Домашните политичари, кога се во странство, се сликаат како се возат со метро, со воз, како користат еколошки автобуси, летаат со нискобуџетни авиокомпании, но тука, освен кога станува збор за некаков маркетинг или промоција на некаква мерка, ретко може да се забележат меѓу обичните граѓани. Социолозите забележале чуден феномен на „двоен кодекс на однесување“: домашните политичари надвор од Македонија се претставуваат во нормално граѓанско светло, а дома се фатиле за бенефициите што им ги дава функцијата како „слеп за стап“.
Текстот е објавен на 24 октомври 2024 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.516.
Пишува: Орце КОСТОВ
Објавата на премиерот Христијан Мицкоски дека патува со воз од Виена за Салцбург, каде што учествуваше на Европскиот самит посветен на ЕУ и реформите на патот кон ЕУ, предизвика жестоки реакции на социјалните мрежи, затоа што ретко кој политичар користи јавен превоз во Македонија.
Можеби највисоките функционери, како претседателот, премиерот, министерот за внатрешни работи или собранискиот спикер се обврзани со протоколот на МВР да патуваат со службени возила или со владиниот авион, како и да користат 24-часовно обезбедување, но другите политички функционери можат да користат јавен превоз.
Премиерот до Виена патуваше со редовна авионска линија, но потоа како и сите европски политичари користeше чист еколошки превоз како европската железница. Патувањето од Виена до Салцбург траеше околу три часа, колку што би требало да трае и патувањето од Скопје до Прилеп, но во последните две години за истиот временски период со Македонски железници често се минуваше само релацијата Скопје – Велес од 63 километри.
Мицкоски не е првиот политичар што се возел со европските брзи железници, но е првиот што вети во својот мандат брза пруга низ Македонија во рамките на Коридор 10 и е лидер на партијата ВМРО-ДПМНЕ, која пред три години го обвинуваше Стево Пендаровски за популизам додека поранешниот претседател се возеше со воз низ Шведска.
Тогашниот претседател Пендаровски, за време на посетата на Шведска во октомври 2021 година, се возеше со воз на релација Малме-Гетеборг и објави фотографија на социјалните мрежи.
„Не е ретка глетка да се видат шведски функционери како користат јавен превоз за да се движат низ и меѓу шведските градови. Всушност, тоа е претпочитаниот начин на транспорт низ цела Шведска за луѓе од сите возрасти и сфери на животот. Една од причините: грижа за животната средина, бидејќи возовите придонесуваат помалку за емисиите на јаглерод отколку авионските патувања“, напиша шведската амбасада во Скопје по повод посетата на Пендаровски.
Честа глетка е да се видат шведски функционери како користат јавен превоз, но е ретка глетка македонски политичари да користат јавен превоз, посебно железничкиот или, пак, да се возат во градски автобуси низ престолнината.
Домашните политичари кога се во странство се однесуваат европски, се сликаат како се возат со метро, со воз, како користат еколошки автобуси, летаат со нискобуџетни авиокомпании, но тука, освен кога станува збор за некаков маркетинг или промоција на некаква мерка, ретко можат да се забележат меѓу обичните граѓани.
НА РАБОТА СО „БУБА“
Поранешниот уругвајски претседател Хосе Мухика, со години одел на работа со својата „буба“ од 1987 година, а најголемиот дел од претседателската плата, која изнесувала 12.500 американски долари месечно, ја донирал во добротворни цели, задржувајќи за себе само по 1.250 долари.
Германската канцеларка Ангела Меркел самата пазаруваше во маркетите, чекајќи трпеливо во редиците пред касите без да ја злоупотребува својата функција, туку напротив, го користеше времето да размени понекој збор со своите сограѓани. Таквиот непосреден однос влијаеше врз долготрајноста на нејзиниот мандат.
Секогаш кога ќе излезат надвор, македонските политичари покажуваат дека се големи Европејци и се однесуваат на начин за кој македонските граѓани засега само можат да сонуваат.
Кај нас има целосно спротивна ситуација. Граѓаните не се сеќаваат дека некој политичар се качил во градски автобус или отпатувал со воз од Скопје до Велес или Куманово, ниту поради политички маркетинг, ниту поради тоа што сакал секојдневно да оди на работа и да размени по некој збор со обичните луѓе. Спротивно на тоа, честа слика се блокираните улици низ Скопје кога минуваат службените возила на највисоките функционери.
Социолозите забележале чуден феномен на „двоен кодекс на однесување“: домашните политичари надвор од Македонија се претставуваат во нормално граѓанско светло, а дома се фатиле за бенефициите што им ги дава функцијата како „слеп за стап“.
Социологот и професор Илија Ацески за „Фокус“ вели дека овдешните политичари се плашат да се соочат со народот, односно имаат страв затоа што се јавни личности.
– Прво, не можат да користат јавен превоз затоа што секогаш во Македонија има, ајде да речам 0,01 отсто од граѓаните кои следат политика преку медиумите и социјалните мрежи и кои се секогаш подготвени кога ќе видат политичар за кој се пишува сѐ и сешто, без разлика дали е вистина или не, вербално да го нападнат политичарот. Од тоа се плашат, тука лежи нивниот страв зашто тука не се возат во јавен превоз како во Шведска и користат само службени возила.
Второ, таму во Шведска или во Швајцарија многу малку луѓе знаат кој им е премиер. Тоа е социолошкиот момент, ние сме многу оптоварени од политика, политичарите се главни играчи во општеството – вели Ацески.
Тој нагласува дека многу е поинаква ситуацијата во развиените европски земји, особено скандинавските, каде што политичарите можат да си дозволат користење јавен превоз бидејќи ја уживаат довербата на народот.
– Ние почнуваме да ги мразиме политичарите затоа што вината за ова што сме денес се сведува дека вината се бара кај нив, што во голема мера е вистина. Сѐ додека државата не се департизира и нема елементарен мерит систем, ќе биде вака. Се работи за системска корупција и затоа политичарот не ужива авторитет кај обичниот човек – вели социологот Ацески.
Според него, втор важен момент за ваквото однесување на политичарите е придавањето важност на самите себе, од типот „еве кој сум јас“ и трошењето јавни пари.
– Секоја следна власт е поусовршена во некои коруптивни дејствија од претходната. Ние божем правиме реформи, а за кратко време од тоа нема ништо. Процесот на корупција станува подобар, политичарите изгледаат како недопирливи и затоа луѓето се гневни. Се фалат условно со туѓи пари на граѓаните, а себеси се величаат, затоа доаѓа омразата. Се удираат во гради. Кој од нив ќе се качи во автобус или воз, згора на тоа уште граѓаните и вербално да ги нападнат? Тоа нема да се случи – истакнува Ацевски.
ФУНКЦИОНЕРИ НА ВЕЛОСИПЕД
Но, од друга страна, истите тие граѓани од кои се плашат политичарите, секојдневно се принудени да користат јавен превоз со стари и преполни автобуси, да се возат во дотраени возови до своите работни места.
– Во Македонија нема јавен превоз на кој можеме да се потпреме. Тоа се одразува на тие различни аршини или начини на превоз. Тоа се одразува и на политичарите. Но, она што е проблематично, што во 30 години, знаејќи ја ситуацијата во земјата, секој од политичарите да правел по еден километар пруга или автопат, сега ќе сме биле на рангот на некоја земја-членка како Хрватска, на пример.
Ако ме прашувате мене, не треба да бидат политичарите ништо поразлични од статусот на граѓаните, бидејќи она што го прават тие во денот е еднакво важно како и тоа што прави политичарот.
Сервисерите, луѓето што се грижат за хигиената на улиците, се еднакво важни како лекарите, инженерите и политичарите. Токму затоа не треба да постои разлика и влогот во адекватен јавен превоз е единствено решение – потенцира специјалистот за медиум и комуникации, Бојан Кордалов.
Тој додава дека не гледа протоколарна пречка, нашите политичари да се возат во јавен превоз.
– Јас сум имал искуства и во Холандија, Белгија и во Австрија да се возат покрај мене актуелни или поранешни функционери со велосипед или со метро, кое кај нас се заменува исклучиво со службено возило или лимузина. Протоколот може да се спроведе и во воз и во автобус, но она што не може да се спроведе се типови на јавен превоз со кои ќе знаеме кога точно ќе стигнеме навреме.
Има една поговорка, кога си во Рим прави го тоа што го прават римјаните. Така што нашите политичари така се однесуваат во Европа. Се надевам дека не е смислен пиар тоа дома што не се возат, бидејќи невложувањето за превоз за сите е обратно од пиар.
Секој човек сака резултати што сака да се допрат, да се видат и тоа е практичност, не е популизам. Кај нас и на Балканот многу повеќе се зборува за тоа што ќе биде, многу помалку за тоа што може да се види како придобивка – истакна Кордалов.
ПРОТОКОЛОТ НЕ ГИ СПРЕЧУВА ДА ВЛЕЗАТ ВО АВТОБУС
Во Македонија, обезбедувањето на ВИП личностите е регулирано со Уредбата за личностите и објектите што се обезбедуваат, видовите мерки и активности и степените на обезбедување, врз основа на која МВР во рамките на својата надлежност презема мерки и активности за обезбедување на највисоките претставници на органите на државната власт.
Со уредбата регулирано е кој од високите државни функционери може да се обезбедува, какви мерки се преземаат и колкав е степенот на обезбедување, но не е наведено дека има ограничување за изборот на превозно средство на настани во земјава.
„Врз основа на член 4 од Уредбата, од страна на МВР постојано се обезбедуваат: претседателот на Републиката; претседателот на Собранието; претседателот на Владата; замениците на претседателот на Владата; министерот за внатрешни работи; министерот за одбрана; министерот за надворешни работи; директорот на Бирото за јавна безбедност; директорот на Агенцијата за национална безбедност; членовите на потесното семејство (брачен другар и децата до навршена 21 година) на претседателот на РСМ, претседателот на Собранието на РСМ и претседателот на Владата на РСМ“, стои во Уредбата.
Ова практично значи дека Мицкоски, претседателот на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, собранискиот спикер Африм Гаши како и нивните семејства можат да користат јавен превоз, но со нив ќе патува и големо полициско обезбедување.
Ако безбедносната проценка на МВР оцени висок степен на опасност по нивниот живот и личниот интегритет, министерот за внатрешни работи може да одлучи да добијат посебно обезбедување и министерот за правда, министерот за финансии, државниот јавен обвинител и претседателот на Уставниот суд, кои и вакво обезбедување користат само службени лимузини со професионален возач, а не градски и меѓуградски автобус, односно воз.
ЕВРОПСКИТЕ ПОЛИТИЧАРИ НЕМААТ ПРИВИЛЕГИИ
За разлика од балканските политичари, шведските немаат никакви привилегии. На работа одат со метро или со автобус, немаат имунитет и обезбедување, а канцелариите во кои работат им се идентични како и на другите вработени во државната администрација.
Бразилската новинарка Клаудија Волин, која од 2003 година живее во Шведска, опишува како изгледа животот на политичарите во оваа скандинавска држава.
„Ова може да звучи чудно за луѓето што живеат во други земји, но Шведска не им нуди никаков луксуз или привилегии на своите политичари. Без службени автомобили или приватни возачи, шведските министри и пратеници патуваат во преполни автобуси и возови, исто како и граѓаните чии интереси ги претставуваат“, пишува Волин во својот текст, кој го пренесе хрватски „Индекс“.
Таа додава дека политичарите во Шведска немаат право на пратенички имунитет, односно дека може да им се суди како и на секој друг жител. Бразилската новинарка објаснува и дека шведските функционери најчесто работат во канцеларии помали од осум квадратни метри.
Волин, во својот текст нагласува дека политичарите што ќе се осмелат да трошат јавни пари за такси, наместо за возење со воз, завршуваат на насловните страници на весниците. Дури и претседателот на парламентот добива картичка за користење на јавниот транспорт, пишува Волин.
Таа, исто така, објаснува дека само премиерот на Шведска има право трајно да користи автомобил и лично обезбедување.