешно ќе направи вистински политички капитал, говорејќи јавно дека причината за тоа лежи во демократскиот дефицит на Владата, во свртувањето кон авторитарен политички курс и напуштање на евроатлантскиот пат.

Па сепак, оние што одблизу го познаваат, велат дека Никола сфатил дека му доаѓа крајот на Груевски, плус мајстор е работите да ги прикаже во своја полза. Дел од тоа се должи на вештините со кои располага, дел на боите во политичката Рубикова коцка, што чудно му се совпаѓаат кога за тоа ќе дојде време.

Треба да се биде малициозен за да се каже дека наспроти дипломатските и политички аматери од т.н. Амстердамска тројка (Владимир Лазаревик и Перо Димшоски) на која и се приклучи Димитров кога почнаа да пукаат „бомбите“ за да создаде отпорашки политички имиџ, што беше тешко да се направи во 2015 година, тој е сепак, професионалец.

Иако Амстердамската тројка ќе трае покусо од пролетен дожд, Никола од неа ќе извлече силен политички профит. За волја на вистината, тој отсекогаш бил зихераш и никогаш не се занесувал дека во македонската политичка џунгла би можел да се наметне со своја самостојна глутница, како што наивно, да речеме, веруваше Лазаревик формирајќи „политичко движење“.

Не, не, Димитров знае дека вистинскиот пат до целта, до политичка или до дипломатска функција, не води преку маргината и алтернативата, со нови партии или со отпадоци од стари, сеедно. Од тие причини тој ќе ги одбие понудите за изборите 2016 година да се приклучи, да речеме, на коалицијата ВМРО за Македонија, или на некоја друга партија од десницата. Зашто, тој е уверен дека по толку години соработка со врвот на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, со имиџ на професионалец, не смее јавно партиски да се жигоса.

Никола ни заврши многу работа во Брисел и во Европа, сериозно сметам на него, ми рече пред изборите 2016 година, лидерот на СДСМ Зоран Заев, кога го прашав какви му се плановите со Димитров. По Крвавиот четврток, Заев беше „бог“ во СДСМ и неговата одлука Никола да биде министер за надворешни работи, никој во партијата не можеше да ја доведе во прашање и покрај тоа што имаше повеќемина со слични амбиции и со поголеми заслуги.

ПРЕСМЕТАНА ИЗЈАВА

Една година од Владата на Заев, според расположението на јавноста Димитров е меѓу најпопуларните министри. Такви се, наводно, и партиските анкети што ги прави СДСМ. Доминантна причина за тоа е надворешно-политичката турбо агенда на Владата, која го исфрла Димитров во преден план.

Во недостиг на поголеми успеси дома, за што е секако потребно време, надворешниот успех, иако добредојден, вообичаено се предимензионира. Иако премиерот Заев, да речеме, има личен придонес за Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија, поради односите со премиерот Бојко Борисов, факт е дека и Димитров ги собира лаврите.

Интензивните преговори за името, пак, од Димитров последниве неколку месеци направија „селебрити“. Заедно со својот грчки колега Никос Козијас, веројатно се најмногу интервјуираните министри за надворешни работи на некоја европска земја во поблиската историја и тоа во врвните регионални и континентални медиуми.

За разлика од Коѕијас, кој интервјуата и настапите ги прилагодува на публиката на која и се обраќа, лавира од жесток бранител на грчката кауза, неводејќи сметка што со своите изрази често ги повредува чувствата на Македонците, па се до посветен миротворец и компромисер, Димитров строго се држи до својот умерен дипломатски речник. Од неговите изјави и настапи не може да се извлече ниту наслов за насловната страница, а него сепак го има насекаде во медиумите.

Никола Димитров последниве неколку недели влезе во политичката мелница на грчките медиуми, на домашните социјални мрежи а особено го прославија курирските медиумски труби во Македонија. За тоа постојат два повода. Првиот е неговата „непопустлива“ позиција кога станува збор за радикалните барања на Грција, наспроти „согласноста“ од премиерот Заев за се што бара Грција.

Втората причина е скандалот со амбасадорот во САД Васко Наумовски, кој „пропадна во земја“ во текот на посетата на вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска во Вашингтон.

Рака на срце, кога Грците отворено и јавно се залагаа новото име на Македонија со географската одредница да се пишува слеано, како и да не се преведува на англиски јазик, туку да се пишува на „словенски“, Димитров изјави дека нема да има договор ако се доведе во прашање идентитетот на Македонците.

Оваа изјава предизвика негативни реакции во Грција, но за чудо, многу брзо стана јасно оти Коѕијас и Ципрас ретерирале од овие неприфатливи барања, легитимирајќи го ставот на нашиот министер. Дали министерот знаел дека станува збор за максималистички барања од кои Грците ќе се повлечат, па ја искористил приликата да поентира, зашто обично се воздржува од емотивни реакции, не е сосема јасно. Но со таа изјава Никола секако го набилда својот „патриотизам“ во домашната јавност.

Дали таа беше смислена по угледот на фамозната изјава на Борис Трајковски, во текот на бегалската криза од Косово 1999, кога им порача на странците да испратат авиони и да земат дел од бегалците во своите земји, а не да и делат лекции на Македонија, изјава која Трајковски го крена во политичките небеса, тешко е да се процени. Но Никола смета оти не е за една употреба, тој секако има високи политички амбиции и не треба да се исклучи дека неговите потези и изјави се добро однапред смислени и политички пресметани.

Упатените велат дека Димитров и во текот на преговорите, како што тоа го прави и кога настапува јавно, се однесува многу резервирано, умерено и дипломатски, што одговара на неговиот карактер, за разлика, да речеме, од Заев кој е исклучително еуфоричен, оптимистичен и жизнерадосен, па на моменти умее да ветува и тоа што не може да го исполни, очекувајќи за возврат сличен гест од Грците, а потоа резигнирано ретерира и се враќа во реалноста. Затоа Грците го сметаат полесен за преговарање.

Сето тоа, пак, ги натера грчките медиуми минатата недела да му направат негативен портрет на Димитров, оценувајќи го како непопустлив националист, кој на крајот секако нема да го предаде гробот на својот дедо од Егејска Македонија, кој грчките новинари го сликаа и го ставија на насловните страници.

Арно ама, факт е оти Димитров сам не одлучува што ќе прифати од пакетот за решение на името, како што сам нема да одлучи ниту Заев. Одлуката ќе биде заедничка, на Владата, а веројатно е дека ќе треба да се приклучи и опозицијата. Оттаму, перцепцијата во јавноста и медиумските тиради за или против Заев и Димитров, во грчките медиуми имаат за цел разнишување на нивната меѓусебна доверба, што е евтин и проѕирен обид.

„ПАТРИОТСКИ“ КАНДИДАТ

За несреќа, и некои тврдокорни делови од македонската опозиција и медиумски барабани на пастирот, повеќе намерно отколку случајно се нафатија на оваа грчка пропаганда. И тие почнаа да го портретираат Димитров како „патриот“, кој наводно му прави проблеми и на Заев во преговорите со Грците. Таа тврдокорна патриотска етикета му ја лепат истите оние медиуми кои во времето кога Димитров застана против Груевски, го черечеа неговото политичко камелеонство и лакомоста за функции.

Врз тврдокорниот имиџ на Димитров особено влијание има случајот со амбасадорот Васко Наумовски, кому министерот пред неколку месеци му го прости скандалот, кога како партиски војник, а не дискретен преговарач за името, за предлогот на Нимиц рече дека е далеку од достоинствено решение. Ова груевистичко војникување на Наумовски министерот не го казни, како што можеби се очекуваше, односно не го повика на консултации, изјавувајќи дури дека станувало збор за личен став и мислење на амбасадорот.

Кабинетот на претседателот Иванов особено е видлив во мачкањето очи на јавноста преку партнерските тврдокорни медиуми дека Димитров е „вистинскиот патриот“ наспроти Заев. За таа цел, и докажани вмровски шампиони, противници на Груевски, по социјалните мрежи пишуваат за наводна огромна нетрпеливост во СДСМ и пред се кај вицепремиерката Шекеринска кон Димитров, кому наводно му се подготвува политичка егзекуција.

Како поткрепа на таквата акција, се наведува божемното игнорирање на услугите на Министерството за надворешни работи онаму каде што официјално патува Шекеринска. Се разбира, министерката за одбрана има свои причини да не ги удостои партиските војници на ДПМНЕ, кои во европските и во американската престолнина не работат за државата, туку за партијата и Фамилијата, но дека таа го игнорира Димитров или МНР е нон-сенс.

Од Кабинетот на Иванов слични субверзивни ветришта дуваат и за божемната добра разбирачка на претседателот со министерот за надворешни работи, наспроти „отворениот конфликт“ со Заев. Се разбира, долго време Димитров беше воздржан за одбивањето на Иванов да прифати имиња за амбасадори, меѓу кои и поранешни министри за надворешни работи, но не можеше да го одмолчи односот на претседателот кон преговорите за спорот за името, посочувајќи дека Хорхе се однесува како набљудувач, а не како одговорен политичар од извршната власт. Димитров се воздржа да не каже потежок збор, но од неговите дипломатски реакции јасно е дека претседателот нема баш онаква соработка со него, каква што Кабинетот сака да претстави.

Од тие причини, дувањето на патриотскиот ореол на министерот за надворешни работи во опозициската и тврдокорна јавност, претставува само обид да се направи раздор во Владата по клучното прашање за името, и да се поттикне министерот наводно да опстои на црвените линии, за да даде ветар во грбот на опозицијата. За жал, очајниците меѓу тврдокорните погрешно го проценуваат карактерот на Никола Димитров.

Тој, за волја на вистината, покажа оти менува бои и политички дресови, но под два услова: тимот кој би сакал да го има во своите редови мора да е победнички, а политичката агенда за која ќе се бори, не е добро да биде во судир со агендата на Брисел, Вашингтон, ЕУ и НАТО.

Арно ама, тврдокорните и опозицијата се далеку од победничка варијанта во Македонија, а нивната политичка програма е одбрана на името по секоја цена, што е контра интересите на Запад за евроатлантски интеграции на Македонија. Димитров, пак, е посветен на својата политичка кариера и нема намера да ризикува со губитници.

Без оглед што, во случај на неуспех на преговорите и во недостиг на популарен партиски кадар, одредени опозиционери го гледаат и како потенцијален претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, како што на времето, после Георгиевски, го споменуваа за нов партиски лидер, Никола повеќе сака да верува во она што го има и во решение на спорот за името.

Се разбира, тоа не значи дека неговата политичка ѕвезда ќе биде најсјајна во државата, односно дека Димитров може да пука на највисоката функција во Македонија. Во СДСМ, едноставно, има ред за претседателските кандидати.

Поврзани новости