Додека институциите минатата есен се препукуваа кој ја предизвикал еколошката катастрофа во Струмица и во Гостивар, дали затаило чистењето на реките од кои се полнат браните или затаиле општинските филтерни станици, граѓаните пиеја вода од бунари и супермаркети, а Македонија годишно губи над 60 отсто од вкупната вода за пиење што влијае врз крајната цена која потрошувачите ја плаќаат на општинските комунални претпријатија.
Текстот е објавен на 17 октомври 2024 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.515.
Пишува: Орце КОСТОВ
Питката вода станува луксуз за неколку градови во Македонија, а врнежите и недоволната грижа за водоводните мрежи и системите за наводнување само уште повеќе ја заматија водата и ги натераа граѓаните да се снаоѓаат со вода за пиење како знаат и умеат.
Додека надлежните се препукуваа кој ја заматил водата со манган и од каде е присуството на колоформни бактерии, граѓаните на Струмица, Гостивар, Василево и на Тетово пиеја вода од алтернативни водоводи и амбалажирана вода од супермаркетите.
За две недели беа воведени неколку забрани за употреба на водата од градскиот водовод во Гостивар поради присуство на ешерихија коли и коформни бактерии, односно манган.
Високо ниво на овој метал беше пронајдено во питката вода во Општина Струмица и во Општина Василево. Двете општини се снабдуваат со техничка вода од браната Турија, која е во сопственост на државната компанија АД „Водостопанство“, која стопанисува со акумулациите низ Македонија, кои се користат за наводнување и за филтрирање питка вода.
Ниту повикот на градоначалникот Костадин Костадинов не ги натера институциите да седнат и да ја решат еколошката катастрофа, која, според него, беше резултат на негрижа на институциите, односно дека затаило чистењето на каналите и речните корита од кои се полнат акумулациите, а тоа е директна надлежност на државното АД Водостопанство.
Додека се решаваше проблемот, општината обезбедуваше вода за пиење преку алтернативниот водовод од Муртино.
ПОЛИТИКАТА ЈА МАТИ ВОДАТА
По укажувањето на експертите, утврдено е дека се работи за катастрофа што ја предизвикал природен фактор, односно за одронување дол што содржи метали, а не човечки фактор.
– Постои некаков железен дол во самата брана, а не биле направени потребните насипи, народот знаел дека тој дол содржи метали. Одронувањето на тој дол придонесува при така ниско ниво на браната Турија од 11,8 милиони кубни метри наместо максимални 53, калта практично да е останата. Затоа и високото ниво на манган – објасни Костадинов за „Фокус“.
Тој побара да бидат објавени анализите од испитувања на водата во браната Турија од каде што со вода се снабдуваат општините Струмица и Василево. Според него, мора да се знае квалитетот на водата во браната за да се работи на одредени решенија и во иднина да не се случуваат несакани работи.
Но, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, придружуван од новите директори на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов, на АД Водостопанство, Филип Филиповски, и директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, за еколошката катастрофа го обвини Костадинов и повика Јавното обвинителство да испита зошто некој дозволил дистрибуирање вода што не треба да ја пијат граѓаните, со што го довел во прашање нивното здравје.
Во 2020 година, браната Турија имаше критично ниско ниво на вода, но тогаш, сегашниот министер Трипуновски за негрижата го обвини лошото менаџирање со акумулациите од страна на АД Водостопанство, кое, пак, сега е под негова директна надлежност.
НАЈСКАПА Е ВОДАТА ШТО НЕ ЈА ПИЕМЕ
Со проблеми со питка вода често се соочуваат и други градови. Општина Чашка почна со барање нови дополнителни изворишта за здрава вода, за пиење за жителите од населените места Извор и Долно Врановци, а во Струга летово се најавуваа засилени контроли, со цел да се спречи неконтролираното трошење вода во летниот период, што доведува до недостиг од питка вода.
Во Македонија, поради застарениот систем и децениско игнорирање без инвестиции, 63 отсто од питката вода се губи пред да стигне до потрошувачите. Со тоа земјава се вбројува како прва во Европа по губитоци на вода за пиење.
Според анализите на Центарот за граѓански комуникации, граѓаните на Македонија годишно плаќаат и за 146 милиони кубни метри вода за пиење што не ја пијат.
Од годишно произведените 245 милиони кубни метри вода за пиење, се губат повеќе од половина, односно 146 милиони кубни метри.
Најмногу вода за пиење во апсолутна загуба се губи во Скопје, дури 63 милиони метри кубни годишно, што е 43 отсто од целата загубена вода во земјава. Следат Гостивар, Тетово и Кичево.
Четириесет и четири отсто од 67-те снабдувачи со вода за пиење лани оствариле негативен финансиски резултат од работењето. Вкупната загуба на овие претпријатија изнесува 255.018.205 денари, односно 4 милиони евра.
Најголема загуба, од повеќе од еден милион евра, има кочанското претпријатие, што е точно една четвртина од вкупните загуби на овие претпријатија. Со поголеми загуби се и водоводните претпријатија на Велес, Битола, Скопје и Струга.
Кај 72 отсто од претпријатијата со финансиска загуба, загубите на вода за пиење се поголеми од 40 отсто.
Цената на вода кај нас ја определуваат општините. Така, најниска цена за потрошената вода плаќаат жителите на Боговиње – само 7,5 денари за потрошен кубик, а највисока цена плаќаат жителите на Кочани – дури 48,79 денари за кубик, што е за 6,5 пати повеќе.
Кај фирмите, најниска цена за кубик вода плаќаат потрошувачите во Желино – 13,42 денари, а убедливо најскапа е водата за скопските фирми, дури 68,10 денари за кубик.
Најмногу вода трошат жителите на Маврово и Теарце, по 70 кубици месечно, како и на Боговиње, по 40 кубици месечно. Најмалку вода трошат домаќинствата во Старо Нагоричане, само по 2,4 кубици месечно.
Од големите градови, водата е најевтина во Тетово, а најскапа во Охрид. Но, охриѓани трошат најмалку, а тетовци најмногу вода месечно.
Според публикацијата на Институтот за комуникациски студии „Како да ја користиме и заштитиме водата“, објавена во 2020 година, постојат значајни разлики во постојната покриеност на услугите за водоснабдување по региони.
Највисока покриеност со редовно управување и следење – централизирано снабдување е забележано во скопскиот регион (околу 91 процент), додека најниска покриеност е регистрирана во полошкиот, североисточниот и во југозападниот регион (66 до 75 проценти).
„И покрај податокот дека 88,9 проценти од вкупниот број индивидуални домаќинства се снабдуваат со вода за пиење од јавен водовод, што претставува висок статистички показател, самиот факт дека на почетокот од 21 век, во срцето на Европа, дел од домаќинствата сѐ уште пијат вода што ниту биолошки, ниту хемиски е проверена, претставува показател што треба да загрижува.
Ниту фактот дека поголемиот број од домаќинствата што не се снабдуваат со вода за пиење од јавен водовод се концентрирани претежно во ретко населени рурални населби – не може да биде оправдување за недоволната грижа на државата, во секој стан, до секое домаќинство да се донесе квалитетна вода за пиење“, се наведува во публикацијата.
Загубите на вода во регионот се слични како во Македонија. Бугарија губи вода околу 60 отсто и затоа презема мерки за прибирање информации од каде и зошто се губи водата пред да го смени тарифниот модел на наплата и да го подигне нивното на сериозни инвестиции во водостопанството.
На овој начин, загубите на питка вода биле решени во Италија. Со покачување од 2 отсто и нов тарифен модел, инвестициите биле зголемени за 400 проценти. Загубата на вода е 42 отсто, што е подобро од 2016 година кога почнале да ја мерат оваа вредност.
ВОДАТА СТАНУВА РЕДОК РЕСУРС
Високата потрошувачка, климатските промени и лошото менаџирање со акумулациите ќе ја направат водата редок и скап ресурс затоа што ќе ја има сѐ помалку.
Институциите потфрлија и нема амнестија за никого, но народот мора да сфати дека празните брани во државата се поради климатските промени, вели градоначалникот Костадинов.
– Сите брани во државата се под минимумот со капацитет со вода. Тоа се должи на климатски промени, кои народот ги перцепира како теории на заговор, но тука има потфрлање на сите институции, не амнестирам никого.
АД Водостопанство нема друга работа, освен да води грижа за браните и да ги чисти каналите, а тоа не го прават. Во Стајковци, токму тоа беше проблемот, во Струмица кога имаше поплави, тоа беше проблемот. Сега е време кога треба да се прават зафати.
Пораката од ова е дека прво климатските промени се реалност и предизвик на кој треба да му погледнеме во очи. Да си го почитуваме Законот за водите, а тоа е рационално искористување на водата. Никаде во светот автомобил не се пере со питка вода, дворот не се вади со питка вода, теписи не се перат со питка вода.
Или ќе се соочиме со тоа, или ќе се правиме дека ништо не било и за некое време пак ќе ни се појават такви проблеми. Не сме свесни колку брзо може да останеме без вода, еве Бабуна во Велес веќе не постои.
Дали е аерозагадување, дали е суша, тоа треба да биде предмет на интерес кај населението, но не зафати таква една летаргија, па полесно е да ги ставиме проблемите под тепих – коментира за „Фокус“, Костадинов.
Климатските промени влијаат на водните циклуси, предизвикувајќи суши во некои области, а поплави во други, но во случајот со Македонија „економскиот недостиг“ од вода е позначаен во моментов затоа што покажува како се грижиме и управуваме со нашите резерви на вода.
Управата за хидрометеоролошки работи, со години укажува на намалувањето на водните ресурси во земјата, но грижата за подземните води со текот на годините се намалува.
– Како институција, вели дека со години укажуваат дека влијанието на климатските промени дополнително ја става земјата во многу тешка позиција поради што мора правилно да се мониторираат количествата вода со кои располагаме. Освен мониторингот, тој наведува низа конкретни мерки што може да придонесат за ублажување на проблемите со подземните води.
Секако дека има начини да ги ублажиме овие проблеми со водите, меѓутоа не можеме да ги спречиме. Со разни мерки може да се ублажат овие проблеми. Тука се браните, една од мерките, кои треба да се градат секаде каде што има недостиг од води, особено источниот дел на државата. Браните ќе формираат акумулации и ќе овозможат сите оние вишоци вода што се јавуваат со топење на снегот при обилни врнежи понатаму да се користат во услови на маловодие – посочува хидрологот Стојов за „Макфакс“.
Хидрологот Стојов смета дека од особено значење се и пошумувањето на голите делови, кои ќе ја задржат водата на тие места, брани и прегради на сите суводолици, каде што има опасност од поплави при поројни дождови.
Во градските средини, Стојов смета дека се потребни подземни резервоари. Асфалтот не дозволува водата да понира во подземните води поради што има слегнување на почвата.
– Во услови кога сè е асфалтирано, не се дозволува да понира водата во подземните води и се случува да се јавува слегнување на почвата, и тоа негативно влијае врз темелите на објектите. Ние насекаде имаме големи површини со паркинзи, имаме бетонски површини, кои мора да бидат обезбедени со подземни резервоари, кои би ја собирале таа вода и не би дозволиле да истече неповратно, би ја задржале во сливот – вели Стојов.
ЗАГУБИ НА СИСТЕМОТ ЗА НАВОДНУВАЊЕ
Политиките, мерките и активностите што ги преземаат надлежните органи и вршителите на водостопанска дејност не обезбедуваат рационално и ефикасно користење на водите за наводнување и добро управување со системите за наводнување, покажа ревизорскиот извештај на ДЗР за 2022 година.
Најголем дел од расположливите средства од Буџетот на Македонија, 92,2 милиони евра и од кредити 193 милиони евра, се наменети за изградба на повеќенаменски хидросистеми и реконструкција на системи за наводнување, а истовремено во најголем дел е запоставено тековното одржување на постојните застарени и делумно нефункционални системи, поради што две третини од земјоделските површини се наводнуваат надвор од системите или не се фактурираат, што влијае на помалку остварени приходи на вршителите на водостопанска дејност и на Буџетот на државата, бидејќи за таквото наводнување не се наплатува воден надомест, ниту надоместок за водно право за наводнување.
Во АД Водостопанство, во 2019 и 2021 година, несразмерно се планирани високи количества вода, а се прикажани уште поголеми потрошени количества значајно надреално потребните за наводнување на планираните површини, што доведува до загуба на вода, односно изгубен приход од најмалку 3,6 милиони евра, а истовремено и до прекумерно исцрпување на водните ресурси, имајќи предвид дека наводнувањето е најголем потрошувач на вода во државата.
Констатирана е нерамномерна распределба на средствата и низок степен на реализација на проектите од Планот за инвестирање во водостопанската инфраструктура за периодот од 2015 до 2025 година, со кој се предвидени инвестиции во водостопанството, во износ од 19,88 милијарди денари или над 323 милиони евра. Од вкупно договорените инвестиции во износ од 5,7 милијарди денари, до јуни 2022 година исплатени се 3,3 милијарди денари, што е 16 отсто од предвидените.
Според Комисијата за брани, потребна е итна санација на дел од браните со кои управува АД Водостопанство, кои подолг период не се одржувани и санирани и не се следи нивната стабилност и сигурност, а дел од нив се запуштени до ниво што ги прави ранливи со неприфатлив ризик за околината.
Нема комплетна и ажурна евиденција на издадените дозволи за водно право. АД Водостопанство има обезбедено 13 дозволи за водно право, кои се однесуваат само за дел од поголемите акумулации и системи за наводнување, а во исто време има обезбедено 64 дозволи за вадење песок, чакал и камен од реките, што упатува на несоодветно утврдени приоритети.
Дел од јавните водостопански претпријатија, чии хидросистеми се недоизградени и не функционираат во полн капацитет се соочуваат со континуиран недостиг од финансиски средства за редовно работење и за сервисирање на кредитните обврски, поради што користат средства од Буџетот на државата. Во исто време, вршителите на водостопанска дејност остваруваат континуирани загуби од работењето, кои за последните три години изнесуваат над 1,3 милијарди денари или над 20 милиони евра.
Дека менаџментот во АД Водостопанство толерира неплаќачи потврди и синдикалната организација на акционерското друштво, која бараше пари за плати и трошоци за делови и гориво за да ги одржува каналите за наводнување и цевководите за достава на сурова вода.
Комуналните претпријатија во Куманово, Струмица, Берово и во Кавадарци должат околу 240 милиони денари или четири милиони евра. Но, општините не ги подмируваат трошоците кон Водостопанство, иако ја добиваат водата до пречистителните станици, која им ја продаваат т.е. наплаќаат на граѓаните.
Поради ова, АД Водостопанство, кое има 517 вработени низ цела земја, но постојано се соочува со загуби, неисплатени плати и блокирана сметка од УЈП. Сепак, овие проблеми не го запреа менаџментот да вработи над 100 луѓе во претпријатието и да набави теренски луксузен џип.