Текстот е објавен на 02 февруари 2023 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1426.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека поднело кривични пријави против 9 лица, од кои двајца биле директори на кичевска фирма, која, според полицијата, копала варовник кај Зајас, ама не уплаќала пари согласно концесискиот договор, со што направиле штета од околу 27.000 евра на буџетот. Како што објавија медиумите и како што обвинија дел од партиите, двајцата директори се Б. А. и Д. А., а зад овие иницијали стојат браќата Бесијан Ахмети и Дрин Ахмети, внуци на лидерот на ДУИ Али Ахмети, од кои Дрин стана познат за пошироката јавност откако влезе во сопственичката структура на „Соравиа“. Уште на почетокот на минатата 2023 година, „Фокус“ ја обработуваше темата за имотната состојба на Ахмети и неговото потесно семејство, при што ја опфативме и компанијата „Еверест ЏД“, поради која двајца членови на семејството Ахмети сега се осомничени за злоупотреба на службена положба и овластување, додека други 7 лица од државните институции се осомничени за несовесно работење.
Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ
Цели 20 години, Али Ахмети е непобедлив на политичката сцена. Најблиску до пораз, неговата ДУИ беше на парламентарните избори во 2016 година, кога во време на голема политичка криза, предизвикана од аферата со „бомбите“, забележа драстичен пад на гласовите.
Сепак, „интегративците“ успеаја да се извлечат од оваа непријатна и опасна ситуација, создадена по долгогодишна соработка со ВМРО-ДПМНЕ, која скапо ја чинеше ДУИ од причина што се создаде впечаток дека Ахмети е полтрон и приврзок на Никола Груевски. Но, откако се сврте кон СДСМ и Зоран Заев, се сврте и среќата за ДУИ, која повторно си ја поврати старата сила и поддршка.
Од ваквиот лупинг, всушност, најскапа цена платија другите албански партии, кои испробаа разни комбинации и варијанти, но никако не успеаја да го капитализираат падот на најголемиот конкурент. Причината е едноставна – тие никогаш не направија сојуз во кој ќе се здружат сите против ДУИ.
Прво, се здружија Алијанса за Албанците и Беса, а потоа Алијанса се спои и со Алтернатива. Сепак, секогаш како изборен победник излегуваше ДУИ, а во меѓувреме, другите албански партии наизменично стануваа дел од власта. На тој начин, губеа идентитет и нивниот рејтинг се топеше.
По политичките промени, СДСМ формираше влада со ДУИ и Алијанса тогаш предводена од Зијадин Села. Меѓутоа, АА не сакаше да води министерство за носење бурек и излезе од владата. Веднаш потоа, нејзиното место го зазеде едно од крилата од тогаш поделената Беса, која подоцна ја формираше Алтернатива.
Сепак, на следните избори, Алтернатива договори соработка со Алијанса, а Беса уште предизборно се здружи со СДСМ и така стана дел од владата со ДУИ. Тоа траеше сѐ до локалните избори, кога Биљал Касами се обиде да ја урне ДУИ со помош на ВМРО во Парламентот. Но, таа влада на СДСМ и ДУИ ја спаси Алтернатива на чело со Африм Гаши.
Сега, и Алијанса за Албанците е на еден чекор од влез во Владата. Иако оваа партија најтврдо се профилираше како анти-ДУИ партија, сепак, новиот лидер Арбен Таравари одлучи ревносно да ја следи филозофијата – „ако не можеш да го победиш непријателот, тогаш придружи му се“. Па, се очекува секој момент тој да си пружи рака со Ахмети и Димитар Ковачевски за заедничко владеење.
Без оглед на причините поради кои и Алијанса одлучи да премине од опозиција кон власта, факт е дека ДУИ успева да го разводни опозициското расположение и потоа да ги апсорбира сите албански опозициски партии. А, најдобар пример за тоа е ДПА на Мендух Тачи, некогашен најголем конкурент на Ахмети, кој веќе со години е декор во владите на ДУИ.
ДЕМОКРАТИЈА ИЛИ АНАРХИЈА?
Арно ама, додека ДУИ успешно се справува со опозицијата, применувајќи ја тактиката „раздели, па владеј“, се соочува со сѐ поголеми проблеми во својот двор, кои се чини дека бегаат од контрола дотаму што стариот лисец Ахмети веќе не успева да ги менаџира.
Како што е познато, голем број влијателни функционери, организирани во таканаречената „огнена група“, почнаа паралелни активности, откако Ахмети одби да им го исполни главното барање, односно да го жртвува првиот вицепремиер Артан Груби.
Откако ова фракционерско дејствување доби замав, со оглед дека „огнените“ секојдневно одржуваат теренски активности, трибини и средби со членството, од луѓето што беспоговорно му се верни на Ахмети стигна порака дека ДУИ е на граница на анархија.
– ДУИ е позната и препознаена по внатрешната демократија, по можноста различни луѓе да претстават различни идеи, кои се разликуваат од мнозинството. Но, тоа е сѐ додека не се премине една граница на анархија. Тогаш секоја организација си презема мерки за да си го зачува функционирањето – порача шефот на дипломатијата, Бујар Османи.
Впрочем, тој и тие што се согласуваат со оваа теза сметаат дека ако досега ДУИ за различните ставови дебатирала внатре во партијата, а кога мнозинството ќе утврди заеднички став, тогаш сите јавно го почитуваат, сега дебатата во старт е изнесена во јавност.
На тој начин, упатените во политичките прилики оценуваат дека ДУИ од некогашна воена организација, која пред дваесетина години се трансформираше во политичка партија, која има неприкосновен лидер, но за волја на вистината секогаш негувала високо ниво на внатрепартиска демократија, веќе наликува на, фигуративно кажано, пејачко друштво.
Или попрецизно кажано – се претвора во раштиман оркестар, чија мелодија веќе не е пријатна за ушите за многумина партиски авторитети. Во тој дух треба да се потсети дека токму со песна Ахмети одговори на еден од најжестоките напади на „огнените“.
Откако тие му порачаа да не го пали јорганот за една болва, алудирајќи на Груби, на социјалните мрежи осамна едно видеа каде што Ахмети пее: „Ајде да тргнеме понапред од злото…“. Потоа тој објасни како сите често можеле да го видат како пее, и се разбира – во униформа, но, како што рече, никој никогаш не го видел да плаче.
Но, во меѓувреме на површина излегува една друга реалност од поинаква природа. Имено, додека командантот Ахмети реди стихови, негови блиски роднини „редат“ имот и компании. Една од нив, според податоците што ги обезбеди „Фокус“, има долгогодишна концесија, а добила и неколку тендери.
„САРАИТЕ НА АЛИ-ПАША“
Официјално, Ахмети во Антикорупциската комисија доставил скромен анкетен лист. Така, тој поседува куќа од 254 квадратни метри во родниот Зајас вредна 100 илјади американски долари, земјоделско земјиште во Албанија од 700 квадрати во вредност од 30 илјади долари и плус пријавил околу 700 илјади денари на трансакциска сметка.
Според анкетниот лист, тој не поседува возило, но возило марка „поло“ вредно 7 илјади евра пријавил на име на неговата сопруга, со која живее во исто домаќинство, што впрочем е законски услов за да важи обврската за јавно изложување на сопствениот и семејниот имот.
Наспроти ваквата скромна имотна состојба на Ахмети запишана на хартија, сосема спротивни тврдења дојдоа од лице во роднински врски со Ахмети и неговиот вујко Фазлиу Велиу, кој во меѓувреме ја смени страната и моментално извршува потпретседателска функција во конкурентската Беса на Касами.
Тоа е Фатмир Лимани, кој многу години беше заменик-директор на АД ЕЛЕМ или денешно ЕСМ, како кадар на ДУИ. Откако партијата одлучи повторно да истрча со Фатмир Дехари во трката за градоначалник на Кичево, Лимани ги наруши односите со сопартијците и на изборите настапи како независен кандидат, при што успеа да освои респектабилни 4 илјади гласа.
Деновиве, тој објави видеоклип, кој, според неговите тврдења, покажува куќи и вили во сопственост на Ахмети и негови блиски роднини. „Ова се сараите на Али паша од Зајас“, наведе Лимани покрај видеото направено со дрон, на кое може да се видат повеќе луксузни куќи.
Стапивме во контакт со Лимани, кој рече дека стои зад неговите зборови дека се работи за имот во сопственост на Ахмети и негови блиски роднини, но не беше во можност да даде повеќе детали во однос на тоа за каков имот се работи, кој точно се води како сопственик итн.
Врз основа на објавеното видео, „Фокус“ изврши проверки во Катастарот на недвижности во кичевски Зајас, со цел да се добие појасна слика за макар и дел од објектите. Притоа, се испостави дека таму имот поседува Шкумбин Ахмети, син на лидерот на ДУИ Али Ахмети.
Поточно, станува збор за катастарската парцела со број 1549/1 со површина од над 500 квадратни метри, на која има неколку објекти, од кои дел се пробиваат и на соседни парцели. Што се однесува до парцелите во непосредното опкружување, пак, значаен дел од нив припаѓаат на лица што се презиваат Ахмети.
На пример, лицето Имер Ахмети поседува мал дел од соседните парцели со број 1549/2 и 1549/3, но тој ја поседува и парцелата 1558 од над 600 квадратни метри, каде што има објект од 240 квадрати. Понатаму, парцелата со број 1557/1 со површина од над 700 квадрати е дел во сопственост на државата, но дел на лицето Рамазан Ахмети. И таму има објект чија површина изнесува 259 квадрати…
ЛЕПЕЗА НА КОМПАНИИ
Инаку, Ахмети има неколку браќа. Некои од нив се непознати за пошироката јавност. Таков е случајот со Абдулбари Ахмети, кој заедно со уште еден член на семејството Ахмети поседуваа бачило со стотина овци. Сепак, далеку попознат за јавноста е друг брат на лидерот на ДУИ.
Тоа е Фекри Ахмети, кој стана актуелен кога пред 2 години порача: „Ооо Албанци, соберете се денеска за единство, бидејќи само неразделни можете да напредувате. Знаење и слобода се стекнуваат само кога постои љубов, инаку тие исчезнуваат и живееме како партии…“.
Подоцна, тој се правдаше дека целта со објавеното видео не му била да шири омраза на национална омраза, туку, како што велеше, го цитирал албанскиот автор Асдрен. Ако уметноста и поезијата се погрешни и ако луѓето не се слободни слободно да се изразат, порача Фекри, тогаш без сомнение се враќаме назад.
Како и да е, рецитирањето на поети може да има разни интерпретации околу пораката што сакала да се упати, но голите факти се недвосмислени и не дозволуваат простор за толкување. Така е со официјалните податоци што ги обезбедивме од Централниот регистар, кои покажуваат дека синот на Фекри Ахмети, односно внук на Али Ахмети, поседува приватна компанија.
Станува збор за „Еверест ЏД“ основана во 2005 година, чија основна дејност гласи – изградба на други објекти од нискоградба. Моментално, негов единствен сопственик и управител е Дрин Ахмети, син на Фекри Ахмети. Историјатот на друштвото, пак, покажува дека порано сопственик бил и другиот син на Фекри и брат на Дрин – Бесиан Ахмети.
Колку за информација, оваа компанија го поседува друштвото „Потам-Плант“, формирано во 2019 година за производство на струја. Сепак, досега фирмата немала речиси никаква финансиска и деловна активност, слично како и други компании поврзани со семејството Ахмети.
Воедно, Дрин Ахмети како физичко лице ја поседува компанијата за развој на градежни проекти „Тхор Индустриес“, формирана во 2020 година. Исто така, тој е еден од сопствениците на „Хелиос-Плант“, основана во 2018 година за производство на струја. И двете компании засега не прикажуваат активност.
Она што треба да се посочи, покрај Дрин Ахмети содружници во „Хелиос-Плант“ се и неговиот брат Бесиaн Ахмети, веќе споменат како поранешен сопственик на „Еверест ЏД“, додека третиот содружник е нивниот братучед Шкумбин Ахмети, кој е син на лидерот на ДУИ Али Ахмети.
Како единствен сопственик, пак, Шкумбин Ахмети го поседува друштвото „Архитектас Пројект Студио“, основано во 2017 година. Неодамна, помладиот Ахмети преку оваа компанија ја формираше и фирмата за производство на струја „Тхеас Енергу“…
КОНЦЕСИЈА И ТЕНДЕРИ
Оттука произлегува дека помладите членови на семејството на Ахмети веќе се дел од секторот со градежништво и архитектура, но се позиционираат и во се поатрактивниот бизнис со производство на струја, со оглед дека формирале компании со таква дејност. Сепак, од сите овие компании се издвојува „Еверест ЏД“ како најстара и најголема, која стопанисува со каменолом.
Како што не информираа од надлежното Министерството за економија, „Еверест ЏД“ има договор за концесија за експлоатација на минерална суровина – варовник на локалитетот „Буковиќ“, општина Зајас од 7-ми јули 2006 година, кој е усогласен во 2007 и во 2014 година согласно Законот за минерални суровини.
„Концесијата за експлоатација е доделена за период од 20 години и Договорот важи до истекот на периодот за кој е доделена концесијата, односно заклучно со 7-ми јули 2026 година, со можност за продолжување за уште еден период од 20 години“, ни одговорија од Министерството предводено од Крешник Бектеши.
Како што истакнуваат од таму, концесискиот надоместок за користење простор што го плаќа компанијата изнесува 68.503 на годишно ниво, но треба да се има предвид дека плаќа плус надоместок што се пресметува врз основа на количеството на експлоатирана суровина.
Освен што црпи природен ресурс, оваа компанија има допир и со јавните средства, преку неколку договори за јавна набавка. Според податоците од Бирото за јавни набавки, „Еверест ЏД“ добила 5 тендери во вкупна вредност од речиси 8 милиони денари или 130 илјади евра.
Последниот договор, компанијата го склучила лани со државната компанија за производство на струја АД ЕСМ. Овој договор се однесува за испорака на доломитски или калциски сепариран варовник (тампон) за термоелектраната РЕК Осломеј во вредност од 1,7 милиони денари.
Патем, ова е втор договор меѓу двете страни за набавка на сепариран варовник, имајќи предвид дека тие склучиле договор и во 2019 година на сума од 2,3 милиони денари. Во истата година, компанијата го добила и тендерот за ризла и камен за ѕидање од кичевското комунално претпријатие, чија вредност достигнува 3 милиони денари.
Според финансиските извештаи, оваа компанија во 2013 година остварила приходи од над 22 милиони денари, кои во следните години паѓаат, така што во 2019 и во 2020 година се движат околу 4 и пол милиони денари. Оттука, приходите во 2019 година изнесувале помалку од двата тендери што ги добила компанијата, која има само еден вработен.
БИЗНИСОТ СО СТРУЈА АТРАКТИВЕН ЗА ДЕЦА НА ПОЛИТИЧАРИ
Бизнисот со производство на струја станува се поатрактивен за политичарите и нивните деца. Покрај синот и внуците на Али Ахмети, неодамна фирма за производство на струја формираше и синот на поранешниот премиер Зоран Заев – 18-годишниот Душко Заев.
Подолго време, и синот на поранешниот вицепремиер Муса Џафери, кој сега е дел од „огнената група“, делува во овој сектор. Станува збор за Аријанит Џафери, кој ја поседува фирмата за трговија со струја „У-Повер“. Како што пишуваше „Фокус“, тој ја основаше оваа компанија со синот на сопственикот на градежната компанија „АК-Инвест“, која ја споменавме и во сторијата најновиот објект во сопственост на ДУИ.
Се работи за поранешната зграда на „Телеком“ во центарот на Тетово, која ДУИ ја купи за 900 илјади евра, а еден од поранешните сопственици на објектот бил и „АК-Инвест“. За период од 9 години, колку што оваа компанија го поседувала објектот, ниту го користеле, ниту го издавале под закуп, туку недвижноста цело време стоела „празна и осигурана“?!