(АРХИВА) Ниедна мерка не дава резултат – скопјани дишат најотровен воздух во Европа, иако постои изум за растерување на маглата и загадувачите!

by Fokus

 Скопје постојано е во топ 10 најзагадени градови на глобално ниво. Граѓаните протестираат и бараат итни мерки, затоа што веќе неколку години, експертската јавност и еколошките организации ги детектираат истите причинители на аерозагадувањето, меѓу кои предничат домаќинствата, бидејќи само во Скопје има 70.000 оџаци, додека оптималната бројка е 10.000 оџаци за да има драстично намалување на загаденоста. Притоа, во Македонија има изум на група професори со кој може да се растера магла и кој би можел да помогне при справувањето со аерозагадувањето. Универзитетскиот професор Владо Спиридонов посочува и некои иновативни решенија, како на пример современ систем за прогноза и најава за квалитетот на воздухот, врз основа на кој би се носеле одредени превентивни мерки. Според него, може да примениме и некои од решенијата од светските мегаградови, како што е создавање зелен коридор во горниот тек на реката Вардар и Лепенец, при што би се воспоставил воздушен тунел каде што би се канализирало струењето. Наместо дел од тоа да се примени во пракса, владата и надлежните реагираат со краткорочни мерки.

Текстот е објавен на 10 јануари 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.527.

Пишува: Орце КОСТОВ

Скопје не се помрдна од листата на 10 најзагадени градови во Европа според табелата на платформата за мерење на аерозагадувањето „Ај кју аир“, и во последните 15 дена неколкупати се најде на врвот на оваа листа. Последен пат на врвот беше на православниот празник Бадник.

На светската листа на „Ај кју аир“, главниот град на Македонија беше четврти, петти и трет во светот со просечно ниво на штетни ПМ честички од 170 микрограми на кубен метар. Симптомите на печење во очите, кивање и кашлање, граѓаните на Скопје и на другите поголеми градови ги чувствуваат веќе неколку недели.

Како главен загадувач се наведени ПМ 2,5 честичките, чија концентрација е во просек околу 60 микрограми на кубен метар, додека ПМ 10 честичките се со концентрација од 73,2 микрограми на кубен метар.

Се чини дека ниту една од мерките на Министерството за животна средина, Град Скопје и другите институции не влијае доволно врз намалувањето на загадениот воздух, ниту во главниот град, ниту во помалите средини.

Граѓаните протестираат и бараат итни мерки затоа што веќе неколку години, експертската јавност, Министерството за животна средина и еколошките организации ги детектираат истите причинители на аерозагадувањето. Сепак, мерките што се преземаат не даваат ефект.

ИЗУМ ЗА РАСТЕРУВАЊЕ МАГЛА

Мал број граѓани се сеќаваат дека во Македонија има изум со кој може да се растера магла при негативна температура на воздухот и кој би можел да помогне при справувањето со аерозагадувањето во овој период.

Владо Спиридонов, редовен професор по метеорологија на Институтот за физика при ПМФ Скопје, заедно со уште двајца колеги – Стефан Стефанов и покојниот Чало Чаловски, во соработка со водечкиот професор од Универзитетот во Јута, Норихико Фукута, создадоа метод и техника за расчистување магла со извесни модификации и оригинални иноваторски решенија за поуспешно справување со овој феномен.

Професорот Спиридонов, доктор по метеоролошки науки и поранешен визитинг професор на Универзитетот во Виена, за „Фокус“ вели дека тоа е само една од алатките кои би можеле да придонесат за ефективна борба против загадувањето, но која би се користела кога ќе се исполнат одредени временски услови.

Еден од значајните фактори што влијае врз квалитетот на амбиентниот воздух во урбаните средини се микроклиматските карактеристики на скопското подрачје, кои во услови на антициклонално-стабилно и суво време вообичаено се поврзани со појава на езера на ладен воздух и магли во текот на зимата, и појава на топлотни острови во текот на летото.

Често во зимските месеци, во Скопската котлина се јавуваат температурни инверзии, кои го спречуваат вертикалното движење на воздухот, мешањето и турбуленцијата, што резултира со акумулација на загадувачите во приземните слоеви.

Дополнителен фактор за аерозагадувањето се специфичните топографски карактеристики на Скопската котлина, нејзината местоположба, ориентацијата по должината на течението на реката Вардар, кои ја спречуваат локалната циркулација согласно типичната ружа на ветрови.

Скопје се наоѓа во котлина опкружена со планини (Шар Планина, Водно, Скопска Црна Гора), што го ограничува природното струење на воздухот. Ова создава услови за задржување на загадувачите во близина на површината, особено при стабилни атмосферски услови во зимскиот период – објасни Спиридонов.

За да би биле целосно сигурни во ефикасноста на својот патент, тие го тестирале во рудникот Суводол, во Рударско-енергетскиот комбинат во Битола, а последен пат во 2002 година на скопскиот аеродром. Резултатите секаде биле исти. Маглата исчезнала во многу краток рок и тоа во радиус од дури 1,5 километри од местото на прскање.

Техниката за расчистување магла работи на принципот распрскување на сосема мали количества течен CO2 во преладената магла и загадена средина, кој ја менува агрегатната состојба на маглата, иницира одредени термодинамички и микрофизички процеси во маглата, процес на хомогена нуклеација, раст на ледените кристали во текот на постапката, постепена дисперзија и таложење на покрупните кристали на земјината површина.

Во услови на погуста и подебел слој на магла во скопското подрачје, кога температурата на средината е пониска од 0 °С, ефектот е поизразен. Притоа, со сосема мало количество течен CO2 се расчистуваат големи пространства.

Постапката за растерување преладена магла овозможува три значајни ефекти: зголемување на сончевиот сјај при утрински оперативни активности, топлината и менталната хигиена; намалување на негативните ефекти и токсичноста на воздухот; и подобрување на хоризонталната и вертикална видливост.

Носител на овој систем е „Технички гасови“, чија компанија, со својот тим, оперативно ја примени оваа постапка во рудникот Суводол, Рек Битола, аеродромот, наплатните станици, градот Скопје. Овој систем се користи само во услови на преладени магли со комбиниран систем на мобилни и стационарни уреди, со цел да се третираат поголеми градски површини – образложи професорот по метеорологија.

СИСТЕМ ЗА ПРОГНОЗА И НАЈАВА

Како искусен метеоролог, Спиридонов посочи и некои иновативни предлози и решенија во контекст на превентивно делување, меѓу нив и современ систем за прогноза и најава за квалитетот на амбиентниот воздух, т.е. концентрации на аерозагадувачки материи врз основа на кој би се носеле одредени превентивни мерки.

Со оглед на фактот дека аерозагадувањето во урбаните средини е комплексен фактор, особено во делот на емисиите на аерозагадувачки материи (пред сѐ поради користење на фосилни горива за загревање во домаќинствата), за чие целосно решавање се преземаат системски решенија, и акциски планови од страна на институциите (современа гасификација, современ транспорт со електрични возила, зелена инфраструктура и др.) во меѓувреме би можело да се размисли околу воспоставување современ систем за прогноза и најава на нивото на аерозагадување (концентрациите на аерозагадувачки материи) со користење на најсовремен атмосферско хемиски модел.

Еден таков систем ПМ-Аларм е развиен од страна на експерти од ПМФ и ФИНКИ во соработка со Националниот центар за атмосферски истражувања во САД со подршка на МЖСПП, во рамките на активностите на Планот за чист воздух за 2020 година. Симулациите се извршуваат на процесирачките капацитети на ФИНКИ.

ПМ-АЛАРМ овозможува детална прогноза на времето и аерозагадувањето со висока резолуција преку регионален домен што ја опфаќа Македонија и три други избрани домени што добро одговараат на организацијата на мерењата за квалитет на воздухот во Македонија неколку дена однапред.

За потребите на граѓаните и јавноста, развиена е апликација со современа веб-страница, како и мобилна апликација, која вклучува проценка на концентрациите на одделни аерозагадувачи (PM10, PM2.5, SO2, NO) за секое место во државата, со аларм за можни екстремни епизоди за 4 дена однапред.

Оваа апликација е од голема корист за државата и институциите за преземање превентивни мерки за намалување на штетните последици по здравјето на луѓето предизвикани од аерозагадувањето, особено при прогнозирани екстремни епизоди и пикови со високи концентрации и лош квалитет на амбиентниот воздух – објасни професорот.

Спиридонов сподели искуства како светските мегаградови се справуваат со аерозагадувањето.

Некои од тие решенија можат да се применат и во Скопје, како што е создавање зелен коридор во горното течение на реката Вардар и Лепенец, при што би се воспоставил воздушен тунел каде би се канализирало струењето, како резултат на зголемување на силата на градиентот на притисокот и би се иницирала локална микроциркулација по должината на течението на реката Вардар, и поголемо струење на воздухот покрај Вардар.

ИЗВОРИ НА ЗАГАДУВАЊЕ

Податоците од Министерството за животна средина покажаа дека 45 отсто од аерозагадувањето го предизвикуваат домаќинствата што се греат на влажни дрва и производи од обоено дрво. Но, според експертите, проблемот не го предизвикува само дрвото како гориво, туку и старите дотраени горилници за тој тип огрев.

Цврстите горива емитираат поголема емисија на штетни честички. Ако нема контролирано согорување со филтри, какви што имаат најголем дел од индустриските објекти, печките на дрво со стари горилници испуштаат огромни количества суспендирани честички ПМ10, кои продираат длабоко во респираторниот систем на луѓето.

Според публикацијата „Потрошувачка на енергенти во домаќинствата“, 62 отсто од вкупниот број домаќинства во земјава користат огревно дрво како примарен извор на енергија. Просечно македонско домаќинство годишно користи од 3 до 10 кубни метри огревно дрво за загревање.

„Само во Скопје има 70.000 оџаци, а оптималната бројка е 10.000 оџаци за да има драстично намалување на загаденоста“, смета професорот д-р Дејан Мираковски од универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Некои од решенијата за драстично намалување на загадувањето се масовна измена на начинот на загревање или со замена на стари горилници со нови, кои се поефикасни и би ги користеле домаќинствата што немаат друга опција за греење.

Не треба да се потенцира само дрвото како производ што загадува. Печките во Македонија се стари, некои од нив по 30-40 години. Во светот има неколку класи на печки, но ние немаме ниту една од тие.

Има сертифицирани печки, кои користат пиролиза (разградување на биомаса без потреба од кислород), но кај нас сѐ уште ги нема во продажба. Треба да се насочиме кон топлински пумпи, во светот е тоа број еден решение – порача професорот Мираковски.

Греењето на дрва, односно согорувањето на биомасата претставува најголем извор на загадувањето на амбиенталниот воздух во Скопје и според Студијата за изворите на загадувањето во Скопје, која во 2022 година ја презентираше споменатиот професор Мираковски од универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Студијата е изработена со софистицирана лабораториска опрема што ги анализирала поединечните извори и видовите загадувачи во Скопје. Истражувањето беше правено од октомври 2020 до ноември 2021 на две постојани (Карпош и Ново Лисиче) и три мобилни локации низ главниот град.

Скопје генерално е лоцирано во котлина, вели Мираковски, па постојано има силни температурни инверзии. Во текот на зимата траат долги периоди со стабилна атмосфера, што овозможува емитираните загадувачи да останат во приземната зона.

Влијанието на високите градби секако ги менува микроструењата и прави кањони, иако ние го меревме вкупното загадување, на целото подрачје заклучи тогаш Мираковски, додавајќи дека и градежништвото е сериозен учесник во загадувањето, посебно во летото кога овој извор надминува и 30-40 проценти.

ДРЖАВАТА МЕЃУ НАЈГОЛЕМИТЕ ЗАГАДУВАЧИ

Најголемиот проблем за загадувањето, како што рече заменик-министерката за животна средина, Ане Лашкоска, е греењето, но во овој момент не можело да биде целосно решено. Владата има долгорочен план, направен за периодот 2024 до 2030 годинa, што предвидува постепена промена на системите на греење, прво во државните и во општинските институции.

На дигиталниот регистар на Министерството за животна средина и просторно планирање постои база на податоци и мапа на сите јавни објекти под надлежност на државната и локалната самоуправа, кои имаат доставено податоци, како што се локација на институцијата, видот на гориво што се користи за загревање, неговата потрошувачка и капацитет на ложиштето.

Според базата на податоци, на дрва се греат 82 објекти и само кај пет од нив постои можност за замена на греењето со пелети или фотоволтаици.  На мазут, од државните институции се грее само ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа Битола. Таму нема можност за замена на постоечкото греење со друг поеколошки енергенс.

На јаглен се грее само центарот за култура „Бели мугри“ од Кочани, кој троши 10-15 тони јаглен. Има можност да го замени јагленот единствено со греење на дрво и за таа намена се обезбедени околу 250.000 евра за измена на горивото.

На нафта се греат 135 објекти на државната управа и само во 17 објекти може да се изврши замена на енергенсот, да се греат на струја или на гас.  На електрична енергија, која е еколошки енергенс, се греат 152 објекти на државната управа, додека на гас се грее само подрачната служба на фондот за ПИОМ во Струмица.

На централно греење/парно се приклучени 45 објекти, најголем дел од Скопје, а има неколку од Кочани и од Гостивар. На обновлива енергија, односно соларни панели и геотермални пумпи се загреваат три објекти: гаражата и работилницата на КПУ Идризово, новата зграда во отворено одделение и ново полуотворено одделение во Идризово.

На пелети се греат 18 објекти на државната управа, додека комбинирано греење со дрва/струја, дрво/пелети, нафта/обновлива енергија и струја/централно греење користат 36 институции или објекти на државната управа.

Кај единиците на локалната самоуправа, дрво како енергенс користат 142 објекти и најголем дел од нив, вкупно 115 се основни училишта во села и помали населени места. Кај овие објекти има можност за замена на повеќе од 80 системи.

На нафта се греат 272 објекти во општините, а 90 отсто од нив се детски градинки и основни и средни училишта. Само 58 објекти можат да ја заменат нафтата со поеколошки енергенс, како струја, гас или пелети.

На електрична енергија се греат 94 објекти од локалната самоуправа. Гас користат 16 објекти, три училишта, библиотека, комунално претпријатие и 11 детски градинки, сите во Струмица и во Куманово, единствените градови што се гасифицирани во моментов.

На централно греење се греат 62 објекти од локалната самоуправа, односно училишта и градинки, а ниту еден објект од локалната самоуправа не се загрева на еколошки геотермални пумпи и сончеви колектори.

На пелети се греат 57 објекти од локалната власт, исто така најмногу од нив се детски градинки и основни училишта. Кај седум од нив може да се изврши замена на грејниот систем на гас.

Најголем дел од овие институции не одговориле дали имаат обезбедено средства за замена на грејните системи и дали воопшто аплицирале некаде за добивање средства за таа намена.

КОЈ Е ЕФЕКТОТ ОД ВЛАДИНИТЕ МЕРКИ?

Пред два месеца, Министерството за екологија донесе акциски план краткорочни мерки за намалување на загадувањето, кои ќе траат до крајот на грејната сезона, но и тие, според реакциите на граѓаните, не даваат никаков импакт.

Мерките вклучуваа засилени контроли кај производителите со интегрирани А и Б дозволи, зголемена контрола во станиците на преглед на возилата, засилени контроли на полицијата со цел утврдување на техничката исправност на возилата за емисија на издувни гасови, посебен сообраќаен режим за тешки товарни возила, вонредна контрола на градежните активности и соработка со општините што мора преку Инспекторатот, да ги засилат контролите, намалување на употребата на службени возила до 50 отсто и ослободување од работа на бремени жени, хронично болни и лица постари од 60 години, забрана за дотур на стока и транспорт на градежни машини во најфреквентните часови од денот.

Краткорочните мерки, како што беше појасни заменик-министерката за животна средина, Лашкоска, ќе бидат во сила сѐ додека трае грејната сезона.

Во овој период, на овие големи производители им се препорачува да го намалат производството, меѓутоа да не го згаснат целосно, зашто при повторно вклучување на производството се предизвикувало уште поголемо загадување, а и загубите ќе бидат многу големи – посочи Лашкоска.

Дел од мерките, додаде таа, е и зголемена контрола на станиците за контрола на автомобилите, бидејќи било утврдено дека еден од големите загадувачи се автомобилите, особено на дизел гориво.

Полициските службеници вршат секојдневно при редовното работење, како и при спроведување на планирани акциски контроли во патниот сообраќај, со цел да се утврди дали возилата што учествуваат во сообраќајот на патиштата се технички исправни, односно дали им се исправни пропишаните системи, составни делови, самостојни технички единици и опрема и дали ги исполнуваат пропишаните барања во поглед на заштита на животната средина.

За таа цел, возилата и возачите се упатуваат во станица за технички преглед, каде што од страна на стручни лица се утврдува техничката исправност согласно показателите од извршените мерења полициските службеници од сообраќај ги исклучуваат возилата кај кои ќе се утврди техничка неисправност, односно што не ги исполнуваат пропишаните услови за учество во сообраќај на патиштата, вклучително и возилата кои со нивната емисија на издувни гасови ја загадуваат животната средина – информираа од МВР.

„Фокус“ побара, но не доби одговори од владата и од Министерството за животна средина за колку проценти е намалена употребата на службени возила согласно акцискиот план, дали се намалени емисиите на прашина при вонредните контроли на градилиштата и дали инсталациите со А-интегрирана еколошка дозвола го намалија капацитетот на производство.

Инаку, во земјава, мерни станици поставени од Министерството за животна средина и коишто релевантно го мерат нивото на загадувањето на воздухот, има 22, од нив, а една е мобилна.

ИМА ЛИ ИНСПЕКТОРИ НА ТЕРЕН?

Град Скопје информираше дека се спроведуваат засилени инспекциски контроли и се изрекуваат казни и обвинуваат дека од 14 институции задолжени за животната средина, само тие се на терен.

– Во 2024 година, Градот Скопје има изречено казни од 9 до 100 илјади евра за правни лица и соодветни казни против физички лица, кои се затекнати како креираат диви депонии, ги палат и го прекршуваат.

За време на изминатата недела, инспекторите за животна средина на градот Скопје и комуналните инспектори имаат санкционирано со изречени казни над 20 сторители, а секоја недела во просек се изрекуваат помеѓу 20 и 30 санкции.

Град Скопје, во минатата година поднесе повеќе кривични пријави за исфрлање и согорување опасен отпад и загрозување на животната средина, за кривична одговорност против сторители затекнати како исфрлаат опасен отпад, азбестни плочи и друг градежен отпад, меѓу што и опасен канцероген отпад во зелен појас, со што се нагрдува градот и доведува во опасност на животот и здравјето на скопјани – појаснија од Град Скопје.

Загадениот воздух во Скопје ќе се намалува со проект за споделување и изнајмување електрични возила. Министерката за енергетика, Сања Божиновска, и министерот за животна средина, Изет Меџити, потпишаа писмо со намери со словенечката компанија „Авант кар“, која треба да го реализира првиот проект за 100% електричен кар-шеринг во Скопје.

Преку овој проект, граѓаните во главниот град на Македонија ќе имаат пристап до модерен, економичен и еколошки транспорт, кој е дизајниран да го намали сообраќајниот метеж, загадувањето и зависноста од фосилни. Систем за споделување на автомобили со 100% електрични возила на брендот „Avant2Go“ веќе функционира во Словенија, Хрватска и Австрија.

Според Светска банка, годишно во земјава умираат над 2.800 луѓе како последица на аерозагадувањето.

О2 ИНИЦИЈАТИВАТА“ ИСПРАТИ СПИСОК НА МЕРКИ ЗА АЕРОЗАГАДУВАЊЕТО

„О2 иницијатива“ излезе со барања и предлози до властите на Скопје за поинаков пристап во решавање на проблемот со аерозагадувањето, со носење серија одлуки кои ќе ги опфатат сите субјекти што придонесуваат за него и со зададени рокови. „О2 иницијатива“ бара да се донесат седум одлуки во Град Скопје, меѓу кои:

  1. Забрана за греење на нафта, лесни масла, јаглен, мазут, кокс во град Скопје, која за домаќинствата би стапила на сила 1.10.2026, а од 1.10.2028 за сите други објекти.

Ова, според иницијаторите, ќе им даде доволно време на домаќинствата за измена на начинот на греење во прифатлив, што би подразбирало на гас, со пелети, топлински пумпи, инвертери, а јавните објекти ќе имаат доволно време да објават јавни повици, да изработат проектна документација и ја изведат потребната промена на терен.

  1. Домаќинствата кои ќе останат да се греат на дрва во град Скопје како и другите субјекти кои ќе користат дрва за греење и како енергенс, а тоа се најчесто погони од дрвна индустрија, да мораат да постават филтри.

Оваа мерка се предлага да стапи на сила од 1.1.2027 за правните субјекти и домаќинствата во урбаните делови на град Скопје, од 1.1.2029 за домаќинствата во руралните делови на градот. Постојат филтри за домаќинства во земјава чии цени се пристапни за наши услови.

Во тековниот период да бидат доделени субвенции од град Скопје и Владата на РСМ за филтри, соодветни на примањата во домаќинствата, со примена на скалест пристап, при што на најранливите категории ќе им бидат доделени суви дрва за греење за сезоната (за да се избегне горење на гуми и друг отпад) и филтри.

  1. Од 1 октомври до 1 мај, но и во останатиот дел од годината во денови со загаденост за PM10 над 50 μg/m3 и за PM2.5 над 25 μg/m3, кои ќе бидат измерени на најмалку две мониторинг станици во Скопје, да можат да сообраќаат само возила од прва еколошка категорија, со зелена налепница, согласно Законот за возила.

Исклучок би биле само возилата проектирани и изработени исклучиво за потребите на Армијата, полицијата, Брза помош, противпожарните служби, возилата на потполно глуви лица со потврда за членство од Националниот сојуз за глуви лица, на лица заболени од дистрофија, мултиплекс склероза, церебрална парализа, параплегија, хемиплегија, квадриплемија, детска парализа (полиомиелитис), слепите лица со оштетување на видот над 90%, лица на дијализа и лица со ампутација на рака или нога со признато телесно оштетување од 80% утврдено со акт на надлежната комисија во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на РСМ. Оваа мерка да стапи на сила од 1.10.2026.

  1. Забрана за користење мазут, нафта, лесно масло, јаглен, кокс, петрол кокс како енергенс во индустриските/производни погони, мали, средни и големи, со и без елаборати за заштита на животната средина, Б – интегрирани еколошки дозволи, А – интегрирани еколошки дозволи, во град Скопје, онаму каде производниот процес го дозволува тоа и каде најдобро достапните техники укажуваат на можност за користење на гас или електрична енергија (примарно од обновливи извори).

Оваа мерка да стапи на сила од 1.1.2030. Сите индустриски/производни погони кои треба да ја направат измената, а немаат пристап до гасовод, да се пријават до град Скопје до 1.7.2025, за тој навреме да биде изграден.

  1. Поставување систем од камери кои ќе ја покријат скопската котлина со 24 часовен надзор за секаков вид палење, и службите како пожарникарската, ќе одговорат веднаш на терен и ќе добијат помош од локалната полиција.

Дополнително, поставување на видео надзор над хроничните точки во градов каде редовно се пали отпад на отворено, со цел полесно идентификување и санкционирање на лицата кои извршуваат казниво дело, како и брзо гаснење на веќе појавените пожари. Оваа мерка да стапи на сила од 1.1.2026.

  1. Организирано бесплатно собирање на остатоците од бербата, органскиот отпад од службите на град Скопје, компостирање на истиот во градски компостари, а за возврат добивање на околу 30 килограми органско ѓубриво на секои 100 килограми доставен отпад.

На овој начин се спречува палење на стрништата. Оваа мерка беше спроведувана од град Скопје во текот на 2019 и 2020 година и треба да се врати подобрена на сила од 1.1.2026.

  1. За цело време на траење на градежни работи, околу секој поголем градежен објект, да има поставено константен мониторинг на прашината (вкупна, PM10, PM2.5), како обврска на компанијата што ги изведува работите.

За инспекција на спроведување на оваа одлука да се задолжат инспекторите за животна средина на град Скопје и на општините во градот, како и градежните инспектори на општините во градот. Да стапи на сила од 1.1.2026.

Со овие одлуки ќе бидат опфатени сите извори на аерозагадувањето во град Скопје и нивното спроведување ќе доведе до намалување во законски зададените граници, кои за кратко време ќе бидат двојно или повеќе пати пониски од сегашните, согласно новата ЕУ Директива за квалитетот на амбиентниот воздух.

Очекуваме советниците и градоначалничката да покажат зрелост и одговорност и да постапат во најдобриот интерес на нас, граѓаните, и нашето здравје, особено во интерес на децата од овој град, без оглед на која партија припаѓаат, порачаа од „О2 иницијатива“.

Поврзани новости