АРХИВА Наместо правата на студентите, го бранат премиерот: Студентски правобранител стана советник на Груевски

by Fokus

Текстот е објавен на 1 октомври, 2015 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1043

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Помина речиси една година, откако 10.000 студенти излегоа на скопските улици и гласно кажаа „не“ на државниот испит и на новите измени во Законот за високо образование, кои од 2008 година досега доживеаја 12 измени и дополнувања. Незадоволни од новите реформи во образованието, кои можеа повеќе да им наштетат, отколку да им помогнат, студентите го формираа Студентскиот пленум, независно движење на кое му се приклучија студенти од сите факултети.

Тие организираа три масовни протести, при што го принудија премиерот Никола Груевски да попушти и новите законски измени да ги стави во мирување до 2017 година.

Студентите добија поддршка и од средношколците, но, сепак, без поддршка останаа од Студентскиот парламент, единствената организација што е признаена како официјален претставник на студентите и која треба да се бори за нивните права, интереси, барања и предлози. Но, наместо тоа, претставниците на Студентскиот парламент не се појавија на ниту еден од протестите и не учествуваа во ниту една од дебатите, а постојано ги критикуваа своите колеги, кои безмалку еден месец ги окупираа дел од факултетите.

Од нив не се слушна ниту збор за лошите услови во кои живеат студентите во студентските домови, за храната, влагата… Тие дури излегоа и на контрапротест пред неколку години, кога нивните професори протестираа против новите измени во Законот за високо образование. Но, во меѓувреме дадоа поддршка на владините реформи и застанаа во одбрана на екстерното тестирање.

„Фокус“ се обиде да истражи кои се луѓето во оваа невладина организација, зошто ја поддржуваат владината политика, кога нивна главна задача е да се борат за правата на студентите, зошто се фалсификуваат потписи на студенти за да се изберат студентски лидери на дел од факултетите и зошто повеќе од една година не се распишуваат избори за нов студентски лидер, иако мандатот на сегашното раководство е истечен?

СТУДЕНТСКИ ПАРЛАМЕНТ КАКО ШТАБ НА ДПМНЕ

Студентскиот парламент се дефинира како здружение на граѓани од автономен, невладин и непартиски кадар формирано да се бори за правата и интересите на студентите. Барем така пишува во Статутот на УКИМ. Но, очигледно претставниците на ова здружение само на хартија и во ветувањата пред нови избори ги „почитуваат“ овие правила.

Според Правилникот, работата на Студентскиот парламент треба да биде јавна и транспарентна и сите студенти да имаат увид во финансиските извештаи, како се добиваат парите и начинот на кој се трошат. Досега парламентите не располагаат со годишни планови за одржување седници, иако според Статутот предвидено е во една година да се одржат минимум шест седници (на матичните факултети и по десет седници), со што сериозно се ограничува правото на студентите да се запознаени со случувањата во органите на нивното претставничко тело. Тие, исто така, немаат објавено ниту еден записник од седница, а студентите дури и не знаат кои се членови на ова тело.

Ако се отвори нивната веб-страница може да се забележи дека во последниот период нема никакви активности, а не се објавени ниту финансиските извештаи. Единствено, како последна информација може да се прочита за конкурсот за избор на нов претседател на Студентскиот парламент при Стоматолошкиот факултет и кои се кандидатите за лидерското столче.

Исто така, досега нема организирано ниту една прес-конференција на која Студентскиот парламент ќе се изјасни за проблемите на студентите, кои, како што слушнавме во последните неколку месеци, се многубројни.

Но, тоа не е сѐ. Студентскиот парламент веќе подолг период го следат низа проблеми, од начинот на кој се избира новото раководство, па сѐ до вмешаноста на партијата на власт во неговата „работа“. Тоа особено дојде до израз за време на студентските протести, кога ниту сегашниот лидер Кирил Спиркоски, ниту пратениците чии имиња се чуваат во тајност, не се појавија на протестите, иако нивното место треба да биде во првите борбени редови. Нели се борат за правата на студентите?

Дополнителен проблем во целата ситуација претставува и тоа што Спиркоски речиси цела година седи на лидерското столче и управува со Студентскиот парламент со истечен мандат. Според Статутот, избор на студентски лидер се врши на секои две години, без право на реизбор. Тој во моментот е нелегитимен бидејќи мандатот му истекол уште пред една година, а сега е и нелегален претседател бидејќи мора да спроведе избори.

Студентскиот парламент веќе една година молчи по ова прашање, и не прикажува никакви записници од каде што може да се увиди дали тоа е така. Исто така, мандатот не може да се продолжува на толку долг временски период. Алармантно е што самиот универзитет не реагира по ова прашање, и дозволува претседателот и останатите претставници на СПУКМ се уште да седат и да гласаат во Сенатот. Со ова, УКИМ дозволува студенти кои немаат никаква правна основа да бидат таму, да учествуваат во работата на универзитетот, вели Александра Живковиќ од Младинскиот образовен форум, која учествувала во правењето анализа за студентското организирање во Македонија.

Дел од студентите со кои поразговаравме на оваа тема велат дека сега се планира распишување на избори за нов студентски лидер, но сѐ уште нема официјални информации. „Фокус“ се обиде да стапи во контакт со сѐ уште актуелниот претседател, но тој не одговори на нашите прашања.

На негова адреса, честопати досега пристигнуваа обвинувања дека одработува за владејачката партија, а, како што велат студентите, тоа се докажува и со начинот на кој беше избран на оваа функција. Тој беше избран во октомври 2012 година, а од вкупно 50.000 студенти на гласање излегоа околу 8.000, од кои за него гласале само една четвртина. Изборите поминаа со низа нерегуларности.

Во тој период, насекаде по социјалните мрежи се објавуваа фотографии од кои се гледа како ВМРО-ДПМНЕ им испраќа пораки на студентите, наведувајќи им го името и презимето на кандидатот чие име треба да го заокружат. Освен тоа, „вмровците“ ги уценувале бруцошите со давање соби во студентските домови, само ако гласаат за нивниот кандидат.

Постојано вртат од партискиот штаб на ДПМНЕ кај студентите за да им нагласат за кого да гласаат или, пак, пуштаат списоци за да се потпишат дека гласале за нивниот кандидат – тврдат студентите.

Александра Живковиќ од МОФ, пак, додава дека наместо избори, најчест случај за добивање статус на студентски претставник е преку собирање мала група студенти, кои однапред се договорени како меѓусебно ќе ги распределат функциите во парламентот.

Најчесто, тие се организирани по партиска линија. Исто така ,,ако погледнете кој ги сочинува органите на парламентот на универзитетот (претседателството, потпретседателите, комисиите за работа, изборните комисии) се забележува дека истите луѓе ротираат на различни позиции. Дополнително, истите студенти се претставници и во универзитетските и факултетските тела, како и во меѓународните студентски организации каде што СПУКМ е членка – тврди Зафировиќ.

Пред неколку години, имаше случаи каде што претседатели на СПУКМ објавуваа фотографии на кои се истакнуваат партиски симболи.

СО ФАЛСИФИКУВАНИ ПОТПИСИ ЌЕ СЕ БОРАТ ЗА СТУДЕНТСКИ ПРАВА

Правниот факултет во Скопје, кој го носи името на „Јустинијан Први“ (императорот кој го кодифицирал римското право, а потекнува од овие простори), треба да претставува симбол на правдата и институција од која ќе излезат правници, адвокати и судии кои ќе ги спроведуваат законите. Но, по последните случувања се докажува токму спротивното! Имено, токму на овој факултет, според обвинувањата на студентите се фалсификувале потписи за избор на студентски лидер.

По две години сѐ уште не се знае кој е претседател на Студентскиот парламент на Правниот факултет, кога се одржале изборите и кој и колку од студентите гласале. Но, тоа што излезе во јавноста се документите на кои се потпишани делегатите во Студентскиот парламент од Правен, без да се кандидираат и без да бидат избрани на функцијата. Тие тврдат дека до нивното име и презиме на списокот стои и фалсификуван потпис!

Еден од нив е Горан Таневски, студент на мастер-студии на политички науки, кој во периодот кога се нашол на списокот бил втора година. Дека неговото име фигурира како делегат на Правниот факултет, Таневски дознал дури една година подоцна. Тој не можел да дозволи некој да го злоупотребува неговото име и затоа поднел кривична пријава до Јавното обвинителство против непознат сторител. Кривичната ја поднел во декември 2014 година, а уште двајца негови колеги ја поднеле оваа година во јуни. Досега од обвинителството немаат никаков одговор.

Целата работа е што Студентскиот парламент е невладина организација и добива пари преку проекти. Па, за да си ја задржат работата меѓу тројца-четворица и да си ги поделат парите, тие ги фалсификувале нашите потписи – тврди Таневски.

Тој додава дека од сите 40 делегати што ги имало на списокот, потписот е фалсификуван на повеќе од 15-тина. „Фокус“ располага и со записникот од одржаното Собрание на 14 октомври 2013 година, каде што, ако добро се разгледа, може да се забележи дека е препишан од записникот од Медицинскиот факултет, па дури и во неколку наврати се споменува името на овој факултет.

Со едногласна одлука беше одлучено Симона Димовска да биде новиот претседател на Студентскиот парламент на Медицински факултет – пишува во записникот.

Своите сомневања ги споделува и Таневски, кој на некој начин сака да ги охрабри своите колеги да поднесат кривични пријави, затоа што никој нема право да го злоупотребува нивното име.

Се гледа дека целиот записник е препишан од Медицинскиот факултет. Моите колеги не треба да дозволат некој да им го фалсификува потписот. Па, затоа ли сме на Правен факултет – прашува реторички Таневски.

Според нашите информации, некои студенти добивале закани да нѐ тужат, па дури им нуделе и пари.

Александра Живковиќ од МОФ вели дека фалсификувањето потписи е казниво кривично дело, и особено е загрижувачки што ова го направиле студенти токму од Правниот факултет. Сепак, додава дека тоа не ги изненадува.

– Во минатото, кандидати за претседатели на СПУКМ фалсификувале печати за поддршка на кандитатурата, се воделе судски спорови меѓу кандидатите, се организирале турбо-фолк забави со парите од студентските давачки, се уценувале и бркале студенти од студентски домови, организацијата директно учествувала во распределба на студентски легла по партиска линија, се трошеле финансии за патувања на меѓународни конференции за кои нема никаков отчет до студентите и уште многу други примери кои сведочат за неетичното, несовесно и нелегално работење на СПУКМ – вели Живковиќ.

Според неа, самиот процес на собирање триесетина студенти, кои немаат никаков легитимитет ниту овластувања, и заеднички се договараат кој ќе биде претседател на студентскиот парламент на факултетот, е во спротивност со Статутот на УКИМ.

Сличен став како неа има и поранешниот претседател на Студентскиот парламент, Самоил Малчески. Тој тврди дека за него се несфатливи таквите постапки.

Очигледно произлегуваат од нивната затвореност и страв да се соочат со студентите – тврди Малчески.

Тој беше претседател на ова здружение во периодот од 2007 до 2009 година, а веднаш по него беше избран Иван Живковски, кој ќе остане запаметен по тоа што ги организираше контрапротестите против професорите кои се спротивставија на измените во Законот за високо образование.

ВО ОДБРАНА НА ПРЕМИЕРОТ

Во рамките на Универзитетот функционира и студентски правобранител, кој се избира од редовите на Правниот факултет и чиј мандат трае две години без право на реизбор. Досега на ова столче седнале три студентски правобранители, а лани оваа позиција ја презеде Васка Бојаџи.

Иако нејзината работа според Статутот е заштита на правата на студентите кога им се повредени од органите на Универзитетот, сепак таа потврди дека не излегла да ги поддржи барањата на студентите, а ниту, пак, се појавила на студентските протести. Исто така, нагласи дека не добила никакви поплаки за притисоци и закани врз студентите.

Еве што таа изјави за медиумите во тој период:

Јас како студентски правобранител се залагам, пред сѐ, за институционално решавање на проблемите“.

Нејзината претходничка, Симона Јандревска беше поактивна на ова поле, но во одбрана на владините реформи. Таа неколкупати истакна дека Македонија има потреба од реформи во високото образование и дека таа ги поддржува.

Сметам дека реформите за кои се залага владата се на место и се вистински момент за нас младите. За време на праксата во Франција и Германија се соочував со проблеми затоа што немавме државен испит“ – тврдеше студентката за провладиниот „Курир“.

А дека Јандревска ги поддржува владините политики покажува и нејзиното работно место како советник за правни работи во Кабинетот на премиерот Груевски. Таа, исто така, пишува колумни и за провладиниот сајт „Република“, а на нејзиниот фејсбук профил можат да се најдат фотографии и со партиските симболи на ВМРО-ДПМНЕ.

Оттука, се поставуваат прашањата, како студентите да им веруваат на претставниците на Студентскиот парламент и на студентскиот правобранител, кога се гледа дека одработуваат за владејачката партија? Како да се обратат со нивните проблеми, притисоци и закани, кога знаат дека нема да бидат ислушани? Зошто оние кои треба да се залагаат за заштита на правата на студентите, на прво место ја ставаат партијата?

Претседателите на СПУКМ најчесто ќе ги видите насмеани и сликани со министрите за високо образование или, пак, со раководството на универзитетот, а нема да дознаете што се случувало на таа средба. Најчесто, таа организација остварува про форма средби со претставници на надлежните институции. Наместо да се борат за правата на студентите и со нив рамо до рамо да застанат на протестите, студентските функционери срамно молчат или ја поддржуваат владејачката партија само за да ги задржат своите функции и фотелји.

Рамка:

ЧЛЕНОВИТЕ НА СПУКМ СЕ ПАРТИСКИ ВОЈНИЦИ

Александра Живковиќ од МОФ вели дека нема информација колкумина се во Студентскиот парламент, но дека најчесто се дваесетина студенти кои фигурираат на истите места.

Мислам дека во моментов се останати само 3-4 студенти, вклучително и претседателот. Луѓето околу претседателот се најчесто негови блиски пријатели, кои без никаков правен основ се поставени на позициите. Ако ги разгледате приватните профили на социјалните мрежи на потпретседателите на СПУКМ, како и останатите истакнати членови, ќе увидите дека се прилично активни во полето на пропагирање гласање или поддршка за одредени политички партии – тврди Живковиќ.

Рамка:

Самоил МАЛЧЕСКИ:

СЕ ПРАВАТ ГОЛЕМИ ЛИДЕРИ, А СЕ КРИЈАТ ПО ЌОШИЊА

Самоил Малчески, поранешен претседател на Студентскиот парламент, вели дека оваа организација не функционира веќе подолго време.

Во јавност никаде ги нема, нивната веб-страница е недостапна, а на нивниот фејсбук- профил може да се забележат активности кои во време кога јас бев претседател во мандатниот период 2007-2009 тие активности беа маргинални. Наместо да си го одработат мандатот за кој се избрани и да застанат во одбрана на студентите, тие се занесуваат дека се големи лидери и се кријат по ќошиња! – вели Малчески.

Поврзани новости