(АРХИВА) Народот ќе плаќа камата за унгарскиот кредит, фирмите ќе растат, банките ќе профитираат

by Fokus

Засега е познато дека единствената обврска за компаниите ќе биде да учествуваат со 20 проценти од инвестицијата, чиј максимален износ ќе биде 10 милиони евра, а ќе се кредитираат основни средства, обновливи извори на енергија и административни згради за сопствена употреба. Осум милиони евра е максималниот износ што за еден проект можат да го добијат компаниите што ќе користат пари од унгарскиот заем.

Текстот е објавен на 28 ноември 2024 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.521.

Пишува: Орце КОСТОВ

Дефинирани се сите услови под кои компаниите ќе можат да аплицираат за кредитот од Унгарија, а  фирмите ќе ја плаќаат само каматната стапка кон банките, не и каматната стапка на Македонија кон Развојната банка на Унгарија.

Каматата, која премиерот Христијан Мицкоски ја нарече историски најниска, ќе изнесува 1,95 проценти. Неа ќе ја плаќаат фирмите, а разликата до 3,25 отсто, колку што Унгарија бара за земениот заем, ќе ја плаќаат граѓаните, преку буџетот.

Списокот на банки што ќе ги нудат кредитите од унгарскиот заем сѐ уште не е готов, но неофицијално во овој проект на владата нема да учествуваат сите деловни банки. Дел од нив чекаат писмени договори со владата, со кои ќе се прецизираат сите поединости. Токму овие непознаници предизвикаа дилеми и во јавноста и меѓу економските експерти.

Вкупно 250 милиони евра ќе се стават на располагање како кредит за домашните компании, пари кои се дел од половината милијарда евра, кои земјава ги зема како заем од унгарската влада. Со другата половина веќе се финансираат општински инфраструктурни проекти.

Премиерот Мицкоски очекува вкупниот инвестициски циклус следната година да изнесува околу 800 милиони евра, што е 5 проценти од БДП.

Договорена е каматната стапка, од неколку од банките веќе имаме потврда и очекувам најголем дел од нив да застанат зад проектот и конечно 250-те милиони евра од унгарскиот заем од понеделник да бидат поделени на македонското стопанство. Договорена е каматна стапка од 1,95 проценти, до три години грејс-период и до 15 години рок на отплата, во зависност од потребите на компаниите. Ценам дека е ова историски договор со историска најниска каматна стапка – истакна Мицкоски.

МИЦКОСКИ ЗАДОВОЛЕН ОД БАНКИТЕ

Премиерот Мицкоски нагласи дека за да добијат кредит, компаниите ќе треба да имаат минимум 20 отсто сопствено учество, а максималниот износ што можат да го добијат е ограничен на 10 милиони евра.

Тоа значи дека ќе имаме инвестициски бран од 300 милиони евра. Сите компании ќе имаат можност да ги вложат овие средства во основни средства за работа, во обновливи извори на енергија, како и во објекти што ќе ги користат како свои административни згради, односно за сопствена потреба – рече Мицкоски.

Нагласи дека е задоволен што најголем дел од банките ја прифатија каматата од 1,95 проценти и додаде дека очекува голема додадена вредност и зголемување на продуктивноста на стопанството. За банките што нема да ја прифатат оваа каматна стапка, рече дека нема да бидат дел од проектот и потврди дека согласност веќе дале неколку поголеми и неколку помали банки.

„Фокус“ ја праша владата кои критериуми треба да ги исполнат компаниите за да аплицираат за парите и кој ќе ги формира условите, дали тоа е оставено на Министерството за финансии или, пак, на деловните банки, потоа за што ќе може фирмите да трошат од кредитот, дали е наменет само за реинвестирање, купување основни средства или и за дополнителни вработувања.

Премиерот нагласи дека фирмите ќе може да ги користат средствата и за објекти што ќе ги користат како свои административни згради за сопствена потреба и очекува голема додадена вредност и зголемување на продуктивноста на стопанството.

Но, како изградба на административна зграда ќе донесе додадена вредност и ќе ја зголеми продуктивноста? Од владата добивме одговор дека е важно да се знае колкава ќе биде каматната стапка и дека приоритет на владата е македонските компании да растат.

Главен приоритет и примарен интерес на владата е македонските компании да растат, бидејќи колку побрзо растат, толку повеќе приходи ќе имаат во самиот буџет. Колку повеќе приходи ќе имаат, толку повеќе инвестиции ќе има во образованието, здравството, ќе има повисоки плати, повисоки пензии, во земјоделието, во културата, во спортот, во инфраструктурата итн.

Важно е да се знае дека договорена е каматната стапка, со неколку од банките, поголеми и помали, веќе имаме потврда. Владата очекува најголем дел од банките да застанат зад проектот и конечно 250-те милиони евра од унгарскиот заем до крајот на оваа недела, по финализирање на постапката, средствата да бидат достапни на стопанството.

Ве информираме дека кредитите што ќе ги добиваат фирмите од унгарскиот заем од 250 милиони евра, ќе бидат со каматната стапка од 1,95 отсто, до три години грејс-период и до 15 години рок на отплата, во зависност на потребите на компаниите. Станува збор за историски договор, со историска најниска каматна стапка.

За да добијат кредит, компаниите ќе треба да имаат минимум 20 проценти сопствено учество, а максималниот износ што можат да го добијат е ограничен на 10 милиони евра. Преку ова, не само компаниите, туку и државата ќе има инвестициски бран од 300 милиони евра.

Притоа Ви укажуваме дека заинтересираните компании ќе имаат можност да ги вложат овие средства во основни средства за работа, во обновливи извори на енергија, како и во објекти што ќе ги користат како свои административни згради, односно за сопствена потреба ограничен на 10 милиони евра.

Владата е задоволна што најголем дел од банките ја прифатија каматата од 1,95 проценти и очекуваме голема додадена вредност и зголемување на продуктивноста на стопанството“, гласи одговорот од владата за „Фокус“.

НАЈМНОГУ 8 МИЛИОНИ ЕВРА

Засега е познато дека единствената обврска за компаниите ќе биде да учествуваат со 20 проценти од инвестицијата, чиј максимален износ ќе биде 10 милиони евра, а ќе се кредитираат основни средства, обновливи извори на енергија и административни згради за сопствена употреба.

Осум милиони евра е максималниот износ што за еден проект можат да го добијат компаниите што ќе користат пари од унгарскиот заем. Појаснувањето го даде премиерот Христијан Мицкоски:

„Сите компании што ќе инвестираат во средства за работа, односно основни средства, тие ќе бидат поддржани со овој проект. Максималниот износ на проектот ќе биде до 10 милиони евра. Што значи од тие 10 милиони, би требало 20 проценти минимум да е сопствена инвестиција, што значи дека до осум милиони евра ќе бидат финансирани од овој проект.

Уште еднаш ги повикувам компаниите да подготват добри, издржани проекти, добар план, бизнис-план. Навистина е атрактивно сето ова, вие да добиете осум милиони по каматна стапка од 1,95 проценти. До 8 милиони зборуваме.

Тоа значи дека годишно ќе треба да плаќате до 160.000 евра камата и три години да ги работите парите“, наведе Мицкоски, кој смета дека „имаме многу успешни и вредни претприемачи, кои сакаат да се развиваат и ќе ја искористат оваа можност, а тоа ќе значи подобра економија“.

ЗОШТО ГРАЃАНИТЕ ДА ПЛАЌААТ КАМАТА?

Но, кој што ќе добие ако враќањето на кредитот на фирмите падне на товар на буџетот? Тоа значи дека граѓаните ќе учествуваат во покривањето на трошоците за заемот на бизнисот, кредитниот ризик ќе го субвенционира државата, а стопанството ќе добие кредити по исклучително поволни услови.

Граѓаните ќе треба да вратат близу 100 милиони евра по основ на камата што ја побарува Унгарската експорт-импорт банка. Двесте и педесет милиони евра, пари земени од унгарскиот кредит, владата ќе ги пласира во приватниот сектор преку комерцијалните банки.

Министерството за финансии ќе префрли 250 милиони евра на Развојна банка, која, пак, овие средства треба да им ги позајми на комерцијалните банки. Комерцијалните банки подоцна ја враќаат оваа сума без камата, а Министерството за финансии од буџетот на државата ќе ја надомести каматата при враќање на долгот кон Унгарската експорт-импорт банка.

„Фокус“ побара став од Македонската банкарска асоцијација во врска со најавата од владата дека од буџетот ќе се покрива каматата за кредитите на компаниите што ќе аплицираат за средствата од Унгарија, но не доби одговор до затворањето на неделникот.

Не добивме одговор ниту на прашањето зошто банките бараат да наплатат каматна стапка кога тие пари не се нивни капитал, туку пари што владата ги позајмила од странска банка и за кои таа плаќа камата, ниту, пак, колку би изнесувале вкупните трошоци за компаниите при пласирање на овие пари и дали се усогласи периодот на враќање на долгот.

КОМПАНИИТЕ ВЕЌЕ ДОБИВАА ДОБРИ УСЛОВИ

Големите компании немаат голем интерес за 250 милиони евра, кои се дел од кредитот наменет за бизнис-заедницата. Просечната каматна стапка за правни лица, односно компании што Народна банка ја регистрира за месец септември 2024 година е 5,15 отсто, односно 4,78 отсто за новоодобрени кредити.

Додека трошокот за камата за унгарските средства ќе достигне 6,5 отсто, со тоа што половина или 3,25 отсто каматна стапка кон банките ќе ја плаќаат граѓаните преку буџетот, а останатите 3,25 отсто ќе ги плаќаат фирмите кон деловните банки што ќе го пласираат кредитот.

Солвентноста на компаниите им овозможува на банките да им понудат многу пониски каматни стапки за инвестирање во иновации, проширување на производната палета и развој во човечкиот капитал.

Професорот Ванчо Узунов, кој е експерт по економија, во интервју за „Фокус“ рече дека овие пари не им се поевтини на бизнисмените.

Овие пари не им се поевтини на бизнисмените бидејќи давањето заеми е работа на банкарскиот систем, а не на владата. Затоа постои банкарскиот систем.

Ако владата сака да влијае да им ги олесни условите за пристап на компаниите до кредити, тогаш треба да работи на системска реформа за функционирањето на банкарскиот сектор. Тоа е нејзина работа, системски да го уредува секторот, а не да дава пари. Да била државата добар заемодавач, социјализмот немаше да пропадне.

Зошто ги приватизиравме претпријатијата и банките, за сега државата да го преземе она што треба да го работат приватните субјекти со други приватни субјекти. Државата треба да биде тука регулатор, а не давател на пари.

Тоа се прави само да се остави впечаток дека државата се грижи за граѓаните и стопанството, а не е така, се грижи само да остане што подолго на власт – вели тој.

УНГАРСКИОТ КРЕДИТ НЕ Е ЕВТИН

Дел од економските аналитичари го критикуваа тоа што државата ќе им ги плаќа каматите и провизиите за кредитите на фирмите.

Бранимир Јовановиќ од Виенскиот економски институт побара владата да донесе некаков механизам, за да можат и граѓаните, на чиј грб ќе падне овој трошок, да добијат некаков бенефит, преку воведување т.н. данок на богатите.

За 15 години, државата за кредитот од Унгарија од 500 милиони евра ќе треба да плати кон Унгарската експорт-импорт банка 240 милиони евра за камата, а компаниите што ќе можат да користат 250 милиони евра од овој кредит, на банките преку кои ќе се пласираат средствата ќе треба да платат уште 120 милиони евра.

Даночниот експерт Павле Гацов за ТВ21  посочува дека ако годишно кон Унгарија треба да се враќаат околу 16-тина милиони евра камати, по 15 години ќе испаднат околу 240 милиони евра.

Но, внимавајте, тоа ќе биде од буџетот вратено за овие 15 години за овие 500, 500 зборувам, ќе треба да вратиме 240. Ако ги поделиме и општините, бидејќи и таму е тоа кредит, и таму ќе треба ние да враќаме соодветно, а и општините се прилично тенки со свои буџетски приходи за да можат целосно да го покријат враќањето.

Тоа ќе значи дека, освен што ќе има враќање од буџетот на 240, за 15 години, домашните компании кон нашите банки за 250, зошто другите отидоа нели кај општините, ќе платат 120 – изјави Гацов, додавајќи дека не е фер што каматата кон унгарската банка ќе ја плаќаат граѓаните преку буџетот.

НАРОДНА БАНКА НАДВОР ОД ПРОЦЕСОТ

Народна банка, како регулатор на банкарскиот систем и супервизор, не е вклучена во процесот на договарање и преговори меѓу владата и деловните банки.

„Народна банка не е вклучена во процесот на преговори кои банките ги имаат со други субјекти или институции, вклучително и преговорите што Владата на Република Северна Македонија тековно ги има со банките поврзано со условите за пласирање на средствата обезбедени од унгарскиот заем.

Оттаму, не располагаме со подетални информации околу преговорите за да може да дадеме подетални информации. За Народна банка како регулатор и супервизор на банкарскиот сектор, основна цел е одржување на неговата сигурност и стабилност, пред сѐ, преку следење на ризиците на кои е изложен и преземање на соодветни активности“, рекоа од НБРМ за „Фокус“.

Во врска со најавите на владата за дополнителни задолжувања, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска напомена дека намалувањето на буџетскиот дефицит е клучно за стабилизирање на јавниот долг.

Инаку, банкарската 2024 година ќе заврши со намалени каматни стапки и зголемена побарувачка за кредити од компаниите и домаќинствата, според најновите податоци на Народната банка на Македонија (НБМ). Просечната камата за новоодобрени кредити за компании, за првпат по една година е намалена под 5 отсто.

Според НБМ, банките очекуваат тренд на натамошно олеснување на кредитните услови до крајот на годината, особено за претпријатијата.

Компаниите бележат зголемена кредитна активност при што задолженоста на фирмите на крајот на октомври достигна 3,74 милијарди евра, што е годишен раст од 10,4 отсто. Просечната камата за новоодобрени кредити падна на 4,78 отсто во септември 2024, што е значително намалување во споредба со 5,30 отсто во истиот период минатата година. Каматата на вкупните кредити за компании е, исто така, намалена на 5,15 отсто, најниско ниво од септември 2023 година.

Поврзани новости