Текстот е објавен на 16 декември, 2016 година во неделникот со број 1106
Дури два дена по изборите, со своја изјава во јавноста се појави и претседателот Ѓорѓе Иванов, кој истакна дека по конституирањето на Собранието ќе го додели мандатот на партијата што има мнозинство во парламентот. Во меѓувреме, Иванов беше тема на потсмев на социјалните мрежи затоа што како шеф на државата исчезнал и како по традиција нема став за тоа како поминале изборите.
Невропсихијатарот Дудучки говори и за психолошкиот профил на шефот на државата, кој во последниот период стана актуелен откако помилува 54 функционери и бизнисмени, со што ги крена граѓаните на нозе, кои повеќе од два месеца протестираа против аболицијата.
– Со сила наметнатиот претседател е од типот „јас не сум од овде“. Тоа е типична слика за марионета на Фамилијата, кој веројатно залутал во политичкиот живот и од никаде станал претседател, и тоа во два мандати – вели Дудучки.
Тој додава дека најверојатно интелектуалниот дефицит, недоволната едукација, независно од тоа што е универзитетски професор и уште неколку влијанија од Фамилијата го довеле во ситуација да донесува противуставни и протизаконски одлуки.
– Иванов донесе аболиција на воените злосторници, помилување на криминалната врхушка во власта, а подоцна направи и лигаво покајничко повлекување на одлуката. Неговата никаква комуникација со функционерите од негов ранг или со европската и светска политичка елита го доведе во ситуација на аутосеквестрација, односно изолација и како овенат фикус да го чека крајот на своите срамни мандати. Тој не си ја врши функцијата за која е поставен, се крие цело време, ама затоа, пак, редовно се појавува на пастрмајлијади, пивтијади, калинкијади, ракијади – додава невропсихијатарот.
Дудучки вели дека ќе остане срамот на идните генерации да им објасниме каков претседател сме имале цели осум години.
– Историјата дава ликови од типот на Карло Велики, Пипин Малиот, Јован Без Земја, Иван Грозни, а нашиот придонес кон светската историја ќе биде во ликот и делото на Хорхе Први Паљурски Кутриот – додава невропсихијатарот.